Ерих Фром

Хуманистичкиот социјализам


Првпат објавено: Erich Fromm, Let Man Prevail: A Socialist Manifesto and Program, 1960.
Извор: Ерих Фром „За непослушноста и други есеи“, „Комунист“, Скопје, 1989, 73-87 стр.
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2017


Врз основа на општата анализа на капитализмот, комунизмот и хуманистичкиот социјализам, во социјалистичката програма мора да се разграничат три аспекти: Врз кои принципи се засновува идејата на социјалистичката партија? Кои се крајните цели на хуманистичкиот социјализам за чие остварување се залагаат социјалистите? Кои се непосредните краткорочни цели на социјалистите кога крајните цели сè уште не се остварени?

Кои се принципите врз кои се засновува идејата на хуманистичкиот социјализам? Секој општествено-економски систем не е само специфичен систем на односи помеѓу предмети и институции, туку и систем на меѓучовечки односи. Секоја теорија и практика на социјализмот мора да се проценува во зависност од видот на односите помеѓу луѓето што владеат во него.

Највисоката вредност во секое општествено и економско уредување е човекот; целта на општеството е да обезбеди услови за целосен развиток на човековите потенцијали, неговиот разум, неговата љубов, неговата креативност; секое општествено уредување мора да овозможи надминување на отуѓувањето и осакатеноста на човекот, и да му овозможи да постигне вистинска слобода и индивидуалност. Целта на социјализмот е таква заедница во којашто целосниот развиток на секој е услов за целосниот развиток на сите.

Врвниот принцип на социјализмот е човекот да има предимство пред предметите, животот пред поседувањето и, според тоа, трудот пред капиталот; моќта да произлегува од творештвото, а не од сопственоста; и околностите да не го владеат човекот, туку тој да ги владее нив.

Во односите помеѓу луѓето секој човек е цел за себе и никогаш не смее да се претвори во средство за остварување на нечија друга цел. Од овој принцип произлегува дека никој лично не смее да биде потчинет некому само поради тоа што тој другиот поседува капитал.

Хуманистичкиот социјализам е вкоренет во убедувањето дека постои единство на човештвото и солидарност на сите луѓе. Тој се бори против секој вид на обожување на државата, нацијата или класата. Врвната преданост на човекот треба да е свртена кон човечкиот род и кон моралните принципи на хуманизмот. Тој се бори за ревитализација на оние идеи и вредности врз кои беше изградена западната цивилизација.

Хуманистичкиот социјализам радикално им се спротивставува на војната и насилството од било кој вид. Секој обид за решавање на општествените и политичките проблеми со сила или насилство тој го смета не само за залуден, туку и за неморален и нечовечен. Оттаму, тој бескомпромисно ѝ се спротивставува на секоја политика која сака да постигне безбедност преку вооружување. Тој го сфаќа мирот не само како отсуство на војна, туку и како позитивен принцип на човечки односи, заснован врз слободна соработка на сите луѓе за општо добро.

Од социјалистичките принципи произлегува дека секој член на општеството е одговорен не само за своите сограѓани, туку и за сите граѓани на светот.

За да се укине неправдата поради која две третини од човештвото живеат во крајна сиромаштија, мора да се направи многу поголем напор од оној што досега е направен од страна на богатите за да им се помогне на неразвиените да постигнат човечки задоволувано економско ниво.

Хуманистичкиот социјализам се залага за слобода. Тој се залага за слобода од страв, оскудица, притисок и насилство. Но слободата не е само слобода од, туку исто така и слобода за; слобода за активно и одговорно учество во сите одлуки кои се однесуваат на граѓанинот, и слобода за развивање на индивидуалните човечки потенцијали до највисок можен степен.

Производството и потрошувачката мора да им бидат подредени на потребите на човековиот развиток, а не обратно. Од тоа произлегува дека целото производство мора да се раководи според принципот на општествената корисност, а не според материјалниот профит на некои единки или корпорации. Затоа, доколку треба да се избира помеѓу поголемо производство од една, и поголема слобода и човечки растеж, од друга страна, тогаш на човечката вредност мора да ѝ се даде предност во однос на материјалната.

За социјалистичкиот индустријализам целта не е постигнување на највисока економска, туку највисока човечка продуктивност. Тоа значи дека начинот на којшто човекот ја троши својата енергија, како во работата, така и во слободното време мора да му биде осмислен и интересен. Тој мора да го поттикне и да му помогне на човекот да ги развие сите свои сили - како интелектуалните, така и емоционалните и уметничките.

Но, макар што материјалните потреби мора да бидат задоволени за да се живее човечки, потрошувачката не смее да стане цел за себе. Сите настојувања за вештачко поттикнување на материјалните потреби со цел да се зголеми профитот, мора да бидат спречени. Залудното трошење на материјалните ресурси и бесмислената потрошувачка заради потрошувачка се погубни за зрелиот човечки развиток.

Хуманистичкиот социјализам е систем во којшто човекот го владее капиталот, а не капиталот човекот; во којшто во најголема можна мера човекот ги владее околностите, а не околностите него; во којшто членовите на општеството планираат што ќе произведуваат, наместо производството да ги следи безличните закони на пазарот и капиталот со неговата инхерентна потреба за максимален профит.

Хуманистичкиот социјализам претставува проширување на демократскиот процес од чисто политичкото царство во економската сфера; тоа е политичка и индустриска демократија.

Тој претставува повторно воспоставување на политичката демократија во нејзиното изворно значење: вистинско учество на информираните граѓани во сите одлуки што нив ги засегаат.

Проширувањето на демократијата во економската сфера значи демократска контрола на сите економски дејности од страна на учесниците: мануелните работници, инженерите, административците итн. Хуманистичкиот социјализам не е првенствено преокупиран со легалната сопственост, туку со контролата врз крупната и моќна индустрија. Неодговорната контрола од страна на бирократските управи кои го застапуваат интересот на капиталот за профитот, мора да биде заменета со управување кое ќе работи во интерес на оние кои произведуваат и трошат, а и ќе биде контролирано од нив.

Целта на хуманистичкиот социјализам може да се оствари само со воведување на максимално можна децентрализација која ќе биде компатибилна со минимумот централизација што е неопходен за координирано функционирање на индустриското општество. Функциите на централизираната држава мора да се сведат на минимум, а доброволната активност на слободно здружените граѓани ќе го сочинува главниот механизам на општествениот живот.

Бидејќи основните општи цели на хуманистичкиот социјализам се исти за сите земји, секоја земја мора да ги формулира своите специфични цели во сообразност со традиционалната и актуелната ситуација, и да ги определи специфичните методи за нивното остварување. Заемната солидарност на социјалистичките земји мора да го спречува секој обид некоја земја да ѝ ги наметнува своите методи на друга земја. Во истиот дух, делата на творците на социјалистичките идеи не смеат да се претворат во свети правила што некои ќе ги користат да го наметнат својот авторитет врз другите; нивниот дух мора да продолжи да живее во срцата на социјалистите и да ја води нивната мисла.

Хуманистичкиот социјализам е доброволен, логички исход на дејствувањето на човечката природа под рационални услови. Тој претставува остварување на демократијата вкоренета во хуманистичката традиција на човештвото во услови на индустриско општество. Тој е општествен систем кој не применува сила, ниту физичка, ниту пак онаа која со хипнотички сугестии ги присилува луѓето без да се свесни за тоа. Тој може да се оствари само со повикување на човековиот разум и на неговиот копнеж за похуман, поосмислен и побогат живот. Тој е заснован врз вербата во човечката моќ да изгради свет што е вистински човечен, во којшто збогатувањето на животот и развивањето на единката се првичните задачи на општеството, и во кој на економијата ѝ се дава нејзината вистинска улога на средство за побогат човечки живот.

Расправајќи за целите на хуманистичкиот социјализам ние мора да правиме разлика помеѓу крајната социјалистичка цел на општество засновано врз слободна соработка на неговите граѓани и во кое функциите на централизираната држава се сведени на минимум, и непосредните социјалистички цели пред да се достигне таа крајна цел. Преминот од денешната централизирана држава кон целосно децентрализирано општество не може да се оствари без преоден период во кој, во извесна мера, е неопходно централистичко планирање и државна интервенција. Но, за да се избегнат опасностите до кои може да доведе централистичкото планирање и државната интервенција, како што се зголемената бирократизација и слабеењето на индивидуалниот интегритет и иницијатива, неопходно е: а) државата да биде под делотворна контрола на нејзините граѓани; б) да се скрши општествената и политичката моќ на големите корпорации; в) и од самиот почеток да се воведат сите форми на децентрализирани слободни асоцијации во производството, трговијата и месните општествени и културни активности. Иако денес не е можно да се направат конкретни и детaлни планови за конечните цели на социјалистичкото општество, сепак може да се даде нивна привремена формулација. А за да се дојде до прецизна и специфична формулација на крајните цели, потребни се долги години проучување и експериментирање, на кои ќе им се посветат најголемите умови и срца на нацијата.

Придржувајќи се до тоа дека суштински принцип на социјализмот  е општествената контрола, а не легалната сопственост, негова прва задача е да ги трансформира големите претпријатија на таков начин што оние кои управуваат со нив ќе бидат назначувани и целосно контролирани од сите учесници - работниците, службениците, инженерите - со учество на синдикатот и претставници од потрошувачите. Овие групи ќе го сочинуваат највисокото раководно тело на секое големо претпријатие. Тие ќе одлучуваат за сите главни прашања во врска со производството, цената, користењето на профитот итн. Акционерите и натаму ќе добиваат надомест за тоа што се користи нивниот капитал, но нема да имаат право на контрола и управување.

Со централното планирање автономноста на претпријатијата ќе се ограничи до оној степен кој е неопходен производството да ги оствари своите општествени цели.

Малите претпријатија треба да работат врз основа на кооперација и треба да бидат поттикнувани преку даноци и други средства. А во претпријатијата кои нема да бидат организирани врз основа на кооперација, оние што работат во нив, подеднакво со сопствениците, ќе учествуваат во профитот и контролата на управувањето.

Некои индустриски гранки кои се од суштинска важност за целото општество, какви што се нафтената индустрија, банките, телевизијата, радиото, фармацевтската индустрија и транспортот, мораат да бидат национализирани; но, управувањето со овие национализирани индустриски гранки мора да биде подложено на истиот принцип на делотворна контрола од страна на учесниците, синдикатите и потрошувачите. Во оние полиња каде што постои некоја општествена потреба, а не постои соодветно производство, општеството мора да финансира претпријатија коишто ќе ги задоволат овие потреби. Единката мора да биде заштитена од стравот од оние ситуации во кои може да биде изложена на нечија принуда. За да се постигне оваа цел, општеството мора, за секого бесплатно, да обезбеди минимум храна, облека и станбен простор што е неопходен за материјална егзистенција. Секој што ќе има поголеми барања за материјален комфор ќе мора да работи за тоа, а штом се обезбедени егзистенцијалните животни потреби, никој не ќе може да има моќ над другите врз основа на директна или индиректна материјална принуда. Социјализмот не ја укинува индивидуалната сопственост. Ниту пак бара целосно изедначување на примањата; примањата треба да се сообразат со трудот и квалификацијата. Но разликите во примањата не смеат да создадат толку различни облици на материјален живот што животните искуства да не можат да се споделуваат и да останат туѓи едни на други.

Принципот на политичката демократија мора да се сообрази со условите на дваесеттиот век. Земајќи ги во обѕир нашите технички средства за комуникација и табелирање, во современото масовно општество можно е повторно да се воведе принципот на јавни собири. Потребно е со проучување и експериментирање да се утврдат начините на кои тоа може да се постигне. Тоа може да биде преку формирање на стотици илјадници мали непосредни групи (организирани според местото на живеење или според работното место) кои би сочинувале еден нов тип на Долен Дом и кои би учествувале во донесувањето одлуки заедно со еден претходно избран централен парламент. Со децентрализацијата мора да се постигне тоа, важните одлуки да бидат во рацете на жителите на малите, локални подрачја кои сè уште го следат основниот принцип кој го управува животот во целото општество. Но без оглед на тоа кои форми ќе се изнајдат, останува основниот принцип, демократскиот процес да се трансформира на таков начин што добро информираните и одговорни граѓани ќе ја изразуваат својата волја - а не автоматизираните масовни луѓе контролирани со методите на хипнотичката масовна сугестија.

За повторно да се воспостави слободата, мора да се скрши обрачот на бирократијата, и тоа не само во сферата на политичките одлуки, туку и во однос на сите одлуки и договори. Покрај одлуките што се филтрираат одозгора надолу, во сите сфери на животот на обичниот народ мора да се развијат и активности кои ќе се „филтрираат" од долу нагоре. Работниците организирани во синдикати, потрошувачите организирани во организации на потрошувачи и граѓаните организирани во веќе спомнатите непосредни политички групи мораат да бидат во постојана врска со централната власт. Овој однос подразбира дека базата може да предлага и со гласање да одлучува за нови мерки, закони и одредби, додека пак сите избрани претставници подлегнуваат на постојано критичко преиспитување и, ако е потребно, отповикување.

Според основниот принцип на социјализмот негова цел е укинување на националниот суверенитет, укинување на сите видови вооружени сили и воспоставување на заедница на народите.

Во сферата на образованието главна цел е да се помогне развитокот на критичките моќи на единката и да се создаде основа за творечко изразување на нејзината личност - со други зборови, да се негуваат слободни луѓе кои ќе бидат имуни на манипулација и искористување на нивната склоност кон задоволства и профит. Знаењето не би требало да биде прост збир на информации, туку рационално средство за разбирање на суштинските сили што ги определуваат материјалните и човечките процеси. Образованието треба да го опфати не само разумот, туку и уметноста. Капитализмот, создавајќи го отуѓувањето, ги раздвои и ги потцени научното мислење и естетската перцепција на човекот. Цел на социјалистичкото образование е повторно да ја воспостави нивната целосна и слободна примена. Тоа не се залага човекот да биде само интелигентен набљудувач, туку и добро подготвен учесник, не само во производството, туку и во уживањето на животот. За да се избегне опасноста од отуѓената интелектуализација, во основното и средното образование практичната и теориската настава ќе се надополнува со вежби во мануелна работа и во уметноста, комбинирајќи ги и двете со применета уметност (изработување на корисни уметнички предмети). Секој ученик мора да знае да изработи нешто вредно со своите сопствени раце и умешност.

Принципот на ирационалниот авторитет кој се засновува врз сила и искористување треба да биде заменет, не со принципот laissez-faire, туку со авторитет заснован врз знаење и умешност - а не врз заплашување, сила или сугестија. Социјалистичкото образование мора да дојде до нов поим на рационален авторитет кој ќе се разликува и од ирационалниот авторитет и од непринципиелното lагѕѕег-faire становиште.

Образованието не смее да се ограничи само на периодот на детството и младештвото, туку значително мора да се прошират и постоечките форми на образование за возрасните. Притоа, од особена важност е на секоја личност да ѝ се даде можност за промена на занимањето и професијата во било кој период од животот; економски тоа е изводливо само во услови кога општеството ќе ги подмири барем нејзините минимални материјални потреби.

Меѓyтоа, културните активности не смеат да бидат само надополнување на интелектуалното образование. Сите облици на уметничко изразување (преку музиката, балетот, драмата, сликарството, вајарството, архитектурата итн.) се од пресудна важност за хуманиот развиток на човекот. Општеството мора да издвои големи средства за создавање на широка програма на уметнички дејности и програма на корисни и истовремено убави објекти, дури и за сметка на другите, помалку важни задоволства на потрошувачите. Се разбира, треба да се води голема грижа за интегритетот на уметникот, за да се избегне општествено одговорната уметност да се претвори во бирократска или „државна" уметност. Треба да се одржува здрава рамнотежа помеѓу легитимните права на уметникот во општеството и легитимните барања на општеството од уметникот. Социјализмот се залага за тоа, во сферата на уметноста да се намали јазот помеѓу творците и потрошувачите и, колку што е тоа можно, за конечно укинување на оваа дистинкција преку создавање оптимални услови за процут на творечките потенцијали на секоја единка. Но, бидејќи за ова не постои претходен пример на кој хуманистичкиот социјализам би можел да се угледа, тој проблем ќе бара многу поголемо проучување отколку што досега е направено. Социјалистичкото општество се залага и за целосна еднаквост на расите и половите. Се разбира, оваа еднаквост не подразбира идентичност, па затоа мора да се вложат сите сили за да се овозможи целосен развиток на дарбите и талентите својствени на секоја раса и нација, како и на обата пола.

Мора да биде загарантирана слободата на религиозното дејствување, како и целосно раздвојување на државата и црквата.

Досега изложеново треба да се сфати само како скица на принципите и целите на социјализмот. За нивно конкретно и детално формулирање потребна е поширока расправа. Една од главните задачи на социјалистичката партија е преку таква расправа да дојде до конкретни и детални предлози. За тоа е потребно да се испитаат сите податоци што ни ги даваат практичното искуство и општествените науки. А наместо долготрајно рутинско мислење, потребни се фантазија и храброст да се согледаат нови можности.

Меѓутоа, многу време ќе помине додека мнозинството во Соединетите Држави не се увери во оправданоста на социјалистичките принципи и цели. Кои се задачите и функциите на социјалистичката партија во меѓувреме?

СП-СДФ (Социјалистичка партија - Социјалдемократска федерација)[1] мора во своето организирање и делување да ги отелотвори принципите за кои се залага; таа не треба да се стреми само кон остварување на социјализмот во иднина, туку веднаш мора да започне со негова реализација во својата сопствена средина. Според тоа, СП-СДФ не треба да ги убедува луѓето во својата програма со помош на ирационални чувства, хипнотички сугестии или „атрактивни личности", туку со реализмот, коректноста и продлабоченоста на нејзините анализи на економската, општествената, политичката и човечката положба. СП-СДФ мора да стане морална и интелектуална совест на Соединетите Држави и на широко да ги обелоденува своите анализи и проценки.

Во своето дејствување СП-СДФ мора да ги следи своите принципи во смисла на оптимална децентрализација и активно, одговорно учество на нејзините членови во расправите и одлуките. Таа исто така мора целосно да ги изрази и обелодени и мислењата на малцинството. Социјалистичката програма не смее да биде крута, туку мора да расте и да се развива преку континуирано дејствување, напор и грижа за членовите на партијата.

На тој начин СП-СДФ мора да се разликува од другите политички партии не само според својата програма и идеали, туку и според својата организација и начинот на функционирањето. Таа мора да стане духовен и општествен дом за сите нејзини членови кои ги обединува духот на хуманистичкиот реализам и менталното здравје, како и солидарноста и вербата во човекот и неговата иднина.

СП-СДФ мора да спроведе широка образовна кампања меѓу работниците, студентите, стручњаците и припадниците на сите општествени класи од кои може да се очекува дека ќе имаат разбирање за социјалистичката критика и социјалистичките идеали.

СП-СДФ не треба да очекува успех за краток период. Но, тоа не значи дека таа не треба да се бори за широко општествено влијание и моќ. Таа мора да се стреми да ја придобие приврзаноста на што поголем број луѓе чиј глас, преку партијата, ќе се чуе не само во Соединетите Држави, туку и низ целиот свет.

СП-СДФ се темели врз хуманистичката традиција на социјализмот; таа се стреми за сообразување на традиционалните социјалистички цели со условите во општеството на дваесеттиот век, што е услов за нивно остварување. Таа на пример, ја отфрла идејата според која нејзините цели ќе се постигнат со употреба на сила или со воспоставување на диктатура од кој и да е вид. Нејзино единствено оружје се реализмот на нејзините идеи, фактот дека тие се повикуваат на вистинските човечки потреби и на ентузијастичката приврзаност на оние граѓани кои ги прозреле лагите и измамите со кои денес им се полнат главите на луѓето и коишто веруваат во еден побогат и поисполнет живот.

Не е доволно членовите на СП-СДФ само да веруваат во еден заеднички идеал. Таквата верба ќе стане празна и стерилна доколку не се преточи во акција. Животот на партијата ќе мора да се организира така што секој член ќе има многу различни можности да ги преточи своите идеи во осмислена и непосредна акција. Како тоа да се изведе?

Мора да биде јасно дека во врска со основните цели на социјализмот, особено во врска со начинот на управување со големите претпријатија од страна на вработените, синдикатот и претставниците на потрошувачите, ревитализацијата на демократскиот процес и загарантираниот егзистенцијален минимум за секој граѓанин, постојат проблеми чии поединости исклучително тешко можат да се решат. За нивно решавање потребни се темелни теориски истражувања на полето на економијата, организацијата на работата, психологијата итн.; понатаму, за тоа се потребни и практични планови и експериментирање. Ако на овие општествени проблеми им се пристапи со истата онаа верба и фантазија што е својствена за духот на природните науки и техниката, тогаш би се изнашле решенија кои од аспект на денешната ситуација ќе ни изгледаат исто толку фантастични колку што пред дваесет години ни се чинеа вселенските патувања. Тешкотиите во изнаоѓањето решение за една здрава и хумана општествена организација не се ништо поголеми од оние на полето на теориските и применетите природни науки.

Според тоа, прва задача на социјалистите е да ги проучат проблемите на примената на социјализмот во сопствената сфера на дејствување и да ги анализираат своите искуства и предлози за социјалистички решенија во работните единици на нивната СП-СДФ. Оваа работа во групи треба да се надополни со постојани комитети за истражување на овие проблеми. Овие комитети ќе бидат составени од специјалисти од областа на економијата, социологијата, психологијата, надворешната политика итн. Комитетите за истражување и работните единици ќе бидат во непосреден заемен контакт и, разменувајќи идеи и искуства, заемно ќе се поттикнуваат.

Меѓутоа, активностите на членовите на СП-СДФ не смеат да се сведат само на имагинативно мислење и планирање. Покрај тоа, неопходна е непосредна и конкретна акција. Секој член треба да го афирмира социјалистичкиот начин на живот на своето работно место, без оглед каде работи – во фабриките, канцелариите, школите, лабораториите, болниците итн. Секој член треба да го афирмира и социјалистичкиот пристап кон проблемите, решавајќи ги самиот, и поттикнувајќи ги другите во тоа. Особено е важно членовите на СП-СДФ, кои се истовремено и членови на синдикатот, активно да се залагаат за поголема активност и учество на членовите во работата на синдикатите. Како во рамките на синдикатот, така и надвор од него, членовите на СП-СДФ ќе ги поддржуваат сите настојувања за децентрализација и за активно учество на базата, и ќе се борат против сите облици на бирократизација.

На СП-СДФ ѝ се потребни луѓе кои вистински се заинтересирани за проблемот на хуманизацијата на општеството, кои се спремни да работат на тоа и кои ќе жртвуваат и време и пари што ваквата работа ги бара.

Иако СП-СДФ тежиштето го става врз основните цели од својата програма, таа активно ќе се залага и за остварување на сите непосредни политички цели кои се од важност за прогресивниот развиток на нашето општество. Таа ќе соработува со сите политички групации и единки кои искрено се стремат кон истите цели. Меѓу нив се издвојуваат следниве:

— Здрава надворешна политика, заснована врз реалистичко признавање на дадената политичка ситуација — политика која се залага за разумен компромис и која сфаќа дека војната може да се избегне само доколку и двата моќни блока ги прифатат своите сегашни економски и политички позиции, откажувајќи се од секаков обид нив да ги променат со сила.

— Борба против сфаќањето дека нашата безбедност може да се постигне преку вооружување. Единствен начин да се избегне целосното уништување е да се спроведе целосно разоружување. Притоа, со преговорите за разоружување не смееме да го спречиме вистинското разоружување, туку мораме да бидеме спремни да го преземеме ризикот што произлегува од обидот тоа да се постигне.

— Програма за економска помош на неразвиените земји која ќе биде многу поголема од сегашната и која може да се оствари по цена на разумна жртва од страна на нашите граѓани. Ние се залагаме за политика која нема да биде во интерес на инвестирањето на американскиот капитал во странските земји и со која надворешната политика на Соединетите Држави нема на индиректен начин да ја доведе во прашање независноста на малите земји:

— зајакнување на Обединетите нации и максимално користење на нејзината помош во решавањето на меѓународните спорови и во пружањето на огромна надворешна помош;

— поддржување на сите мерки со кои се подигнува животниот стандард на оној дел од населението кој сè уште живее под нивото на материјалниот стандард на мнозинството. Ова се однесува на сиромаштијата која е предизвикана како од економски, така и од регионални и расни фактори;

— поддржување на сите напори за децентрализација и активирање на базата. Тоа значи поддршка на сите обиди да се скроти неодговорната моќ на бирократијата во корпорациите, синдикатите и државата;

— поддржување на сите мерки на социјална сигурност кои водат кон брзо санирање на мачните состојби предизвикани од невработеност, болест или старост. Поддржување на сите мерки за поопштествување на медицината, при што се подразбира правото на слободен избор на лекари и високо ниво на медицинските услуги;

— економски мерки за целосно искористување на земјоделските производствени капацитети и резерви, во национални и интернационални рамки;

— формирање на економска комисија составена од претставници на индустријата, трговијата, синдикатите, економистите и потрошувачите. Оваа комисија би требало постојано да ги испитува потребите на нашата економија и да развива сеопфатни планови за промени во интерес на целата нација. Нејзина прва задача би била да промисли и предложи планови за пренасочување на воената индустрија во производство за мирновременски цели. Заклучоците на оваа комисија, во кои ќе бидат вклучени и ставовите на малцинството, би требало јавно да се објават и дистрибуираат. Слични комисии би требало да се организираат и на полето на надворешната политика, културата и образованието; членовите на овие комисии треба да потекнуваат од повеќе структури на населението и да бидат луѓе чие знаење и чесност се општопознати;

— огромни државни издатоци за изградба на станови, патишта и болници, и на објекти за културни дејности какви што се музиката, театарот, балетот и ликовната уметност;

— со оглед на богатството на Соединетите Држави ние можеме да започнеме и општествено да експериментираме. Треба да се организираат претпријатија во државна сопственост во кои ќе се испробаат различни облици работничка партиципација во управувањето;

— во индустриските гранки кои се од основна општествена важност владата треба да формира претпријатија кои ќе служат како образец и кои во конкуренција со приватната индустрија ќе ја присилат неа да ги подигне своите стандарди. Ова пред сè треба да се направи со радиото, телевизијата и филмот, а ако е потребно и во други области;

— треба да се вложат напори да се започне со програма за работничка партиципација во управувањето со големите корпорации. Дваесет и пет проценти од членовите во одлучувачките тела во секое претпријатие треба да бидат слободно избрани претставници од работниците и другите вработени;

— мора да се зајакне влијанието на синдикатите, и тоа не само во врска со платите, туку и во однос на условите за работа и слично. Истовремено, со сите сили мора да се унапредува процесот на демократизација и во самите синдикати;

— мора да се поддржуваат сите напори за ограничување на хипнотичката сугестија во економската и политичката пропаганда.

Свесни сме дека оваа програма се однесува главно на индустријализираните земји од Северна Америка и Европа. Во сите останати земји таа треба да се сообрази со нивните специфични услови. Сепак, општите принципи врз кои се засновува оваа програма, какви што се производството за заеднички потреби и јакнењето на демократскиот процес и во индустријата и во политиката, важат за сите земји.

Ние апелираме до секој граѓанин да биде одговорен за својот живот, за животот на своите деца и за животот на целото човечко семејство. Човекот се наоѓа пред најсудбоносниот избор досега: дали својата умешност и ум да ги искористи за да создаде свет кој ќе биде, ако не рај, тогаш барем

место каде целосно ќе ги реализира своите потенцијали, свет на радост и творештво — или свет кој себеси ќе се уништи било со атомски бомби, било од здодевност и испразнетост.

Социјализмот се разликува од програмите на другите партии по тоа што тој има една визија и еден идеал за општество подобро и похумано од сегашново. Социјализмот не сака само да ги поправи недостатоците на капитализмот, туку сака да постигне нешто што сè уште не постои; тој се стреми кон цел која ја надминува дадената емпириска реалност на општеството, но која сепак се потпира врз реалните можности. Социјалистите имаа визија и велат: ова е она што ние го сакаме; ова е она за што ние се залагаме; тоа не е некој апсолутен и конечен облик на живот, туку е многу подобар и похуман облик на живот. Тоа е остварување на идеалите на хуманизмот од кој беа инспирирани најголемите дострели на западната и источната култура.

Многумина ќе речат дека луѓето не сакаат идеали и дека не сакаат да ја пречекорат рамката на референција во која живеат. Ние, социјалистите сметаме дека тоа не е точно. Напротив, луѓето длабоко копнеат по нешто за што ќе работат и во што ќе веруваат. Целокупната човекова животност се должи на неговото надминување на рутинскиот дел од неговата егзистенција и на стремежите за исполнување на една визија која — иако сè уште не е остварена — не е и невозможно да се оствари. Доколку тој нема можност да се стреми кон една рационална и хуманистичка визија, на крајот, исцрпен и потиштен од здодевноста на својот живот, тој ќе им се предаде на ирационалните, сотонските визии на диктаторите и демагозите. Слабоста на современото општество се состои токму во тоа што тоа не нуди никакви идеали, не бара никаква верба и нема никаква визија — освен да се има повеќе. Ние, социјалистите не се срамиме да признаеме дека длабоко веруваме во човекот и во визијата за еден нов, хуман облик на општество. Им се обраќаме на вербата, надежта и фантазијата на нашите сограѓани, повикувајќи ги да ја споделат со нас оваа визија и обидот неа да ја оствариме. Социјализмот не е само општествено економска и политичка програма; тој е човечка програма: остварување на идеалите на хуманизмот во услови на индустриско општество.

Социјализмот мора да биде радикален. Да се биде радикален значи да се оди до коренот; а коренот е Човекот.


Забелешки на преведувачот

[1] Socialist Раrtу—Social Democratic Federation — се работи за политичка партија во САД која настана во 1957 преку обединување на Социјалистичката партија и Социјалдемократската федерација, и чиј член за извесно време беше и Ерих Фром.


Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива