Нашите спорни прашања

Манифест на Опозицијата на Комунистичката партија на Југославија*


Напишано: 1920
Извор: Laslo Sekelj (red.) “Revolucija nije partiska stvar: komunističke kritike boljševizma", ”Filip Višnjić” (Beograd) 1987.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2006


Втор дел [2]

ЗА ИНТЕРНАЦИОНАЛАТА

1. Вовед

Нашата партија до денес немаше чест да биде прашана како партија за интернационалната политика која сака да ја води и за организацијата на Интернационалата на која ѝ припаѓа. Таа како партија беше прост предмет и добиваше конечни и готови одлуки.

На Првиот, оснивачки конгрес во Белград 1919 логично беше единствено едно: доследно на својата дотогашна политика, да се одвоиме од Втората интернационала. Ние тогаш не знаевме што е и каква ќе биде Третата интернационала. Нашето политичко честољубие и големиот интернационален углед кој што дотогаш го уживавме, ни наложуваа да бараме активна соработка при изградбата на новата Интернационала. Наместо тоа, на Конгресот едноставно е изгласано: ние сме членови на Третата интернационала.

Дојде Вториот конгрес на таа Интернационала од 1 до 6 август оваа година во Москва. Дури на тој конгрес Третата интернационала е целосно изградена и нејзината политика е ориентирана. Нашата партија ова како да не ја засегаше. Таа не расправаше за дневниот ред на интернационалниот конгрес. Таа на својот конгрес ниту даваше мислење за организацијата на Интернационалата, ниту избираше делегати. Конгресот во Москва е одржан и нам ни се испратени заклучоците. И - “ние” примаме! “Ние” сè примаме! Веројатно нема ние да се прашуваме за Интернационалата кога за тоа водат грижа Русите!

Ние решително протестираме против ова интернационално понижување на угледот на нашата партија. Исто така протестираме против системското подмолно вовлекување на една нова политика во нашата партија без претходен разговор и одлука на партијата како целина.

Штом дознавме за одлуките донесени во Москва, на Извршниот одбор на нашата партија му го упативме овој акт:

“На Извршниот одбор на Комунистичката партија на Југославија

            Драги другари,

Нашата партија уште немаше можност да се изјасни за облиците на интернационалната борба и за интернационалната организација на пролетаријатот. Таа ѝ пристапи на Третата комунистичка интернационала во времето кога таа уште не беше изградена. За тоа како таа треба да биде организациски изградена и како треба да биде ориентирана нејзината политика, постоеја, и денес постојат, различни мислења во нашата партија.

Задача на Вториот конгрес на Интернационалата беше да донесе статут и да ја утврди општата интернационална политика. Должност на нашата партија како член на таа Интернационала беше на својот конгрес да донесе одлуки за најважните прашања кои ќе бидат на дневен ред на интернационалниот конгрес, да избере делегати за тој конгрес и да им даде некои упатства. Тоа нашата партија не го направи. Ние бевме претставени на интернационалниот конгрес без никакви упатства на нашата партиска целина што мисли за интернационалната организација на пролетаријатот.

На Вториот конгрес на Комунистичката интернационала во Москва беа донесени многу важни заклучоци. Кога веќе немавме можност да соработуваме во врска со ова дело, како што би доликувало на една сериозна и честољубива партија, тогаш барем како членови на партијата бараме да бидат објавени одлуките на Вториот конгрес на Комунистичката интернационала во целиот наш партиски печат и во врска со нив да се отвори слободна дискусија во партиските организации и во партискиот печат. На оваа дискусија треба да и' биде цел сите членови на партијата добро да се запознаат со оној карактер на Комунистичката интернационала кој што и' е даден со одлуките на Вториот конгрес, за секој според тие одлуки да може да се определи.

За нашата партија овие одлуки можат да важат дури кога таа ќе ги усвои било на свој конгрес било преку општо гласање на членовите по организациите. Но и за едната и за втората одлука, нужна е претходна слободна расправа околу интернационалните прашања во нашиот партиски печат.

Поради тоа, другари, ве молиме да решите: 1) веднаш да се објават сите одлуки на Вториот конгрес на Комунистичката интернационала заедно со условите за припадност кон Третата интернационала; 2) веднаш да се отвори слободна расправа околу сите тие одлуки во сите партиски органи и организации; 3) по завршувањето на ова расправа да биде свикан партискиот совет за да одлучи во врска со свикувањето на вонреден конгрес на партијата.

Ве предупредуваме на тоа дека Вториот конгрес на Комунистичката интернационала изречно одлучи во резолуцијата за условите за прием во Комунистичката интернационала да се свика вонреден конгрес. Точката 19 од оваа резолуција гласи:

'Сите партии што ѝ припаѓаат на Комунистичката интернационала, или што поднесоа предлог за прием, должни се, колку што е можно побрзо, но најдоцна 4 месеци по Вториот конгрес на Комунистичката интернационала да свикаат вонреден конгрес и да ги испитаат сите овие услови. Централите мораат да се грижат сите месни организации да ги запознаат со одлуките на Вториот конгрес на Комунистичката интернационала.'

Ние, значи, го бараме она што е изречно заклучено во Москва. Веруваме дека вие ќе ѝ се покорите на оваа одлука и дека ќе постапите според неа. Во спротивно, ние ќе мораме да им се обратиме непосредно на партиските членови и на Извршниот комитет на Комунистичката интернационала во Москва. Молиме за ваш писмен одговор по првата ваша седница.

        Белград, 25 септември 1920,

        Со другарски поздрав.

        (следуваат потписи)”

Од Извршниот одбор го добивме овој одговор:

“Драги другари,

По повод вашето писмо од 25.9. оваа година Извршниот одбор на КПЈ одлучи да ви одговори дека сите одлуки и резолуции на Вториот конгрес на Третата интернационала ќе се печатат во посебна брошура, штом пристигне коректурата од Виена.

Што се однесува до дискусијата по повод овие одлуки, одлучено е да не се води дискусија во организациите и во печатот, зашто партијата сега е ангажирана со изборната борба за Конституантата.

8 октомври 1920,
    Белград

 Секретар,
     Филип Филиповиќ.”

Иако според одлуката во Москва вонредниот конгрес на партијата треба да се одржи најдоцна до 6 декември оваа година, Извршниот одбор не дозволува полемика околу многу судбоносни прашања. Оваа полемика денес се води во сите партии и во сите земји. По повод овие полемики социјалистичките партии од Европа и Америка ги преживуваат своите најдлабоки кризи. Многу партии стојат пред расцеп. Судбоносното прашање: за опстанокот на социјалистичките и комунистичките партии на поодделни земји по основањето на Интернационалата мора за секоја партија што е можно побрзо да биде решено и тоа пред сите останати прашања. Италијанската партија во земјата има случувања од многу поголемо значење отколку што се изборите, па сепак тоа не ја спречува да ја води оваа дискусија и да бара решение. Отфрлањето на дискусијата и на конгресот единствено значи бегање од јасните одлуки за Интернационалата и потајно наметнување на обврски на нашата партија без таа да биде прашана.

Рокот во кој сите партии треба да се одлучат дали ги прифаќаат московските заклучоци е одреден од Москва. Овој рок значи ултиматум за сите партии. Тој не е поставен произволно. Него го поставува советскиот режим во Русија поради тоа што е принуден да има чиста ситуација за идната година: на кого може да смета како на сојузник за вооружена борба против меѓународниот капитализам. Целокупната политика на советската влада во Русија зависи од тоа каква поткрепа таа треба да очекува од останатите земји. Најголем интерес на советската власт е брзо да знае: каде таа може да очекува отворена револуција, граѓанска војна, со цел соборување на капитализмот. И според тоа каков одговор ќе добие, советската власт ќе ја определува својата политика. На Вториот конгрес во Москва Третата интернационала е изградена како исклучив орган на советската влада во Русија со цел непосредно организирање на воружената борба и во останатите земји за соборување на капитализмот. Во Русија милиони работници живеат победно и пожално отколку нивните класни браќа под власта на капитализмот, зашто војната и блокадата им го уништи стопанството. Во Русија три години непрекинато гинат најдобрите револуционери и тоа гинат масовно на сите фронтови. Советската влада мора и сака јасно да знае: што може и сака да даде останатиот светски пролетаријат. Одлуките на Вториот конгрес на Третата интернационала всушност се ултимативно прашање за сите партии: кој ги прифаќа нашите услови, нашите методи на борба и нашата борба која ја водиме, кој тоа не може и кој тоа не сака да ги прифати? Ние тоа мораме веднаш да го знаеме, поради животот на советската влада и на работничката класа во Русија. Оттука рокот: одговорот треба да се даде пред Нова година.

И при така јасна ситуација нашето партиско водство смета дека ние треба да ја продолжиме политиката на создавање на лажни надежи кон другарите во Москва; да се правиме глупи како да не разбираме што се бара; да ги тешиме дека сме опасни револуционери - но нека тие водат сметка за револуцијата, а нам ни се поважни изборите. Да не се постапи денес според барањето на Москва значи брутално да се згази меѓународната дисциплина.

Или можеби Извршниот одбор намерава да изврши препад, како што беше со синдикалното движење? Иако сите наши струкови сојузи се членови на интернационалите кои се обединети во Амстердам, иако прашањето на синдикалните сојузи може да се реши само на синдикални конгреси, ние бевме изненадени, читајќи во извештаите од Москва дека Централниот работнички синдикален сојуз на Југославија истапи од Амстердамската и пристапи кон Московската синдикална интернационала. На седницата на Централниот синдикален совет во Белград утврдено е дека таква одлука не е донесена, но од Москва тоа и понатаму се тврди, „Радничке новине”[3] тоа го препечатуваат, а Синдикалниот совет нема моќ да го одрекне тоа.

