Џозеф Стиглиц
Глобализацијата и незадоволствата од неа

Глава II

Неостварени ветувања


НА МОЈОТ ПРВ ДЕН, 13 февруари 1997 година, како главен економист и постар потпретседател на Светската Банка, влегувајќи во огромната, модерна и блескава главна зграда на деветнаесеттата улица во Вашингтон, мотото на институцијата беше првото нешто што ми падна во очи: Нашиот сон е свет без сиромаштија. Во центарот на атриумот на тринаесеттиот кат поставена е статуа на младо момче кое води постар слеп човек, како сеќавање за искоренувањето на речното слепило (onchocercias). Пред Светската Банка, Светската Здравствена Организација и останатите да ги вложат своите напори, илјадници во Африка беа ослепени од оваа спречива болест. Од другата страна на улицата стои уште еден сјаен споменик на јавното богатство, централата на Меѓународниот Монетарен Фонд. Мермерниот атриум внатре, украсен со раскошни цветни аранжмани, служи за да ги потсети посетителите односно министрите за финансии од земјите низ светот дека ММФ ги застапува центрите на моќ и сила.

Овие две институции, кои јавното мислење често ги побркува, претставуваат видлив контраст кој ги нагласува разликите во нивните култури, стилови и мисии: едната е посветена на искоренувањето на сиромаштијата, а другата на одржувањето на глобалната стабилност. Додека двете имаат тимови на економисти кои одат во земјите во развој на тринеделни мисии, Светската Банка напорно работеше за да обезбеди еден значителен дел од нејзиниот персонал да има постојано живеалиште во земјата на која сакаат да ѝ помогнат; ММФ генерално има само еден „постојан претставник” чии овластувања се ограничени. Програмите на ММФ вообичаено се диктирани од Вашингтон а се оформуваат врз основа на кратките мисии за време на кои членовите на персоналот ги разгледуваат бројките во министерствата за финансии и централните банки и престојуваат во хотели со пет ѕвезди во главните градови. Постои повеќе од симболизам во оваа разлика: не може некој да дојде во една земја, да научи нешто повеќе за неа и да ја засака сѐ додека не отиде во нејзината внатрешност. Никој не треба да гледа на невработеноста само како на статистика, како на економско „пребројување трупови”, како на ненамерна колатерална штета во борбата против инфлацијата или за да се осигури на западните банки да им бидат отплатени кредитите. Невработените се луѓе со семејства, чии што животи се засегнати – а понекогаш уништени – од економските политики кои странците ги препорачуваат и, во случајот на ММФ, ефективно ги наметнуваат. Модерниот високотехнолошки начин на војување е дизајниран со цел да го избегне физичкиот контакт: испуштањето на бомби од висина од 50.000 стапки осигурува некој да не ги „почувствува последиците” од тоа што го прави. Модерниот економски менаџмент е сличен на тоа: некој може од неговиот луксузен хотел бездушно да наметнува политики за кои двапати би размислил доколку ги познава луѓето чиишто животи ги уништува.

Статистиката не го вклучува она што оние кои патуваат надвор од главните градови го гледаат во селата во Африка, Непал, Минданао или Етиопија; јазот помеѓу сиромашните и богатите се зголемуваше, дури и бројот на екстремно сиромашните – кои живеат со помалку од еден долар на ден – се зголеми. Дури и онаму каде речното слепило се искорени, сиромаштијата продолжи да егзистира. Ова се случуваше и покрај сите добри намери и ветувања дадени од развиените нации кон нациите во развој, од кои повеќето беа нивни некогашни колонии.

Начините на размислување не се променија прекуноќ и ова важи како за земјите во развој така и за развиените земји. Давајќи им ја на земјите во развој нивната слобода (генерално по кратка подготовка за автономија), често тие не го променија ставот кон нивните поранешни колонијални господари, кои продолжија да мислат дека тие знаат најдобро. Колонијалниот менталитет – „бремето на белиот човек” и претпоставката дека тие знаат што е најдобро за земјите во развој – продолжи да опстојува. Америка која сега доминира со глобалната економска сцена имаше многу помало колонијално наследство, но сепак американскиот кредибилитет исто така беше извалкан, не толку од нејзиниот експанзионизам на „предодреденост на судбината” колку од Студената војна за време на која во сеопфатната борба против комунизмот принципите на демократијата беа погазени или игнорирани.

НОЌТА ПРЕД да почнам да работам во Банката, ја одржав мојата последна прес-конференција како претседавач на Претседателскиот Совет на Економските Советници. Со оглед на тоа дека домашната економија се наоѓаше под целосна контрола, почувствував дека најголемите предизвици за еден економист сега лежат во растечкиот проблем на светската сиромаштија. Што можеме да направиме за 1,2 милијарди луѓе низ целиот свет кои живеат со помалку од долар на ден или за 2,8 милијарди луѓе кои живеат со помалку од 2$ дневно – повеќе од 45 проценти од светската популација? Што можам јас да направам за да го остварам сонот за свет без сиромаштија? Како би можел јас да придонесам кон поскромниот сон за свет со помалку сиромаштија? На мојата задача гледав како на тројна цел: да размислам кои стратегии би можеле да бидат најефективни во поддржувањето на економскиот раст и во намалувањето на сиромаштијата; соработка со владите во земјите во развој за да се имплементираат овие стратегии на вистинските места; и да направам сѐ што можам во развиените земји да ги унапредам и промовирам интересите и грижите на земјите во развој, без разлика дали тоа значеше вршење притисок врз нив за да ги отворат нивните пазари или за да се обезбеди поефективна поддршка. Знаев дека задачите беа тешки, но ниту на сон не помислував дека една од големите пречки со кои се соочуваа земјите во развој, целосно непотребно, беше создадена од човечкиот фактор, лоцирана од другата страна на улицата – кај „сестринската” институција, ММФ. Јас очекував дека не секој во меѓународните финансиски институции или во владите кои нив ги подржуваа беше посветен на целта поврзана со елиминирање на сиромаштијата; но мислев дека ќе постои една отворена дебата посветена на стратегиите – стратегиите кои во толку многу области се чинеше дека не успеваат, посебно за сиромашните. Во врска со ова, јас бев разочаран.

Етиопија и борбата помеѓу политиката на сила и сиромаштијата

По четири години поминати во Вашингтон, се навикнав на отуѓениот свет на бирократите и политичарите. Но сѐ до моето патување во Етиопија, една од најсиромашните земји во светот, во март 1997 година, нецел месец по моето вработување во Светската Банка, јас не бев целосно навлезен во вчудоневидувачкиот свет на политиката и аритметиката на ММФ. Бруто домашниот производ по глава на жител на Етиопија беше 110$ годишно и земјата страдаше од непрекинати суши и глад кои што убија 2 милиони луѓе. Отидов да се сретнам со премиерот Мелес Зенави, човек кој водеше седумнаесет-годишна герилска војна против крвавиот марксистички режим на Менгисту Хаиле Мариам. Силите на Мелес победија во 1991 година и тогаш владата ја почна тешката работа во врска со повторната изградба на земјата. Доктор по вокација, Мелес и формално студираше економија, бидејќи знаеше дека за да ја извлече неговата земја од вековната сиромаштија ќе биде потребно ништо помалку од економска трансформација, и демонстрираше познавања од областа на економијата – а особено креативност – која би го ставила на чело на кој било од моите универзитетски класови. Тој покажа длабоки познавања на економските принципи – и секако поголеми познавања на условите во неговата земја – од многуте интернационални економски бирократи со кои јас требаше да се справувам во следните три години.

Мелес ги комбинираше овие интелектуални карактеристики со личниот интегритет кој го поседуваше: никој не се сомневаше во неговата чесност и постоеја само неколку обвинувања за корупција во неговата влада. Неговите политички опоненти доаѓаа претежно од групациите кои долго време доминираа околу главниот град, кои ја изгубија политичката моќ со неговото доаѓање на власт и тие групации покренуваа прашања во врска со неговата посветеност кон демократските принципи. Како и да е, тој не беше старомоден автократ. Тој и неговата владата беа генерално посветени на процесот на децентрализација, приближувајќи ја владата до народот и осигурувајќи се центарот да не ја загуби врската со одделните региони. Новиот устав дури и му даде право на секој регион демократски да гласа за отцепување, осигурувајќи политичките елити во главниот град, кои и да се, да не можат да ризикуваат игнорирајќи ги грижите на обичните граѓани во кој било дел на земјата или пак тоа еден дел од земјата да не може да ги наметне своите погледи врз останатите. Владата навистина опстои на своите заложби, кога Еритиреја ја објави својата независност во 1993 година. (Настаните што следеа потоа – како владината окупација на Универзитетот во Адис Абеба есента 2000 година, заедно со затворањето на некои студенти и професори – ја покажуваат непостојаноста, во Етиопија како и секаде, во почитувањето на основните човекови права.)

Кога пристигнав во 1997 година, Мелес беше инволвиран во жестока расправа со ММФ и така Фондот ја суспендира програмата за позајмување. Макроекономските „резултати” на Етиопија – кон кои Фондот требаше да се фокусира – не можеа да бидат подобри. Немаше инфлација; всушност, цените беа во опаѓање. Производството имаше солидна стапка на раст по отстранувањето на режимот на Менгитсу.[1] Мелес покажа дека со примена на вистинските политики, дури и сиромашна африканска земја би можела да искуси одржлив економски раст. По години војување започна повторна изградба, а меѓународната помош почнуваше да се враќа во земјата. Но Мелес имаше проблем со ММФ. Она што беше во залог не беа само 127 милиони $ од ММФ обезбедени преку т.н. Проширена помош за структурно приспособување (ESAF) – (програма за позајмување по високо повластени каматни стапки за помош на многу сиромашните земји), туку и пари од Светската Банка.

ММФ има јасно одредена улога во областа на меѓународната поддршка. По правило ММФ треба да ја испита макроекономската ситуација на секој примач на помош и да се осигура дека земјата живее во рамките на своите средства. Ако тоа не е случај, подоцнежните проблеми се неизбежни. На краток рок, земјата може да живее трошејќи повеќе отколку што произведува по пат на позајмување, но на крајот секогаш доаѓа денот кога треба да се израмнат сметките и тогаш настанува кризата. ММФ е посебно загрижен за инфлацијата. Земјите чии влади трошат повеќе отколку што прибираат по пат на даноци и странска помош набргу ќе се соочат со инфлација, а особено ако нивните дефицити ги финансираат со печатење пари. Секако, постојат и други важни работи во врска со добрата макроекономска политика покрај инфлацијата. Терминот макро се однесува на вкупното поведение, на севкупните нивоа на економскиот раст, невработеноста и инфлацијата, а една земја може да има ниска инфлација но отсуство на економски раст и висока невработеност. За мнозинството економисти, една ваква земја би се класифицирала како земја со катастрофална макроекономска рамка. За мнозинството економисти, инфлацијата не е толку цел за себе, колку што претставува средство за постигнување на крајната цел: бидејќи претерано високата инфлација најчесто води кон понизок економски раст, а нискиот економски раст води кон висока невработеност, токму поради тоа на инфлацијата се гледа со толку големо неодобрување. Но се чини дека ММФ многу често ги меша средствата со целите, на тој начин испуштајќи го од вид она што е од суштинско значење. Земја како Аргентина може да добие највисока оценка (оценка „А”), дури и ако со години наназад има двоцифрена стапка на невработеност, сѐ додека нејзиниот буџет се чини дека е урамнотежен и нејзината инфлација привидно е под контрола!

Ако земјата не ги исполнува утврдените минимални стандарди, ММФ ја суспендира помошта; и вообичаено кога тоа ќе го направи, истото го прават и останатите донатори. Разбирливо, Светската Банка и ММФ не им позајмуваат на земјите ако немаат подготвено добра макроекономска рамка за имплементација. Ако земјите имаат огромни дефицити и галопирачка инфлација, постои ризик дека парите нема да бидат добро потрошени. Општо земено владите кои не успеваат да управуваат со нивните економии најчесто не успеваат ниту да управуваат со странската помош. Но ако макроекономските показатели – инфлацијата и економскиот раст – се солидни, како што беа во Етиопија, тогаш сигурно дека основната макроекономска рамка била солидна. Етиопија не само што имаше квалитетна макроекономска рамка, туку Светската банка имаше и директен доказ за компетентноста на владата и нејзината посветеност кон сиромашните. Етиопија имаше формулирано развојна стратегија за руралните области концентрирајќи го своето внимание на сиромашните, а посебно на оние 85% од популацијата кои егзистираа во руралниот сектор. Таа драматично ги скрати воените издатоци – што беше нетипично за влада што дојде на власт преку воени средства – зашто знаеше дека доколку средствата се трошат за вооружување, тогаш нема многу да остане за борба против сиромаштијата. Се разбира, ова беше точно онаков тип на влада на која меѓународната заедница требаше да ѝ дава подршка. Но ММФ ја суспендираше својата програма со Етиопија и покрај добрите макроекономски перформанси, со став дека е загрижен поради нејзината буџетската позиција.

Етиопската влада имаше два извори на приходи, даноците и странската помош. Еден владин буџет е во состојба на урамнотеженост сѐ додека неговите приходи се еднакви на неговите издатоци. Етиопија, како и многу други земји во развој, голем дел од своите приходи ги остваруваше од странската помош. ММФ се грижеше дека ако оваа помош пресуши, Етиопија ќе биде во неволја. Оттука, ММФ тврдеше дека буџетската позиција на Етиопија единствено можеше да се оцени како солидна само ако сумата на трошењата беше ограничена на сумата на даноци што ја прибираше.

Очигледниот проблем со логиката на ММФ е тоа што таа имплицира дека една сиромашна држава никако нема да може да ги потроши парите за онаа намена за која истите ги добива од странската помош. Ако, да речеме, Шведска ѝ даде помош на Етиопија за изградба на училишта, диктатот на оваа логика вели дека Етиопија треба наместо тоа да ги стави парите во своите девизни резерви. (Сите земји имаат или треба да имаат резервни сметки на кои се наоѓаат фондови за добропознатите „црни денови”. Златото претставува традиционална резерва, но денес тоа е заменето со цврсти пари и сродните каматоносни финансиски инструменти. Највообичаен начин за чување на резервите е во форма на благајнички записи издадени од американската влада.) Но ова не е причината поради која меѓународните донатори одобруваат помош. Во Етиопија, донаторите, кои функционираа независно и кои не беа обврзани кон ММФ, сакаа да видат како се градат нови училишта и болници, исто како и Етиопија. Мелес настапи уште порешително: ми рече дека не се борел толку напорно седумнаесет години за сега да биде командуван од некои меѓународни бирократи и да му биде сугерирано дека не може да гради болници и училишта за неговиот народ кога еднаш веќе ги убедил донаторите да платат за истите.

Ставот на ММФ не беше заснован на загриженоста во врска со долгорочната издржаност на проектите. Понекогаш земјите ги користеа доларите од странската помош за да изградат училишта или болници. Кога парите од помошта ќе се потрошеа, тогаш немаше пари за одржување на овие објекти. Донаторите го препознаа овој проблем и го вградија во нивните програми за помош во Етиопија и на другите места. Но она што го наведуваше ММФ во случајот на Етиопија отиде далеку над оваа загриженост. Фондот тврдеше дека меѓународната помош била премногу нестабилна за да може државата да се потпре на неа. Според мене, позицијата на ММФ немаше смисла не само поради нејзините апсурдни импликации. Знаев дека многупати помошта претставуваше далеку постабилен извор на приходи од даночните приливи, кои можат да варираат во зависност од економските услови. Кога се вратив во Вашингтон, го замолив мојот персонал да ги провери статистичките податоци и тие потврдија дека меѓународната помош е постабилен извор од даночните приходи. Користејќи го начинот на размислување на ММФ во врска со стабилните извори на приходи, Етиопија и останатите земји во развој требаше да ја пресметуваат странската помош, но да не ги вклучуваат даночните приходи во нивните буџети. А ако ниту даноците ниту пак странската помош не се вклучат во приходната страна на буџетите, тогаш за секоја држава би се сметало дека е во лоша состојба.

Но резонирањето на ММФ содржеше уште поголеми слабости. Постојат голем број на соодветни одговори во врска со нестабилноста на јавните приходи, како што се издвојување на дополнителни резерви и одржување на флексибилност на трошењата. Ако државните приходи, од било кој извор, опаднат а не постојат резерви на располагање од кои може да се влечат средства, тогаш владата треба да биде подготвена да ги скрати државните трошења. Но за такви видови на помош кои претставуваат значителен дел од она што сиромашна земја како Етиопија го прима, постои вградена (прикриена) флексибилност; ако земјата не добие пари за да изгради дополнително училиште, таа едноставно истото нема да го изгради. Претставниците на етиопската влада сфатија за што се работеше, тие ја разбраа загриженоста што би можело да се случи ако било државните приходи или пак странската помош опаднат, и креираа политики за да се справат со овие евентуалности. Она што тие не можеа да го разберат – а и јас исто така – е зошто ММФ не можеше да ја види логиката на нивните ставови. А, се работеше за многу важни работи: училишта и здравствени установи за едни од најсиромашните луѓе во светот.

Во прилог на несогласувањето во врска со тоа како да се постапува со странската помош, јас исто така веднаш бев инволвиран во уште една расправа на релација ММФ – Етиопија во врска со раната отплата на еден заем. Етиопија го отплати претходно земениот заем од една американска банка, користејќи дел од своите резерви. Трансакцијата имаше совршена економска оправданост. И покрај квалитетот на залогот (авион), Етиопија плаќаше далеку поголема каматна стапка на нејзиниот заем од каматната стапка што ја добиваше за своите резерви. Јас, исто така, би ги советувал да го отплатат, делумно поради тоа што ако евентуално во иднина средствата од фондот бидат потребни, владата, веројатно, би можела да биде подготвена да ги повлече користејќи го авионот како залог. САД и ММФ се спротивставија на предвременото отплаќање на заемот. Тие се спротивставија не на логиката на стратегијата, туку на фактот што Етиопија го презеде овој чекор без одобрение на ММФ. Но зошто една суверена земја треба да бара дозвола од ММФ за секоја акција која таа ја презема? Некој можеби би имал разбирање за ова ако акцијата на Етиопија ја загрозуваше нејзината способност да го отплати она што му го должеше на ММФ; но се случуваше токму спротивното, бидејќи се работеше за чувствителна финансиска одлука, која ги зголемуваше капацитетите на земјата да го отплати она што го должеше.

Со години, матрицата на размислување на Главниот штаб на ММФ сместен на 19-та улица во Вашингтон беше преземањето на одговорност и давањето на оценка да биде според прикажаните резултати. Резултатите од етиопските претежно самостојно креирани политики требаше убедливо да покажат дека таа беше способна да ја земе во раце сопствената иднина. Но ММФ чувствуваше дека земјите кои добиваат пари од него имаат обврска да известуваат за сѐ што би можело да биде релевантно; неправењето на ова претставуваше основа за суспензија на програмата, без оглед на разумноста на акцијата. За Етиопија, таквата наметливост претставуваше само нова форма на колонијализам; за ММФ, тоа беше само стандардна оперативна процедура.

Постоеја уште камења на сопнување во односите ММФ – Етиопија, во врска со либерализација на финансиските пазари во државата. Добрите пазари на капитал се карактеристика на капитализмот, но никаде разликата помеѓу развиените и помалку развиените земји не е поголема отколку во нивните пазари на капитал. Целокупниот банкарски систем на Етиопија (мерен, на пример, според големината на неговите средства) е за нешто помал од оној на Бетесда, Мериленд, предградие сместено на периферијата на Вашингтон со 55.277 жители. ММФ сакаше Етиопија не само да ги отвори нејзините финансиски пазари кон конкуренцијата од Запад, туку и да ја подели најголемата банка на неколку делови. Во свет во кој американските мегафинансиски институции како „Citibank and Travelers“ или „Manufacturers Hanover and Chemical“ изјавуваат дека мораат да се спојат за да можат ефективно да се натпреваруваат, банка од форматот на „Североисточната Национална банка на Бетесда“ реално не може да се натпреварува со глобален гигант како „Citibank“. Кога глобалните финансиски институции од овој формат ќе влезат во некоја земја, тие можат да ја згмечат домашната конкуренција. А, како што ќе ги преземаат депозиторите од локалните банки во земја како Етиопија, тие можат да бидат многу повеќе угодливи и дарежливи кога се работи за одобрување на заеми кон големи мултинационални корпорации отколку кога се работи за одобрување на кредити кон мали и средни бизниси и фармери.

ММФ сакаше да издејствува многу повеќе од едноставното отворање на банкарскиот систем кон странската конкуренција. Тој сакаше да го „зајакне” финансискиот систем со создавање на аукциски пазар за благајничките записи издадени од етиопската влада – реформа, посакувана во онаа мера колку што би била и во многу други држави, но која беше целосно несоодветна со оглед на степенот на развој на земјата. ММФ исто така сакаше Етиопија да го „либерализира” својот финансиски пазар, односно, да дозволи каматните стапки слободно да се формираат од страна на пазарните сили – нешто што САД и Западна Европа не го направија сѐ до 1970 година, кога нивните пазари заедно со неопходниот регулаторен апарат беа далеку повеќе развиени. ММФ ги побркуваше целите со средствата. Еден од примарните цели на добриот банкарски систем е да обезбеди кредит по поволни услови на оние кои ќе можат да го исплаќаат тој кредит. Во претежно рурална земја како што е Етиопија, од особена важност е земјоделците да можат да си дозволат да подигнат кредит по разумни услови за да купат семиња и вештачки ѓубрива. Добивањето на таков кредит не е лесна работа; дури и во САД во критичните фази од развојот кога земјоделството беше мошне значајно владата одигра одлучувачка улога во обезбедувањето на потребните кредити. Етиопскиот банкарски систем беше во најмала рака дeлумно ефикасен, затоа што разликата помеѓу каматните стапки на заемите и каматните стапки на депозитите беше далеку пониска отколку во другите земји во развој кои ги следеа советите на ММФ. Сепак, Фондот беше несреќен, едноставно заради тоа што веруваше дека каматните стапки треба слободно да ги формираат меѓународните пазарни сили, без оглед на тоа дали тие пазари се или не се конкурентски. За Фондот, либерализираниот финансиски систем претставуваше цел сама за себе. Неговата наивна верба во пазарите го убеди дека либерализираниот финансиски систем ќе ги намали каматните стапки кои се плаќаа на заемите и на тој начин поголем дел од средствата во фондовите ќе станат достапни. ММФ беше толку сигурен во исправноста на својата догматска позиција што покажуваше мал интерес да ги погледне реалните искуства.

Етиопија со добра причина се противеше на барањето на ММФ да го „отвори” својот банкарски систем. Таа виде што се случи кога еден од нејзините источноафрикански соседи се покори на барањата на ММФ. ММФ инсистираше на либерализација на финансиските пазари, со верување дека конкуренцијата помеѓу банките ќе води кон намалување на каматните стапки. Резултатите беа катастрофални: потегот беше проследен со рапиден раст на локалните и домашните комерцијални банки, во време кога банкарската легислатива и супервизија беа несоодветни, со предвидливи резултати – четиринаесет пропаѓања на банки во 1993 и 1994 година посебно. На крајот каматните стапки се зголемија, а не се намалија. Разбирливо, владата на Етиопија беше претпазлива. Посветена на подобрувањето на животниот стандард на нејзините граѓани во руралниот сектор, таа се плашеше дека либерализацијата ќе има разурнувачки ефект врз нејзината економија. Оние фармери кои претходно успеаја да обезбедат кредит ќе се соочат со неможноста да купат семе или вештачко ѓубриво, затоа што ќе бидат неспособни да земат поволен кредит или ќе бидат присилени да плаќаат повисоки каматни стапки кои нема да можат да си ги дозволат. Се работи за земја која е уништена од суши кои резултираат со масовен недостиг од храна. Нејзините лидери не сакаа да ги влошуваат работите. Етиопјаните се плашеа дека советите на ММФ ќе предизвикаат пад на приходите на фармерите, влошувајќи ја и онака мрачната ситуација.

Соочен со етиопското колебање во врска со прифаќањето на неговите совети, ММФ беше уверен дека владата не беше сериозна во врска со реформите и, како што реков, ја суспендира програмата. За среќа, останатите економисти во Светската Банка и јас успеавме да го убедиме менаџментот на Банката дека позајмувањето на повеќе пари на Етиопија имаше добра оправданост: тоа беше земја на која очајно ѝ требаше помош, со првокласна макроекономска рамка и влада посветена на олеснување на маките на нејзините сиромашни граѓани. Светската банка трикратно го зголеми износот на позајмиците, иако поминаа месеци пред ММФ конечно да ја омекне својата позиција. Јас, со цел коренито да ја променам состојбата, со непроценлива помош и поддршка од колегите, отпочнав со одлучна кампања на „интелектуално лобирање”. Моите колеги и јас одржувавме конференции во Вашингтон за да ги охрабриме луѓето во ММФ и СБ повторно да ги разгледаат прашањата поврзани со либерализацијата на финансискиот сектор во најнеразвиените земји и последиците од непотребно наметнатите буџетски ограничувања во сиромашните земји зависни од странска помош, како што беше Етиопија. Се обидов да контактирам со менаџерите на повисоко ниво во Фондот, директно и преку моите колеги во Светската Банка, а исто така оние во Банката кои работеа во Етиопија направија напори да ги убедат своите колеги во Фондот. Го искористив она влијание кое можев да го искористам преку моите врски во Клинтоновата администрација, вклучително и разговори со американските претставници во Фондот. Накратко, направив сѐ што можев за повторно да ја воспоставам програмата на ММФ кон Етиопија.

Помошта беше обновена и би сакал да мислам дека моите залагања ѝ помогнаа на Етиопија. Како и да е, научив дека потребно е да се посвети неизмерно време и труд за да се издејствува некоја промена, дури и кога се дејствува од внатре во една меѓународна бирократија. Ваквите организации се повеќе нејасни, непроѕирни отколку што се транспарентни и не само што многу малку информации протекуваат од внатрешноста кон надвор, туку можеби многу помалку информации од надвор можат да продрат во организацијата. Непроѕирноста исто така значи дека тешко е информацијата од најдолните нивоа во организацијата да се пробие кон врвот.

Караницата околу позајмувањето на Етиопија ме научи многу за начинот на функционирање на ММФ. Постоеше чист доказ дека ММФ грешеше во врска со либерализацијата на финансиските пазари и макроекономската позиција на Етиопија, но работите мораа да бидат онака како што ќе кажеше ММФ. Тој очигледно не сакаше да ги слуша другите, без разлика на нивната добра информираност и без разлика на нивната незаинтересираност за неговите гледишта. Работите кои беа од суштинско значење станаа помалку важни од процесуалните работи. Дали имаше смисла за Етиопија да го отплати заемот беше помалку важно од фактот што за нејзиното донесување не беше консултиран ММФ. Либерализацијата на финансиските пазари – прашањето колку добро ова може да биде направено во земја со ниво на развој како етиопското – беше суштинска работа и експертите можеа да бидат прашани за да го искажат нивното мислење. Фактот што надворешни експерти не беа повикани за да помогнат во арбитрирањето на она што јасно беше дискутабилно прашање е типично во стилот на ММФ, според кој Фондот себеси си ја доделува улогата на монополен снабдувач на „здрав” совет. Дури и околу прашања како отплатата на заемот – иако по правило тоа не е прашање по кое ММФ воопшто требаше да заземе позиција, сѐ додека акцијата на Етиопија ѝ ја зголемуваше а не ѝ ја намалуваше способноста да го исплаќа она што го должеше – можеа да бидат консултирани и надворешни лица, за да утврдат дали акцијата навистина беше „разумна”. Но ако тоа се направеше, ќе значеше фрлање на анатема врз ММФ. Зашто многу од неговите одлуки беа донесени зад затворени врати. Практично не постоеше никаква јавна расправа за претходно споменатите прашања – ММФ ја остави отворена можноста за сомневање за тоа дека политиката на сила, посебните интереси или други скриени причини кои не се поврзани со мандатот на ММФ и неговите наведени цели во работењето влијаеја врз неговите институционални политики и нивното спроведување.

Тешко е дури и за институција од средна големина како ММФ да има големи познавања за секоја национална економија во светот. Едни од најдобрите економисти во ММФ беа назначени да работат во САД, но кога јас работев како претседавач на Советот на економските советници, често имав чувство дека ограниченото познавање на состојбите во американската економија од страна на ММФ го водеше кон донесување на погрешни препораки во врска со економските политики за Америка. На пример, економистите во ММФ мислеа дека инфлацијата ќе почне да расте во САД во оној момент кога невработеноста ќе падне под 6%. Во Советот нашите модели кажуваа дека тие не беа во право, но тие не беа особено заинтересирани за нашите резултати. Ние бевме во право, а ММФ грешеше: невработеноста во САД падна под 4%, а инфлацијата сѐ уште не се покачи. Базирано на нивните погрешни анализи на американската економија, економистите од ММФ излегоа со препораки кои даваа погрешни насоки во врска со економските политики: да се покачат каматните стапки. За среќа, Федералните Резерви ги игнорираа препораките на ММФ. Другите земји не можеа да ги игнорираат толку лесно.

Но за ММФ недостигот од детални познавања е од помало значење, поради тенденцијата на ММФ приодот кон проблемите да биде во стилот „еден лек за сите болести”. Проблемите во врска со овој приод стануваат посебно акутни кога истиот ќе се соочи со предизвиците на економиите во развој и транзиционите економии. Институцијата реално не поседува стручност во областа на развојот – нејзиниот првичен мандат е, како што реков, да ја поддржува глобалната економска стабилност, а не да работи на намалување на сиромаштијата во земјите во развој – сепак таа не се двоуми да се испроба, и тоа сериозно, во областа на развојните прашања. Развојните прашања се сложени. Во многу аспекти, земјите во развој се соочуваат со далеку повеќе тешкотии од повеќе развиените земји. Ова е поради тоа што во земјите во развој пазарите најчесто се отсутни, а и кога се присутни најчесто функционираат несовршено. Информациони проблеми има многу, а културните обичаи можат значајно да влијаат врз економското поведение.

За жал, многу често претходната обука не ги подготвува добро макроекономистите за проблемите со кои тие мора да се соочат во земјите во развој. Во некои од универзитетите од кои ММФ редовно регрутира кадри, основна претпоставка врз која се градат економските модели е дека не постои невработеност. Конечно, во стандардниот компетитивен модел – модел кој го нагласува пазарниот фундаментализам на ММФ – побарувачката секогаш е еднаква на понудата. Ако побарувачката за труд е еднаква на понудата, тогаш не постои никаква недоброволна невработеност. Оној кој не работи очигледно избрал да не работи. Според ова објаснување, невработеноста за време на Големата депресија, кога еден од четири луѓе беше без работа, би била резултат на ненадејниот пораст на желбата на работниците за повеќе слободно време. Би можело да биде од некаков интерес за психолозите прашањето зошто се појави оваа ненадејна промена во желбата за слободно време, или зошто оние кои би требало да уживаат во ова слободно време делуваа толку несреќно, но според стандардниот модел овие прашања одеа вон опфатот на економската наука. Додека овие модели можеа да понудат мала разонода во рамките на академијата, тие делуваа посебно несоодветни за да ги разберат проблемите на земја како Јужна Африка, која беше измачувана од невработеност со стапки кои ја надминуваа бројката од 25 проценти од укинувањето на апартхејдот.

Економистите на ММФ, се разбира, не можеа да го игнорираат постоењето на невработеноста. Бидејќи според пазарниот фундаментализам – во кој, по претпоставка, пазарите функционираат совршено, а побарувачката за труд мора да е еднаква на понудата исто како за секое останато добро или фактор на производство – не може да постои невработеност, проблемот не може да се лоцира во пазарите. Тој мора да лежи некаде на други места – во алчните синдикати и политичари кои се мешаат во работењето на слободните пазари, барајќи – и добивајќи – претерано високи надници. Оттука произлегува очигледна препорака во врска со политиката што треба да се примени – ако постои невработеност, тогаш треба да се намалат платите.

Но дури и ако обуката на типичниот макроекономист од ММФ беше посоодветна на проблемите на земјите во развој, невообичаено е мисија на ММФ, со тринеделен престој во Адис Абеба, главниот град на Етиопија, или во која било друга земја во развој, навистина да може да развие соодветни политики за таа земја. Многу посоодветно е ваквите политики да бидат стручно изработени од страна на високообразовани, првокласни економисти кои веќе престојуваат во земјата, кои се длабоко запознаени со нејзините проблеми и кои катадневно работат на решавање на нејзините проблеми. Аутсајдерите можат да играат одредена улога во пренесувањето на искуствата на другите земји и во нудењето на алтернативни интерпретации на економските сили кои се во игра. Но ММФ не сакаше да ја игра незначајната улога на советник, натпреварувајќи се со останатите кои би можеле да понудат и свои идеи. Тој сакаше поцентрална улога во формирањето на политиката. А тоа можеше да го направи поради тоа што неговата позиција беше базирана на идеологијата – пазарен фундаментализам – која налагаше мала, ако воопшто постоеше и некаква, обѕирност кон посебните услови во кои се наоѓа земјата и нејзините актуелни проблеми. Економистите од ММФ можеа да ги игнорираат краткорочните ефекти кои би можеле да произлезат од примената на нивните политики врз земјата, содржани во верувањето дека на долг рок земјата ќе ги почувствува позитивните ефекти; какви и да било краткорочни негативни ефекти единствено би претставувале страдање кое е неизбежно како дел од процесот. Растечките каматни стапки денес би можеле да водат кон гладување, но пазарната ефикасност налага слободни пазари и конечно ефикасноста води кон економски раст, од кој пак сите имаат корист. Страдањето и болката станаа дел од тој процес на спасување, доказ дека земјата се наоѓа на вистинскиот пат. Според менe, понекогаш болката е неопходна, но таа не е вредност сама по себе. Добро конципираните политики често можат да го избегнат поголемиот дел од страдањето; а некои видови на страдање – на пример, бедата предизвикана од грубото кратење на субвенциите за храна што води кон кревање на бунт, улично насилство и распаѓање на општественото ткиво – се контрапродуктивни.

ММФ направи добра работа од убедувањето на многумина дека неговите политики водени од идеолошки побуди се неопходни ако земјите сакаат да напредуваат на долг рок. Економистите секогаш се фокусираат на важноста на штедењето, а ММФ секогаш за себе вели дека е заговорник на концептот на штедењето: земјите не можат да живеат трошејќи повеќе отколку што произведуваат, во недоглед. Но, секако дека не е потребна софистицирана финансиска институција во која работат економисти со докторати за да ѝ каже на една земја дека треба да ги ограничи своите трошења соодветно на своите приходи. Но реформските програми на ММФ одат многу подалеку од тоа едноставно да се осигурат дека земјите живеат во рамките на своите средства.

ПОСТОЈАТ АЛТЕРНАТИВИ на овие програми во стилот на ММФ, други програми кои би можеле да содржат едно разумно ниво на жртвување, кои не се базирани на пазарниот фундаментализам, програми кои веќе имале позитивни резултати. Добар пример е Боцвана, сместена 2.300 милји јужно од Етиопија, мала држава со 1,5 милиони жители, која успеа да воспостави стабилна демократија од денот на својата независност.

Во времето кога Боцвана стана целосно независна во 1966 година таа беше очајно сиромашна земја, како Етиопија и најголемиот број други држави во Африка, со годишен национален доход од 100 $ по глава на жител. Таа исто така беше претежно земјоделска земја, имаше недостаток на водни ресурси и неразвиена инфраструктура. Но Боцвана е една од успешните приказни во поглед на економскиот развој. Иако земјата сега страда од беснеењето на сидата на својата територија, таа оствари просечна стапка на пораст на економијата од повеќе од 7,5 проценти во периодот од 1961 до 1997 година.

Предност на Боцвана беше тоа што беше богата со дијаманти, но земји како Република Конго (порано Заир), Нигерија и Сиера Леоне исто така беа богати со ресурси. Во овие земји, богатството кое се создаваше од ова изобилство ја разгоруваше корупцијата и ги намножуваше привилегираните елити кои се впуштаа во смртоносни битки за контрола на богатството на секоја од овие земји. Успехот на Боцвана се должеше на нејзината способност да го зачува политичкиот консензус, базиран на едно пошироко чувство за национално единство. Тој политички консензус, неопходен за секој применлив општествен договор помеѓу владата и граѓаните, беше внимателно воспоставен од страна на владата, во соработка со странски советници, од разни јавни институции и приватни фондации вклучувајќи ја и „Фордовата фондација“. Советниците ѝ помогнаа на Боцвана да изработи програма за иднината на земјата. За разлика од ММФ, кој претежно работи со министерството за финансии и централните банки, советниците отворено и искрено ги објаснија нивните политики и паралелно работеа со владата за да ја добијат поддршката од јавноста за програмите и политиките. Тие ја разгледуваа програмата со високи државни функционери на Боцвана, вклучувајќи ги и министрите од владата и членовите на парламентот, со отворени семинари како и со тет-а-тет средби.

Дел од причината за овој успех беше тоа што претпоставените во владата на Боцвана посветија големо внимание во изборот на нивните советници. Кога ММФ ѝ се понуди на Банката на Боцвана да ѝ обезбеди заменик гувернер, Банката на Боцвана автоматски тоа не го прифати. Гувернерот на Банката долета до Вашингтон за да направи интервју со него. Испадна дека тој одлично ја работеше својата работа. Се разбира, ниеден успех не може да помине без дамка. Во друга прилика, Банката на Боцвана му дозволи на ММФ да назначи директор за развој по свој избор и тоа испадна, барем според видувањето на многумина, далеку понеуспешно.

Разликите во тоа како двете организации му приоѓаа на развојните прашања се гледаа не само во изведувањето. Додека ММФ е оцрнет речиси секаде низ земјите во развој, срдечниот однос кој беше создаден помеѓу Боцвана и нејзините советници беше симболизиран со доделувањето на највисокиот медал на таа земја на Стив Луис, кој во времето кога ја советуваше Боцвана беше професор по економија на развојот на „Вилијамс“. (Подоцна тој стана претседател на Колеџот „Карлетон“).

Тој суштински консензус беше загрозен пред две децении кога Боцвана имаше економска криза. Сушата го загрозуваше опстанокот на многу луѓе кои одгледуваа добиток, а проблемите во индустријата за дијаманти ги оптоварија буџетот на земјата и нејзината надворешно-трговска позиција. Боцвана страдаше токму од онаква криза на ликвидност за каква што првично беше создаден ММФ да се справува – криза која можеше да биде олеснета со финансирање на дефицитот со цел да се попречи рецесијата и тешкотиите. Како и да е, додека тоа можеби и беше намерата на Кејнз кога вршеше притисок за создавање на ММФ, институцијата сега не се гледа себеси како финансиер на дефицити, посветена на поддржување на економиите кон полна вработеност. Наместо тоа, таа ја зазеде предкејнзијанската позиција на фискална строгост во услови кога претстои економски пад, одобрувајќи фондови само ако земјата што позајмува се согласи со погледите на ММФ во врска со соодветната економска политика, која речиси секогаш инкорпорира одредени контракциони политики кои водат кон рецесии или нешто уште полошо. Боцвана, препознавајќи ја нестабилноста на нејзините два главни сектори, сточарството и ископувањето на дијаманти, мудро си стави настрана резервни фондови токму за криза од ваков тип. Гледајќи како нејзините резерви се намалуваат, таа знаеше дека ќе мора да преземе понатамошни мерки. Боцвана го стегна ременот, се созеде и се извлече од кризата. Но поради широките познавања на економските политики кои беа развиени низ годините и консензуалниот пристап кон креирањето на политиката, строгоста не предизвика такви поделби во општеството какви што се случуваа толку често насекаде каде ММФ реализираше свои програми. Под претпоставка ММФ да го направеше она што требаше да го прави – да обезбедува финансиски средства по кратка постапка на земјите со добри економски политики во време на кризи, без да изнаоѓа услови кои ќе ги наметнува – земјата ќе беше способна да го изоди својот пат низ кризата дури и со помало страдање. (Прилично смешно, на мисијата на ММФ која пристигна во 1981 година ѝ беше многу тешко да наметнува нови услови, затоа што Боцвана веќе направи многу од работите кои таа инсистираше да се направат). Оттогаш, Боцвана не се има обратено кај ММФ за помош.

Помошта на надворешните советници – независни од меѓународните финансиски институции – имаше улога во успехот на Боцвана дури и порано. Боцвана немаше да постигне толкав успех каков што реализираше ако го одржеше нејзиниот првичен договор со јужноафриканскиот картел за дијаманти. Нешто по независноста во 1969 година, картелот ѝ плати на Боцвана 20 милиони $ за концесија над наоѓалиштата со дијаманти, инвестиција која, како што се дознава, носеше профит од 60 милиони $ годишно. Со други зборови, периодот на враќање беше четири месеци! Еден исклучителен и посветен адвокат, испратен како поддршка на владата на Боцвана од Светската Банка, силно се залагаше за повторно разгледување и преговарање за да се договори поголема цена во договорот, на големо вчудовидување на рударските интересни групи. „Де Бирс“ (јужноафриканскиот дијамантски картел) се обиде да ги убеди луѓето дека Боцвана станала алчна. Тие ја употребија целата политичка моќ што можеа да ја употребат во Светската Банка за да го спречат. На крајот успеаја да извлечат писмо од Светската Банка во кое јасно се кажуваше дека адвокатот не зборува во име на Банката. Одговорот на Боцвана беше следен: токму заради тоа ние го слушаме. На крајот, откривањето на вториот по големина рудник со дијаманти ѝ даде на Боцвана можност повторно да преговара за целиот аранжман. Новиот договор досега добро ѝ служеше на интересите на Боцвана и овозможи Боцвана и „Де Бирс“ да одржуваат добри односи.

Етиопија и Боцвана се типични за предизвиците со кои се соочуваат поуспешните држави на Африка денес: земји со водачи посветени на добробитта на нивните граѓани, земји со кревки и во некои случаи несовршени демократии, кои се обидуваат да создадат нова реалност за нивниот народ од урнатините на колонијалното наследство кое ги остави без институции или човечки ресурси. Двете земји исто така се типични за контрастите кои се забележливи за земјите во развој: контрастите помеѓу богатите и сиромашните, помеѓу надежите и реалноста, помеѓу она што е и она што можеше да биде.

ЈАС СТАНАВ СВЕСЕН за овој контраст кога за прв пат отидов во Кенија во доцните 1960-ти. Забележав богата и плодна земја, додека голем дел од најплодната земја сѐ уште беше во сопственост на старите колонијални доселеници. Кога пристигнав, колонијалните службеници сѐ уште беа таму; сега беа нарекувани советници.

Следејќи го развојот на настаните во Источна Африка во годините што следуваа и по неколкуте повторни посети по моето назначување за главен економист во Светската Банка, разликата помеѓу желбите во 1960-те и подоцнежниот развој на настаните беше шокирачка. Првиот пат кога отидов, во воздухот се слушаа зборовите uhuru, што на јазикот свахили значеше слобода и ujama што значеше самопомош. Кога се вратив, во владините канцеларии беа вработени Кенијци кои добро зборуваа и беа добро обучени; но економијата со години тонеше. Некои од проблемите – навидум нескротливата корупција – беа од домашно потекло. Но за високите каматни стапки, кои беа резултат на уважувањето на советите на ММФ, исто како и некои други проблеми, со право би можеле, барем делумно, да бидат обвинети странците.

Уганда ја имаше почнато транзицијата можеби во подобра форма од останатите, таа беше земја релативно богата со одгледувачи на кафе, но ѝ недостигаа обучени домашни административци и лидери. Британците дозволија само двајца Африканци да напредуваат и да го достигнат нивото главен наредник во нивната војска. Еден од нив, за несреќа, беше Угандиецот наречен Иди Амин, кој подоцна стана генерал Амин во армијата на Уганда и го симна од власт премиерот Милтон Оботе во 1971 година. (Амин уживаше одредено ниво доверба кај Британците благодарение на неговата служба во Африканските пушки на Кралот за време на Втората светска војна, како и во британската борба за задушување на бунтот на Мау-Мау во Кенија.) Амин ја претвори земјата во кланица; околу 300.000 луѓе беа убиени поради тоа што беа сметани за опоненти на „Вечниот претседател” – како што Амин се прогласи себеси во 1976 година. Царувањето на теророт промовирано од најверојатно психопатскиот диктатор заврши дури во 1979 година, кога тој беше соборен од прогонетите Угандијци и силите од соседна Танзанија. Денес, земјата е на пат да се опорави, водена од харизматичниот водач Јовери Мусевини, кој спроведе значајни реформи со забележителен успех, намалувајќи ја неписменоста и ширењето на сидата. А, тој е исто онолку интересен кога зборува за политичка филозофија колку што е интересен и кога зборува за развојни стратегии.

НО ММФ не е посебно заинтересиран да ги чуе размислувањата на своите „држави – клиенти” на теми како што се стратегиите за развој или пак фискалната строгост. Многу често во односот на Фондот кон земјите во развој се чувствува манирот на колонијалниот владетел. Велат дека една слика вреди илјадници зборови, а една таква направена во 1998 година, прикажана низ целиот свет, се врежа во главите на илјадници луѓе низ целиот свет а посебно кај луѓето во поранешните колонии. Генералниот директор на ММФ, Мишел Камдеси (на првиот човек во ММФ му се обраќаат со „генерален директор”), низок, елегантно облечен поранешен француски бирократ од Францускиот трезор, кој некогаш за себе тврдеше дека е социјалист, стои со строг израз на лицето и прекрстени раце над Претседателот на Индонезија, кој е седнат и понижен. Несреќниот претседател всушност беше принуден да го отстапи економскиот суверенитет на неговата земја на ММФ во замена за помошта која му беше потребна на неговата земја. На крајот, иронично, голем дел од парите се потрошија не за помош на Индонезија, туку за да им се дадe финансиска поддршка на кредиторите од приватниот сектор кои доаѓаа од „колонијалните сили”. (Официјално, „церемонијата” беше посветена на потпишувањето на писмото за согласност, писмо кое во суштина беше диктирано од ММФ, иако сѐ уште беше присутно преправањето дека писмото со намери доаѓаше од владата на земјата!).

Оние што го бранеа Камдеси истакнуваа дека фотографијата не беше фер, дека тој не знаел дека е фотографиран и дека таа беше прикажана надвор од контекст. Но во тоа е и поентата – во секојдневните интеракции, надвор од опфатот на камерите и репортерите, бирократите во ММФ заземаат точно ваков став, почнувајќи од лидерот на организацијата па надолу. Кај оние во земјите во развој, сликата покрена многу вознемирувачко прашање: дали нештата навистина се променија од „официјалното” окончување на колонијализмот пред половина век? Кога ја видов фотографијата, низ глава ми поминаа слики од други потпишувања на „договори”. Се запрашав колку оваа сцена беше слична со оние сцени кои го означуваа „отворањето на Јапонија”со политиката на сила на адмиралот Пери или крајот на Опиумските војни или пак предавањето на махараџите во Индија.

Ставот на ММФ, како и ставот на нејзиниот водач, беше јасен: таа беше фонтаната на мудроста, лиферант на ортодоксија која е премногу рафинирана за да биде разбрана од оние кои живеат во земјите во развој. Пораката која се испраќаше, многу често, беше јасна: во најдобрите случаи постоеше одредена елита – министерот за финансии или гувернерот на централната банка – со кој Фондот би можел да има значаен дијалог. Надвор од овој круг, не постоеше смисла ниту да се обидете да разговарате.

Пред четврт век, оние во земјите во развој со право можеа да им искажат некакво почитување на „експертите”од ММФ. Но онака како што настана промена во воената рамнотежа на силите, уште подраматична беше промената во интелектуалната рамнотежа на силите. Земјите во развој сега имаат сопствени економисти – многу од нив обучени во најдобрите академски институции во светот. Овие економисти имаат значајна предност од аспект на долгогодишната запознаеност со локалната политика, условите и трендовите. ММФ е како многуте други бирократии; таа постојано настојуваше да го прошири полето на своето дејствување, надвор од целите кои првично ѝ беа поставени. Онака како што ММФ постепено ползејќи, чекор по чекор, својата мисија и стручност ја пренесе надвор од областа на макроекономијата, кон структурните прашања, како што се приватизацијата, пазарите на труд, пензиските реформи и така натаму, а исто така и во пошироките области на развојните стратегии, така интелектуалната рамнотежа на моќта стана уште поискривена.

Се разбира, ММФ тврди дека никогаш не диктира, туку секогаш преговара за условите на кој било договор за позајмување со земјата-позајмувач. Но тоа се еднострани преговори во кои целата моќ се наоѓа во рацете на ММФ, претежно поради тоа што многу земји кои бараат помош од ММФ имаат неодложна потреба за финансиски средства. Иако ова го видов многу јасно во Етиопија и во останатите земји во развој во кои бев инволвиран, истото го забележав за време на мојата посета на Јужна Кореја во декември 1997 година, кога кризата во Источна Азија земаше замав. Економистите во Јужна Кореја знаеја дека политиките за кои нивната земја се притиска да ги спроведе ќе имаат ужасен ефект. Додека, ретроспективно, дури и ММФ се согласи дека наметнала претерана фискална строгост, во перспектива, само неколку економисти (надвор од ММФ) мислеа дека политиката има смисла.[2] Сепак, официјалните лица на Јужна Кореја од областа на економијата останаа молчаливи. Се прашував зошто тие не кажуваа ниту збор, но од официјални лица од владата не добив одговор сѐ до мојата подоцнежна посета по две години, кога корејанската економија се опорави. Одговорот беше онаков каков што, цело време, се сомневав дека ќе биде со оглед на моите претходните искуства. Корејските официјални лица неволно објаснија дека беа исплашени отворено да се спротивстават. ММФ можеше не само да ѝ го скрати пристапот кон сопствените фондови, туку исто така да ги искористи неговите силеџиски проповеди со цел да ги обесхрабри инвестициите од приватните пазарни фондови, кажувајќи им на финансиските институции од приватниот сектор за сомнежите што институцијата ги има во врска со корејската економија. И така, Кореја немаше избор. Дури и индиректната критика од страна на Кореја врз програмата на ММФ можеше да има катастрофален ефект: за ММФ тоа ќе сугерираше дека владата целосно не ја разбрала „економијата на ММФ”, дека има сомнежи, правејќи ја помала веројатноста дека навистина ќе ја спроведе програмата. (ММФ имаше посебна фраза со која ги опишуваше ваквите ситуации: земјата „застрани од вистинскиот пат”. Постои само еден „вистински” пат, и секое застранување од тој пат е знак за застој кој допрва ќе се случи). Јавното објавување од страна на ММФ дека преговорите се неуспешни, дури и дека се одложени, би пратило високо негативен сигнал кон пазарите. Овој сигнал во најдобар случај би водел кон зголемени каматни стапки, а во најлош случај би водел кон целосна отсеченост од приватните фондови. Уште посериозно за некои од посиромашните земји, кои и така имаат ограничен пристап кон приватните фондови, е тоа што останатите донатори (Светската Банка, Европската Унија и многу други земји) пристапот до нивните фондови го условуваат со согласноста на ММФ. Неодамнешните иницијативи за намалување на задолженоста всушност на ММФ му дадоа уште повеќе моќ, затоа што ако ММФ не ја одобреше политиката на земјата, немаше да има намалување на задолженоста. Ова му дава на ММФ огромна сила, а ММФ тоа многу добро тоа го знае.

Неурамнотеженоста на моќта помеѓу ММФ и „клиентските држави” неизбежно креира тензија помеѓу нив, но однесувањето на ММФ во преговорите ја влошуваше и онака тешката ситуација. Диктирајќи ги условите во договорите, ММФ ефективно ја задушува каква и да било дискусија во рамките на владата на клиентската држава – да ја оставиме настрана пошироката дискусија во рамките на државата – во врска со алтернативните економски политики. Во време на кризи, ММФ би го бранел своето гледиште велејќи дека едноставно би немало доволно време. Но неговото однесување не беше многу поразлично без разлика дали имаше или немаше криза. Гледиштето на ММФ беше едноставно: прашањата, посебно кога се покренуваат гласно и отворено, ќе бидат доживувани како предизвик за неповредливоста на ортодоксијата. Ако се прифатат, тие би можеле дури и да го потценат неговиот авторитет и кредибилитет. Владините лидери го знаеја ова и дадоа сигнал: тие можат да се расправаат далеку од очите на јавноста, но не и јавно. Изгледите да се модифицираат ставовите на Фондот беа незначителни, додека пак шансите да ги разлутиш лидерите на Фондот и да ги испровоцираш да заземат поцврста позиција за некои други прашања беше далеку поголема. А, ако тие беа налутени или гневни, ММФ можеше да го одложи одобрувањето на заемите – страшна перспектива за земја која се соочува со криза. Но фактот што владините официјални лица делуваа дека се согласни со препораките на ММФ не значеше дека тие навистина се согласуваат. А ММФ го знаеше тоа.

Дури и по еден површен поглед врз условите наведени во еден типичен договор помеѓу ММФ и земјите во развој ќе се забележи недоверба помеѓу Фондот и примателите на помош. Персоналот на ММФ го набљудуваше напредокот, но не само релевантните показатели за солиден макроменаџмент – инфлацијата, економскиот раст и невработеноста – туку и посредните варијабли, како понудата на пари, кои многу често беа само лабаво поврзани со варијаблите од краен интерес. На земјите им беа дадени конкретни таргети – што би требало да биде завршено за триесет дена, за шеесет дена, за деведесет дена. Во некои случаи договорите наведуваа кои закони парламентот на земјата треба да ги донесе со цел да се исполнат барањата на ММФ или „целите” – и во кој временски рок.

Овие барања се познати како „услови”, а „политиката на условеност” е жешко дебатирана тема во земјите во развој. Се разбира, во секој документ за позајмување се утврдени основните услови. Најмалку, во еден договор за позајмување пишува дека заемот се одобрува под услов тој да биде исплатен, вообичаено со вграден временски распоред. Најголемиот број од заемите наложуваат услови креирани со цел да се зголеми веројатноста истите да бидат вратени. „Условеноста” се однесува на посилните услови, оние кои често го претвораат заемот во инструмент на политиката. Ако, на пример, ММФ сака земјата да ги либерализира финансиските пазари, таа би можела да го исплаќа заемот на рати, врзувајќи го одобрувањето на последователните рати со верифицирани чекори кон либерализацијата. Јас лично верувам дека условеноста, барем во оној манир и опфат во кој се користи од страна на ММФ е лоша идеја; постојат малку докази дека таа води кон подобрување на економската политика, напротив таа има неповолни политички ефекти, бидејќи земјите негодуваат кога им се наметнати услови кон кои мора да се придржуваат. Некои ја бранат политиката на условеност велејќи дека секој банкар им поставува услови на позајмувачите на пари, со цел да ја зголеми веројатноста дека заемот ќе биде отплатен. Но условеноста наметната од ММФ и Светската Банка беше многу поинаква. Во некои случаи таа дури и ја намалуваше веројатноста дека заемот ќе биде отплатен.

На пример, условите кои би можеле да ја ослабат економијата на краток рок, без разлика кои се нивните користи на долг рок, го носат ризикот од влошување на економскиот пад и така отежнувајќи ѝ на земјата да ги отплати краткорочните заеми од ММФ. Елиминирањето на трговските бариери, монополите и на даночните неправилности можат да го зголемат економскиот раст на долг рок, но потресите во економијата, во процесот на нејзиното тежнеење да се приспособи, можат само да го продлабочат нејзиниот пад.

Додека условеностите не би можеле да се оправдаат како одговорност доверена на Фондот, тие би можеле да бидат оправдани во поглед на тоа што би можело да биде воочено како негова морална одговорност, негова обврска да направи сѐ што може за да ја зајакне економијата на земјите што му се обратиле за помош. Но опасноста беше во тоа што дури и кога тоа беше добронамерно, огромниот број на услови – во некои случаи и над сто, секој со свој сопствен строг временски распоред – на земјата ѝ го одвлекуваа вниманието од централните проблеми што ја притискаа.

Условите отидоа над подрачјето на економијата во области кои по правило влегуваат во доменот на политиката. Во случајот на Кореја, на пример, договорите за заем вклучуваа промена на повелбата за основање на Централната банка, за да се направи помалку зависна од политичките процеси, иако постоеја недоволно докази за тоа дека земјите со поголема независност на своите банки остваруваат побрз раст[3] или имаат помалку или поповршни флуктуации. Постои широкораспростането чувство дека независната Европска Централна Банка го влоши европското економско забавување во 2001 година, поради нејзиното реагирање раздразливо, во детски манир, на нормалните политички загрижености во врска со растечката невработеност. Само за да покаже дека е независна, таа не дозволи каматните стапки да се намалат и никој не можеше да стори ништо во врска со тоа. Проблемите произлегоа делумно од тоа што Европската Централна Банка има мандат да се фокусира на инфлацијата, политика која ММФ ја застапува низ целиот свет, но тоа е политика која може да го задуши економскиот раст или да го влоши економскиот пад. Во средината на кризата во Кореја, на Централната Банка на Кореја ѝ беше кажано не само да биде понезависна, туку и да се фокусира единствено кон инфлацијата, иако Кореја немаше проблем со инфлацијата и не постоеше причина да се верува дека евентуалното лошо раководење со монетарната политика ја предизвика кризата. ММФ едноставно ја искористи можноста која му ја даде кризата за да ја истурка својата политичка агенда. Кога во Сеул го прашав тимот на ММФ зошто го прават ова, одговорот ме шокираше (иако во тоа време тоа не требаше да ме вчудовиди): ние секогаш инсистираме земјите да имаат независна централна банка која ќе се фокусира на инфлацијата. Ова беше прашање кое јас силно ме засегаше. Кога бев главен економски советник на претседателот, ние се противевме на обидот на Сенаторот Кони Мек од Флорида да се смени повелбата за основање на американската централна банка со што нејзината активност би се насочила единствено кон прашањата поврзани со инфлацијата. ФЕД, американската централна банка има мандат да се фокусира не само на инфлацијата, туку и на вработеноста и економскиот раст. Претседателот се спротивстави на промената и ние знаевме дека, ако не друго, американскиот народ мислеше дека ФЕД и досега премногу се фокусираше на инфлацијата. Претседателот јасно кажа дека за ова прашање нема да отстапи и во оној момент кога ова се разјасни предлагачите се повлекоа. И покрај тоа, ММФ – делумно под влијание на министерството за финансии на САД – на Кореја ѝ наложуваше политички услов кој мнозинството Американци не би го прифатиле.

Понекогаш, условите делуваа како да се нешто повеќе од едноставна демонстрација на сила: во својот договор за заем од 1997 година, ММФ инсистираше да се помести датумот на отворање на пазарите на Кореја кон одредени јапонски стоки, иако ова ни случајно не можеше да ѝ помогне на Кореја да ги адресира проблемите во врска со кризата. За некои, овие акции претставуваа „искористување на отворената прилика”, користејќи ја кризата за да се протуркаат промени за кои ММФ и Светска Банка одамна притискаа; но за другите ова беа едноставно акти на чиста политичка моќ, изнудување на отстапка со мало значење, само колку да се покаже кој е главен.

Додека условеноста, реално, предизвика огорченост, таа не успеа да го поттикне развојот. Студиите во рамките на Светската Банка и во други институции покажаа дека политиката на условеност не само што не осигури дека парите ќе бидат добро потрошени и дека земјите ќе остваруваат подинамични стапки на раст, туку дека не постојат значајни докази дека таа навистина функционира. Добрите политики не можат да се купат.

ПОСТОЈАТ НЕКОЛКУ причини за неуспехот на политиката на условеност. Наједноставната е поврзана со економскиот основен поим на пренаменување, кој едноставно се однесува на фактот што парите наменети за една цел ослободуваат други пари за некоја друга намена. Крајното дејство може да нема никаква врска со посакуваната цел. Дури и ако се наметнуваат услови кои обезбедуваат конкретно овој заем да се искористи правилно, заемот ослободува ресурси и на други места коишто можеби ќе се искористат добро а можеби и не. Една земја може да има два проекти за изградба на патишта, со едниот на претседателот му се олеснува пристапот до неговата летна викендичка, а со другиот проект ќе им се овозможи на голема група фармери да ги довезуваат нивните производи кон соседните транспортни точки. Земјата може да има финансиски средства само за еден од двата проекти. Банката би можела да инсистира нејзините пари да се потрошат за проектот кој го зголемува приходот на сиромашните кои живеат во руралните подрачја; но со самото обезбедување на парите, таа ѝ овозможува на владата да го финансира другиот проект.

Постоеја и други причини зошто политиката на условеност на Фондот не го зголеми економскиот раст. Во некои случаи, се работеше за поставување на погрешни услови: либерализацијата на финансиските пазари во Кенија и фискалната строгост во Источна Азија имаа неповолни ефекти врз земјите. Во други случаи, начинот на кој политиката на условеност беше наметната ги направи условите политички неодржливи; кога ќе дојдеше на власт нова влада тие услови се отфрлаа. Таквите услови се доживуваа како наметнување од страна на новата колонијална сила врз суверенитетот на земјата. Политиките не можеа да ја издржат непостојаноста и променливоста на политичкиот процес. Имаше извесна иронија во ставот на ММФ. Тој се обиде да се преправа дека се работеше за политика која доаѓаше од повисоки инстанци, иако јасно беше дека неговата програма за позајмување беше, донекаде, водена од политиката. ММФ направи проблем од корупцијата во Кенија и ја стави во мирување релативно скромната програма за позајмување во голема мера поради корупцијата на која беше сведок таму. Од друга страна пак го одржа протокот на милијарди долари кон Индонезија и Русија. За некои, се чинеше дека додека Фондот не ја забележуваше кражбата од големи размери, тој зазеде цврст став во врска со ситната кражба. Тој не требаше да биде поблаг со Кенија – кражбата беше голема ако се земе предвид големината на економијата; тој требаше да биде построг со Русија. Работата не е само во тоа дали е во прашање правичноста или доследноста; светот е неправедно место, и никој реално не очекуваше ММФ еднакво да третира нуклеарна сила со една сиромашна африканска држава со мало стратегиско значење. Поентата беше далеку поедноставна: одлуките за позајмување беа политички – а политичките одлуки многу често беа вградени во советите на ММФ. ММФ вршеше притисок за приватизација делумно зашто веруваше дека владите не можат, во управувањето со претпријатијата, да се воздржат од политички притисоци. Самото сознание дека некој може да ја оддели економијата од политиката, или, во пошироки рамки, од разбирањето на општеството, ја илустрираше тесноградоста на гледиштето. Ако политиките наметнати од позајмувачите предизвикуваат немири, како што се случуваше од една држава во друга, тогаш економските услови се влошуваат, паралелно со одливот на капитал и загриженоста на бизнисите во врска со дополнителното инвестирање на нивните пари. Ваквите политики не се рецепт за успешен развој ниту пак за економска стабилност.

Жалбите во врска со наметнувањето на услови од страна на ММФ се проширија од тоа кои услови се поставуваат и како тие се наметнуваат, кон начинот на нивното пристигнување. Стандардната процедура на ММФ пред да ја посети земјата – клиент се состои најпрво во пишување на нацрт извештај. Посетата се предвидува само со цел извештајот да се досреди заедно со препораките содржани во него, и да пронајдат евентуални забележливи грешки. Во практика, нацрт извештајот често претставува она што е познато како котларски лим, со цели параграфи преземени од одреден извештај за една земја и вметнати во извештај за некоја друга земја. Word процесорите ова го прават полесно. Една можеби неверодостојна приказна кажува дека во една прилика word процесорот не успеа да ја изврши операцијата „пребарај и замени” и така името на земјата од која извештајот беше позајмен речиси во потполност остана во циркуларниот документ. Тешко е да се знае дали ова се случи само еднаш, под притисок на времето, но наводниот пропуст во очите на многумина само го потврди имиџот на извештаите изработени во стилот „еден лек за сите болести”.

Дури и земјите што не позајмуваат пари од ММФ можат да бидат изложени на неговите ставови и погледи. Фондот не ги наметнува своите погледи низ светот само преку политиката на условеност. ММФ има годишни консултации со секоја земја во светот. Консултациите наречени ‘член 4’ консултации, според членот од повелбата кој нив ги одобрува, треба да осигураат дека секоја земја се придржува до членовите од договорот со кој е формиран ММФ (во основа, треба да се обезбеди конвертибилноста на девизните курсеви за трговски цели). Проширувањето на мисијата влијаеше врз овој извештај како и врз другите аспекти на активностите на ММФ: вистинските член 4 консултации се само мал дел од целиот надзорен процес. Извештајот, реално, претставува оценување на националната економија од страна на ММФ.

Додека малите држави најчесто мора да ги слушаат оценувањата од член 4, САД и останатите земји со развиени економии во основа можат да ги игнорираат. На пример, ММФ страдаше од инфлациона параноја дури и кога САД се соочуваше со најниските стапки на инфлација во последните децении. Оттука, неговите препораки беа предвидливи: зголемете ги каматните стапки за да ја забавите економијата. ММФ едноставно не ги разбираше промените што се случуваа тогаш и за време на претходните децении во американската економија, кои ѝ овозможија во исто време да ужива побрз економски раст, помала невработеност и пониска инфлација. Доколку се следеа советите на ММФ, САД немаше да го искусат големиот процут на американската економија во 1990-те – процут кој донесе невиден просперитет и ѝ овозможи на земјата да го претвори својот огромен фискален дефицит во значителен суфицит. Намалената невработеност исто така имаше силни општествени последици – прашања на кои ММФ, насекаде, им посветуваше мало внимание. Милиони работници претходно избркани од работа беа вратени назад, со тоа намалувајќи ја сиромаштијата и ангажираноста на центрите за социјална работа со невидено темпо. Како резултат на ова се намали стапката на криминал. Сите Американци имаа корист од ова. Ниската стапка на невработеност пак ги охрабри поединците да преземаат ризици, да прифаќаат несигурни работни места; а таа подготвеност за преземање на ризици се докажа како суштинска компонента на американскиот успех во т.н. Нова економија.

САД го игнорираше советот на ММФ. Ниту Клинтоновата администрација, ниту Федералните Резерви не обрнаа големо внимание на тоа. САД можеше да го направи тоа и да помине неказнето, затоа што не зависеше од помошта на ММФ или од останатите донатори, а знаевме дека пазарот ќе му посвети онолку мало внимание на тоа колку што и ние му посветивме. Пазарот нема да нѐ казни ако не ги послушаме неговите совети ниту пак ќе нѐ награди ако ги следиме истите. Но сиромашните земји низ целиот свет немаат таква среќа. Тие ги игнорираат советите на Фондот само на свој ризик.

Постојат најмалку две причини зошто ММФ мора да изврши широки консултации во рамките на земјата во процесот на правењето на проценките и дизајнирањето на своите програми. Многу поверојатно е оние кои живеат во земјата да знаат повеќе за нејзината економија од тимовите на ММФ – како што можев многу јасно да се уверам дури и во случајот на САД. А, за да можат програмите да бидат ефективно и одржливо имплементирани, земјата мора да застане посветено зад соодветната програма врз основа на широк консензус. Таков консензус може да произлезе единствено преку дебата – и тоа онаков вид на отворена дебата која, во минатото, беше избегнувана од страна на ММФ. За да бидеме фер кон ММФ, сред криза најчесто нема време за отворена дебата, за онаков вид на сеопфатни консултации кои се потребни за да се изгради консензус. Но ММФ престојуваше во африканските земји со години. Доколку се работи за криза, тогаш тоа е тековна и постојана криза. Има време за консултации и за градење на консензус – а во неколку случаи, како во Гана, Светската Банка (додека мојот претходник, Мишел Бруно, беше главен економист) успеа во тоа и тие се вбројуваа помеѓу поуспешните случаи на макроекономска стабилизација.

Во Светската Банка, во времето кога јас бев таму, постоеше растечка убеденост дека учеството е важно, дека политиките и програмите не можат да им бидат наметнати на земјите, туку, за да бидат успешни, тие мора да имаат обврска кон истите, дека градењето на консензус е од суштинско значење, дека политиките и развојните стратегии мора да бидат приспособени кон состојбата во земјата, дека „политиката на условеност” треба да се замени со „политика на селективност”, наградувајќи ги земјите за кои се докажало дека правилно ги искористуваат средствата од фондовите со дополнителни средства од истите, имајќи доверба во нив да продолжат со правилната употреба на нивните фондови и давајќи им силни стимулации. Ова се одрази во новата реторика на Банката, силно артикулирано од страна на нејзиниот претседател, Џејмс Д. Волфенсон: „Земјата треба да биде ставена на возачкото седиште”. И покрај тоа, многу критичари велат дека овој процес нема отидено далеку и дека Банката сѐ уште очекува да ја задржи контролата. Тие се загрижени дека земјата може да се најде на возачкото седиште во возило со двојни контроли, во кое контролите всушност се во рацете на инструкторот. Промените во ставовите и оперативните процедури во Банката неизбежно ќе бидат бавни, постапувајќи со различни брзини во рамките на своите програми во различните земји. Но овде постои огромен јаз во однос на позицијата на Банката и позицијата на ММФ во врска со овие прашања, што се однесува на нивните ставови и оперативни процедури.

ММФ, колку и да сака, барем во својата јавна реторика не може да биде целосно незаинтересиран во врска со широко распространетите барања за зголемено учество на сиромашните земји во формулирањето на развојните стратегии и за тоа поголемо внимание да ѝ биде посветено на сиромаштијата. Како резултат на тоа, ММФ и Светската Банка се согласија да спроведат „партиципативни” процени на сиромаштијата со кои земјите – клиенти како прв чекор ќе им се придружат на двете институции во мерењето на големината на проблемот. Ова претставуваше можност за драматична промена на филозофијата – но се чинеше дека ММФ го одбегна неговото целосно прифаќање. Во една неодамнешна прилика, признавајќи дека Банката е онаа која би требало да ја преземе водечката улога во врска со проектите за сиромаштијата, ММФ непосредно пред да замине за да ја отпочне првичната и, теоретски, консултативната мисија во одредена земја – клиент, прати заповеднички допис до Банката во која бараше Банката веднаш да испрати нацрт план за „партиципаторната” проценка на сиромаштијата во штабот на ММФ. Некои од нас на шега коментираа дека ММФ беше збунет. Тој мислеше дека големата филозофска промена беше во тоа што во заедничките мисии на Банката и ММФ, Банката всушност ќе партиципира со толкување на она што беше напишано на хартија. Идејата граѓаните од земјите кои позајмуваат да можат исто така да учествуваат едноставно беше претерана! Приказните од овој вид ќе беа забавни да не беа длабоко загрижувачки.

Како и да е, дури и ако партиципативните процени на сиромаштијата не се совршено имплементирани, тие претставуваат чекор во вистинска насока. И покрај тоа што постои јаз помеѓу реториката и реалноста, важно е признавањето дека оние во земјите во развој мора да имаат право на глас кога се работи за нивните програми. Но ако јазот се задржи долго време или пак остане премногу голем, ќе се појави чувство на разочараност. Во некои кругови веќе се покренати сомнежи и тоа со растечки тоналитет. Додека партиципаторните процени на сиромаштијата предизвикаа далеку поголема јавна дискусија, поголема партиципација за разлика од претходно, во многу земји очекувањата од партиципативноста и отвореноста не беа целосно реализирани и во тој поглед постои растечко незадоволство.

Во САД и останатите успешни демократии граѓаните ја ценат транспарентноста, отвореноста, знаењето за тоа што работи владата, како суштински дел од она што претставува владина одговорност. Граѓаните гледаат на овие работи како на нивни права, а не како на услуги дадени од владата. Законот за слобода на информирањето од 1966 година стана важен дел од американската демократија. Во обратен случај, во стилот на дејствување на ММФ, граѓаните (жива досада поради тоа што тие многу често знаат да не покажат подготвеност да ги прифатат договорите, а да не зборуваме за разликите во перцепциите за тоа што е добра економска политика) не само што беа попречени да дискутираат за договорите; нив не им беше ниту соопштено што истите содржеа. Впрочем, преовладувачката култура на тајност беше толку силна што ММФ голем дел од преговорите и некои од договорите ги чуваше сокриени од членките на Светската Банка, дури и оние за заедничките мисии! Персоналот на ММФ даваше информации стриктно врз „мора да знаат” основа. Оваа листа беше сведена на водачот на мисијата на ММФ, неколку личности од штабот на ММФ во Вашингтон и неколку личности во владата на земјата – клиент. Моите колеги во Банката често се жалеа дека дури и оние кои партиципираа во мисијата мораа да одат во владата на земјата која „откриваше” што се случува. Во неколку прилики, се сретнав со извршните директори (титула за претставниците кои нациите ги праќаат во ММФ и Светската Банка) кои очигледно беа држени во информациски мрак.

Една неодамнешна епизода покажува колку големи можат да бидат последиците од недостигот на транспарентност. Мислењето дека земјите во развој можеби имаат незначителен глас во меѓународните економски институции е општо прифатено. Може да се отвори дебата за тоа дали ова претставува само историски анахронизам или е манифестација на реалполитиката. Но ние треба да очекуваме дека американската влада – вклучувајќи го и Конгресот на САД – ќе има свој став, барем околу тоа како гласа нејзиниот извршен директор, оној кој ги претставува САД во ММФ и Светската Банка. Во 2001 година Конгресот одобри а претседателот потпиша закон во кој се бараше САД да се спротивстави на предлозите меѓународните финансиски институции да наплаќаат надоместоци за основно училиште (практика која се одвива под навидум наивното име „трошковно опоравување”). И покрај тоа, извршниот директор на САД едноставно го игнорираше законот, а таинственоста на институциите му ја отежна работата на Конгресот – или на било кој друг – да види што се случува. Работата беше откриена само поради тоа што некој ја пушти во јавност информацијата, разбеснувајќи ги дури и оние конгресмени и жени кои беа навикнати на бирократски маневрирања.

Денес, и покрај повторувачките повици за транспарентност и отвореност, формално ММФ сѐ уште не го признава основното граѓанско право – „неговото право да знае”: не постои Закон за слобода на информирањето на кој може да се повика еден Американец или граѓанин на некоја друга држава со цел да дознае што прави оваа меѓународна јавна институција.

Да појаснам: сите овие критики во врска со начинот на работење на ММФ не значат дека парите и времето на ММФ се секогаш залудно потрошени. Во многу прилики парите имаат отидено кај влади кои имаат подготвено квалитетни политики – но не нужно поради тоа што ММФ ги имал препорачано тие политики. Понатаму, парите навистина направија промена на подобро. Понекогаш, политиката на условеност ја пренасочуваше дебатата внатре во земјата на начини кои водеа кон подобрување на политиките. Ригидните временски рамки кои ММФ ги наметнуваше доаѓаа делумно од многуте претходни искуства според кои владите ветуваа дека ќе спроведат одредени реформи, но откако ќе ги добиеја парите, истите не сакаа да ги спроведат; понекогаш, ригидните временски рамки помагаа да се засили темпото на промените. Но во најголемиот број случаи политиката на условеност не го осигуруваше ниту правилното насочување на парите ниту пак поттикна значајни, длабоки и долгорочни промени во политиката. Понекогаш, политиката на условеност беше дури и контрапродуктивна било поради тоа што политиките не беа соодветни за земјата или поради начинот на кој беа наметнувани, а кој генерираше непријателски однос кон реформскиот процес. Понекогаш, програмата на ММФ ја оставаше земјата на истото ниво на сиромаштија како и претходно, но со зголемена задолженост и со побогата владејачка елита.

Така, меѓународните институции го одбегнаа оној вид на директна одговорност која ние ја очекуваме од јавните институции во модерните демократии. Дојде време да се почне со „оценување” на перформансите на меѓународните економски институции и да се погледне во дел од програмите – за да се види колку добри или лоши резултати истите имаат остварено на полето на поттикнувањето на економскиот раст и намалувањето на сиромаштијата.


Забелешки

[1] Режимот на Менгисту се обвинува за убиството на најмалку 200.000 лица, според „Хјуман рајтс воч“, и за принудување на околу 750.000 граѓани да станат бегалци.

[2] T. Lane. A. Cihosh, J. Hamann, S. Phillips, M. Schulze-Ghattas, and T. Tsikata. “IMF-Supported Programs in Indonesia, Korea, and Thailand: A Preliminary Assessment,” Occasional Paper 178, International Monetary Fund, January 1999.

[3] Постои значителна контроверзија околу тоа дали централните банки треба или не треба да бидат понезависни. Има одредени докази (втемелени врз регресии од повеќе земји) дека стапките на инфлација може да бидат пониски, но има малку докази дека се подобруваат реалните варијабли, како растот или невработеноста. Мојата поента тука не е да ги разрешам овие спорови, туку да нагласам дека, имајќи предвид дека постои таква контроверзија, одредено гледиште не треба да ѝ биде наметнато на некоја земја.