Џозеф Стиглиц
Глобализацијата и незадоволствата од неа

Глава I

Ветувањето на глобалните институции


МЕЃУНАРОДНИТЕ БИРОКРАТИ – безличните симболи на светскиот економски поредок – насекаде се нападнати. Поранешните неинтересни средби на непознатите технократи кои дискутираа за секојдневни работи како што се одобрувањето на заеми и трговските квоти сега станаа средиште на гневни улични битки и масовни демонстрации. Протестите за време на конференцијата на Светската трговска организација во Сиетл беа шокирачки. Оттогаш, движењето зајакна и гневот се рашири. Речиси секој голем состанок на Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Светската трговска организација сега е средиште на судир и превирања. Смртта на протестантот во Џенова во 2001 беше само почеток од она што можат да бидат многу повеќе жртви во војната против глобализацијата.

Бунтовите и протестите против политиките и дејствувањата на институциите на глобализацијата не се ништо ново. Со децении, луѓето во светот во развој се бунтуваа кога рестриктивните програми наметнати на нивните земји се покажа дека се премногу ригорозни, но нивните протести во голема мера останаа нечуени на Запад. Она што е ново е бранот на протести во развиените земји.

Порано работите како структурните заеми за приспособување (програми кои беа дизајнирани за да им помогнат на земјите погодени од временски непогоди) и квотите за банани (ограничувањата кои што некои европски земји ги воведоа на увозот на банани од земји кои што не беа нивни поранешни колонии) беа предмет на интерес само на малкумина. Сега шеснаесет-годишни деца од предградијата имаат цврсти ставови за така неразбирливи договори како ГАТТ (Општиот договор за тарифи и трговија) и NAFTA (Северно-американската слободна трговска зона, договор потпишан во 1992 година помеѓу Мексико, Соединетите Американски Држави и Канада, кој овозможува поголема слобода во движењето на добрата, услугите и инвестициите – но не и луѓето – помеѓу овие држави). Овие протести предизвикаа големи размислувања кај оние што се на власт. Дури и конзервативни политичари како францускиот претседател Жак Ширак изразија загриженост дека глобализацијата не придонесува кон подобрување на животот на оние на кои тоа им е најпотребно, со оглед на ветените благодети од истата.[1] На повеќето им е јасно дека нешто во врска со ова тргнало застрашувачки наопаку. Речиси преку ноќ, глобализацијата стана најважното прашање на нашето време, нешто што се дебатира од салите за состаноци па сè до неформалните разговори и во училиштата низ целиот свет.

ЗОШТО ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА – од сила која што донесе толку многу позитивни работи – стана толку контроверзна? Отворањето кон меѓународната трговија помогна растот на многу земји да биде многу побрз отколку во обратниот случај. Меѓународната трговија го помага економскиот развој тогаш кога извозот на земјата го поттикнува нејзиниот економски раст. Извозно-ориентираниот раст беше камен темелник на индустриската политика која збогати голем дел од азиските држави и им помогна на милиони луѓе таму да живеат подобро. Како резултат на глобализацијата многу луѓе во светот сега живеат подолго од порано и нивниот животен стандард е далеку подобар. Луѓето на Запад можеби гледаат на ниско платените работни места во Nike како експлоатација, но за многу луѓе во земјите во развој работењето во фабрика е многу подобар избор од одгледувањето на ориз на домашната фарма.

Глобализацијата го намали чувството на изолација присутно во голем дел од земјите во развој и на многу луѓе им овозможи пристап до знаењето - многу поголем дури и од оној што го имаа најбогатите граѓани на која било држава пред еден век. Антиглобализациските протести сами по себе се резултат на оваа поврзаност. Врските помеѓу активистите во различни делови на светот, посебно оние стекнати преку интернет, го создадоа притисокот кој резултираше со меѓународниот договор за нагазни мини – и покрај противењето на многу моќни влади. Потпишан од 121 земја во 1997 година, тој ја намалува можноста децата и другите невини жртви да бидат осакатени од мини. Слично на тоа, добро организираниот јавен притисок ја присили меѓународната заедница да им ги прости долговите на некои од најсиромашните земји. Дури и со своите негативни страни глобализацијата, често, има и свои користи. Отворањето на јамајканскиот пазар на млеко за американскиот увоз во 1992 година можеби ги оштети локалните млекопроизводители, но тоа исто така значеше дека сиромашните деца ќе можат да набавуваат млеко по пониски цени. Новите странски фирми можат да им наштетат на заштитените државни претпријатија, но тие исто така можат да воведат нови технологии, да пристапат кон нови пазари и да го поттикнат развојот на нови индустрии.

Странската помош, уште еден аспект на глобализираниот свет, со сите свои недостатоци, сè уште им носи користи на милиони луѓе, често на начини кои остануваат речиси незабележани: на герилците на Филипините им беа обезбедени работни места од страна на Светската Банка – проектот беше реализиран откако тие го положија своето оружје; иригационите проекти ги зголемија приходите на фармерите за повеќе од два пати, за среќа доволно за да обезбедат вода; образовните проекти ја донесоа писменоста во руралните области; во неколку земји проектите за сидата помогнаа во спречувањето на ширењето на оваа смртоносна болест.

Оние кои ја оцрнуваат глобализацијата често ги превидуваат нејзините придобивки. Но поддржувачите на глобализацијата беа, ако сакате, уште повеќе неизбалансирани. За нив, глобализацијата (која вообичаено е поврзана со прифаќањето на триумфалниот капитализам во американски стил) е напредок; земјите во развој мораат да го прифатат тоа, ако сакаат да остваруваат раст и ефективно да се борат против сиромаштијата. Но за многумина во светот во развој, глобализацијата не ги донесе ветените економски благодети.

Растечкиот јаз помеѓу оние кои имаат и оние кои немаат резултираше со зголемување на бројот на оние кои живеат во ужасна сиромаштија во Третиот свет, со помалку од еден долар дневно. И покрај често повторуваните ветувања за намалување на сиромаштијата дадени во последната деценија на 20 век, актуелната бројка на луѓе кои живеат во сиромаштија всушност се зголеми за речиси 100 милиони.[2] Ова се случи во исто време кога вкупниот светски доход фактички се зголеми во просек за 2,5 проценти годишно.

Во Африка, големите желби присутни по независноста од колонијализмот останаа во голема мера неисполнети. Наместо тоа, континентот тоне сè подлабоко во немаштија, паралелно со падот на приходите и влошувањето на животниот стандард. Тешко стекнатите подобрувања во очекуваното траење на животниот век остварени во изминатите неколку декади почнаа да одат во обратна насока. Додека пустошот на сидата е директна причина за ова опаѓање, сиромаштијата исто така предизвикува фатални последици. Дури и земји кои го напуштија африканскиот социјализам, кои успеаја да воспостават разумно чесни влади, кои ги балансираа своите буџети и ја држеа инфлацијата на ниско ниво сфатија дека едноставно не можат да привлечат приватни инвеститори. Без овие инвестиции тие не можат да имаат одржлив развој.

Ако глобализацијата потфрли во намалувањето на сиромаштијата, таа исто така потфрли во обезбедувањето на стабилноста. Кризите во Азија и Латинска Америка претставуваа закана за економиите и за стабилноста на сите земји во развој. Постојат стравови за финансиска зараза која се шири низ целиот свет, така што падот на една пазарна валута која е во подем ќе значи дека останатите валути исто така ќе паѓаат. За еден краток период, во 1997 и 1998 година, се чинеше дека Азиската криза претставува закана за целата светска економија.

Глобализацијата и воведувањето на пазарната економија не ги дадоа ветените резултати во Русија и во повеќето од останатите економии кои го чекореа транзицискиот пат од комунизам кон пазарна економија. На овие земји им беше кажано од Запад дека новиот економски систем ќе им донесе невиден просперитет. Наместо тоа им донесе сиромаштија од невидени размери, додека пак за повеќето луѓе, пазарната економија се докажа дека е дури и полоша од предвидувањата на нивните комунистички лидери. Контрастот помеѓу руската транзиција, осмислена од меѓународните економски институции, и онаа на Кина дизајнирана од неа самата, не можеше да биде поголем: додека во 1990 година бруто домашниот производ (БДП) на Кина беше 60 проценти од оној на Русија, до крајот на декадата бројките си ги заменија местата. Додека Русија доживеа невидено зголемување на сиромаштијата, Кина доживеа невидено намалување на истата.

Критичарите на глобализацијата ги обвинуваат западните земји за дволичност, за што се во право. Западните земји ги притискаат сиромашните земји да ги елиминираат трговските бариери, но ги задржуваат сопствените бариери, спречувајќи ги земјите во развој да ги извезуваат нивните земјоделски производи, лишувајќи ги на тој начин од извозниот приход кои им е очајно потребен. САД беа, се разбира, еден од главните виновници, и ова беше прашање поради кое јас се чувствував вознемирено. Кога бев претседател на Советот на економски советници, жестоко се борев против оваа дволичност. Тоа не ги погодуваше само земјите во развој; тоа исто така ги чинеше Американците, прво како потрошувачи, поради повисоките цени што ги плаќаа, а второ како даночни обврзници, со чии пари се финансираа огромните субвенции, во износи кои се мереа со милијарди долари. Моите битки многу често завршуваа неуспешно. Преовладаа посебните трговски и финансиски интереси – и кога отидов во Светската Банка, многу јасно ги видов последиците што ги чувствуваа земјите во развој.

Но дури и тогаш кога не можеше да биде обвинет за хипокризија, Западот ја туркаше глобализациската агенда, осигурувајќи земјите во развој на нивна штета да добијат несразмерен дел од придобивките. Не се работеше само за тоа што индустриски поразвиените земји одбија да ги отворат нивните пазари за добрата кои доаѓаат од земјите во развој – на пример, задржувајќи ги нивните квоти за палета на добра од текстил до шеќер – истовремено настојувајќи овие земји да ги отворат своите пазари за добрата кои доаѓаат од побогатите земји. Не се работеше само за тоа што индустриски поразвиените земји продолжија да го субвенционираат земјоделството, создавајќи им потешкотии на земјите во развој да се натпреваруваат, а во исто време инсистирајќи земјите во развој да ги елиминираат нивните субвенции за индустриските добра. Што се однесува до „условите на размена” – цените кои развиените и помалку развиените земји ги добиваат за производите кои ги произведуваат – според последниот (осмиот), трговски договор во 1995 година нето ефектот беше намалување на цените кои некои од најсиромашните земји во светот ги добиваа во однос на оние цени што тие ги плаќаа за нивниот увоз.[*] Резултатот беше тоа што на некои од најсиромашните земји во светот дополнително им се влоши ситуацијата во која се наоѓаа.

Западните банки профитираа од олабавувањето на контролите на пазарот на капитал во Латинска Америка и Азија, но тие региони страдаа кога приливи од шпекулативни жешки пари (пари кои доаѓаат и излегуваат од земјата, често преку ноќ, неретко многу повеќе од едноставното обложување за тоа дали некоја валута ќе апрецира или депрецира во земјата.) кои се слеваа во земјите наеднаш се повлекуваа. Ненадејните одлевања на пари оставија зад себе крахирани валути и ослабени банкарски системи. Уругвајската рунда исто така ги зајакна и правата на интелектуална сопственост.

Американските и останатите фармацевтски компании од Западот сега можат да им забранат на фармацевтските компании од Индија и Бразил да ја „крадат” нивната интелектуална сопственост. Но овие фармацевтски компании од земјите во развој ги правеа лековите што спасуваа животи достапни до нивните граѓани за далеку пониска цена од онаа по која тие беа продавани од страна на фармацевтските компании од Западот. Во таа насока, постоеја две страни на одлуките донесени во рамките на Уругвајската рунда. Профитите на западните фармацевтски компании требаше да се зголемат. Застапниците на оваа теза тврдеа дека тоа ќе им даде поголем поттик за иновации; но зголемените профити од продажбите во земјите во развој беа незначителни, бидејќи бројот на луѓе кои можеа да си ги дозволат лековите не беше голем, и оттука поттикнувачкиот ефект, во најдобар случај, би можел да биде ограничен. Другата страна беше тоа што илјадници всушност беа осудени на смрт, бидејќи владите и поединците во земјите во развој повеќе не можеа да ги плаќаат високите цени кои се бараа. Во случајот на сидата, бесот во светот беше толку голем што фармацевтските компании мораа да отстапат, конечно согласувајќи се да ги намалат нивните цени кон крајот на 2001 година. Но основните проблеми – фактот дека режимот на интелектуална сопственост произлезен од Уругвајската рунда не беше балансиран, дека тој убедливо ги одразуваше интересите и ставовите на производителите, кои интереси се спротивставени на оние на потрошувачите, било во развиените или во земјите во развој – останаа.

Не само во областа на трговската либерализација, туку и во секој друг аспект на глобализацијата дури и навидум добронамерните обиди често потфрлуваат. Тогаш кога нема да успеат проектите, без разлика дали се работи за земјоделството или за инфраструктурата, препорачани од Западот, дизајнирани со совети од страна на советници од Западот и финансирани од Светската Банка или од други институции, освен ако постои некоја форма за простување на долгот, сиромашните луѓе во земјите во развој сепак ќе мораат да ги отплатат заемите.

Ако, во многу случаи, благодетите на глобализацијата беа помали од она што го тврдеа нејзините застапници, цената што се плати беше поголема, паралелно со уништувањето на животната околина, корумпираноста на политичките процеси и брзото темпо на промени кое не им даде време на земјите да спроведат културна адаптација. Кризите што во нивните рани фази донесоа масовна невработеност беа, како по редослед, следени од долгорочните проблеми на општествено распаѓање – од урбано насилство во Латинска Америка до етнички конфликти во други делови во светот, како на пример во Индонезија.

Овие проблеми не се нови – но зголемените и жестоки реакции низ целиот свет против политиките кои ја движат глобализацијата се значајна промена. Со децении плачот на сиромашните во Африка и во земјите во развој во другите делови во светот остана во голема мера нечуен на Запад. Оние кои ги работеа тешките работи во земјите во развој знаеја дека нешто не беше во ред кога беа сведоци како финансиските кризи стануваат вообичаена појава и како бројот на сиромашни се зголемува. Но тие не можеа да ги променат правилата или да извршат влијание врз меѓународните финансиски институции кои истите ги пишуваат. Почитувачите на демократските процеси забележаа како „политиката на условеност” – условите кои меѓународните позајмувачи ги наметнаа во замена за нивната помош – го поткопуваше националниот суверенитет на земјите. Но, сè до појавувањето на демонстрантите имаше само мала надеж за промена и никаков простор за искажување на незадоволството. Некои од демонстрантите предизвикуваа инциденти; некои од демонстрантите се бунтуваа против високите протекционистички бариери кон земјите во развој, што би ги направиле нивните страдања уште поголеми. Но и покрај овие проблеми, синдикатите, студентите, поборниците за животната средина – обичните граѓани – кои маршираа по улиците во Прага, Сиетл, Вашингтон и Џенова беа оние кои ја истакнаа потребата за реформирање на агендата кон земјите во развој.

Демонстрантите ја гледаат глобализацијата во многу поинакво светло од државниот секретар за финансии на САД или министрите за финансии и трговија на најразвиените индустриски земји. Разликите во погледите се толку големи што секој би се запрашал дали демонстрантите и креаторите на политиките зборуваат за истиот феномен? Дали тие гледаат во истите податоци? Дали погледите на оние на власт се толку замаглени од посебните и поединечните интереси?

Што претставува овој феномен на глобализацијата што, истовремено, е предмет на толкаво оцрнување и толкаво возвишување? Во основа, тој означува поблиска интеграција на земјите и луѓето во светот што беше овозможено од големото намалување на трошоците на транспортот и комуникациите и рушењето на вештачките препреки за проток на стоки, услуги, капитал, знаење и (во помала мера) луѓе преку границите. Глобализацијата беше пропратена со создавањето на нови институции кои што се здружија со веќе постоечките со цел да дејствуваат заеднички преку границите. Во арената на меѓународното граѓанско општество, нови групи, како движењето Jubilee, кое се залага за намалување на долгот кон најсиромашните земји, им се придружија на веќе долго време етаблираните организации како Меѓународниот Црвен Крст. Глобализацијата е силно придвижувана од меѓународните корпорации, коишто го преселуваат не само капиталот и добрата низ границите, туку и технологијата. Глобализацијата водеше и до повторно насочување на вниманието кон веќе долго време етаблираните меѓународни меѓувладини институции: Обединетите Нации, која се обидува да го одржи мирот; Меѓународната Организација за Труд (ILO) создадена во 1919 година, која ја промовира својата агенда низ целиот свет под слоганот „достоинствена работа”, и Меѓународната Здравствена Организација (WHO) која беше особено заинтересирана за подобрување на здравствените услови во земјите во развој.

Многу, а можеби и најголемиот број, од овие аспекти на глобализацијата беа поздравени насекаде. Никој не сака да гледа како неговото дете умира, додека истовремено, знаењето и лековите се достапни на некое друго место во светот. Тие тесно дефинирани економски аспекти на глобализацијата беа предмет на контроверзии, заедно со меѓународните институции кои ги напишаа законите, кои ги одобруваат или туркаат работите како либерализацијата на пазарите на капитал (укинување на правилата и регулативите во многу земји во развој коишто се дизајнирани за да ги стабилизираат приливите на шпекулативни, несигурни пари во и надвор од земјата).

За да се разбере што е тоа што тргна на лошо, важно е да се погледнат трите водечки институции кои што ја управуваат глобализацијата: ММФ, Светската Банка и Светската Трговска Организација (СТО). Дополнително, постојат мноштво други институции кои имаат улога во меѓународниот економски систем – голем број на регионални банки, помали и помлади сестри на Светската Банка и голем број на организации кои се дел од Организацијата на Обединетите Нации (ООН), како што се Програмата за развој на ООН или Конференцијата на ООН за Трговија и Развој (UNCTAD). Овие организации често имаат видувања кои значително се разликуваат од оние на ММФ и СБ. На пример, Меѓународната Организација за Труд (ИЛО) се грижи поради непосветувањето на големо внимание на работничките права од страна на ММФ, додека пак Азиската Банка за Развој се залага за т.н. „компетитивен плурализам”, каде што на земјите во развој ќе им бидат понудени неколку видови на алтернативни развојни стратегии, вклучувајќи го и „Азискиот модел” – според кој владите, и покрај довербата во пазарите, играат активна улога во креирањето, обликувањето и управувањето со истите, вклучувајќи и промовирање на нови технологии, и во кој фирмите преземаат значајна одговорност за социјалната благосостојба на своите вработени – модел на кој Азиската Банка за Развој гледа како на целосно различен од американскиот модел форсиран од институциите во Вашингтон.

Во оваа книга претежно се фокусирав на ММФ и на Светската Банка, пред сè поради тоа што тие беа во центарот на големите економски збиднувања во последните две децении, вклучувајќи ги и финансиските кризи и транзициите на поранешните комунистички земји кон пазарна економија. ММФ и Светската Банка беа формирани за време на Втората светска војна како резултат на Монетарната и финансиска конференција на ООН во Бретон Вудс, Њу Хемпшир, во јули 1944 година, како дел од заедничките напори за финансирање на обновата на Европа по разурнувањата кои се случија за време на Втората светска војна и истовремено со намера да се заштити светот од идните економски депресии. Правилното име на Светската Банка - Меѓународна Банка за Обнова и Развој – ја одразува нејзината првична мисија; последниот збор „развој” беше додаден речиси дополнително како дообјаснување. Во тоа време, најголем дел од денешните земји во развој сè уште беа колонии, а прашањето за тоа какви развојни напори може или треба да се преземат се сметаше дека е одговорност на нивните европски господари.

Потешката задача која гласеше – обезбедување на глобалната економска стабилност – му беше доделена на ММФ. Оние кои што се собраа во Бретон Вудс во свежо сеќавање ја имаа глобалната депресија која се случи во 1930-тите години. Пред речиси 75 години, капитализмот се соочи со најтешката криза од своето постоење. Големата депресија го опфати целиот свет и водеше до дотогаш нечуено зголемување на невработеноста. За време на својата кулминација, една четвртина од работната сила во Америка беше невработена. Британскиот економист Џон Мајнард Кејнз, кој подоцна ќе биде клучен учесник во настаните во Бретон Вудс, излезе со едноставно објаснување и следствено на тоа едноставен комплет на препораки: недостигот на агрегатна побарувачка ги објаснуваше економските падови; владините политики можат да помогнат во стимулирањето на агрегатната побарувачка. Во случаите каде монетарната политика е неефективна, владите можат да се потпрат врз фискалните политики, или со зголемување на трошењата или со намалување на даноците. Додека моделите кои во основа ги содржеа анализите на Кејнз беа подоцна критикувани и прочистувани, донесувајќи подлабоки разбирања за тоа зошто пазарните сили не работат побрзо за да ја приспособат економијата кон целосна вработеност, основните лекции останаа неоспорени.

Меѓународниот Монетарен Фонд беше задолжен да спречи уште една глобална депресија. А тоа требаше да го прави со притискање на земјите на меѓународно ниво кои не го извршуваа својот дел од обврските во врска со одржувањето на глобалната агрегатна побарувачка, дозволувајќи нивните сопствени економии да одат во рецесија. Кога ќе биде неопходно, исто така беше предвидено да обезбеди ликвидност во форма на заеми на оние земји кои се соочуваат со економски пад и се неспособни да ја стимулираат агрегатната побарувачка со нивните сопствени ресурси.

Тогаш, според првичната замисла, ММФ беше заснован на признанието дека пазарите често не функционираат правилно – дека тие можат да предизвикаат масовна невработеност и можат да не успеат во обезбедувањето расположливост на потребните фондови за да им се помогне на земјите во обновувањето на нивните економии. ММФ беше формиран врз основа на верувањето дека постоеше потреба за колективна акција на глобално ниво за да се обезбеди економската стабилност, исто како што Обединетите Нации беше формирана врз основа на верувањето дека постоеше потреба за колективна акција на глобално ниво за да се обезбеди политичката стабилност. ММФ е јавна институција, изградена со парите на даночните обврзници низ целиот свет. Ова е важно да се запамети, бидејќи ММФ не одговара директно ниту пред граѓаните кои ја финансираат ниту пред оние врз чии што животи непосредно влијае. Наместо тоа, таа одговара пред министрите за финансии и пред централните банки на владите во светот. Тие ја остваруваат својата контрола преку еден комплициран гласачки аранжман кој во голема мера е базиран на економската моќ што ја поседуваа земјите на крајот на Втората светска војна. Оттогаш се случија незначителни приспособувања, но големите развиени земји сè уште го водат шоуто и само една земја, САД, има ефективно вето. (Во овој поглед, тоа е слично како во ООН каде историскиот анахронизам одредува кој ќе го има правото на вето – победничките сили во Втората светска војна – но таму барем моќта што ја носи ветото е поделена помеѓу пет земји).

Од неговите почетоци па со текот на годините, ММФ забележително се промени. Создаден врз основа на верувањето дека пазарите често лошо функционираат, ММФ сега со идеолошка жестокост ја заштитува надмоќноста на пазарот. Создаден врз основа на верувањето дека е потребно да се врши интернационален притисок врз земјите за да се натераат да водат поекспанзивни економски политики – како што се зголемување на трошењата, намалување на даноците или намалување на каматните стапки со цел да се стимулира економијата – денес ММФ вообичаено обезбедува фондови само ако земјите имплементираат политики како кратење на дефицитите, зголемување на даноците или зголемување на каматните стапки кои што водат кон контракција во економијата. Кејнз ќе се преврти во гробот кога би можел да види што се случи со неговото дете.

Најдраматичната промена во овие институции се случи во 1980-тите години, во периодот кога Роналд Реган и Маргарет Тачер ја проповедаа идеологијата за слободниот пазар во САД и во Обединетото Кралство. ММФ и Светската Банка станаа новите мисионерски институции, преку кои овие идеи им беа подметнувани на неподготвените сиромашни земји на кои често очајно им беа потребни нивните заеми и грантови. Министрите за финансии во сиромашните земји беа расположени да го променат своето мислење, ако тоа беше потребно за да се добијат фондовите, иако големо мнозинство на владини функционери, и што е уште позначајно, луѓето во овие земји често остануваа недоверливи и скептични. Во раните 1980-ти се случи голема чистка во одделот за истражување на Светската Банка, што се одрази врз размислувањата и насоките на дејствување на Банката. Холис Ченери, еден од најистакнатите развојни економисти во Америка, професор на Харвард кој даде важни придонеси на полето на истражувањето во областа на економијата на развојот а исто така и во други области, беше човек од доверба и советник на Роберт Макнамара. Макнамара беше именуван за претседател на Светската Банка во 1968 година. Погоден од сиромаштијата која ја забележа насекаде низ Третиот свет, Макнамара ги пренасочи напорите на Банката со цел нејзина елиминација, додека пак Ченери состави првокласен тим на економисти од целиот свет за да работат со него. Но, со смената на раководството беше назначен нов претседател во 1981 година, Вилијам Клаусен и нов главен економист во Банката, Ен Кругер, специјалист за меѓународна трговија, која беше прочуена по нејзиното „барање на дупка во прописите и договорите” – односно по барањето на начини како посебните интереси да ги искористат царините и останатите протекционистички мерки со цел да си ги зголемат приходите на штета на останатите. Додека Ченери и неговиот тим се фокусираа на истражување на причините за неуспехот на пазарите во земјите во развој и на тоа што можат да направат владите за да го подобрат нивното функционирање и да ја намалат сиромаштијата, Кругер ги гледаше владите како извор на проблемите. Слободните пазари беа решението за проблемите на земјите во развој. Во налетот на новата идеолошка жестокост, многу од првокласните економисти од тимот на Ченери си заминаа.

Иако мисиите на двете институции останаа различни, овој пат нивните активности беа сè повеќе испреплетени. Во 1980-тите Банката отиде многу подалеку од одобрувањето на финансиски средства за проекти (како патишта и брани) кон обезбедување на широкопојасна поддршка, во вид на заеми за структурно приспособување; но Светската Банка тоа го реализираше единствено со одобрување од страна на ММФ – кое пак беше условено со исполнувањето на одредени услови наметнати од ММФ. ММФ требаше да се фокусира на кризите; но земјите во развој секогаш имаа потреба од помош, така што ММФ стана незаобиколив дел од животот во најголем дел од светот во развој.

Падот на Берлинскиот ѕид создаде нова арена за ММФ: управување со транзицијата кон пазарна економија во поранешните советски републики и земјите од поранешниот комунистички блок во Европа. Во последно време, како што кризите стануваа сè поголеми и кога дури и огромните извори на финансиски средства со кои располагаше ММФ се чинеше дека се недоволни, Светската Банка беше повикана со цел да обезбеди десетици милијарди долари за итна поддршка, но исклучиво како партнер од понизок ранг со програмски насоки одредени од страна на ММФ. Во принцип постоеше една поделба на работите. ММФ требаше да го ограничи своето поле на дејствување во односите со одредена земја во областа на макроекономијата, буџетскиот дефицит на владата, нејзината монетарна политика, инфлацијата, трговскиот дефицит и нејзините заеми од странство; додека пак Светската Банка требаше да биде одговорна за структурни прашања – на што владата ги троши парите, финансиските институции на земјата, нејзините пазари на труд, нејзините трговски политики. Но ММФ зазеде до одреден степен империјалистички поглед на работата: бидејќи скоро секое структурно прашање би можело да влијае врз вкупните перформанси на економијата и, оттука, врз владиниот буџет или врз трговскиот дефицит, тие гледаа безмалку на сè како на прашање кое спаѓа во нивна надлежност. Често постоеше нетрпеливост на релација ММФ – СБ, дури и во годините кога надмоќно владееше идеологијата на слободниот пазар постоеја многубројни расправи за тоа кои политики најмногу би ѝ одговарале на одредена земја со оглед на состојбите во кои таа се наоѓа. ММФ ги имаше одговорите (во основа, тоа беа истите за секоја земја) и не гледаше потреба од сите овие дискусии и додека Светската Банка дебатираше за тоа што треба да се направи, ММФ се сметаше себеси обврзан да го пополни вакуумот и да ги даде одговорите.

Двете институции можеа да им понудат на земјите алтернативни гледишта на одредени предизвици во врска со развојот и транзицијата и со тоа можеби ќе придонесеа кон зајакнување на демократските процеси. Но и двете се водеа од колективната волја на Г-7 (владите на седумте најважни и најразвиени индустриски земји)[**] а посебно нивните министри за финансии и гувернери на централни банки, и многу често последното нешто што тие го сакаа беше жива демократска дебата за алтернативните стратегии.

Половина век по неговото основање, јасно е дека ММФ не успеа во својата мисија. Тој не го направи она што требаше да го направи – да обезбеди фондови за земјите кои се соочуваа со економски пад, да ѝ овозможи на земјата да заздрави и да се доближи до состојбата на целосна вработеност. Без оглед на фактот што нашите познавања за економските процеси енормно се зголемија во последните педесет години, и без оглед на напорите на ММФ во изминатиот четврт век, кризите низ светот беа многубројни и (со исклучок на Големата депресија) подлабоки. Според некои проценки приближно 100 земји се соочија со кризи.[3] И што е уште полошо, многу од политиките што ММФ ги форсираше, а посебно избрзаната либерализација на пазарите на капитал, дадоа свој придонес кон глобалната нестабилност. А кога веќе одредена земја беше во криза, програмите и фондовите на ММФ не само што не успеаја да ја стабилизираат ситуацијата, туку во многу случаи фактички ги влошија работите, посебно за сиромашните. ММФ доживеа неуспех во неговата првична мисија за промовирање на глобалната стабилност; ММФ не беше поуспешен ниту во новите мисии кои ги имаше преземено како управување со транзицијата на земјите од комунизам кон пазарна економија.

Договорот од Бретон Вудс предвидуваше трета меѓународна економска организација – Светска Трговска Организација која ќе ги регулира меѓународните трговски односи, работа слична на управувањето со меѓународните финансиски односи од страна на ММФ. Трговските политики на осиромашување на соседот, според кои земјите ги зголемуваат своите царини со цел да ги подржат и заштитат нивните економии, но на штета на своите соседи, беа во голема мера обвинети за ширењето и продлабочувањето на депресијата. Создавањето на една ваква меѓународна организација беше потребно не само за спречување на претходно споменатите практики на земјите, туку и за да се охрабри слободниот проток на добра и услуги. Иако Општиот договор за царини и трговија (GATT) успеа во голема мера во намалувањето на царините, тешко беше да се стигне до неговото конечно потпишување; тоа не се случи сè до 1995 година, половина век по завршувањето на војната и шеесетина години по Големата депресија, кога почна да функционира Светската Трговска Организација (СТО). Но, СТО е евидентно различна од другите две организации. Таа самата не ги поставува правилата; туку, наместо тоа, обезбедува форум во кој се одвиваат трговските преговори и се грижи за почитувањето и заживувањето на истите.

Идеите и намерите кои го поттикнаа креирањето на меѓународните економски институции беа добри, но и покрај тоа тие со текот на годините постепено еволуираа за да се претворат во нешто сосема друго. Кејнзијанската ориентација на ММФ која ставаше нагласок на пазарните неуспеси и на улогата на владата во создавањето на работни места, беше заменета со матрицата за слободниот пазар актуелна во 1980-тите години, како дел од новиот „Вашингтонски консензус” – согласност помеѓу ММФ, СБ и Министерството за финансии на САД во врска со „исправните” политики за земјите во развој – што сигнализираше радикално поинаков пристап кон економскиот развој и стабилизацијата.

Многу од идеите содржани во консензусот беа развиени како одговор на проблемите во Латинска Америка, каде владите ја загубија контролата врз буџетите, додека во исто време олабавените монетарни политики водеа кон нескротлива инфлација. Големиот раст на некои од земјите во тој регион во декадите веднаш по Втората светска војна не беше одржан, наводно поради претераната државна интервенција во економијата. Идеите кои беа развиени за да се справат со проблемите кои можеби беа специфични за латиноамериканските држави, а кои ќе ги потенцирам подоцна во книгата, подоцна се сметаа за применливи за земјите насекаде низ светот. Либерализацијата на пазарите на капитал беше форсирана и покрај тоа што не постои доказ дека таа го стимулира економскиот раст. Во другите случаи, економските политики кои произлегоа од Вашингтонскиот консензус и кои беа имплементирани во земјите во развој не беа соодветни за земји во рани стадиуми на својот развој или во рани стадиуми на својата транзиција.

Да земеме само неколку примери, повеќето од развиените индустриски земји – вклучувајќи ги САД и Јапонија – ги изградија своите економии со мудра и селективна заштита на некои од нивните индустрии, сè дури тие не станаа доволно силни за да можат да се натпреваруваат со странските компании. Додека сеопфатниот протекционизам често не функционираше во полза на земјите кои го испробале, истото важеше и за брзата трговска либерализација. Принудувањето на земјите во развој да се отворат кон увозните производи кои би се натпреварувале со оние произведени во некои од домашните индустрии, индустрии кои беа опасно ранливи од конкуренцијата од многу посилните индустрии од другите земји, може да резултира со катастрофални последици – социјални и економски. Работните места беа систематски уништувани – сиромашните фармери во земјите во развој едноставно не можеа да се натпреваруваат со високо субвенционираните добра од Европа и Америка – пред да им се овозможи на индустриските и земјоделските сектори да се оспособат, зајакнат и да креираат нови работни места. Уште полошо, инсистирањето на ММФ земјите во развој да ги одржат монетарните политики рестриктивни водеше до таква висина на каматните стапки што отворањето на нови работни места би го направило невозможно дури и во најдобрите услови. А поради фактот што трговската либерализација се случи пред да бидат поставени заштитните мерки на нивните места, оние кои ги загубија своите работни места беа принудени да живеат во сиромаштија. Така, либерализацијата многу често не беше следена со ветениот економски раст туку со зголемена беда. Дури и оние кои не ги загубија своите работни места беа погодени од чувството на зголемена несигурност.

Контролите на пазарите на капитал се уште еден пример: европските земји го имаа напуштено концептот на слободното движење на капиталот сè до седумдесеттите години. Некои можеби ќе речат дека не е фер да се инсистира земјите во развој, со банкарски системи кои едвај функционираат, да ризикуваат отворајќи ги своите пазари. Но ако ги ставиме настрана ваквите забелешки за правичност, се работи за лоша економика; влевањето на жешки пари во и надвор од земјата што многу често следува по либерализацијата на пазарите на капитал остава пустош зад себе. Малите земји во развој се како мали бродчиња. Брзата либерализација на пазарите на капитал, на начин фаворизиран од ММФ, е исто како нив да ги испратите на пат низ немирно море, пред дупките во телото на бродот да се поправат, пред капетанот да биде обучен, пред заштитните елеци да бидат поставени во бродот. Дури и во најдобрите околности, постои голема веројатност дека ќе бидат превртени при страничен удар од голем бран.

Примената на погрешните економски теории немаше да претставува толкав проблем ако крајот на првиот колонијализам а потоа и на комунизмот не им ја дадеше можноста на ММФ и на Светската Банка во огромна мера да ги прошират своите првични овластувања и широко да го протегнат нивниот опсег на делување. Денес овие институции станаа доминантни играчи во светската економија. Не само земјите кои бараат помош од нив, туку и оние кои го бараат нивниот „печат на одобрување” за да можат да имаат подобар пристап до меѓународните пазари на капитал мораат да ги следат нивните економски препораки, препораки кои ги одразуваат нивните теории и идеологии за слободниот пазар. Резултатот од ова за многу луѓе значеше сиромаштија и општествен и политички хаос. ММФ направи грешки во сите подрачја во кои беше инволвиран: развојот, кризниот менаџмент како и во земјите кои ја чекореа својата транзиција од комунизам кон капитализам. Програмите за структурно прилагодување не донесоа одржлив развој дури ниту кај оние, како Боливија, кои се придржуваа до нивната стриктност и строгост; во многу земји претераната строгост го задушуваше економскиот раст; успешните економски програми бараат голема внимателност во нивното секвенционирање – редоследот по кој се реализираат реформите – и одредувањето на темпото, брзината. Ако, на пример, пазарите се отворат премногу брзо кон конкуренцијата, пред да се воспостават цврсти финансиски институции, тогаш работните места ќе згаснуваат со побрзо темпо од создавањето на новите работни места. Во многу земји, грешките во секвенционирањето и одредувањето на темпото водеа кон растечка невработеност и зголемена сиромаштија.[4] По Азиската криза во 1997 година, политиките на ММФ само ги влошија кризите во Индонезија и Тајланд. Реформите поврзани со слободниот пазар во Латинска Америка имаа еден или два успеси – примерот на Чиле постојано се наведува – но голем број од другите држави во континентот имаат уште многу работа за да ја надоместат изгубената деценија на растот после таканаречените успешни спасувања изведени од ММФ во раните 1980-ти, и многу од нив имаат континуирано високи стапки на невработеност – во Аргентина, на пример, стапката егзистираше на двоцифрени нивоа од 1995 година – дури и откако инфлацијата беше намалена. Колабирањето на Аргентина во 2001 година е еден од понеодамнешните од серијата неуспеси за време на изминатите години. Со оглед на високата стапка на невработеност која егзистираше речиси седум години, чудото не е во тоа што граѓаните конечно го кренаа гласот, туку чудно е тоа што тие многу долго време тивко страдаа. Дури и оние земји кои искусија некаков ограничен економски раст, плодовите од тоа ги собраа поимотните слоеви од населението, а особено најбогатиот дел од населението – врвните 10 проценти – додека во исто време сиромаштијата се задржа на високо ниво, а во некои случаи приходот на оние на дното дури и опадна.

Основниот проблем на ММФ и на останатите меѓународни институции всушност е проблемот на управувањето: односно тоа кој решава за нивната насока на дејствување. Овие институции се доминирани не само од најбогатите индустриски земји, туку и од трговските и финансиските интереси во тие земји, па политиките на институциите природно ја одразуваат оваа состојба. Донесувачите на одлуки во овие институции го симболизираат институционалниот проблем и честопати имаат придонесено кон нивното нефункционирање. Додека речиси сите активности на ММФ и на Светската Банка денес се одвиваат во земјите во развој (секако, целото нивно позајмување), тие се водени од претставници од индустријализираните нации (по обичај или како последица на премолчан договор директорот на ММФ секогаш е Европеец, додека на Светската Банка е Американец). Тие се избираат зад затворени врати и никогаш ниту било разгледано да биде поставен предуслов според кој директорот мора да има некакво работно искуство во земјите во развој. Институциите не ги застапуваат интересите на нациите на кои им служат.

Проблемите исто така произлегуваат од тоа кој зборува во име на земјата. Кај ММФ тоа се министрите за финансии и гувернерите на централните банки. Кај СТО, тоа се министрите за трговија. Секој од овие министри е блиско поврзан со одредени групи во рамките на нивните држави. Министрите за трговија ги артикулираат интересите на бизнис заедницата – на извозниците кои сакаат да им се отворат нови пазари за нивните производи и на производителите на добра кои се натпреваруваат со новоувезените производи од странство. Овие групи, се разбира, сакаат да ги задржат трговските бариери колку што е можно повеќе и во поголем број и да ги задржат субвенциите во онаа мера во која тие можат да го убедат Конгресот (или нивниот парламент) да им даде. Фактот што трговските бариери ги зголемуваат цените што ги плаќаат потрошувачите или тоа што субвенциите претставуваат товар за даночните обврзници предизвикува помала загриженост од тоа колку профит оствариле производителите – додека пак прашањата поврзани со заштитата на животната околина и трудовите прашања се од уште помал интерес, настрана од тешкотиите кои треба да се надминат. Министрите за финансии и гувернерите на централните банки вообичаено се тесно поврзани со финансиската заедница; тие доаѓаат од финансиски фирми и по периодот поминат во служба на владата тие таму и се враќаат. Роберт Рубин, државниот секретар за финансии за време на голем дел од периодот опишан во оваа книга, дојде од најголемата инвестициона банка, „Голдман Сакс“ и се врати во фирмата „Ситигруп“ која ја контролираше најголемата комерцијална банка – „Ситибанк“. Вториот човек во ММФ за време на овој период, Стен Фишер, отиде директно од ММФ во „Ситигруп“. Овие лица, природно, го гледаат светот низ очите на финансиската заедница. Одлуките кои се донесуваат во која било институција природно ги одразуваат погледите и интересите на оние кои истите ги донесуваат; неизненадувачки, како што ќе видиме повторно во следните поглавја, политиките на меѓународните економски институции се многу често тесно поврзани со трговските и финансиските интереси на оние во најразвиените индустриски земји.

Што се однесува до селаните во земјите во развој кои напорно работат за да ги исплатат долговите на нивните земји кон ММФ или бизнисменот кој страда од повисокиот данок на додадена вредност наметнат на инсистирање на ММФ, сегашниот систем управуван од ММФ претставува оданочување без застапување. Разочарувањето од меѓународниот систем на глобализацијата под покровителство на ММФ расте како што на сиромашните во Индонезија, Мароко или Папуа Нова Гвинеја им се скратуваат субвенциите за горивото и храната, како што оние во Тајланд гледаат дека сидата се распространува како резултат на кратењето на здравствените издатоци – мерка наметната од ММФ, и како што семејствата во многу земји во развој, кои мораат да платат за образованието на нивните деца со воведувањето на таканаречените програми за намалување на трошоците, донесуваат болна одлука да не ги пратат нивните ќерки во училиште.

Оставени без никакви алтернативи, без начин на кој можат да ја изразат својата загриженост, да влијаат за промена на нештата, луѓето се креваат на бунт. Се разбира, улиците не се место на кое прашањата се дискутираат, на кое политиките се формулираат и на кое се прават компромиси. Но протестите влијаеја официјалните лица и економистите низ целиот свет да размислат за алтернативите на политиките произлезени од Вашингтонскиот консензус кои беа претставувани како единствениот и вистинскиот пат до економскиот раст и развој. Сè повеќе им стануваше јасно не само на обичните граѓани туку и на креаторите на политиките, не само на оние во земјите во развој туку и на оние во развиените земји, дека глобализацијата на начинот на кој досега се практицираше не го донесе она што нејзините застапници ветија дека ќе го донесе – или она што можеше или требаше да го донесе. Во некои случаи таа не резултираше ниту со економски раст, но и тогаш кога економскиот раст беше присутен, тој не им донесе бенефиции на сите; нето ефектот на политиките произлезени од Вашингтонскиот консензус честопати беше во полза на малкумина на штета на мнозинството граѓани, во полза на богатите на штета на сиромашните. Во многу случаи трговските интереси и вредности ја потиснаа и заменија загриженоста за животната околина, демократијата, човековите права и социјалната правда.

Глобализацијата сама по себе не е ниту лоша ниту добра. Таа има моќ да направи огромни добрини, а што се однесува до земјите од Источна Азија кои ја прифатија глобализацијата под нивни сопствени услови, според нивно темпо, таа им донесе огромна корист, без оглед на неприликите поврзани со Азиската криза од 1997 година. Но за голем дел од светот таа не донесе слични бенефиции. За многумина, таа се чини дека претставува ужас без крај.

Искуството на САД за време на деветнаесеттиот век претставува добра паралела за денешната глобализација – додека пак контрастот помага во илустрирањето на успесите на минатото и денешните промашувања. Во тоа време, кога транспортните и комуникациските трошоци се намалија и претходно локалните пазари се проширија, се формираа нови национални економии а со нив се појавија и национални компании, кои работеа низ целата држава. Но пазарите горе-долу не беа оставени да се развиваат самостојно; владата играше клучна улога во насочувањето на развитокот на економијата. Американската влада се стекна со широка економска слобода на дејствување кога судовите широко ја протолкуваа уставната одредба која ѝ овозможуваше на федералната влада да ја регулира трговијата меѓу државите. Федералната влада почна да го регулира финансискиот систем, пропиша минимални плати и работни услови и конечно обезбеди системи за социјална помош и за помош при невработеност за да се справи со проблемите генерирани од пазарниот систем. Федералната влада исто така промовираше некои индустрии (првата телеграфска линија, на пример, беше поставена од страна на федералната влада помеѓу Балтимор и Вашингтон во 1842 година), а ги охрабри и останатите дејности, како земјоделството, не само со опремување на универзитетите за да можат да спроведуваат истражувања, туку и со обезбедување надградени обуки за фармерите за да им ги приближи новите технологии. Федералната влада играше централна улога не само во поддршката на американскиот економски раст. И покрај тоа што не беше ангажирана во разни видови на активни редистрибутивни политики, таа барем имаше програми чии бенефиции беа нашироко почувствувани – не само оние кои го проширија образованието и ја подобрија земјоделската продуктивност, туку и земјишните грантови коишто им даваа барем минимална можност на сите Американци.

Денес, со постојаното опаѓање на транспортните и комуникациските трошоци и намалувањето на бариерите создадени од човекот во врска со протокот на добра, услуги и капитал (иако останаа сериозни бариери за слободното движење на трудот), ние имаме процес на „глобализација” аналоген на раните процеси во кои беа формирани националните економии. За жал, ние немаме светска влада одговорна за луѓето од секоја земја, за да го надгледува процесот на глобализација на начин сличен на оној на кој националните влади ги водеа националните процеси. Наместо тоа, имаме систем кој би можел да се нарече глобално управување без глобална влада, во кој неколку институции – Светската Банка, ММФ, Светската Трговска Организација – и неколку други играчи – министрите за финансии, економија и трговија, тесно поврзани со одредени финансиски и трговски интереси – доминираат на сцената, но во кој многу од оние кои се засегнати од нивните одлуки се оставени речиси без глас. Време е да се променат некои од правилата кои го насочуваат меѓународниот економски поредок, да се размисли повторно за начинот на кој се донесуваат одлуките на меѓународно ниво – и во чии интереси се носат – а да се стави помал акцент на идеологијата и да се погледнат успешните модели и решенија. Од клучно значење е успешниот развој што го видовме во Источна Азија да се постигне насекаде. Огромен е трошокот од продолжувањето на глобалната нестабилност. Глобализацијата може да биде преобликувана, а тогаш кога тоа ќе се случи и кога таа ќе биде водена на вистински и фер начин, кога сите земји ќе имаат право на глас и можност да влијаат на политиките кои нив ги засегаат, тогаш ќе постои можност таа да помогне во креирањето на нова глобална економија во која економскиот раст ќе биде не само поодржлив и попостојан, туку плодовите од овој економски раст ќе бидат порамноправно споделени.


Забелешки

[1] J. Chirac, “The Economy Must Be Made to Serve People,” обраќање на Меѓународната конференција на трудот, јуни 1996.

[2] Во 1990 година, 2,718 милијарди луѓе живееја со помалку од 2 долари дневно. Во 1998 година, бројот на сиромашни што живееја со помалку од 2 долари дневно се проценува на 2,801 милијарди – World Bank, Global Economic Prospects and the Developing Countries 2000 (Washington, DC: World Bank, 2000), p. 29. За дополнителни информации, види World Development Report и World Economic Indicators, годишни публикации на Светска Банка. Податоците за здравјето можат да се најдат во UNAIDS/WHO, Report on the HIV/AIDS Epidemic 1998.

[3] Види Gerard Caprio, Jr., et al., eds., Preventing Bank Crises: Lessons from Recent Global Bank Failures. Proceedings of a Conference Co-Sponsored by the Federal Reserve Bank of Chicago and the Economic Development Institute of the World Bank. EDI Development Studies (Washington, DC: World Bank, 1998).

[4] И додека има повеќе критики на програмата за структурно прилагодување, дури и освртот на програмата од страна на ММФ забележа многу негови недостатоци. Овој осврт вклучува три дела: интерен осврт од персоналот на ММФ (IMF Staff, 77/e ESAF at Ten Years: Economic Adjustment and Reform in Low-Income Countries. Occasional Papers #156, February 12, 1998); надворешен осврт од еден независен ревизор (K. Botchwey, et al., Report by a Group of Independent Experts Review: External Evaluation of the ESAF [Washington, DC: IMF, 1998]); и извештај од персоналот на ММФ при Бордот на директори на ММФ, кој ги сумира поуките од двата осврти (IMF Staff, Distilling the Lessons from the ESAF Review’s [Washington, DC: IMF, July 1998]).

[*] Овој осми договор беше резултат на преговорите кои беа наречени Уругвајска рунда поради тоа што преговорите почнаа во 1986 година во Пунта дел Есте, Уругвај. Рундата беше затворена во Маракеш на 15 декември 1993 година, кога 117 земји му пристапија на овој договор за трговска либерализација. Договорот конечно беше потпишан од Бил Клинтон во име на САД на 8 декември 1994. Светската трговска организација формално почна да постои од на 1 јануари 1995, а повеќе од 100 држави пристапија во членство до јули. Една одредба од договорот наложуваше преобразување на GATT во Светска Трговска Организација (СТО).

[**] Тоа се САД, Јапонија, Германија, Канада, Италија, Франција и Обединетото Кралство. Денес, Г-7 вообичаено се состанува заедно со Русија (Г-8). Седумте земји не се повеќе седумте најголеми економии во светот. Членството во Г-7, исто како постојаното членство во Советот за безбедност на ООН донекаде е работа на историска случајност.