Веројатно се сака така да биде и со нашата партија. Без критика, без советување, без прашување на партиските членови еден ден да прочитаме дека нашата партија ги прифати московските услови, дека за неа безусловно важи она што е одлучено во Москва - а за извршување на тоа московските другари воопшто нека не се грижат! Ќе има време откако ќе ги завршиме сите избори и откако Државниот совет ќе го даде своето меродавно мислење за нив!

И ние, заедно со другарите во Москва, мислиме дека треба да ѝ се стави крај на оваа политика на лажење во меѓународните односи. На поставеното прашање на московските другари треба веднаш јасно и отворено да им се одговори што ние денес можеме и сакаме.

Поради тоа решително застануваме против затајувањето на одлуките, против оневозможувањето на дискусијата и одложувањето на конгресот. Нема зошто тоа да ѝ пречи на изборната борба. Иако ние јавно и отворено расправаме околу своите партиски прашања и тука се делиме, ние заедно застануваме против нашиот класен противник на изборите. Тоа само би бил доказ на нашата сила и цврстина.

Ги повикуваме другарите во сите организации да отворат дискусија за прашањата кои ги отвораме и од Извршниот одбор да го бараат одземеното право на партиските членови за слободно дискутирање во партискиот печат и свикување на вонреден конгрес за одлучување во врска со Интернационалата.

2. Струите во Интернационалата

Карактерот на Интернационалата ѝ го даваат партиите кои ја сочинуваат. Штом се создадат повеќе видови работнички и социјалистички партии, кои се разликуваат било според општите цели било според важните методи на борбата, не е можен нивен опстанок во една интернационала. Првата интернационала во себе ги прими анархистите и социјалистите марксисти. Заедничка им беше спротивставеноста кон капиталистичкото општество. Но додека марксистите сакаа да водат организирана класна борба против капитализмот во политиката и во работилницата и дури на одреден повисок степен од развитокот на капитализмот гледаа можност за негово преобразување во комунизам, анархистите беа бунтарски противници на секоја политика, на секое постепено организирано делување, на секоја организирана власт, па и на организираната комунистичка економија. Заемната борба на овие две струи во Првата интернационала ја уништија таа интернационала. Втората интернационала можеше да опстане само така што целосно ги отфрли анархистичките елементи. Неа ја сочинуваа партиите кои се стремеа кон комунистича економија по пат на политичка и синдикалистичка борба и освојување на политичката власт од страна на пролетаријатот.

Во текот на војната во многу земји настана раздвојување на социјалистичките партии. Еден дел од дотогашните обединети партии остана верен на предвоената политика на непомирлива класна борба и во текот на војната и бараше интернационална акција на пролетаријатот со цел што побрзо завршување на војната. Другиот, поголемиот дел постепено се одрекуваше од класната борба и прогласуваше класна солидарност на пролетаријатот од секоја земја со неговата буржоазија, го прифаќаше учеството во владата и активното водење на војната. Овие социјалистички мнозинства за време на војната целосно го оневозможија делувањето на Втората интернационала. Поради тоа, голем дел од оние социјалистички партии и делови од партии што останаа верни на тактиката на класна борба се собраа во Цимервалд во 1915 и во Кинтал во 1916, каде, иако недоволно јасно, е удрен темелот на една нова интернационална заедница.

На крајот од војната се одвоија два типа социјалистички партии: партии револуционерни, партии на непомирлива класн борба, и партии опортунистички, приврзаници на политичкото ортакување со буржоазијата. Овие две групи уште во текот на војната дојдоа до остар меѓусебен судир. Судирот се заостри кога опортунистите влегоа во владите и си поставија за главна цел организирање и јакнење на буржоаското класно владеење, додека револуционерните марксисти своите сили ги заложија во насока на јакнење на пролетерските организации и заострување на класната борба. Бидејќи реформистичките партии, и покрај сета закараност во текот на војната, сепак брзо се групираа во Втората интернационала, природно беше тоа што револуционерните марксистички партии мораа да се одвојат од таа интернационала и да се стремат да создадат свој интернационален орган, една нова интернационална заедница, која ќе ги собере сите револуционерни елементи на светскиот социјализам, која ќе го сузбие опортунизмот помеѓу пролетаријатот и ќе доведе до победа на принципот на класна борба и пролетерска револуција.

Додека во Европа и Америка се одвиваше овој процес на раздвојување и ново интернационално ориентирање, во Русија болшевичката комунистичка партија дојде на политичка власт и веднаш почувствува потреба да создаде интернационален орган кој целосно ќе ги усвои болшевичките методи на борба и безусловно ќе се држи и понатаму ќе ја шири совестската влада.

Сосема е природно што сите оние социјалисти во светот кои сметаа дека социјалистичката политика по војната не може да биде зацврстување на буржоаското класно владеење, туку, согласно на заклучокот од меѓународниот конгрес во Штутгарт од 1907, искористување на економските и политичките кризи создадени од војната за поцелосно организирање и побрзо освојување на политичката власт од страна на пролетаријатот - сосема е природно, значи, што тие се стремеа кон таква интернационална заедница која околу Руската револуција би ги собрала сите неопортунистички социјалистички и пролетерски елементи. Наспроти Втората интернационала, интернационалата на опортунистите, кои ја напуштија класната борба, требаше да се создаде Трета интернационала, која преку класна борба и револуција ќе го води пролетаријатот кон победи.

На оваа нова интернационална организација ѝ беше поставен духовниот темел уште во текот на војната, во Цимервалд и Кинтал. И руските болшевици учествуваа на овие две конференции и бараа врска со марксистичките социјалисти од останатите земји. Но штом дојдоа до политичка власт во Русија, тие ја прекинаа таа врска. Тие го избегнаа секој претходен меѓународен договор со луѓето со кои претходно работеа. Тие сакаа исклучиво своја интернационала и на еден многу тесен состанок во Москва од 2 до 6 март 1919 решија дека “Цимервалдскиот договор треба да се смета за ликвидиран”, а на негово место тие самите основаат Трета интернационала и ѝ ги одредуваат целите. Оној што макар и за јота не се согласува со тие нови принципи, тој е предавник и контрареволуционер, без разлика колку до вчера беше добар другар и што целиот свој живот му го посвети на класната борба на пролетаријатот.

Острината на зборовите и брзината на работењето на руските другари може да се прости. Тие живееја сред една акутна револуција. Договорот, кој претходно го немаше, можеше дополнително да биде постигнат. Оттука, сите светски револуционерни социјалисти него предано го бараа, се бореа во своите земји против опортунизмот на Втората интернационала и сакаа новата московска интернационала да го опфати целиот борбен светски социјализам. Новата интернационала сè уште не беше изградена. Нејзините основни начела: дека политичката власт не може да се земе од буржоазијата без остра револуционерна борба и дека таа власт, кога еднаш ќе ја добие, пролетаријатот мора да ја зацврсти преку одреден вид на своја класна надмоќ - диктатура - тие основни начела сосема лежат во духот на револуционерниот марксизам. Во Русија политичката надмоќ на пролетаријатот е обезбедена преку политичко обесправување на буржоазијата и преку власта на советите на работниците, селаните и војниците. Револуционерното искуство брзо би покажало дали во сите земји, за обезбедување на политичката надмоќ, на пролетаријатот му е нужна советската форма на диктатура. Во Русија таа беше нужна. Оттука придавањето на релативно историско значење на советската власт не е никаква причина за еден револуционерен социјалист да не пристапи кон Третата интернационала. Напорите целиот светски револуционерен социјализам да се обедини во Третата интернационала насекаде вродија со обилен плод. На пат беше создавањето на еден моќен организам кој би ја зачувал Руската револуција, кој би ја сузбил и победил опортунистичката политика, кој би остварил најголемо можно единство на светскиот пролетаријат, би му гарантирал низа значајни победи и би му обезбедил новата епоха несомнено да биде епоха на брз развиток на човечкото општество кон комунизам. Но на руските болшевици и на нивните истомисленици во останатиот свет не им беше до здрав и солиден развиток на светската револуција. Ним, пред сè, не им беше до никакво чекање и созревање. Ним им беше нужен брз чин без обѕир на тоа дали тоа ќе ги доведе работничките движења во останатите земји до крах. Зашто ако не дојде во другите земји до тоа брз чин, може лесно да пропадне брзиот чин изведен во Русија. Со тоа би се покажало само едно - дека тактиката на руските болшевици беше погрешна. Тие ова признание нема да го дозволат. Напротив, тие сакаат игра va banque,[4] судбоносна игра. Тие сакаат на својот пат да го поведат пролетаријатот и во останатите земји. Оттука тие сакаат исклучиво болшевичка интернационала.

Во таква ситуација се состана, работеше и заклучуваше Вториот конгрес на Комунистичката интернационала во Москва. Неговото дело не е дело на големо обединување, туку на голем повторен расцеп на светскиот пролетаријат. Тој упати на сите страни само една парола: насекаде создавајте исклучиво комунистички секти и немилосрдно цепете се! Цепете ги синдикатите и разбијте ја синдикалната интернационала! Насекаде цепете ги партиите, прогонете луѓе, организации, цели групи! Вршете до дело со анархистите и синдикалистите, ослободете се од старите борци и “водачи”, а отворете им ги вратите на работничкото движење на сите оние елементи од кои се ослободи работничкото движење во текот на својата досегашна борба. Жалосното дело на цепење и братоубиствена војна денес поминува низ сите земји. Всушност, нема ништо поконтрареволуционерно денес од ова дело на руските болшевици и на нивните истомисленици. Резултатот од оваа братоубиствена борба ќе биде организациско, духовно и морално растројство на пролетаријатот, губење на сите негови освоени позиции во поодделни земји, оневозможување на секоја успешна акција за заштита на Руската револуција. Сето тоа се случува во време кога светската контрареволуција, без оглед на разликите и спротивностите на своите групи, се обединува против Русија и јакнее. Руската револуција токму тогаш напаѓа и ги дели своите сојузници. Жалосна историска вистина е тоа што руските револуционери се на пат со своите сопствени раце да го задават своето револуционерно дело.

3. Меѓународната политика на болшевиците

Во врска со што се одвива борбата? Во врска со тоа дали светскиот пролетаријат може и сака да заплива во една опасна авантура. Московскиот конгрес прогласи: Третата интернационала е организација која има за задача да го собори светскиот капитализам преку вооружена борба. Само оние партии кои ќе се изјаснат дека се подготвени да организираат вооружено востание во своите земји со цел да ги соборат своите влади и да заведат крута диктатура на пролетаријатот, па макар бил тој пролетаријат бедно малцинство од општеството - само тие партии можат да бидат достојни членови на Третата интернационала. Оној што мисли дека пролетаријатот на неговата земја денес уште мора да води друга политика и дека нема моќ или дека не може да постигне ништо добро и корисно преку вооружено востание - тој е предавник, 'рѓа од најлош вид, надвор со него!

За револуционерните марксисти е одамна јасно дека класната борба во својата завршна фаза речиси редовно преминува во граѓанска војна, во борба со оружје. Не поради волјата и желбата на пролетаријатот, туку поради тоа што владејачките класи нема да се потчинат на никаква волја на народното мнозинство, поради тоа што без физичка принуда нема да ја испуштат власта од рацете. Во текот на развитокот на класната борба со редовни политички средства се доаѓа до периодот кога од страна на владејачката класа ќе се употреби сила против целиот нејзин дотогашен политички поредок и оттука граѓанската војна се наметнува само од себе. Но пред да дојде до тоа, пролетаријатот во секоја земја треба да стане сила способна да го победи старото општество и да организира ново. Историската заслуга на научниот марксизам е во тоа што ги откри условите при кои е единствено можна победата на пролетаријатот и комунистичката економија. Маркс покажа дека комунизмот не може да биде ниту творба на разумот, ниту на моралот, ниту на грубата сила.

Тој ќе се наметне како нужност, како потреба и како творба на големите пролетерски маси, по одреден степен од развитокот на капитализмот. За комунизмот да биде можен, нужно е крупното општествено претпријатие да го надвладее ситното лично производство во најважните општествени групи на трудот, земјоделието да падне во економска зависност од индустријата, селото економски и политички да се потчини на градот и наемното работништво, историскиот носител на новото општество, да стане економски најважна и бројно најсилна класа, така што таа, организирана и класно воспитана од претходните борби, безусловно би ги диктирала идните закони на општествениот живот. Колку пролетаријатот ќе има вистинска економски, политичка и морална сила, толку ќе има и права. Пролетаријатот си поставува крајни идеали и ја започнува својата класна борба многу порано отколку што е дораснат и созреан да владее со општеството. Него капитализмот го развива со својот секојдневен живот. Марксистичката наука го учи да не ги упропастува залудно своите сили преку потфати за кои сè уште не е дораснат, туку своите задачи да ги ограничува на она за што му се доволни силите, во целосна сигурност дека така најбрзо и најлесно ќе дојде до конечната победа. Секој успех на класната борба кој што е така освоен е траен, зашто пролетаријатот, имајќи сили да го освои, има сили и да го одржи. Ако пролетаријатот на ваков начин ја освои политичката власт во една земја, тој е сигурен дека ќе може и да ја одржи и преку неа да организира комунистичка економија. Тогаш, новото владеење и новата економија се наметнуваат како нужност. На таквата револуција не ѝ е нужно ништо друго од тоа да биде оставена на мира однадвор. За одржувањето во својата сопствена земја неа не ѝ е потребна помош од страна. Таа за тоа има доволно свои сопствени сили. Таа има причина да води само една надворешна политика: политика на мирот. Таа од интернационалниот пролетаријат бара само една услуга: да го спречи нападот на капиталистичките војски на своите граници.

Руските болшевици мислеа дека овие основни закони за револуцијата, кои ги откри Маркс, можат да се згазат.

Болшевиците ја отфрлија марксистичката наука во нејзините последни резултати. Тие ја презедоа онаква каква што таа беше во времето на “Комунистичкиот манифест”, неисчистена од бунтарските примеси, полна со верба во едноставниот идеализам и верба во можноста непосредно да се премине веднаш од буржоаска во социјалистичка револуција. Маркс и Енгелс во својата младост и самите веруваа во можноста од вакви скокови, но искуството по буржоаската револуција во Средна Европа од 1848 ги разувери. И тие мислеа дека е непотребен и невозможен понатамошниот опстанок и развиток на капиталистичката економија. И тие веруваа дека е доволно пролетаријатот да се добере до политичката власт па општеството да се развива во правец на комунизмот, иако крупното претпријатие не е развиено, иако и во градот и во селото во огромна мера преовладува ситното лично производство. Нужна е само крепка револуционерна волја и решителност на комунистичката авангарда. Но дојде низата разочарувања. Не само што е изгубена револуцијата и политичките успеси на пролетаријатот, туку дури по изведената револуција, по создавањето на слободна сопственост, западно-европскиот капитализам си постави здрави темели и почна да се развива до гигански размери. Економијата брзо и нагло се концентрираше. Селото опусте и настанаа огромни градови, со милиони наемници, кои само до вчера беа слободни сопственици. Тоа беше вистинскиот пат, единствениот историски можен пат на развитокот, развиток на облиците на труд, економијата и луѓето преку капитализмот во комунизам. Дури по овие нови искуства и нови проучувања Маркс и Енгелс ја создадоа својата теорија за развитокот на општеството, своето материјалистичко сфаќање на историјата. Тие јавно ги признаа бунтарските заблуди на својата младост, го направија социјализмот вистинска наука и на политичката пракса на западно-европскиот пролетаријат ѝ дадоа сигурен патоказ. Му кажаа самостојно да се организира како класа и да се бори сè до конечното освојување на политичката власт, но во таа борба себеси да си ги поставува само оние задачи за кои е дораснат со својата сила. За крајната цел нека не очајува: развитокот на капитализмот и порастот на силата на пролетаријатот се гаранција дека ќе ја постигне.

Феудализмот во Средна Европа е соборен околу половината на минатиот [19-от] век. Во Источна Европа, особено на огромното пространство на Руското царство, тој остана. Во Русија се очекуваше буржоаска револуција, иста онаква револуција каква што преживеа Средна Европа. Таа револуција требаше да го уништи самодржавието на царството и бирократијата во политиката и наместо нив да оствари граѓанска и правна еднаквост и буржоаска демократија. Во економијата револуцијата требаше да го уништи крупниот феудален посед и да создаде слободна ситна сопственост над земјата. За сите руски социјалисти беше јасно дека револуцијата мора да почне како буржоаска револуција. Но тие се поделија по прашањето каква тактика треба да застапува работничката класа во идната револуција. Усвојувајќи го научниот марксизам онака како што го усвои и западно-европскиот пролетаријат, руските меншевици верува дека руската економија, особено по распадот на големите поседи во мали, не дава можности за остварување на комунизмот и дека таквиот обид ќе доведе до трајна надворешна и трајна внатрешна војна, до целосно растројство на економијата, до глад, хаос, пропаст на револуцијата и страшен крах на пролетаријатот. Поради тоа мислеа дека пролетаријатот треба да ја помогне идната буржоаска револуција, но да не ја продолжува во социјалистичка револуција, да не ја зграбува исклучиво власта и да не ѝ наметнува комунизам на една целосно незрела и разбиена економија, туку добро да се организира како класа, преку демократијата да си обезбеди политичко влијание во државата, како класа до најголема можна мера да се заштити и да го почека своето вистинско време, кога ќе може целосно да ја освои државата и да воведе комунистичка економија.

Руските болшевици во теоријата го прифатија бунтарскиот, од анархизам неисчистен марксизам и го разработија во тој облик во една нова и самостојна теорија, која е средина помеѓу анархизмот и научниот марксизам. Тие веруваа во историскиот скок, тие ја одрекуваа нужноста на развитокот. Во идната револуција ќе се побунат сите класи: буржоазијата, пролетаријатот и потчинетите селани. Од тие класи пролетаријатот ќе биде најорганизиран, во неговите раце мора да падне водството на револуцијата. Тој не треба да ја прекинува револуцијата, туку веднаш треба да ја продолжи во социјалистичка: да го уништи не само царството и благородништвото, туку и буржоазијата и буржоаската демократија; да не дозволи организирање на буржоаска, туку веднаш да создава комунистичка економија. Сето тоа може да се изведе ако луѓето сакаат. Економските потешкотии и економските интереси, кои ја создаваат волјата на луѓето, ќе бидат совладани кај еден дел со сила, а кај другиот со просветување. Болшевизмот како теорија е една голема утопија, најголема утопија од појавата на христијанството и негова теориска антитеза. Болшевизмот од сите утопии е најблиска теорија до науката, но сепак утопија.

Кога во 1917 изби револуција во Русија и кога старото општество и стариот апарат кој што го држеше целосно се распадна, кога селото ги делеше имотите и ја гледаше својата работа, а пролетаријатот во градот остануваше семоќен, беа стекнати услови пролетаријатот без поголеми потешкотии да ја освои политичката власт и да отпочне еден голем, до денес невиден, историски експеримент: комунизмот да не се појави како резултат на економскиот и социјалниот развиток на општеството, туку да биде наметнат од страна на едно свесно малцинство врз општеството; комунизмот да не биде плод на високиот развиток, на свесната волја и на проширените културни потреби на големо мнозинство од човештвото, туку плод на бедата и на едноставното незадоволство на разорените од војната. Околностите на руското општество по настанувањето на револуцијата му дадоа полет на развитокот на болшевичката анархо-марксистичка теорија и на можностите на таа теорија да се испроба во практика.

Овде не ѝ е место на подлабоката анализа. Но токму поради тоа што ние во болшевизмот не гледаме ниту теоретски ниту практичен напредок на револуционерниот социјализам, туку, напротив, негово назадување, нужно е да се стави оваа забелешка. Руските болшевици пристапија кон изведувањето на својата наука со верба на апостолите. Во историјата на сите револуции тие до денес дадоа пример на најголема вера, најцврста решителност, беспримерна пожртвуваност и лична големина. Како борци и како револуционери, тие се сјајни претходници на идните борби на пролетаријатот. Но, славејќи ги на истиот овој начин париските комунари поради востанието од 1871, Маркс не се воздржуваше да им каже дека прават очајничка глупост. Тие се големи како револуционери, нивното херојство ќе биде запишано во големото срце на работничката класа. Но тие прават една очајничка глупост, зашто се зафатија со невозможни задачи. Тие изведоа насилно предвремено раѓање и нивното чедо не може да ја поднесе суровата средина во која падна. Тоа во себе нема доволно сила да се развива и да пружа отпор на надворешните влијанија. Дојде на свет зелено. Тие искуства веќе почна да ги дава и Руската револуција.

Руската револуција изби како буржоаска револуција и на стотината милиони селани им создаде ситна лична сопственост. Нејзината историска смисла е зацврстувањето на приватната сопственост на најважното средство за производство во Русија - земјата. Три четвртини од рускиот народ се слободни приватни сопственици, прв пат во историјата се слободни приватни сопственици. Тие се најмоќниот општествен ред и само тие можат да ги диктираат законите на животот на денешното руско општество. Борбата против крупните земјопоседници ги упати на заедница со градскиот пролетаријат. Политичката незрелост, стравот повторно да не се вратат крупните земјопоседници и фактот дека советската власт ги остави намира во нивните села - се причината што селската маса го остави градот и државата на владеењето на пролетаријатот. Болшевиците ја презедоа политичката власт и пристапија кон организирање на комунистичката економија. Но економската, социјалната и политичката основа врз која тие го ѕидаат новото општество и отповеќе е тесна. Како може да се воведе комунистичка економија, голем заеднички начин на труд во големите претпријатија, кога три четвртини од граѓаните се приватни сопственици и не мислат на комунизам? Нема ли советската диктатура да го предизвика отпорот на оние огромни милиони селани штом чепне во нивните интереси и штом кај селените исчезне стравот од губитокот на новостекнатите имоти? На руските комунисти им стана јасно дека нивната творба во Русија нема сигурни темели. Тие знаат и отворено зборуваат дека зградата ќе се сруши ако не се потпре врз земјите на крупниот капитализам и крупниот пролетаријат. Комунистичката економија е можна само таму каде што постојат технички, економски и социјални предуслови за неа: веќе развиено крупно индустриско претпријатие во градот и во селото и огромни, бројно надмоќни маси на пролетаријат за да ја понесат врз себе таа економија.

Ова увидување дека во Русија им недостигаат економски и социјални услови за едно здраво комунистичко дело, увидување дека извршија предвремен скок, ја одредува целата интернационална и надворешна политика на руските болшевици и на нивната влада. Тие од грешката сакаат да направат доблест. Тие се прогласуваат себеси за избрани водачи на светскиот пролетаријат. Она што им треба ним за да можат да се одржат како влада во социјално незрели односи, го прогласуваат за животна потреба на светскиот пролетаријат. Тие не сакаат интернационала која што ќе изникне од договорот на светскиот пролетаријат и ќе биде орган на неговите општи потреби. Тие сакаат интернационала која ќе биде под целосно господство на Руската комунистичка партија, која ќе биде меѓународен орган на советската влада во Москва, која ќе биде московски заробеник.

Руските болшевици немаат многу време за чекање. За нив е неподнослив постепениот процес на развој на економската криза на капитализмот и револуционерното созревање на пролетаријатот. Тие не бараат револуционерен сојуз со луѓето кои во основа се стремат кон истата цел, но не сакаат да го ризикуваат своето работничко движење, разбивајќи го и непосредно диктирајќи му акции. Болшевиците во сите странски партии бараат само свои слепи агенти. Тие немилосрдно ги отфрлаат сите работнички движења кои не можат веднаш да ги стават во своја служба. Тие многу грубо застануваат против луѓето и групите кои барем малку имаат свое самостојно мислење. Тие во најцелосна мера вршат злоупотреба на големиот авторитет на пролетерската револуција и на големите материјални средства на државата со цел разбивање на светското работничко движење. Тие поради социјалната слабост во својата земја се безусловно упатени што побрзо да бараат вооружено востание во останатите земји, да ја универзализираат својата револуција.

Капитализмот не е подеднакво развиен во сите земји; односите на силите на пролетаријатот и буржоазијата се разновидни во различни земји; класната свест и организираноста на пролетаријатот се многу нееднакви во разни земји. Поради тоа е апсурдно кога Московската интернационала прогласува: во сите земји денес треба да има само едно средство на борбата - вооружено востание, граѓанска војна. Меѓународниот пролетаријат е далеку од тоа да може да преземе каква било поблага акција која би имала навистина меѓународен карактер, а најмалку дека тој може денес да крене меѓународно вооружено востание. Но има едно прашање кое што безусловно би го споило целиот меѓународен пролетаријат. Тоа е љубовта кон Руската револуција и волјата таа да се одбрани. Денес нема подобро средство и за развивање на револуционерната енергија на пролетаријатот и за неговото постепено обединување во една единствена голема светска интернационала од борбата за спречување на меѓународната реакција да ја задуши со сила Руската револуција. Ако на руските болшевици им е до постепеното и единственото успешно созревање на револуционерната мисла во светот, тие од светскиот пролетаријат не би требале да бараат ништо друго од тоа да им обезбеди мир. Но руските болшевици не можат да се задоволат со тоа, зашто во мир при својата социјална незрелост не можат ништо трајно да создадат. Тие мораат или да удрат назад и да ја вратат револуцијата во Русија во нејзините единствено дозволени граници, или да ја изнесат надвор од границите на Русија, во Европа и Америка, во вистинските земји на капитализмот, каде што единствено може да стане збор за организирање на комунистичка економија. Поради тоа ним не им е доволна поткрепата во одбраната од страна на странските партии, туку бараат активно соучество во револуцијата, отворена граѓанска војна. Затоа руските болшевици со омаловажување гледаат на меѓународната акција за заштита на Руската револуција. Затоа тие на најгруб начин ги напаѓаат луѓето и целите движења токму кога тие се залагаат да ја бранат нивната влада. Секоја друга интернационална акција која не е вооружено востание за руските болшевици е предавство и луѓето кои ја организираат се достојни за презирот на пролетаријатот. Тие го бараат она што партиите не можат да го направат а да не се изложат себеси на крах, а својот пролетаријат на ужасен пораз. Тие сакаат странските партии свесно да го извршат своето самоубиство. Претставникот на Француската социјалистичка партија, другарот Лонге, одговори на московскиот диктат: “Јас дозволувам да бидат скршени моите коски во интерес на Руската револуција. Но не можам да дозволам во интерес на московската диктатура да биде здробен целиот француски социјализам.” Тоа мораме и ние отворено да им го кажеме на руските болшевици.

Но што и да прават руските болшевици, светскиот пролетаријат мора и понатаму да ги вложува сите свои сили за да го брани рускиот пролетаријат од крах против нападот на меѓународниот капитализмот врз Русија. Таквиот крах би бил ужасен пораз за светскиот пролетаријат. Тој би ја засилил светската реакција, би го задржал нормалниот револуционерен развиток во светот и би го оставил пролетаријатот неизлечен од една голема заблуда: дека периодите од развитокот на општеството можат да се прескокнуваат, дека во земјите кои што се социјално незрели може со сила да се наметнува комунизам. Ние мораме да ја вложиме сета сила во тоа да му се заштедат огромните жртви на рускиот пролетаријат поради воен пораз и неговата револуција сама да ја најде својата вистинска линија. Со тоа општиот светски развиток кон социјализам ќе биде моќно забрзан и светскиот пролетаријат ќе се излечи од заблудите дека можат да се вршат историски скокови.

4. Организацијата на Третата интернационала

    Сакајќи Интернационалата да биде исклучиво нивни орган, руските болшевици на Вториот конгрес го издиктираа Статутот и Условите за членство во Третата интернационала, кои при примената ќе се покажат совршено невозможни, а како последица единствено ќе имаат општо цепење на сите облици на работнички организации во сите земји.

Ние овде ги донесуваме овие услови во целост.[5] Тие гласат:

Првиот конгрес на Комунистичката интернационала не постави никакви точни услови за прием во Третата интернационала.

Често на Комунистичката интернационала ѝ се обраќаат партии и групи кои само пред некое време ѝ припаѓаа на Втората интернационала, а кои сега би сакале да стапат во Третата интернационала, но кои всушност сè уште не станале комунистички.

На Комунистичката интернационала ѝ се заканува опасност да биде разводнета од страна на колебливите и нерешителни елементи, кои сè уште не се ослободиле од идеологијата на Втората интернационала.

Освен тоа, во многу големи партии (на Италија, Шведска, Норвешка, Југославија и др.), чие мнозинство застана на стојалиштето на комунизмот, и денес постојат значителни реформистички и социјал-пацифистички крила, кои чекаат само момент за повторно да кренат глава и да започнат со активна саботажа на пролетерската револуција и така да ѝ помогнат на буржоазијата и на Втората интернационала.

Покрај тоа Вториот конгрес на Комунистичката интернационала смета дека е неопходно да постави сосема точни услови за прием на нови партии, а оние партии кои што се примени во Комунистичката интернационала да бидат предупредени на должностите кои им следуваат.

Вториот конгрес на Комунистичката интернационала заклучува: Условите за припадност на Комунистичката интернационала се следните:

1) Целата пропаганда и агитација мора да има вистински комунистички карактер и да им одговара на Програмата и заклучоците на Третата интернационала. Целиот партиски печат мора да биде под раководство на доверливи комунисти, кои ја покажале својата посветеност на каузата на пролетаријатот. За диктатурата на пролетаријатот не смее да се зборува како за некаква вообичаена формула, туку мора да се пропагира така што нејзината потреба да ја сфати секој прост работник, работничка, војник и селанец и тоа од фактите на секојдневниот живот, кои нашиот печат мора систематски да ги прати и од ден на ден да ги искористува.

Периодичниот и непериодичниот печат и сите партиски изданија мораат да бидат целосно потчинети на партиското раководство без оглед на тоа дали партијата во тој момент е легална или нелегална. Недозволиво е изданијата да ја злоупотребуваат својата автономија и да водат таква политика која целосно не одговара на политиката на партијата.

Во статиите на печатот, на јавните собири, во синдикатите, задругите - насекаде каде што можат да продрат приврзаниците на Третата интернационала, потребно е не само буржоазијата, туку и нејзините помагачи реформистите од сите видови систематски и немилосрдно да бидат жигосани.

2) Секоја организација која сака да ѝ се приклучи на Комунистичката интернационала мора редовно и плански од сите повеќе или помалку одговорни места на работничкото движење (партиски организации, синдикати, парламентарни групи, редакции, задруги, општински одбори) да ги оддалечи реформистичките елементи и да ги замени со доверливи комунисти, при тоа не плашејќи се од тоа дека, особено на почетокот, на местото на “искусните” опортунисти ќе дојдат работници од масата.

3) Речиси во сите земји на Европа и Америка класната борба влегува во фазата на граѓанска војна. При такви околности комунистите не можат да имаат никаква доверба во буржоаската легалност. Тие се должни насекаде паралелно да создадат и илегален организациски апарат, кој во решавачкиот момент ќе ѝ биде од помош на партијата за да ја заврши својата должност кон револуцијата. Во земјите каде што поради опсадните состојби и вонредните закони комунистите се оневозможени да ја водат легално целата своја работа, безусловно нужна е комбинацијата на легалната со илегалната работа.

4) Должноста на ширење на комунистичките идеи ја наметнува и посебната должност од особено систематска пропаганда во војската. Онаму каде што оваа агитација е спречена со вонредни закони, таа треба да се води илегално. Напуштањето на таквото делување еднакво е на предавство на револуционерната должност и не е согласно со припадноста кон Третата интернационала.

5) Неопходна е систематска и планска агитација на село. Работничката класа не може да победи ако ги нема зад себе селските пролетери и барем еден дел од најсиромашните селани и ако со својата политика не обезбеди неутралност на еден дел од останатото селско население. Комунистичката работа на село денес добива особено значење. Таа особено мора да се води со помош на комунистичките работници од градовите и селата кои имаат врски со селото. Откажувањето од оваа работа или нејзиното предавање во недоверливи полуреформистички раце еднакво е на предавство на пролетерската револуција.

6) Секоја партија која припаѓа на Третата интернационала должна е да го разоткрива не само отворениот социјалпатриотизам, туку и неискреноста и дволичноста на социјалпацифизмот; на работниците мора пред очи да им се изнесува дека без револуционерно соборување на капитализмот никакви интернационални изборни судови, никакви договори за ограничување на вооружувањето, никаква “демократска” обнова на Друштвото на народите не се во состојба да ги спречат новите империјалистички војни.

7) Партиите кои сакаа да припаѓаат кон Комунистичката интернационала должни се да го признаат целосниот раскин со реформизмот и со политиката на “центарот” и овој раскин да го пропагираат во најшироките кругови на партиските членови. Без тоа не е можна доследна комунистичка пропаганда.

Комунистичката интернационала безусловно и ултимативно бара спроведување на овој раскин во најкратко време. Комунистичката интернационала не може да се согласи со тоа ноторни опортунисти, какви што се денес Турати, Кауцки, Хилфердинг, Хилквит, Лонге, Мекдоналд, Модиљани и други, да го добијат правото да бидат членови на Третата интернационала. Тоа може да доведе само до тоа Третата интернационала во голема мера да личи на пропаднатата Втора интернационала.

8) Околу прашањето на колониите и потчинетите народи неопходно е особено изразено и јасно држење на партиите во оние земји чија буржоазија има колонии и држи во потчинетост други нации. Секоја партија која што сака да припаѓа на Третата интернационала, должна е да ги открива ескивирањата на “своите” империјалисти во колониите, да го потпомага секое движење за слобода во колониите не само со збор, туку и со дело, помагајќи го бркањето на своите домашни империјалисти од колониите, воспитувајќи во срцата на работниците од својата земја вистински братски однос кон населението од колониите и кон потчинетите народи, а помеѓу трупите на својата земја да води систематска агитација против секое потчинување на колонијалните народи.

9) Секоја партија која сака да ѝ припаѓа на Третата интернационала мора систематски и упорно да го развива комунистичкото делување во синдикатите, во работничките и фабричките совети, задругите и другите организации на масите. Во овие организации неопходно е да се организираат комунистички ќелии, кои преку трајна и непрекината работа треба да ги придобијат синдикатите и другите организации за каузата на комунизмот. Ќелиите се должни при својата секојдневна работа да го разоткриваат предавството на социјал-патриотите и колебливоста на “центристите”. Комунистичките ќелии мораат да ѝ бидат потчинети на партиската целина.

10) Секоја партија што ѝ припаѓа на Комунистичката интернационала е должна да води тврдоглава борба против амстердамската “Интернационала” на жолтите синдикални сојузи. Таа особено мора да ја шири идејата за нужноста од раскин со жолтата Амстердамската интернационала помеѓу синдикално организираните работници. Таа мора со сите средства да го помага новиот сојуз на црвените синдикати кој ѝ се приклучи на Комунистичката интернационала.

11) Партиите кои сакаат да ѝ припаѓаат на Третата интернационала се должни да го подложат на ревизија персоналниот состав на парламентарните фракции, од нив да ги оддалечат сите недоверливи елементи, не само на збор, туку на дело да ги потчинат овие фракции на партиското раководство, барајќи од секој поодделен комунистички парламентарен член целата своја активност да ја потчини на интересот на вистински револуционерната пропаганда и агитација.

12) Партиите кои припаѓаат на Комунистичката интернационала мораат да бидат изградени врз темелите на демократскиот централизам. Во денешната епоха на заострена граѓанска војна комунистичката партија само тогаш ќе биде во состојба да одговори на својата должност ако биде организирана на што е можно поцентралистички начин, ако во неа владее железна дисциплина и ако нејзината партиска централа, носена од довербата на членовите, е снабдена со најцелосна моќ, авторитет и најшироко право.

13) Комунистичките партии од оние земји во кои комунистите ја вршат својата работа легално мораат од време на време да преземаат чистки (нови регистрации) на членството на партиските организации за партијата систематски да ја чистат од вовлечените ситнобуржоаски елементи.

14) Секоја партија која сака да ѝ пристапи на Комунистичката интернационала должна е безусловно да ѝ дава помош на секоја советска република во нејзината борба против контрареволуционерните сили. Комунистичките партии мораат да водат сосема недвосмислена пропаганда за спречување на транспортот на воена муниција за непријателот на советската република; понатаму, мораат со сите легални и нелегални средства да водат пропаганда помеѓу трупите што се испраќаат за задушување на работничките републики итн.

15) Партиите кои досега ги задржаа своите стари социјалдемократски програми должни се во најкратко можно време да ги променат тие програми и, согласно со посебните услови во својата земја, да изработат нова комунистичка програма во смисла на заклучоците на Комунистичката интернационала. По правило, програмата на секоја партија што ѝ припаѓа на Комунистичката интернационала мора да биде потврдена од страна на редовниот конгрес на Комунистичката интернационала или од Извршниот комитет. Во случај на непотврдување на програмата на оваа или онаа партија од страна на Извршниот комитет на Комунистичката интернационала, односната партија има право на жалба до конгресот на Комунистичката интернационала.

16) Сите заклучоци на конгресот на Комунистичката интернационала како и заклучоците на нејзиниот Извршен комитет се задолжителни за сите партии што се приклучени кон Комунистичката интернационала. Комунистичката интернационала, која делува во услови на најостра граѓанска војна, мора да биде изградена многу поцентралистички од она што беше случај со Втората интернационала. Се разбира, при тоа Комунистичката интернационала и нејзиниот Извршен комитет мораат при целата своја активност да водат сметка за различните услови во кои се борат поодделни партии и треба да работат и да ги донесуваат заклучоците од општа важност само во врска со такви прашања за кои се можни такви заклучоци.

17) Во врска со тоа сите партии кои сакаат да ѝ припаѓаат на Комунистичката интернационала мораат да го променат своето име. Секоја партија која сака да ѝ припаѓа на Комунистичката интернационала треба да го носи името: Комунистичка партија на таа и таа земја (секција на Комунистичката интернационала). Прашањето на името не е само формално, туку е во најголема мера политичко прашање од најголема важност. Комунистичката интернационала му објави војна на целиот буржоаски свет и на сите жолти социјалдемократски партии. Неопходно е на секој прост работник да му биде јасна разликата помеѓу комунистичките партии и старите официјални „социјалдемократски” и „социјалистички” партии, кои го предадоа знамето на работничката класа.

18) Сите водечки партиски органи од сите земји должни се да ги печатат сите важни официјални документи на Егзекутивата на Комунистичката интернационала.

19) Сите партии што ѝ припаѓаат на Комунистичката интернационала, или што поднесоа предлог за пристапување, должни се колку што е можно побрзо, а најмногу за 4 месеци од Вториот конгрес на Комунистичката интернационала да свикаат вонредни конгреси за да ги испитаат сите овие услови. При тоа централите мораат да се грижат заклучоците на Вториот конгрес на Комунистичката интернационала да им бидат познати на сите месни организации.

