ЦИА

Коментари за промената во советското раководство


Извор: Comments on the Change in Soviet Leadership, CIA, March 2, 1955.
Превод: Томислав Захов (од англиски)
Онлајн верзија: декември 2024


ТАЈНО

1. Дури и во времето на Сталин имаше колективно раководство. Идејата на Западот за диктатор во рамките на комунистичката номенклатура е претерана. Недоразбирањата на таа тема се предизвикани од неразбирањето на вистинската природа и организација на комунистичката структура на моќ. Сталин, иако имаше широки овластувања, беше само капитен на тимот и се чини очигледно дека Хрушчов ќе биде новиот капитен. Сепак, не се чини дека некој од сегашните лидери ќе се издигне до нивото на Ленин и Сталин, така што ќе биде побезбедно да се претпостави дека развојот на настаните во Москва ќе биде на линијата на она што се нарекува колективно лидерство, освен ако западните политики не ги принудат Советите да ја модернизираат својата организација на моќ. Сегашната ситуација е најповолна од гледна точка на вознемирување на комунистичката диктатура од смртта на Сталин.

2. Нема да има драматична чистка. Со оглед на тоа што Министерството за внатрешни работи е веќе исчистено и Армијата не е во рацете на милениците на Маленков, може да се очекува само нормална смена на функционери во реорганизацијата на највисоката администрација на Партијата и на Владата.

3. Тешко е да се направи паралела помеѓу сегашните настани и оние од 1920-тите кога Сталин се искачуваше на власт. Сега нема организирана опозиција внатре во Партијата или воопшто во Советскиот Сојуз. Како што гледаат комунистичките владетели, а очигледно и советскиот народ, постои сериозна надворешна закана.

4. По смртта на Сталин и ударот што и беше зададен на моќта на тајната полиција, советската внатрешна ситуација беше во состојба на постојана промена. На новата советска структура му треба време за консолидација. Сè уште трае борбата меѓу национално настроените „титоистички“ елементи во советското раководство и оние кои размислуваат во однос на поортодоксната меѓународна линија.

5. Не може да се очекува подобрување на состојбата со храната. Ветувањата на Маленков за подобрување на лошите материјални услови на масите не се одржаа. Со оглед на тоа што комунистичките водачи не можеа да го одржат ова ветување, особено поради забрзаните воени подготовки, тие мораа да најдат жртвено јагне, и затоа Маленков поднесе оставка.

6. Булганин ги импресионираше оние кои работеа со него во Државната банка, вклучително и познат експерт за банкарство, со неговата висока интелигенција, благи манири и способност за многу кратко време да ги научи најтешките и специфичните проблеми.

7. Тешко е да се предвиди какво било повлекување од линијата на советската надворешна политика, освен ако нема отстапки од Западот во однос на ратификацијата на париските договори. Постои можност дека продолжувањето на раздорот меѓу советските лидери може да доведе до омекнување на советската позиција и до признавање од страна на Молотов за неговата неспособност во водењето на надворешните односи. Меѓутоа, советските лидери сфатија дека рамнотежата на силите се промени во корист на Западот. Тие сега се трудат да ја променат оваа рамнотежа како што може да се види од преминот кон забрзано воено производство и обидите да се наруши западното единство. Агресивноста на кинеските комунисти, исто така, може да биде дел од овој потфат. Цврстата позиција на Западот кон СССР веројатно го фаворизира продолжувањето на власта на поцврстите елементи во советското раководство.