Имануел Валерштајн

Политичката борба околу системот-наследник


Извор: Immanuel Wallerstein, „Structural Crisis, Or Why Capitalists May No Longer Find Capitalism Rewarding“ in Immanuel Wallerstein, Randall Collins, Michael Mann, Georgi Derluguian, and Craig Calhoun. Does Capitalism Have a Future? (Oxford University Press, 2013).
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2021


Прашањето што стои пред светот денес не е на кој начин владите можат да го реформираат капиталистичкиот систем така што тој да може да ја обнови својата способност успешно да се стреми кон бесконечна акумулација на капитал. Нема начин тоа да се направи. Поради тоа прашањето стана што ќе го замени овој систем. И ова е прашање како за 1-от процент, така и за 99-те проценти, кажано на јазикот што се користи од 2011 година. Се разбира, не сите се согласуваат или се изразуваат околу ова на овој начин. Всушност, повеќето луѓе сè уште претпоставуваат дека системот продолжува, користејќи ги старите правила, можеби откако ги ректифицирал тие правила. Ова не е погрешно. Само што, во сегашната состојба, користењето на старите правила всушност ја засилува структурната криза.

Сепак има одредени актери кои се доста свесни за структурната криза. Тие се свесни дека иако не можеме да го одржуваме сегашниот систем, можеме да придонесеме во одлучувањето по кој крак на бифуркацијата ќе тргне светот, каков нов историски систем ќе создаде светот. Без разлика дали го разбираме тоа или не, живееме среде борбата за системот-наследник. Иако студиите за сложеноста инсистираат на тоа дека исходот од една таква бифуркација е неизбежно непредвидлив, сепак опциите меѓу кои светот ќе избира се прилично јасни и може да се скицираат во широка смисла.

Едниот вид на можен нов стабилен систем е оној што ги задржува основните карактеристики на сегашниот систем: хиерархијата, експлоатацијата и поларизацијата. Капитализмот е далеку од тоа да биде единствениот вид на систем што може да има такви карактеристики, а новиот би можел да биде далеку полош од капитализмот. Логичката алтернатива на ова е систем што е релативно демократски и релативно егалитарен. Тој никогаш не постоел; тој е само можност. Се разбира, никој од нас не може да ја концептуализира која било од алтернативите во институционални подробности. Таквиот концепт ќе еволуира како што новиот систем го започнува својот живот.

Им дадов симболични имиња на двете можности. Ги нарекувам „духот на Давос“ и „духот на Порто Алегре“. Самите имиња се неважни. Она што треба да го анализираме се веројатните организациски стратегии на секоја од страните во оваа борба што започна повеќе или помалку во 1970-тите и ќе продолжи според секоја веројатност до околу 2040 или 2050 година.

Политичките борби на структурната криза имаат две основни карактеристики. Прво, постои суштинска промена на ситуацијата во однос на онаа на „нормалното“ функционирање на историските системи. За време на „нормалниот“ живот, постои многу силен притисок за враќање во рамнотежа. Тоа е она што го прави „нормален“. Но при структурна криза, флуктуациите се широки и постојани, а системот е сѐ подалеку од рамнотежата. Токму ова е дефиницијата за структурна криза. Од тоа следи дека колку и да се радикални „револуциите“, за време на „нормалните“ времиња нивниот ефект е ограничен. Спротивно на тоа, за време на структурна криза, малите општествени мобилизации имаат многу големи ефекти. Ова е таканаречениот ефект на пеперутка, кога слободната волја преовладува над детерминизмот.

Втората политички важна карактеристика на структурните кризи е тоа што ниту еден алтернативен „дух“ не може да се организира на таков начин што одредена мала група ќе може целосно да ги одредува неговите дејствија. Постојат повеќе играчи, што претставуваат различни интереси, што веруваат во различни краткорочни тактики и координацијата меѓу нив е тешко да се постигне. Понатаму, милитантите на секоја од страните мора да трошат енергија за да ја убедат секогаш поголемата група на потенцијални поддржувачи за корисноста од нивните дејствија. Не е само системот хаотичен. Борбата за системот-наследник е исто така хаотична.

Она што можеме да го согледаме, досега, се стратегиите што се појавуваат во практиката. Кампот на „духот на Давос“ е длабоко поделен. Една група се залага за неодложна и долгорочна остра репресија и ги вложи своите ресурси во организирањето на мрежа на вооружени извршители за да ја разбијат опозицијата. Но, постои и друга група што чувствува дека репресијата никогаш не може да успее на долг рок. Тие ја преферираат стратегијата на Ди Лампедуза за промена на сè така што ништо да не се промени.[1] Тие зборуваат за меритократија, зелен капитализам, поголема рамноправност, поголема различност и пружање отворена рака кон бунтовните – сето тоа во духот да се превенира системот втемелен на релативна демократија и релативна еднаквост.

Кампот на „духот на Порто Алегре“ е слично поделен.

Постојат такви чија тактика за преодниот период ја одразува нивната слика на светот што сакаат да го изградат. Тоа понекогаш се нарекува „хоризонтализам“. Во практиката, тоа се стреми да ја максимизира дебатата и потрагата по релативен консензус меѓу лицата од различни области на делување и со различни непосредни интереси. Тоа е потрага по институционализирањето на функционална децентрализација на движењето и на светот. Оваа група исто така ја нагласи стварноста на она што често се нарекува „цивилизациска криза“, под која таа всушност подразбира отфрлање на основните цели на економски раст и замена на оваа цел со потрага по рационални рамнотежи на општествените цели што ќе резултираат токму со релативна демократија и релативен егалитаризам.

Построена наспроти нив е групата која инсистира на тоа дека во борбата за политичка власт, вертикалната организација од некој вид е sine qua non, без што групата е осудена на неуспех. Оваа група исто така ја нагласува важноста да се постигне значителен краткорочен економски раст во помалку „развиените“ области на денешниот свет со цел да се имаат средствата за прераспределба на придобивките.

Така, сликата не е едноставна двострана борба, туку политичко поле со четири групи. И тоа е многу збунувачко за секого. Конфузијата е истовремено интелектуална, морална и политичка. А тоа ја засилува неизвесноста на исходот.

Конечно, овој вид на несигурност ги зголемува краткорочните проблеми на постоечкиот систем. Таквата несигурност е истовремено возбудлива (чувството дека делувањето прави разлика) и парализирачка (чувството дека не можеме да се движиме, затоа што краткорочните последици се толку несигурни). Ова важи како за оние кои имаат корист од постојниот систем (капиталистите), така и за оние кои се широките подкласи.

Значи, да сумираме, современиот свет-систем во кој живееме не може да продолжи, затоа што се оддалечи премногу од рамнотежата и повеќе не им овозможува на капиталистите бесконечно да акумулираат капитал. Ниту пак подкласите повеќе веруваат дека историјата е на нивна страна и дека нивните потомци нужно ќе го наследат светот. Следствено, ние живееме во структурна криза во која се води борба за системот-наследник. Иако исходот е непредвидлив, може да сме сигурни дека едната или другата страна ќе победи во наредните децении и дека еден нов разумно стабилен свет-систем (или повеќе свет-системи) ќе се воспостави. Сѐ што можеме да направиме е да се обидеме да ги анализираме историските опции, да го направиме нашиот морален избор за претпочитаниот исход и да ги процениме оптималните политички тактики за да стигнеме таму.

Историјата не е на ничија страна. Сите можеме погрешно да процениме како треба да постапиме. Бидејќи исходот е инхерентно, а не надворешно, непредвидлив, ние имаме во најдобар случај 50-50 шанси да го добиеме оној свет-систем што го претпочитаме. Но, 50-50 е многу, а не малку.


Забелешка на преведувачот

[1] Станува збор за италијанскиот писател Џузепе Томази ди Лампедуза (1896-1957), кој во својот роман „Леопард“ напишал: „Ако сакаме работите да останат онакви какви што се, мора да се промени сѐ.“


марксистичка интернет архива