20) Оние партии кои сега сакаат да стапат во Комунистичката интернационала, а својата досегашна тактика не ја променија радикално, мораат пред своето пристапување во Третата интернационала да се погрижат најмалку две третини од местата во главниот одбор и во сите поважни централни институции да ги заземат другари кои пред Вториот конгрес на Комунистичката интернационала недвосмислено јавно се изјасниле за пристапување на партијата кон Третата интернационала. Исклучоците се дозволени со одобрување на Егзекутивата на Третата интернационала. Егзекутивата на Комунистичката интернационала има право да прави исклучоци и кај претставниците на центристичкиот правец, спомнати со точката 7.

21) Оние партиски членови кои принципиелно ги отфрлаат условите и директивите поставени од страна на Комунистичката интернационала треба да бидат исклучени од партијата.

Тоа истото важи особено за делегатите на вонредните партиски конгреси.


________


Сликата на Третата интернационала ќе биде целосна дури кога овие услови за членство ќе се дополнат со одредени одредби од Статутот. Според Статутот, целта на Интернационалата е целосно да ги укине поодделните самостојни комунистички партии во поодделните земји и да се создаде една единствена комунистичка партија за целиот свет. Во Статутот се кажува: “За да се освои побрзо победата, работничкиот сојуз што се бори за уништување на капитализмот и за создавање на комунизам мора да има цврсто централистичка организација. Комунистичката интернационала мора вистински и на дело да претставува една единствена комунистичка партија на целиот свет. Партиите кои работат во секоја земја се нејзини секции.”

Како се управува со таа единствена комунистичка партија на целиот свет? Член 4 од Статутот вели: “Највисока инстанца на Комунистичката интернационала е светскиот конгрес на сите партии и организации кои ѝ припаѓаат. Светскиот конгрес редовно се состанува еднаш годишно.” Силата на приликите тера комунистичките партии од останатите делови од светот да можат да испратат на светските конгреси многу малку или николку делегати. Поради тоа руските болшевици секогаш можат да бидат господари на конгресот. Нивното претставништво е големо и поради тоа што многубројни ситни народи и племиња од територијата на Русија самостојно испраќаат свои делегати на светскиот конгрес како засебни целини.

Но конгресот се состанува еднаш годишно, а потоа се разотидува. Вистинската власт во Интернационалата е Извршниот комитет избран на конгресот. Според член 9 од Статутот, “Извршниот комитет управува со целата работа на Комунистичката интернационала од еден конгрес до друг; го издава централниот орган на најмалку 4 јазици; истапува со потребните манифести во име на КИ и на сите организации и партии кои што ѝ припаѓаат на КИ им дава задолжителни директиви.[6] Извршниот комитет на КИ има право од партиите припаднички да бара исклучување на групите и личностите кои што ќе ја повредат интернационалната дисциплина, а исто така и да се исклучат од КИ оние партии кои ќе ги прекршат одлуките на светскиот конгрес. Во случај на потреба, Извршниот комитет во разни земји организира технички и други помошни канцеларии, кои му се целосно потчинети нему. Претставниците на ИК ги извршуваат своите политички задачи во најтесен допир со партиската централа на дотичната земја.” Значи, за целосно да обезбеди спроведување на своите наредби во поодделни земји, Извршниот комитет ќе постави свои комесари над тие партии.

А како се составува тој семоќен Извршен комитет? Во него целосно е обезбедена превласта на руските болшевици. Членот 8 од Статутот гласи: “Главната работа на Извршниот комитет паѓа врз партијата на онаа земја каде што според одлуката на светскиот конгрес Извршниот комитет има седиште (тоа по природата на работите единствено може да биде Русија). Партијата на дотичната земја во Извршниот комитет испраќа пет членови со одлучувачки глас. Покрај тоа, десетте најважни комунистички партии, чија листа ја потврдува редовниот светски конгрес, испраќаат по еден делегат во Извршниот комитет со одлучувачки глас. На другите организации и партии кои што се примени во КИ им останува правото во ИК да делегираат еден член со советодавен глас.”

Листата на овие 10 одлучувачки гласови секогаш ќе биде средена така што мнозинство би имале сигурните советски луѓе, кои навистина ќе ги “претставуваат” своите земји, но постојано ќе живеат во Русија и оттаму ќе проповедаат вооружено востание. Во текот на постоењето на двете минати интернационали вечна мака беше да се најдат материјални средства за одржување на меѓународното биро. Денес и не се мисли околу тоа кој ќе дава пари за гломазните установи за светската работа на Извршниот комитет на Третата интернационала. Само по себе се подразбира дека ќе ги дадат руските болшевици, односно советската влада. Но затоа оваа интернационала мора да биде не орган на светскиот пролетаријат, туку орган на советската влада во Москва.

Ако се сакаше една строга војничка централизација, таа навистина и е постигната. Воспоставена е најцелосна диктатура на водачите, во секоја земја диктатура на водачите над членовите на партијата, а во Интернационалата диктатура на московскиот Извршен комитет над поодделните партии. Војската треба да ги слуша десетарите и капетаните во земјата, а тие ќе примаат наредби од интернационалните генерали.

Секоја поодделна партија мора да биде строго централистички уредена. Во неа мора да владее железна дисциплина. Партиското раководство мора да биде снабдено со изобилство од власт, авторитет и најдалекусежни права (точка 12 од “Условите”). Целиот печат и сите книги целосно - безусловно се потчинети на партиското раководство. Никаква слобода на мислењето не се дозволува. Цензурата на мислата мора да биде апсолутна. Во весниците смее да им се дозволи да пишуваат само на “доверчливите” комунисти според мислењето на партиското раководство. Можат да бидат избирани само “доверчливи” комунисти. Партиското раководство ги менува избраните и им наредува што да прават. Оној што во партијата ќе се осмели во врска со што било да не се согласува било со своето домашно раководство било со Извршниот комитет на Интернационалата, веднаш треба да биде исклучен. Диктатурата, значи, е апсолутна. Под плаштот на борбата за диктатура на пролетаријатот се воведува една безочна диктатура на водачите над пролетаријатот.

Ниту една партија практично нема можности да се ослободи од теророт на водачите и да го менува својот начин на работа. Против тоа се заштитува преку благовремени чистки на опозицијата од партијата. Точката 13 од “Условите” изречно кажува: “Комунистичките партии од оние земји во кои комунистите ја вршат својата работа легално мораат од време на време да преземаат чистки (нови регистрации) на членството на партиските организации за партијата систематски да ја чистат од вовлечените ситнобуржоаски елементи.” Во Руската комунистичка партија тоа практично вака се работи: секои три месеци заседаваат пет “доверчливи” комунисти и ги прегледуваат списоците на членовите, бришејќи ги сите оние што се според нив недоверчливи. Оваа секташка практика при која на лесен начин се ослободува од секоја опозиција, при која се задушува секој духовен живот на партијата, денес им се наметнува на сите партии. На тој начин е можно новопечените комунисти, довчерашни националисти и несериозни ученици од партијата да исфрлаат луѓе кои побелеле во неа и кои ѝ ги дале своите најдобри сили. На тој начин станува невозможно партијата без отворен расцеп да се ослободи од несолидните елементи, ако тие се здружат во клики и ако преку препад се доберат до раководството на партијата.

Но не е доволно јавното раководство на партијата да биде практично неменливо. Треба да постои и тајно раководство. Масата на партиски членови оваа тајно, илегално раководство ниту го гледа, ниту го знае, ниту може да влијае врз неговиот состав. А ова тајно, илегално раководство, тоа е вистинското раководство. Тоа ја потчинува целата јавна активност на партијата. Со партијата, значи, ќе владее некаква група од визбите и влијанието на партиските членови врз работата на партијата ќе биде еднаков на нула.

Овој организациски поредок може да го има за последица само тоа да ги уништи големите социјалистички партии на масите и да создаде бедни и немоќни комунистички секти, при што од правоверниот ќе се одвојуваат поправоверните и ќе се исклучуваат еден друг од партијата. Искуство имаме. Во Германија веќе од една настанаа четири комунистички партии, во Англија - шест.

Досега во социјалистичките партии важеше правилото за најцелосно демократско уредување на партијата. Партиските членови се суверена власт во партијата. Пред нив во целосна јавност и целосна слобода се расправаат сите прашања и со одлука на мнозинството од членовите се утврдува партиската политика околу секое поодделно прашање. Оваа трајна духовна работа, овој жив внатрешен живот, оваа вистинска можност за влијание на поединецот врз партиската целина, правеа членовите во масата да се врзат за партијата, лично да се развиваат и обилно да работат на различните партиски работи. За да се овозможи широките маси од луѓе со различни знаења и сфаќања да водат една политика, потребен е трајно огромно духовно работење, потребна е најцелосна внатрешна слобода на духот, потребна е не само дисциплина, туку и демократија, т.е. право на секој член преку органите на партијата да врши целосно влијание врз целината и право на мнозинството слободно да одлучува.

Новите статути воведуваат диктатура на партиските водачи и ја задушуваат критиката во партијата и слободниот духовен развиток. Да пишува, да зборува, да ја застапува партијата смее само оној кому партиското водство ќе му стави жиг на челото: “правоверен”. Еретиците мораат да бидат задушени и, ако протестираат, исклучени. Оваа практика која што целата целата власт, иницијатива и влијание ја пренесува во рацете на познатите и непознатите партиски громовници, го умртвува партиското членство. Тоа постепено престанува да се интересира за партиската политика, па според тоа и за партијата. Големата партија на масите набрзо исчезнува и се претвора во тесна секта.

Руските социјалисти десетици години мораа да делуваат тајно и да создаваат тесни групи. Живеејќи во странство, тие водеа остра меѓусебна духовна борба, кога веќе во содејство со масата не можеа да водат класна борба. Тие поради еден член се делеа во неколку групи.[7] Духот на секташтвото, нетрпеливоста, исклучивоста е главно обележје на нивното сфаќање на политиката. Кога им се даде можноста за делување помеѓу широките маси на рускиот работен народ, дојдоа шефовите од странство снабдени со последните резултати на науката. Дојдоа помеѓу една маса која пет векови никој ништо не ја прашуваше, туку само ѝ наредуваше да слуша. И таа ги слушаше чиновниците, плашејќи се од камшикот козачки, и поповите, плашејќи се од камшикот божји. Новите водачи, творците на новиот свет се новите пророци, на кои не им се одговара, туку им се потчинува. Новата наука се прима не како уверување, туку како откровение. Целото ова ново учење, нова теорија и нова политика со кои руските болшевици тргнаа во борба против старото сфаќање на револуционерниот марксизам, има своја социјална основа во азиските народи и во нивната културна состојба. Европскиот пролетаријат одамна се ослободи од празноверието во семоќта и семудроста и на Бога и на господарот и на своите партиски првенци. Кај работникот се изгради човек кој што мисли, кој што сака да биде прашан и да одлучува во својата партија и кој што нема да трпи никаква тиранија во неа.

Маркс одамна рече дека додека сите досегашни движења во историјата на светот беа движења на малцинствата во корист на малцинствата, социјалистичкото движење е движење на огромното мнозинство во корист на огромното мнозинство. За остварување на големото дело на преобразба на општеството е нужно да се создаде социјалистичка партија не како тесна секта, туку како партија на широките, организирани, класно развиени маси, оспособени да можат и да знаат да го примат во свои раце организирањето на новата економија и новата држава. Поради тоа ние решително застануваме против новите статути, кои ги убиваат партиите на масите.

Исто така го сметаме за целосно погрешен обидот да се укинат одделните земски партии како автономни партии и целосно да се потчинат на московскиот Извршен комитет како секции. Невозможно е од место надвор од земјата да се управува со политиката на партијата од таа земја. Социјалистичките партии во поодделните земји ги врзува нивната заедничка цел и заедничкиот метод: методот на класна борба во економијата и политиката. Во дневната практична политика на секоја партија мора да има големи разлики. Овие разлики ќе потекнуваат од разновидниот економски, културен и социјален развиток на разните народи и држави. Партиското групирање и начинот на борба во одделните држави зависат од целокупната дотогашна историја на таа земја. И при ист економски развиток старите феудални класи некаде се одржаа повеќе, а некаде помалку. Некаде преовладува воена диктатура, некаде селанска, некаде буржоаска демократија. Некаде класите се организирани, а некаде не се. Некаде влијанието на религијата е семоќно, некаде јавниот збор е најмоќен. Некаде во политиката преовладува принципот на силата, некаде повисоките класи се наклонети кон компромиси. Апсурдно е еден странец, кој нема непосреден допир со социјалниот и политичкиот живот на една земја, кој не живее во неа, не ги изучува нејзините проблеми и не го чувствува нејзиниот дух, однадвор да пропишува што да се прави и каква политика да се води. Им се допаѓало тоа или не на московските принципи, самиот живот ќе го осуди на неуспех секој обид од Москва да ѝ се наметне политика на една партија за која таа самата не е зрела. Таквите обиди и ако се најдат слепи агенти, кои едноставно слушаат, ќе ја доведат таа партија до брз крах. Една национална партија не може да биде наспроти Интернационалата во положба на десетар наспроти генерал. Интернационалата не може да наредува. Таа може да дава совети, може да врши слободна пропаганда во секоја партија, но во својата, национална политика секоја партија треба самостојно да одлучува. Нејзините партиски членови, оние што треба да се заложат за таа политика и со својата сила да ја понесат треба суверено да одлучуваат за таа политика, а не некој далечен комитет од Москва. Интернационалата треба да се стреми кон што потесна врска и што поцелосен договор помеѓу поодделните партии, таа треба да ги организира и помага нивните заеднички акции, но не по пат на наметнување, туку по пат на целосен договор и почитување на автономијата на секоја партија. Последниот конгрес на Третата интернационала ја пренесува целата власт во Москва. Тој заклучи не само дека Извршниот комитет на Интернационалата треба да им дава задолжителни директиви на поодделните партии, туку и дека треба да се занимава дури и со исклучување на одредени луѓе од националните партии! Навистина, се кажува дека тој ќе води сметка за различните околности на земјите и дека при исклучувањето ќе може да се дава помилување (точка 20 од “Условите”) - но во негова исклучива надлежност е тие внатрешни околности да ги оценува и да одлучува дали една политика во една земја е можна или не (види точка 16 од “Условите”). На такво свое политичко самоубиство и доброволно врзување и на рацете и на нозете нашата партија не смее да се согласи. Таа тогаш престанува да биде партија и се претвора во руски поткомитет.

5. За слободна интернационала

Ако со одлука на Вториот конгрес на Комунистичката интернационала нејзината општа политика е формулирана како политика на вооружено востание против капитализмот, должност на сите социјалисти со чест и име е јасно да се определат кон неа. Ние тоа и го правиме. Ние изјавуваме дека нашата партија не може да ја прифати политиката на скорешна револуција, на скорешно вооружено востание.

Во нашата земја големото општествено производство е релативно многу помалку развиено отколку во Русија. Во нашата земја, и во градот и во селото, економски преовладува ситното лично производство и една скорешна револуција би можела да изведе така ограничена социјализација на економијата што тоа наспроти масата на ситно-сопственичка приватна економија би било токму ништовно. Најважната социјална реформа што наскоро мора да биде изведена во нашата земја е уништувањето на феудалниот крупен посед и поделба на земјата во слободна сопственост на селаните. Со тоа се оневозможува брзо воспоставување на комунистичко земјоделие. Поради слабиот развиток на капитализмот, пролетаријатот како класа е слаб, па и според својот број и според економското значење и според организаторските способности е надвор од можноста веќе денес диктаторски да завладее и да организира нова политичка власт и нова економија. Секој обид за вооружено востание би одвел во неизбежна катастрофа и целосно оневозможување на каков било вид на класна борба. Неуспешноста на таквиот потфат ја увидоа и московските болшевици. Поради тоа Извршниот комитет на Третата интернационала со својот манифест ѝ препорача на нашата партија да смета на незадоволничките движења во нашата земја, па какви и да се тие, па и на најреакционерните. Едно навистина успешно востание во оваа земја не би било можно без соработка со незадоволните национални малцинства. Националистите од сите видови: арнаутските, бугарските [односно, македонските], унгарските, германските, би го помагале таквото вооружено востание поради своите цели за веднаш утредента по успехот да се свртат против новата влада. Во тоа вооружено востание би се вмешале и племенските сепаратисти од сите видови: католиците, муслиманите и православните, на кои не им е до комунизам, туку до разбивање на оваа државна целост. Во случај на успех тие со целата сила би се свртиле и против новата влада. Вооруженото востание на Балканот, макар и започнало како комунистичка револуција, би имало за последица крах на комунизмот и на работничката класа и повторно отворање на крвавите националистички оргии на целиот Балкан. Таква катастрофална политика ние не можеме да му препорачаме на југословенскиот и балканскиот пролетаријат. На балканските народи денес им треба мир. Не на патот на новите војни, туку на патот на политичкиот и економскиот сојуз и договор тие можат да бараат пат за решавање на спорните национални прашања. Движењето на племенските сепаратисти од сите три вери кои сакаат да ја разбијат националната целост на Југословените го сметаме за најодвратно и најреакционерно движење и мораме да ја отфрлиме солидарноста со него.

Денес, без непосреден допир со успешните комунистички режими во соседните земји од Средна Европа, обидите за вооружено востание на Балканот би биле вистинско злосторство кон работничката класа од овие земји и кон балканските народи. Тие би нé фрлиле ужасно назад, во нови стравотни жртви, во нови воени варварства, во дива реакција, при што во крв би било задушено името социјалистичко, а работничката класа би била окована во синџири. Политиката на вооружено востание, против која сметаме за должност отворено да застанеме, на Балканот е до таа мера апсурдна што руските болшевици ужасно ќе се излажат ако помислат дека таа и во устите на нивните тукашни приврзаници значи нешто повеќе од мегаломанија и политички пајацлак.

Денес, кога социјалистичките партии од сите земји ја вршат својата судбоносна ориентација, должност е и на нашата партија отворено да им каже на другарите од странство каква политика дозволуваат околностите во нашата земја.

Политичката ориентација на Третата интернационала почива врз уверувањето дека класната борба на пролетаријатот во Европа и Америка зеде облик на граѓанска војна, дека тоа е последна, крајна борба, во која оружјето ќе одлучи помеѓу владеењето на капитализмот и диктатурата на пролетаријатот.

Ние мораме отворено да кажеме дека класната борба на пролетаријатот и буржоазијата во нашата земја не е созреана до граѓанска војна, дека пролетаријатот како класа сè уште е недоволно развиен и слаб и дека преземањето на класна борба со оружје би довело до негов целосен крах како класа и како политичка партија, до уништување на сите досегашни придобивки од неговата класна борба и до долгогодишно оневозможување на секое негово организациско делување. Секој скорешен обид за вооружено востание на пролетаријатот со цел освојување на политичката власт би бил луд пуч и неговите организатори би можеле да бидат само најголеми непријатели на работничката класа.

Ова на нашите руски другари мора да им биде јасно - отворено кажано. Денешното партиско раководство не се решава да го каже тоа. Тоа во земјата води мирна, скромна, речиси опортунистичка политика, политика на доверба во буржоаската законитост и во Државниот совет, а надвор се заколнува на верност на политиката на Третата интернационала. Другарот Зиновјев на последниот конгрес во Москва со право забележа дека кај нашата партија не гледа дека таа на дело ја спроведува политиката на Третата интернационала. Тоа Зиновјев го толкува со фактот дека во партијата сè уште седат “центрумашите” и бара нивно исклучување од партијата. Во резолуцијата за условите за членство изречно се кажува: “На Комунистичката интернационала ѝ се заканува опасност да биде разводнета од страна на колебливите и нерешителни елементи... Во неколку големи партии (на Италија, Шведска, Норвешка, Југославија и др.), чие мнозинство застана на стојалиштето на комунизмот, и денес постојат значителни реформистички и социјал-пацифистички крила, кои чекаат само момент за повторно да кренат глава и да започнат со активна саботажа на пролетерската револуција и така да ѝ помогнат на буржоазијата и на Втората интернационала.”

Што се однесува до нашата партија, овие тврдења се целосно невистинити. Во неа нема ниту реформисти ниту социјал-пацифисти. Во неа има особено револуционерни марксисти, чие теориско знаење и политичко искуство беше доволно силно за да не ги наведе на политиката на несериозно бунтовништво ниту со збор ниту со дело. Никогаш, од своето настанување, нашата партија не беше реформистичка и на своето држење пред војната и во текот на војната таа е повеќе горда од руските болшевици. Седејќи во Швајцарија, не беше тешко да се биде против учеството на Русија во војната. По војната ние енергично го пресековме секој обид за внесување на реформизам во нашата партија, одбивајќи ја заедницата со Кораќ [8] и неговите истомисленици. Ниту денес не ни паѓа на памет да ја одвраќаме политиката на нашата партија од светлите патеки на нејзиното минато. Оној што го изнесува тврдењето дека во нашата партија има пацифисти и реформисти, изнесува клевета. Ние ја отфрламе таа клевета, но истовремено изјавуваме дека ќе се бориме за тоа партијата да не отиде во лев опортунизам, во незрело бунтовништво и пучизам.

На конгресот во Москва од членовите на нашата партија присуствуваше другарот Илија Милкиќ. Дека партијата го делегира таму, нам не ни е познато. Неговата должност беше, кога веќе зборуваше, да го каже она што ние го кажавме. Неговата должност беше да изјави дека и покрај сето свое револуционерно расположение, југословенскиот пролетаријат, поради својата слабост и неразвиеноста на земјата, не може ниту да помисли на вооружено востание ниту пак со сила да ја освои политичката власт. За тие задачи на иднината тој сè уште не е дораснат. Неговите задачи денес се поскромни. Поради тоа нашите другари нека не го бараат од нас она што не можеме да им го дадеме. Наместо таков одговор, другарот Милкиќ постапува сосема обратно. Тој одговара дека практиката на нашата партија не може да биде пореволуционерна и дека Балканската и Руската револуција ќе ја претворат во прав старата Европа! Во Европа денес нема земја, со исклучок на Грција, каде што работничкото движење е послабо отколку кај нас. Во Европа нема земја во која работничкото движење е така безнадежно притиснато како нашето. Секоја земја има барем обединето синдикално движење ако веќе партиите ѝ се поделени. Кај нас и синдикатите се сосема растроени. И во моментот кога ние се мачиме да се одржиме пред најгрубата реакција, доаѓаат непресметливи ветувања, доаѓаат бесмислени фрази: ние ќе ја претвориме Европа во прав и пепел! Ќе им покажеме ние на стотиците милиони организирани европски работници како се прави револуција! А во “Радничке новине” излегува статија: ние целосно се согласуваме со другарот Милкиќ! Ние, пак, од основа не се согласуваме со другарот Милкиќ и молиме Третата интернационала да знае дека нашата партија не може и нема да води политика на скорешно вооружено востание не поради тоа што во неа седат реформисти, туку бидејќи во неа седат марксисти кои ги знаат условите за победа на една револуција и за кои главите и судбината на пролетаријатот на оваа земја не им се проста играчка.

Ние борбата за ослободување на пролетаријатот и за комунизам ја сфаќаме онака како што ја научивме од Маркс и од останатите големи творци на научниот социјализам. Од Маркс научивме дека комунизмот не може да биде дело на мудроста ниту дело на простата сила, туку дело на економскиот развиток и на свесната класна борба на пролетаријатот. Комунизмот не е можен насекаде и во секое време. Комунизмот не е дело на простата сиромаштија и на простото незадоволство. Во последните четири илјади години од човечката историја имаше и многу беда и многу незадоволство, далеку поголема беда и подлабоко незадоволство отколку што е бедата и незадоволството на пролетаријатот во капитализмот. А од таа беда и од тоа незадоволство никаде не е организиран комунизам, иако го проповедаа источните мудреци, иако го проповедаше Христос и многу други светци и научници во сите векови и во сите сите времиња од човечката историја.

Напоредно со економскиот развиток и порастот на пролетаријатот се заострува класната борба. За нас никогаш немаше сомнеж дека, иако пролетаријатот е принуден подолг период да води легална класна борба, да бара демократија и законитост за да се подигне и организира како класа, на тој пат нема да дојде до политичката власт. Тој ќе мора таа власт да ја грабне во револуционерната борба - но кога ќе дојде време за тоа. Денес во нашата земја за тоа сè уште не дошло времето. Победата на пролетаријатот во понапредните и поразвиените земји значително ќе ги забрза и олесни завршните борби во заостанатите земји. Но сува бесмислица е да се сакаат револуционерни потфати во заостанатите земји додека пролетерската власт не е зацврстена во земјите на крупниот капитализам.

Третата интернационала се мачи да не ја признае оваа историска условеност на револуцијата и на пролетерската власт. Нејзината политика ги затвора очите пред различните степени на развиток на поодделните земји. Таа би сакала руските методи и начин на делување што побрзо да им ги наметне на сите останати партии.

Сите заклучоци во Москва за организацијата на Третата интернационала ѝ служат на таа една единствена цел - со арно или со лошо да им се наметнат руските политички методи на останатите партии. И поради тоа што не се согласуваме со оваа политика на насилно и предвремено предизвикување на револуција, на штетно и предвремено борење за власта; поради тоа што сме убедени дека таквата политика би ја упропастила не само нашата партија, туку и целата работничка класа како класа - поради тоа сме против ваквиот начин на организирање на Третата интернационала.

И сега како и секогаш искрено ќе го помогнеме револуционерниот сојуз на сите нереформистички социјалистички партии. И сега како и секогаш сакаме во тој сојуз да бидат и револуционерните партии од Русија. Но тој сојуз мора да биде Интернационала, орган на различните потреби на пролетаријатот во различните земји, а не војничка организација која сака сите партии да ги потчини на една. Ние сакаме братски сојуз со признавање на еднаквоста, а не политичко старателство.

Една здрава Интернационала не може да изникне ниту од несериозното подражавање, ниту од заемното лажење, од фрлањето во воздух на празни револуционерни зборови. Таа може да изникне само од отворениот разговор и јасното признавање што може да се направи во која земја. Затоа и сакаме веднаш да се свика вонреден конгрес и на тој конгрес нашата партија принципиелно да ги отфрли заклучоците од последниот конгрес во Москва и на своите делегати да им даде прецизни упатства.[9]



Забелешки на преведувачот

[1] Ова е манифест што го објавија т.н. „центрумаши” (левите социјалисти), кои во тоа време сè уште беа дел од Комунистичката партија на Југославија, во која членуваа уште од нејзиното основање во април 1919. Овој манифест доаѓа како резултат на нивното постепено потиснување од КПЈ што дојде по Вториот конгрес на КПЈ од јуни 1920, а по директива од Коминтерната. Самиот манифест беше објавен во средината на октомври 1920 и беше потпишан од 53 најистакнати центрумаши од Белград. Носител на акцијата и автор на манифестот е Живко Топаловиќ. Се смета дека во Србија (во чии рамки тогаш се сметаше и Вардарска Македонија), ставовите во Манифестот ги поддржале околу 100 центрумаши. Сите потписници на Манифестот на 10 декември 1920 година беа исклучени од КПЈ.

[2] Овде ќе го пренесеме само вториот дел од Манифестот. Првиот дел се занимава со конкретните забелешки што левите социјалисти им ги упатуваа на комунистичкото раководство на партијата и нема некоја поголема теориска важност.

[3] “Радничке новине” во ова време беа партиски орган на КПЈ.

[4] Va banque – коцкарска игра при која се вложува сè на една карта.

[5] Дваесет и едниот услов за припадност кон Третата интернационала тука се дадени во целост, но опозицијата на КПЈ сепак скрати одредени делови од воведниот дел во кои Третата интернационала ги напаѓа центристите. Исто така, во текстот е додадено подвлекување на оние делови од Условите за кои опозицијата сметаше дека особено им одат на штета на раководството на КПЈ.

[6] Подвлекувањето во цитатите од Статутот е додадено.

[7] Алузија на ситуацијата на Вториот конгрес на Руската социјалдемократска работничка партија од 1903, кога во врска со членот 1 од Програмата на Партијата настана нејзината поделба на меншевичко и болшевичко крило.

[8] Витомир Кораќ - водечка личност на дотогашната Социјалдемократска партија на Хрватска и Славонија, десен социјалдемократ. Тој не учествуваше во формирањето на Социјалистичката работничка партија на Југославија (комунисти) во 1919. По исклучувањето од КПЈ, југословенските леви социјалисти се обединија со приврзаниците на Кораќ и со словенечката социјалдемократска партија, формирајќи ја Социјалистичката партија на Југославија, но несогласувањата помеѓу левите социјалисти и десните социјалдемократи беа константни во текот на целото постоење на СПЈ.

[9] До свикување на вонреден конгрес не дојде. Левите социјалисти беа исклучени од КПЈ без конгресна одлука.


Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива