Г. В. Плеханов

Кон прашањето за улогата на личноста во историјата[*]


Првпат објавено: „Научное обозрение“ („Научен преглед“) бр. 3 и 4, 1898, под псевдоним А. Кирсанов.
Извор: Г. В. Плеханов, „Кон прашањето за улогата на личноста во историјата“, „Култура“, Скопје 1957.
Превод: Борис Марков
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2025


I

Во втората половина од седумдесеттите години покојниот Каблиц[1*] ја напиша статијата: „Умот и чувството како фактори на прогресот“, во која, повикувајќи се на Спенсера, докажуваше дека во постапното движење на човештвото главната улога му припаѓа на чувството, а умот игра второстепена и притоа наполно потчинета улога. На Каблица му одговори еден „почитуван социолог“,[2*] којшто изрази потсмешливо чудење по повод на теоријата што го ставаше умот „на заден план“. „Почитуваниот социолог“, се разбира, беше прав кога го бранеше умот. Сепак тој ќе беше многу поправ ако, не засегнувајќи ја сушноста на покренатото од Каблица прашање, покажеше до каков степен било невозможно и недопустливо и самото поставување на прашањето. И, навистина, теоријата на „факторите“ е неоснована веќе сама по себе, бидејќи произволно ги изделува различните страни на општествениот живот и ги хипостазира, претворувајќи ги во особен вид сили, коишто од разни страни и со нееднаков успех го влечат општествениот човек по патот на прогресот. Но уште е понеоснована таа теорија во оној вид каков што го добила кај Каблица, којшто во особени социолошки хипостази ги претворуваше веќе не овие или оние страни од дејноста на општествениот човек, туку различните области на индивидуалната свест. Тоа се навистина Херкулесови столбови на апстракцијата; понатаму нема каде да се оди, зашто понатаму почнува комичното царство на веќе наполно очигледниот апсурд. Ете на тоа требало „почитуваниот социолог“ да му обрне внимание на Каблица и неговите читатели. Штом покажеше во каква прашума на апстракцијата го завел Каблица стремежот да најде „фактор“ што доминира во историјата, „почитуваниот социолог“ можеби случајно би придонесол нешто и за критиката на самата теорија на факторите. Тоа ќе беше многу полезно за сите нас во тоа време. Но тој не се покажа на височината на својот позив. Тој самиот стоеше на гледиштето на истата таа теорија, разликувајќи се од Каблица само по склоноста кон еклектизам, благодарение на кој сите „фактори“ му изгледаа еднакво важни. Еклектичните својства на неговиот ум особено силно дојдоа до израз подоцна, во неговите напади на дијалектичниот материјализам, во кој тој гледаше учење коешто на економскиот фактор му ги жртвува сите други фактори и коешто ја сведува на нула улогата на личноста во историјата. На „почитуваниот социолог“ и на ум не му доаѓало дека на дијалектичкиот материјализам му е туѓо гледиштето на „факторите“ и дека само при полната неспособност кон логично мислење може да се види во него оправдание за таканаречениот квиетизам. Треба, впрочем, да се забележи дека во таа грешка на „почијтуваниот социолог“ нема ништо оригинално: неа ја правеле и, веројатно, уште долго ќе ја прават многу и многу други...

Материјалистите почнале да ги прекоруваат за склоноста кон квиетизам: уште тогаш кога кај нив не беше изграден дијалектичкиот поглед на природата и на историјата. Ие одејќи во „длабочина на времињата“, ќе го споменеме спорот на познатиот англиски научник Пристли со Прајс. Разгледувајќи го учењето на Пристли, Прајс докажуваше, меѓу другото, дека материјализмот е неспоив со поимот за слободата и дека отстранува секаква самоактивност на личноста. Во одговор на тоа Пристли се повика на животниот опит. „Јас не зборувам за себеси, макар што, се разбира, ни мене не може да ме наречат најнеподвижен од сите животни (am not the most torpid and lifeless of all animals); но јас ве прашувам: каде ќе најдете повеќе енергија на мислата, повеќе активност, повеќе сила и упорност во поститнувањето на најважните цели, отколку меѓу следбениците на учењето за нужноста?“ Пристли ја имал предвид религиозната демократска секта којашто тогаш ја викаа Christian Necessarians.[1] [3*] Не знаеме вистина ли таа била толку активна, како тоа го мислел Пристли којшто ѝ припаѓал. Но тоа не е ни важно. Не подлежи на никакво сомневање околноста дека материјалистичкиот поглед на човечката волја прекрасно се сложува со најенергичната дејност на практика. Лансон[4*] забележува дека „сите доктрини, што се обрнувале со најголеми барања кон човечката волја, во принцип го потврдувале бессилието на волјата; тие ја негираа слободата и го потчинуваа светот на фатализмот“[2]. Лансон не е прав кога мисли дека секое негирање на таканаречената слобода на волјата доведува до фатализам; но тоа не му попречило да го забележи необично интересниот историски факт: всушност, историјата покажува дека дури фатализмот не само не му пречи секогаш на енергичното дејствување на практика, туку, напротив, во извесни епохи бил психолошки неопходна основа на таквото дејствување. За доказ ќе се повикаме на пуританците, коишто со својата енергија ги надминаа сите други партии во Англија во XVII век, и на следбениците на Мухамеда, коишто за кусо време покорија под своја власт огромен појас земја, од Индија до Шпанија. Многу се лажат оние што мислат дека треба само да се убедиме во неизбежното настапување на ред настани, за да исчезне кај нас секаква психолошка возможност да го спомогнеме или да му се спротивставиме на тоа настапување.[3]

Тука сѐ зависи од тоа дали мојата сопствена дејност составува нужна алка во веригата на нужните настани. Ако составува, тогаш толку помалку сум колеблив и толку порешително дејствувам. И во тоа нема ништо чудно: кога зборуваме дека дадена личност ја смета својата дејност за нужна алка во веригата на нужните настани, тогаш тоа, меѓу другото, значи дека за неа отсуството на слободата на волјата е рамносилно на наполната неспособност за бездејствување и дека тоа, отсуството на слободата на волјата, се одразува во нејзината свест во вид на невозможност да се постапи поинаку отколку што се постапува. Тоа е имено она психолошко настроение што може да биде изразено со славните зборови на Лутера: „Hier stehe ich, ich kann nicht anders” [„Тука стојам, јас не можам поинаку“] и поради кое луѓето пројавуваат најнеукротлива енергија и вршат најнеобични подвизи: Тоа настроение му било непознато на Хамлета: затоа тој и бил способен само да овка и да размислува. И затоа Хамлет никогаш не би се помирил со филозофијата по смислата на која слободата е само нужност што минала в свест. Фихте со право рекол: „каков е човекот, таква му е и филозофијата“.

II

Некои кај нас сериозно ја примија забелешката на Штамлера[5*] за наводно неразрешивата противречност којашто е божем својствена на едно од западноевропските социјално-политички учења. Ние го имаме предвид познатиот пример на затемнувањето на месецот. Навистина, тоа е архибесмислен пример. Во бројот на оние услови, стекот на кои е неопходен за затемнувањето на месецот, човечката дејност по никаков начин не влегува и не може да влезе, и веќе поради самото тоа партијата за потпомагање при настанувањето на затемнувањето на месецот би можела да се појави само во лудница. Но ако човечката дејност и би влегувала во бројот на споменатите услови, во партијата за затемнувањето на месецот не би влегол никој од оние коишто, сакајќи многу да го видат тоа затемнување, во исто време би биле убедени дека тоа бездруго ќе стане и без нивната помош. Во тој случај нивниот „квиетизам“ би бил само воздржување од една излишна, т.е. бесполезна, постапка и не би имал ништо општо со вистинскиот квиетизам. За да престане примерот со затемнувањето на месецот да биде бесмислен во случајот што го разгледуваме, укажаната погоре партија би требало наполно да го измени. Би требало да се вообрази дека месецот е надарен со свест и дека таа негова положба во небесното пространство, благодарение на која произлегуваат неговите затемнувања, му изгледа како плод на самоопределувањето на неговата волја и дека не само му дава огромна наслада, туку е и безусловно нужна за неговото морално спокојство, поради кое тој секогаш страсно се стреми да ја заземе таа положба.[4] Вообразувајќи си го сето тоа, би требало да се прашаме: што би почувствувал месецот, ако најпосле откриеше дека всушност не неговата волја и неговите „идеали“ го определуваат неговото движење во небесното пространство, туку, напротив, дека неговото движење ја определува неговата волја и неговите „идеали“. Според Штамлера излегува дека таквиот пронајдок бездруго би го направил месецот неспособен за движење, ако тој не најдеше излез од бедата со помошта на некоја логична противречност. Но таквата претпоставка решително на ништо не е основана. Тоа откритие би можело да се јави како еден од формалните разлози за лошото настроение на месецот, за неговиот морален несклад со самиот себеси, за противречноста на неговите „идеали“ со механичката стварност. Но бидејќи ние претполагаме дека воопшто сета „психичка состојба на месецот“ се обусловува, во крајот на краиштата, од неговото движење, тогаш во движењето би требало да се бараат и причините за неговиот душевен несклад. При внимателен однос кон работата може би се покажало дека месецот, кога се наоѓа во апогејот, тагува заради тоа што неговата волја не е слободна, а во перигејот истата околност за него се јавува како нов формален извор за морално блаженство и морална бодрост. Можеби ќе се случеше и обратното: можеби ќе се покажеше дека месецот наоѓа средство за измирување на слободата со нужноста не во перигејот, туку во апогејот. Но како и да било, несомнено е дека таквото измирување е сосем возможно; дека свеста за нужноста многу убаво се сложува со најенергичното дејствување во практика. Барем така било досега во историјата. Луѓето што ја негирале слободата на волјата често ги надминувале сите свои современици со силата на сопствената волја и поставувале пред неа најголеми барања. Такви примери има многу. Тие се општопознати. Да се заборави за нив, како што изгледа, заборава Штамлер, можно е само при намерно несакање да се види историската стварност таква каква што е. Слично несакање е многу силно, на пример, кај нашите субјективисти и некои германски филистри. Но филистрите и субјективистите не се луѓе, туку обични призраци, како што би рекол Белински.

Да го разгледаме, сепак, од поблиску оној случај, кога на човека неговите сопствени постапки — минати, сегашни или идни — му се претставуваат наполно обоени во бојата на нужноста. Ние веќе знаеме дека во тој случај човекот — сметајќи се за пратеник божји, како Мухамед, за избраник на од ништо неодвратната судбина, како Наполеон, или за изразител на од никого несовладливата сила на историското движење, како некои општествени работници од XIX век, — покажува скоро стихиска сила на волјата, разрушувајќи ги, како куќички од карти, сите пречки што му ги ставаат на патот Хамлетовци и Хамлетовчиња од разни околии.[5] Но нас тој случај нѐ интересира сега од друга страна, и еве имено од која. Кога свеста за неслободата на мојата волја ми се претставува само во вид на полна субјективна и објективна невозможност да постапувам поинаку отколку што постапувам, и кога дадените мои постапки се јавуваат во исто време за мене најмногу сакани од сите возможни постапки, тогаш нужноста се идентифицира во мојата свест со слободата, а слободата со нужноста и тогаш јас не сум слободен само во таа смисла што не можам да ја нарушам таа идентичност на слободата со нужноста; не можам да ги спротивставам една против друга; не можам да се почувствувам стегнат од нужноста таквото отсуство на слободата е во исто време нејзина најполна пројава.

Зимел[6*] вели дека слободата е секогаш слобода од нешто и дека таму каде што слободата не се замислува како противположност на врзаноста, таа нема смисла. Се разбира, тоа е така. Но врз основа на таа ситна азбучна вистина не смее да се одрече таа поставка којашто претставува едно од најгенијалните откритија, направени кога и да било од филозофската мисла — дека слободата е осозната нужност. Зимеловата дефиниција е многу тесна: таа се однесува само на слободата од надворешниот притисок. Додека се работи за такви притисоци, идентифицирањето на слободата со нужноста би било до крајна мера комично: крадецот не е слободен да ви го извлече од џеб шамичето, ако вие му пречите да го направи тоа и додека тој така или инаку не го совладал вашиот отпор. Но освен тој елементарен и површен поим за слободата, има и друг, неспоредливо подлабок. Тој поим сосем не постои за луѓето што се неспособни за филозофско мислење, додека луѓето што се способни за такво мислење доаѓаат до него само тогаш кога им поаѓа од рака да раскинат со дуализмот и да сфатат дека меѓу субјектот, од една страна, и објектот, од друга, сосем не постои таква пропаст каква што претполагаат дуалистите.

Рускиот субјективист ги противставува своите утописки идеали на нашата капиталистичка стварност и не оди подалеку од таквого противставување. Субјективистите[7*] потонале во калта на дуализмот. Идеалите на таканаречените руски „ученици“[8*] се неспоредливо помалку слични на капиталистичката стварност отколку идеалите на субјективистите. Но, и покрај тоа, „учениците“ можеа да го најдат мостот што ги соединува идеалите со стварноста. „Учениците“ се воздигнаа до монизмот. По нивното мислење, капитализмот по одот на својот сопствен развиток ќе доведе до своето сопствено негирање и до остварувањето на нивните — руски, па и не само на руските „ученици“ — идеали. Тоа е историска нужност. „Ученикот" служи како едно од тие орудија на таа нужност и не може да не служи како такво орудие, како по својата општествена положба, така и по својот умствен и морален карактер, создаден од таа положба. Тоа е исто така страна на нужноста. Но штом неговата општествена положба му го изградила имено тој, а не друг карактер, тој не само што служи како орудие на нужноста и не само што не може да не служи, туку и страсно сака и не може да не сака да служи. Тоа е страната на слободата, и тоа на слободата што израснала од нужноста, т.е. поточно речено, — тоа е слобода што се идентифицирала со нужноста, — тоа е нужност што се претворила во слобода.[6]) Таквата слобода е исто така слобода од некаков притисок; таа е исто така противположна на некаква врзаност; длабоките дефиниции не ги побиваат површните, туку дополнувајќи ги, ги чуваат во себеси. Но за каков притисок, за каква врзаност може да станува збор во овој случај? Тоа е јасно: за оној морален притисок што ја запира енергијата на луѓето што не раскинале со дуализмот; од онаа врзаност од која страдаат луѓето што не знаат да стават мост преку пропаста што ги дели идеалите од стварноста. Додека личноста не ја извојува таа слобода со смел напор на филозофската мисла, таа уште не припаѓа сосем на себеси и со своите сопствени морални маки плаќа срамотен данок на надворешната нужност, што и стои спроти неа. Но затоа истата, таа личност ќе се роди за нов, потполн, на неа дотогаш непознат живот, штом ќе го отфрли од себе јаремот на тој мачителен и срамен притисок, и нејзината слободна дејност ќе стане свесен и слободен израз на нужноста.[7] Тогаш таа ќе стане голема општествена сила, и тогаш веќе ништо не може да ѝ попречи и ништо не ќе ѝ попречи.

Над неправдата итра
удри како ровја...

III

Уште еднаш: свеста за безусловната нужност на дадена појава може само да ја засили енергијата на човекот што ѝ сочувствува на таа појава и кој се смета за една од силите што ја предизвикувааш таа појава. Ако таков човек, сознавајќи ја нејзината нужност, скрстеше раце, тој со тоа ќе покажеше дека слабо знае аритметика. Навистина, да претпоставиме дека појавата А треба непремено да настапи, ако се има налице дадена сума услови С. Вие сте ми докажале дека таа сума делум веќе постои, а делум ќе биде во дадено време Т. Убедувајќи се во тоа, јас, — човекот што ѝ сочувствува на појавата А — извикувам: „Колку е тоа убаво!“ и си легнувам да спијам сѐ до радосниот ден на претскажаниот од вас настан. Што ќе излезе од тоа? Еве што. Во вашата сметка, во сумата С што е неопходна за тоа да настапи појавата А, влегувала исто така и мојата дејност, рамна, да кажеме, на А. Бидејќи јас се дадов на спиење, во моментот Т сумата услови што се благопријатни за настапувањето на дадената појава не ќе биде веќе Ѕ туку Ѕ-а, што ја изменува состојбата на работата. Можеби моето место ќе го зафати некој друг човек, којшто исто така бил близок до бездејството, но на кој спасоносно повлијал примерот на мојата апатија, којашто му се покажала крајно одвратна. Во таков случај, силата а ќе биде замената со силата в, и ако а е рамно на в (а=в), тогаш сумата на условите што придонесуваат за настапувањето на А ќе стане рамна на Ѕ, и појавата А ќе настапи сепак во истиот тој момент Т.

Но ако мојата сила не може да се признае за рамна на нула, ако сум јас вешт и способен работник и ако мене никој не ме заменил, тогаш ние не ќе ја имаме полната сума Ѕ и појавата А ќе се изврши подоцна отколку што ние претполагаме, или не во таква полност каква што сме очекувале, или дури сосем нема да се изврши. Тоа е јасно како ден, и ако јас тоа не го разбирам, ако јас мислам дека Ѕ ќе остане Ѕ и по мојата замена, тогаш тоа е единствено затоа што не знам да сметам. Но зар само јас не знам да сметам? Вие, којшто ми претскажавте дека сумата Ѕ непремено ќе биде налице во моментот Т, не сте предвиделе дека јас ќе легнам да спијам веднаш по мојот разговор со вас; вие сте биле уверени дека јас до крај ќе си останам добар работник; вие сте зеле помалку сигурна сила за повеќе сигурна. Следствено, вие исто така лошо сте пресметале. Но да претпоставиме дека вие во ништо не сте погрешиле, дека сѐ сте зеле во предвид. Тогаш вашата пресметка вака ќе изгледа: вие велите дека во моментот Т сумата Ѕ ќе биде налице. Во таа сума од услови ќе влезе како негативна величина мојата замена; како позитивна величина тука ќе влезе и она ободрувачко дејство што на луѓето, силни по дух, им дава увереност во тоа дека нивните стремежи и идеали се јавуваат како субјективен израз на објективната нужност. Во тој случај сумата Ѕ навистина ќе биде налице во означеното од вас време, и појавата А ќе настапи. Тоа, изгледа, е јасно. Но ако е јасно, зошто тогаш имено мене ме збуни мислата за неизбежноста на појавата А? Зошто ми се стори дека таа ме осудува на бездејствување? Зошто јас размислувајќи за неа, ги заборавив најосновните правила на аритметиката? Веројатно затоа дека, според околностите на моето воспитание, кај мене веќе бил посилен стремежот кон бездејствување, и мојот разговор со вас се јавил како капка што ја преполнила чашата на тој пофалбен стремеж. Ете, само затоа. Само во таа смисла, — во смисла на повод за пројавување на мојата морална тромост и негодност — тука фигурирала свеста за неопходноста. Но таа никако не може да се смета за причина на мојата тромост: причината не е во неа, туку во условите на моето воспитание. Значи... значи, — аритметиката е вонредно почитувана и полезна наука, правилата на која не треба да ги забораваат дури и господата филозофи, и дури особено не господата филозофи.

А како ќе подејствува свеста за нужноста на дадена појава на силен човек којшто не ѝ сочувствува и дејствува против нејзиното настапување? Тука работата малку се изменува. Многу е возможно дека таа ќе ја ослаби енергијата на неговиот отпор. Но кога противниците на дадената појава се убедуваат во нејзината неизбежност? Кога поволните за неа околности стануваат мошне многубројни и мошне силни. Свеста на противниците на дадената појава за неизбежноста на нејзиното настапување и опаѓањето на нивната енергија — претставуваат само пројавување на силата на условите што придонесуваат за настапувањето на таа појава. Таквите пројавувања, од своја страна, влегуваат во бројот на тие поволни услови.

Но енергијата на отпорот нема да се намали кај сите противници на дадената појава; кај некои таа само ќе порасне заради свеста за нејзината неизбежност, преминувајќи во енергија на очајување. Историјата воопшто, и историјата на Русија одделно, дава не малку поучни примери за енергија од тој вид. Ние се надеваме дека читателот ќе се присети за нив и без наша помош.

Тука нѐ прекинува г. Кареев,[9*] кој, се разбира, макар што не ги дели нашите погледи за слободата и нужноста и притоа не ја одобрува нашата пристрасност кон „крајностите“ на силните луѓе, но сепак со задоволство ја среќава на страниците на нашето списание таа мисла дека личноста може да се јави како голема општествена сила. Почитуваниот професор радосно извикува: „Јас секогаш го велев тоа“. И тоа е точно. Г. Кареев и сите субјективисти секогаш и придавале мошне значајна улога на личноста во историјата. И имаше време кога тоа предизвикуваше кон нив големо сочувство кај напредната младина што се стремеше кон благороден труд за општа полза и затоа, природно, беше склона високо да го цени значењето на личната иницијатива. Но всушност субјективистите никогаш не умееја не само да го решат, туку и дури правилно да го постават прашањето за улогата на личноста во историјата. „Дејноста на личностите што критички мислат“ тие ја противставаа на влијанието на законите на општествено-историското движење и по тој начин создава нешто како нова варијанта на теоријата на факторите; личностите што критички мислат се јавуваат како еден фактор на споменатото движење, а како друг негов фактор служеле сопствените закони на тоа движење. Во резултат е добиена двојна нескладност, со која можело да се задоволи само дотогаш додека вниманието на активните „личности“ било сосредоточено на практичните актуелни прашања, додека тие, спрема тоа, немале време да се занимаваат со филозофски прашања. Но откако затишјето што настана во осумдесеттите години даде несакано слободно време за филозофско размислување на оние што беа способни да мислат, учењето на субјективистите почна отсекаде да се распаѓа и дури сосем да се распаѓа, како прочуениот шинел на Акакиј Акакиевич. Никакви закрпи ништо не поправаа, и луѓето што мислат зедоа еден по друг да се откажуваат од субјективизмот, како учење што е очигледно и наполно неодржливо. Но, како што тоа секогаш станува во такви случаи, реагирањето против него одведе некои од неговите противници во противположна крајност. Ако некои субјективисти, стремејќи се да ѝ дадат на личноста што се може поширока улога во историјата, се откажуваа историското движење на човештвото да го признаат за закономерен процес, сепак некои од нивните најнови противници, трудејќи се што се може подобро да го истакнат закономерниот карактер на тоа движење, изгледа, биле готови да заборават дека историјата ја прават луѓето и дека затоа дејноста на личностите не може да нема во неа значење. Тие ја признале личноста за quantite negligeable [величина што може да се занемари]. Теоретски таа крајност е исто така недозволена како и онаа до која дошле најревносните субјективисти. Да се жртвува тезата на антитезата е исто така неосновано како и да се заборави на антитезата заради тезата. Правилната гледна точка ќе биде најдена само тогаш кога ќе успееме да ги обединиме во синтеза моментите на вистината што се содржат во нив.[8]

IV

Нас одамна нѐ интересира оваа задача, и одамна веќе сакавме да го повикаме читателот да се зафати со неа заедно со нас. Но нас нѐ задржуваа некои страхувања: ние мислевме дека можеби нашите читатели веќе сами ја решиле и дека нашиот предлог ќе се јави доцна. Сега веќе немаме такви страхувања. Нѐ избавија од нив германските историчари. Ние го велиме тоа сериозно. Работата е во тоа дека во последно време меѓу германските историчари се водеше доста пламена дискусија за големите луѓе во историјата. Едни беа склони во политичката дејност на таквите луѓе да ја видат главната и одвај ли не единствената пружина на историскиот развиток, а други тврдеа дека таквиот поглед е едностран и дека историската наука треба да ја има предвид не само дејноста на големите луѓе и не само политичката историја, туку воопшто целокупноста на историскиот живот (das Ganze des geschichtlichen Lebens). Како еден од претставителите на последниов правец истапи Карл Лампрехт,[10*] автор на „Историјата на германскиот народ“ што е преведена на руски јазик од г. П. Николаев. Противниците го обвинувале Лампрехта во „колективизам“ и материјализам, и дури — horribile dictu! [страшно е и да се рече] — го изедначувале со „социјал-демократските атеисти“, како што се изрази тој на крајот на дискусијата. Кога се запознавме со неговите погледи, видовме дека обвиненијата, покренати против бедниот научник, биле наполно неосновани. Во исто време се убедивме дека денешните германски историчари не се во состојба да го решат прашањето за улогата на личноста во историјата. Тогаш сметавме оти имаме право да претпоставиме дека тоа сеуште останува нерешено и за некои руски читатели и дека по повод на него и сега може да се каже нешто што не е сосема без теоретски и практичен интерес.

Лампрехт собрал цела колекција (eine artige Sammlung, како што вели тој) погледи на истакнати државници во однос на нивната сопствена дејност во онаа историска средина во која таа се развивала; но во својата полемика тој засега се ограничил со тоа што се повикува на некои говори и мислења на Бизмарка. Тој ги приведува следните зборови, коишто железниот канцелар ги кажал во северногерманскиот рајхстаг на 16 април 1869 година: „Ние не можеме, господа, ни да ја игнорираме историјата на минатото, ни да ја создаваме иднината. Јас би сакал да ве претпазам од таа заблуда поради која луѓето го помераат својот часовник, вообразувајќи си дека со тоа го забрзуваат текот на времето. Обично многу го преувеличуваат моето влијание на оние настани на кои јас се опирав; сепак никому не ќе му дојде на ум да бара од мене јас да ја правам историјата. Тоа би било невозможно за мене дури во заедница со вас, макар што, ако се соединиме заедно, би можеле да се противставуваме на целиот свет. Но ние не можеме да ја правиме историјата; ние мораме да чекаме додека таа се направи. Ние нема да го забрзаме созревањето на плодовите со тоа што ќе поставиме под нив ламба; а ако ние ги кинеме незрели, со тоа само ќе го попречиме нивното растење и ќе ги расипеме.“ Земајќи го за основа свидетелството на Жоли, Лампрехт приведува исто така мислење не еднаш искажани од Бизмарка во времето на Француско-пруската војна. Нивната општа смисла е пак таа „дека ние не можеме да правиме големи историски настани, туку мораме да се сообразуваме со природниот тек на работите и да се ограничиме на тоа да си го осигураме она што веќе созреало“. Лампрехт гледа во тоа длабока и полна вистина. По неговото мислење, современиот историчар не може да мисли поинаку, само ако умее да загледа во длабочината на настаните и да не го ограничува својот видокруг на премногу краток период време. Би можел ли Бизмарк да ја врати Германија кон натуралното стопанство? Тоа би било невозможно за него дури во она време кога се наоѓал на врвот на својата моќ. Општите историски услови се посилни и од најсилните личности. Општиот карактер на неговата епоха се јавува за великиот човек „емпириски дадена нужност“.

Така расудува Лампрехт, наречувајќи го својот поглед универзален. Не е тешко да се забележи слабата страна на „универзалниот“ поглед. Приведените мислења на Бизмарка се многу интересни како психолошки документ. Може да не се сочувствува на дејноста на бившиот германски канцелар, но не може да се каже дека таа била ништожна, дека Бизмарк се одликувал со „квиетизам“. Токму за него велеше Ласал: „Слугите на реакцијата не се брборковци, но нека даде господ прогресот да има повеќе такви слуги“. И ете тој човек, којшто понекогаш навистина покажуваше железна енергија, се сметаше сам себеси наполно бессилен пред природниот од на работите, очигледно, гледајќи на себеси како на просто орудие на историскиот развиток; тоа уште еднаш покажува дека е можно да се видат појавите во светлината на нужноста и во исто време да се биде многу енергичен деец. Но само во тој поглед се и интересни мислењата на Бизмарка; невозможно е тие да се сметаат како одговор на прашањето за улогата на личноста во историјата. По зборовите на Бизмарка, настаните се прават сами од себе, а ние можеме да си го осигуриме она што тие го подготвуваат. Но секој акт на „осигурување“ исто така претставува историски настан: со што се разликуваат таквите настани од оние што се прават сами од себе? Всушност, скоро секој историски настан се јавува истовремено и како „осигурување“ некому веќе узреаните плодови на претходниот развиток и една од алките на онаа верига од настани којашто ги подготвува плодовите на иднината. Како е можно актите на „осигурувањето“ да му се противстават на природниот од на работите? Бизмарк, како што се гледа, сакал да каже дека личностите и групите од личности што дејствуваат во историјата никогаш не биле и никогаш не ќе бидат семоќни. Во тоа, се разбира, не може да има ни најмалку сомнение. Но, ние сепак би сакале да знаеме од што зависи нивната сила, која, се разбира, ни оддалеку не е семоќна; при какви околности таа расне и при какви се намалува. На тие прашања не одговара ни Бизмарк, ни учениот заштитник на „универзалниот“ поглед на историјата којшто ги цитира неговите зборови.

Вистина, кај Лампрехта се среќаваат и поразбирливи цитати.[9] Тој ги приведува, на пример, следните зборови на Моно, еден од најистакнатите претставители на современата историска наука во Франција: „Историчарите премногу навикнале да обрнуваат исклучително внимание на сјајани, звучни и ефемерни пројави на човечката дејност, на големите настани и на големите луѓе, место да ги прикажуваат големите и бавните движења на економските услови и социјалните установи, коишто навистина составуваат интересен и бескраен дел на човечкиот развиток, — оној дел којшто во извесна мера може да биде сведен на закони и да биде до извесен степен подложен на точна анализа. Навистина, важните настани и личности се важни имено како знакови и симболи на различните моменти на споменатиот развиток. Поголемиот дел од настаните, наречени историски, така се однесуваат спрема вистинската историја, како што се однесуваат брановите спрема длабокото и постојано движење на приливот и одливот коишто се појавуваат на морската површина, блестат еден миг со сјајниот огон на светлината, а потоа се разбиваат во песокливиот брег, не оставајќи ништо по себе“. Лампрехт изјавува дека е готов да се потпише под секој од тие зборови на Моно. Познато е дека германските научници не се сложуваат со француските, а француските со германските. Затоа белгискиот историчар Пирен со особено задоволство го потцртал во „Revue historique“ тоа поклопување на историските погледи на Моно со погледите на Лампрехта. „Таа согласност е мошне значајна, — забележил тој. — Таа, како изгледа, покажува дека иднината им припаѓа на новите историски погледи“.

V

Ние не ги делиме пријатните надежи на Пирена. Иднината не може да припаѓа на нејасни и неопределени погледи, а такви се имено погледите на Моно и особено на Лампрехта. Се разбира, не може да не се поздрави оној правец којшто за најважна задача на историската наука го објавува изучувањето на општествените установи и економските услови. Таа наука ќе зачекори далеку напред кога во неа дефинитивно ќе се закрепи тој правец. Но, прво, Пирен се мами кога тој правец го смета за нов. Тој во историската наука се појавил веќе од дваесетите години на XIX век: Гизо, Миње, Огистен Тиери,[13*] а подоцна Токвил и други, биле сјајни и доследни негови претставители. Погледите на Моно и Лампрехт се јавуваат само како слаба копија од стариот, но извонреден оригинал. Второ, колку длабоки и да беа за своето време погледите на Гизо, Миње и другите француски историчари, кај нив многу што останало необјаснето. Кај нив нема точен и полн одговор на прашањето за улогата на личноста во историјата. А историската наука, навистина, треба да го реши, ако на нејзините претставители им е судено да се избават од едностраниот поглед на својот предмет. Иднината ѝ припаѓа на онаа школа којашто ќе даде најдобро решение, меѓу другото, и на тоа прашање.

Погледите на Гизо, Миње и другите историчари од тој правец се јавиле како реакција на историските погледи во осумнаесеттиот век и претставуваат нивна антитеза. Во осумнаесеттиот век луѓето што се занимаваа со филозофија на историјата се сведуваа кон свесната дејност на личностите. Навистина, и тогаш имало исклучоци од општото правило: така, филозофско-историскиот видокруг на Вико, Монтеские и Хердер[11*] бил многу поширок. Но ние не зборуваме за исклучоците; огромното мнозинство на мислителите на осумнаесеттиот век гледаше на историјата токму така како што рековме. Во тој поглед многу интересно е да се читаат денеска делата, на пример, на Мабли.[12*] Кај Мабли излегува дека Минос го создал сиот социјално-политички живот и обичаите на Критјаните и дека Ликург и направил слична услуга на Спарта. Ако Спартанците го „презираа“ материјалното богатство, тогаш тоа го должат токму на Ликурга, којшто „се спуштил, така да се каже, до дното на срцето на своите сограѓани и го уништил зародишот на љубовта кон богатствата (“descendit pour ainsi dire jusque dans le fond du coeur des citoyens etc.[10]) А ако Спартанците подоцна го напуштија патот што им го покажа мудриот Ликург, за тоа е виновен Лисандер, којшто ги увери дека „новите времиња и новите околности бараат од нив нови правила и нова политика.“[11] Студиите, напишани од гледна точка на тој поглед, имале сосем малку општо со науката и се пишувани, како и проповедите, само поради моралните „поуки“ што произлегуваат од нив. Против таквите разбирања имено и востанааа француските историчари од времето на реставрацијата. По потресните настани од крајот на XVIII век беше веќе сосем невозможно да се мисли дека историјата е дело на повеќе или помалку истакнати или повеќе или помалку благородни и просветени личности, коишто по својата слободна волја ѝ сугерираат на непросветената, но послушна маса овие или оние чувства и поими. Притоа таквата филозофија на историјата ја револтираше плебејската гордост на теоретичарите на буржоазијата. Тука дошле до израз истите чувства коишто уште во XVIII век се појавија при настанувањето на буржоаската драма. Тиери во борбата со старите историски разбирања, меѓу другото, ги употребуваше оние исти аргументи коишто беа истакнати од Бомарше[14*] и други против таа стара естетика[12]. Најпосле, бурите, коишто Франција неодамна беше ги преживеала, многу јасно покажаа дека текот на историските настани ни оддалеку не е обусловен само од свесните постапки на луѓето; веќе самата таа околност би требало да наведе на мисла дека тие настани стануваат под влијание на некаква скриена нужност, којашто дејствува, слично на стихиските сили на природата, слепо, но сообразно со извесни неминовни закони. Извонредно е значаен — макар што досега, колку што ни е познато, од никого не е посочен — оној факт дека новите погледи на историјата како на закономерен процес биле најдоследно спроведени од француските историчари од реставрацискиот период, имено во делата што се посветени на Француската револуција. Такви биле, меѓу другото, делата на Миње. Новата историска школа Шатобријан ја нарече фаталистичка. Формулирајќи ги задачите што таа ги поставила пред испитувачите, тој рекол: „Тој систем бара историчарот да раскажува без негодување за најгрозните ѕверства, да зборува без љубов за највишите добродетели и со својот леден поглед да гледа во општествениот живот само пројави на неизбежни закони, заради кои секоја појава станува имено така како таа неизбежно би морала да стане.[13] Тоа, се разбира, не е точно. Новата школа сосем не барала рамнодушност од историчарот. Огистен Тиери дури директно изјавил дека политичките страсти, изострувајќи го умот на испитувачот, можат да послужат како моќно средство за откривање на вистината.[14] И достаточно е макар и малку да се запознаеме со историските дела на Гизо, Тиери или Миње, за да се види дека тие мошне пламено сочувствувале на буржоазијата, како во нејзината борба против световната и духовната аристокрација, така и во нејзиниот стремеж да ги задави барањата на пролетаријатот што се зародуваше. Но еве што е неоспорно. Новата историска школа се појави во дваесетите години на XIX век, т.е. во времето кога аристократијата беше веќе победена од буржоазијата, макар што таа сѐ уште се обидуваше да воспостави понешто од своите стари привилегии. Гордата свест за победата на нивната класа се чувствуваше во сите расудувања на историчарите од новата школа. А бидејќи буржоазијата никогаш не се оддикувала со рицарска финеса на чувствата, во расудувањето на нејзините учени претставници понекогаш се забележуваше жесток однос кон победените. „Le plus fort absorbe le plus faible“, — вели Гизо во една од своите полемички брошури, — et il est de droit“ (Силниот го голта слабиот и тој има право на тоа). Не помалку жесток е неговиот однос кон работничката класа. Таа жестокост, којашто од време на време земаше форма на спокојна бестрасност, и го доведе Шатобријана во заблуда. Освен тоа, тогаш уште не беше сосем јасно како треба да се разбира закономерноста на историското движење. Најпосле, новата школа можеше да се покаже фаталистичка имено поради тоа што, стремејќи се цврсто да застане на гледиштето на закономерноста, таа малку се занимаваше со големи историски личности.[15] Со тоа тешко би можело да се помират луѓето што се воспитани на историските идеи од 18 век. Приговори против новите историчари се сипаа од сите страни, и тогаш започна спорот којшто, како што видовме, не е завршен дури и денеска.

Во јануари 1826 година Сент-Бев[15*] пишал во „Globe“ по повод излегувањето на петтиот и шестиот том на „Историја на Француската револуција“ од Миње: „Во секој даден момент човек може со неочекувано решение на својата волја да воведе во текот на настаните нова, неочекувана и променлива сила, којашто е способна да му даде друг правец, но која сепак не може да се измери поради својата променливост“. Не треба да се мисли дека Сент-Бев претполагал дека „изненадните решенија“ на човечката волја се јавуваат без секаква причина. Не, тоа би било многу наивно. Тој само тврдел дека умствените и моралните својства на човекот, којшто игра повеќе или помалку важна улога во општествениот живот, неговите таленти, знаења, решителност или нерешителност, храброст или плашливост итн. не можат да останат без забележливо влијание на текот и исходот на настаните, меѓутоа, тие својства не се објаснуваат само со општите закони на народниот развиток, тие секогаш и во значителна мера се формираат под дејството на она што може да се нарече случајности на приватниот живот. Ќе приведеме неколку примери за појаснување на оваа мисла, којашто е, впрочем, како што изгледа, и без тоа јасна.

Во војната за австриското наследство[16*] француската војска одржа неколку сјајни победи, и Франција можеше, како изгледа, да постигне Австрија да ѝ отстапи доста опширна територија во денешна Белгија; но Луј XV не бараше такви отстапки, зашто војуваше, според неговите зборови, не како трговец, а како крал, и Ахенскиот мир ништо не им донесе на Французите;[17*] но ако Луј XV имаше подруг карактер, тогаш можеби територијата на Франција ќе се увеличеше, поради што ќе се изменеше донекаде и текот на нејзиниот економски и политички развиток.

Седумгодишната војна[18*] Франција ја водеше, како што е познато, веќе во сојуз со Австрија. Се вели дека тој сојуз бил заклучен при силна помош од страна на г-ѓа Помпадур,[19*] којашто била вонредно поласкана со тоа што гордата Марија-Терезија ја нарекла во писмо братучетко или драга другачке (bien bonne amie). Затоа може да се каже дека ако Луј XV имаше построг морал или ако помалку се поддаваше на влијанието на фаворитките, госпоѓа Помпадур не би се здобила со такво влијание на текот на настаните, и тие би зеле друг обрт.

Понатаму. Седумгодишната војна беше неуспешна за Франција: нејзините генерали претрпеа неколку мошне срамни порази. Воопшто тие имаа многу чудно држење. Ришелје се занимаваше со пљачкање, а Субиз и Броли постојано си пречеа еден на друг. Така, кога Броли го нападнал непријателот при Филинг Хаузен, Субиз чул топовски истрели, но не тргнал на помош на својот другар, како што било погодено и како што тој, без сомнение, бил должен да постапи, и Броли бил принуден да отстапи.[16] Крајно неспособниот Субиз бил под заштитата на истата г-ѓа Помпадур. И може пак да се каже дека ако Луј XV беше помалку сладострасен и ако неговата фаворитка не се замешуваше во политика, настаните не ќе зедоа таков неблагопријатен обрт за Франција.

Француските историчари кажуваат дека Франција сосем и не требало да војува на европскиот континент, а требало да ги концентрира сите свои напори на морето, за да ги одбрани своите колонии од Англија. Ако таа постапила поинаку, тука пак била виновна неизбежната г-ѓа Помпадур којашто сакала да ѝ угоди на „својата драга другачка“ Марија-Терезија. Заради Седумгодишната војна Франција ги изгуби своите најдобри колонии што, без сомнение, силно повлијало на развитокот на нејзините економски односи. Женската суета истапува пред нас во улога на влијателен „фактор“ на економскиот развиток.

Потребни ли се други примери? Ќе приведеме уште еден, можеби најпоразен. Во времето на истата таа Седумгодишна војна, во август 1761 г., австриските војски, соединувајќи се со руските во Шлезија, го опколиле Фридриха околу Штригау. Неговата положба била очајна, но сојузниците се бавеле со нападот и генералот Бутурлин, откако постојал 20 дена пред непријателот, дури сосем ја напуштил Шлезија, оставајќи таму само еден дел од своите сили за поткрепување на австрискиот генерал Лаудон. Лаудон го зел Швајдниц околу кој се наоѓал Фридрих, но тој успех бил малуважен. А што би било ако Бутурлин имаше порешителен карактер? Ако сојузниците го нападнаа Фридриха, не давајќи му да се окопа во својот логор? Возможно е дека наполно би го разбиле, и тој би морал да се потчини на сите барања на победниците. И ова се случи само за неколку месеци пред тоа кога една нова случајност, смртта на императрицата Елисавета, веднаш и силно ја измени положбата на работите во благопријатна смисла за Фридриха. Се прашува, што би било ако Бутурлин имаше повеќе решителност или ако на неговото место се наоѓаше човек сличен на Суворова.

Анализирајќи ги погледите на историчарите „фаталисти“, Сент-Бев искажа уште една мисла, на која исто така треба да ѝ се обрне внимание. Во статијата за „Историјата на Француската револуција“ од Миње, што веќе ја цитиравме, Сент-Бев докажуваше дека текот и исходот на Француската револуција биле обусловени не само од оние општи причини што ја предизвикале, и не само од оние страсти коишто таа, од своја страна, ги предизвикувала, туку исто така и од голем број ситни појави што не се подаваат на вниманието на испитувачот и што дури сосем не влегуваат во бројот на општествените појави, во точната смисла на зборот. „Во она време кога дејствувале тие (предизвикани од општествените појави) страсти, — пишуваше тој, — физичките и физиолошките сили на природата исто така не бездејствувале: каменот и понатаму се потчинувал на силата на тежеста; крвта не престанувала да тече во жилите. Зар не би се изменил текот на настаните, ако, да кажеме, Мирабо не умреше од треска; ако случајно падната тула или апоплексичен удар го убиеше Робеспиера; ако куршумот го пронижеше Бонапарта? И зарем ќе се решите да тврдите дека исходот би бил ист? При достаточен број случајности, слични на овие што ги претположив јас, тој би можел да биде наполно противположен на оној којшто, според вас, бил неизбежен. А јас имам право да претполагам такви случајности, бидејќи нив не ги исклучуваат ни општите причини на револуцијата, ни страстите што се предизвикани од тие општи причини. Тој понатаму ја приведува познатата забелешка дека историјата би тргнала сосем по друг пат, ако носот на Клеопатра беше малку покус и, на крајот, признавајќи дека во одбрана на Мињеовиот поглед може да се каже многу нешто, уште еднаш укажува во што се состои грешката на авторот. На дејството само на општите причини Миње ги припишува оние резултати за чиешто појавување придонесле исто така голем број други, ситни, темни и неуловливи причини; неговиот строг ум како да не сака да го признае постоењето на она во кое тој не гледа ред и закономерност.

VI

Дали се основателни приговорите на Сент-Бев? Изгледа дека во нив има еден дел вистина. Но каква имено? За да ја определиме ќе ја разгледаме прво мислата дека човек може со „изненадни решенија на својата волја“ да внесе во текот на настаните нова сила, којашто е способна тој тек значително да го измени. Ние приведовме неколку примери, коишто таа мисла, како ни се гледа, добро ја појаснуваат. Да се замислиме над тие примери.

Секој знае дека во времето на царувањето на Луј XV квалитетот на војската во Франција сѐ повеќе опаѓаше. Според забелешката на Анри Мартен, во времето на Седумгодишната војна француските војски, зад кои секогаш се влекле голем број јавни женски, трговци и слуги, и при кои имало трипати повеќе коморски коњи отколку коњи за јавање, поскоро напомнувале на орди на Дарија и Ксеркс отколку армии на Тирен и Густав-Адолф.[17] [20*] Во својата историја на таа војна, Архенхолц вели дека француските офицери, коишто биле одредени да чуваат стража, често ги оставале поверените стражарски места и оделе да потанцуваат некаде наблизу и ги исполнувале наредбите на началниците само тогаш кога го наоѓале тоа за потребно и згодно. Таквата мизерна состојба на војската обусловена е од опаѓањето на дворјанството, коешто сепак продолжуваше да ги држи сите највисоки места во армијата, и со општото растројство на целиот „стар поредок“, којшто бргу одеше кон својата пропаст. Самите тие општи причини би биле сосем достаточни за тоа да ѝ прададат на Седумгодишната војна неповолен пресврт. Но несомнено е дека неспособноста на генералите, слични на Субиза, уште повеќе ги умножи кај француската војска шансите за неуспехот, обусловени од општите причини. А бидејќи Субиз се држеше благодарение на г-ѓа Помпадур, неопходно е да се признае дека суетната маркиза била еден од „факторите“ коишто во голема мера го засилиле неблагопријатното влијание на општите причини за Франција врз состојбата на работите во времето на Седумгодишната војна.

Маркизата де-Помпадур била влијателна не заради својата сопствена сила, а заради власта на кралот којашто се потчинил на нејзината волја. Може ли да се каже дека карактерот на Луј XV бил имено таков каков би требало непремено да биде според општиот тек на развитокот на општествените односи во Франција? Не, при истиот тек на развитокот на неговото место можел да се најде крал што поинаку би се однесувал кон жените. Сент-Бев би кажал дека за тоа би било достаточно дејството на темните и неуловливите физиолошки причини. И тој би имал право. Но ако е така, тогаш излегува дека тие темни физиолошки причини, влијаејќи на одот и на исходот на Седумгодишната војна, со самото тоа повлијале и на понатамошниот развиток на Франција, којшто би тргнал поинаку ако Седумгодишната војна не ѝ одзеде голем дел од колониите. Се прашува дали тој заклучок не му противречи на поимот за закономерноста на општествениот развиток.

Не, ни најмалку. Колку и да е несомнено дејството на личните особености во укажаните случаи, не помалку несомнено е и тоа дека тоа можело да се изврши само при дадени општествени услови. По битката при Росбах Французите страшно негодувале против покровителката на Субиза. Таа секој ден добивала голем број анонимни писма, полни со застрашувања и навреди. Тоа многу силно ја возбудувало г-ѓа Помпадур; таа почнала да страда од бесоница.[18] Но таа сепак продолжувала да го подржува Субиза. Во 1762 година, забележувајќи му во едно од своите писма дека не ги оправдал надежите што се полагани во него, таа додала: „Но не бојте се од ништо, јас ќе се погрижам за вашите интереси и ќе се потрудам да ве измирам со кралот“.[19] Како што гледате, таа не попуштила пред јавното мислење. Зошто не попуштила? Веројатно затоа дека тогашното француско општество немало возможност да ја принуди на отстапки. А зошто тогашното француско општество не можело да го направи тоа? Нему во тоа му пречеле неговата организација којашто, од своја страна, зависела од соодносот на тогашните општествени сили во Франција. Следствено, со соодносот на тие сили во крајна линија, и се објаснува онаа околност дека карактерот на Луј XV и капризите на неговите фаворитки можеле да имаат такво жалосно влијание врз судбината на Франција. Зашто ако со слабоста кон женскиот пол се одликуваше не кралот, а некој кралски готвач или коњушар, тогаш тоа не ќе имаше никакво историско значење. Јасно е дека работата тука не е во слабоста, туку во општествената положба на лицето што страда од слабоста. Читателот разбира дека тие размислувања можат да бидат применети и кон сите други гореприведени примери. Во тие размислувања треба само да се измени она што подлежи на изменување, на пример, место Франција да се постави Русија, место Субиза — Бутурлин итн. Затоа ние нема да ги повторуваме.

Излегува дека личностите, благодарејќи на дадени особености на својот карактер, можат да влијаат на судбината на општеството. Понекогаш влијанието биднува дури многу значајно, но како самата возможност за слично влијание, така и неговите размери, се обусловени од организацијата на општеството, од соодносот на неговите сили. Карактерот на личноста се јавува како „фактор“ на општествениот развиток само таму, само тогаш и само до толку, каде, кога и до колку тоа го дозволуваат општествените односи.

Можат да ни забележат дека размерите на личното влијание зависат исто така и од талентите на личноста. Ние ќе се согласиме со тоа. Но личноста може да ги пројави своите таленти само тогаш кога ќе заземе за тоа неопходна положба во општеството. Зошто судбината на Франција можела да се најде во рацете на човек лишен од секаква способност и волја за општествено служење? Зашто таква била нејзината општествена организација. Со таа организација имено се обусловени во секое дадено време оние улоги, а, следствено, и она општествено значење, што можат да им се паднат во дел на надворешните или на бездарните личности.

Но ако улогите на личностите се обусловени од организацијата на општеството, тогаш по каков начин нивното општествено влијание, што е обусловено од тие улоги, може да противречи на поимот, за законосообразноста на општествениот развиток? Тоа не само не му противречи, туку е една од најсилните негови илустрации.

Но тука еве што треба да се забележи. Возможноста за општественото влијание на личностите, обусловена од организацијата на општеството, отвора врата на влијанието на таканаречените случајности врз историските судбини на народите. Сладострасноста на Луј XV била неопходна последица на состојбата на неговиот организам. Но во однос на општиот тек на развитокот на Франција таа состојба била случајна. Меѓутоа, таа не останала, како што веќе кажавме, без влијание на понатамошната судбина на Франција и самата влегла во бројот на причините што ја обусловиле таа судбина. Смртта на Мирабо, се разбира, била причинета од сосем закономерни патолошки процеси. Но нужноста на тие процеси сосем не произлегувала од општиот тек на развитокот на Франција, туку од некои одделни особености на организмот на славниот оратор и од оние физички услови при кои тој се заразил. Во однос на општиот тек на развитокот на Франција тие особености и услови се случајни. А, меѓутоа, смртта на Мирабо повлијала на понатамошниот тек на револуцијата и влегла во бројот на причините што го обусловиле тој тек.

Уште попотресливо е дејството на случајните причини во гореприведениот пример на Фридрих II, којшто се извлекол од крајно тешката положба само благодарение на нерешителноста на Бутурлина. Назначувањето на Бутурлина, дури во однос на општиот тек на развитокот на Русија, би можело да биде случајно, во онаа смисла на тој збор што порано ја определивме, а со општиот тек на развитокот на Прусија тоа, се разбира, немало никаква врска. Меѓутоа, не е неверојатна претпоставката дека нерешителноста на Бутурлина го избавила Фридриха од очајната положба. Ако на местото на Бутурлина беше Суворов, тогаш историјата на Прусија можеби ќе тргнеше по друг пат. Излегува дека судбината на државите понекогаш зависи од случајности што можат да се наречат случајности од втора степен. „In allem Endlichen ist ein Element des Zufälligen“, — велел Хегел (во сѐ што е конечно има некој елемент на случајното). Во науката имаме работа само со „конечното“; затоа може да се рече дека во сите процеси, што таа ги изучува, има елемент на случајност. Ја исклучува ли тоа возможноста за научното познание на појавите? Не. Случајноста е нешто релативно. Таа се јавува само во точката на пресечувањето на нужните процеси. Појавувањето на европејците во Америка за жителите на Мексико и Перу било случајност во таа смисла што не произлегувала од општествениот развиток на тие земји. Но не била случајност страста кон морепловството, што ги зафатила западните европејци во крајот на средниот век; не била случајност онаа околност дека силата на европејците лесно го совладувале отпорот на месните жители. Не биле случајни и последиците од освојувањето на Мексико и Перу од страна на европејците; тие последици, во крајот на краиштата, биле обусловени од резултантата на две сили: економската положба на освоените земји, од една страна, и економската положба на освојувачите, од друга. А тие сили, како и нивната резултанта, можат да бидат наполно предмет на строго научно испитување.

Случајностите на Седумгодишната војна имале големо влијание на понатамошната историја на Прусија, но нивното влијание не ќе беше сосем такво, ако тие ја затечеа при друг стадиј на развитокот. Последиците на случајностите и тука биле обусловени од резултантата на следниве две сили: социјалнополитичката состојба на Прусија, од една страна, и социјалнополитичката состојба на европските држави што влијаеле на неа, од друга. Следствено, и тука случајноста николку не му пречи на научното изучување на појавите.

Ние сега знаеме дека личностите често имаат големо влијание на судбината на општеството, но дека тоа влијание е обусловено од неговиот внатрешен строеж и од неговиот однос кон другите општества. Но со тоа уште не е исцрпено прашањето за улогата на личноста во историјата. Ние треба да му се доближиме и од друга страна.

Сент-Бев мислел дека при достаточен број ситни и нејасни причини од оној вид што ги истакнал тој, Француската револуција би можела да има спротивен исход од оној што го знаеме. Тоа е голема грешка. Во колку и замрсени сплетови да се соединуваат ситните психолошки и физиолошки причини, тие во никој случај не би ги отклониле големите општествени потреби што ја предизвикаа Француската револуција; а додека тие потреби не би биле задоволени, не би се прекратило револуционерното движење во Франција. За да биде исходот противположен на оној што имаше место во стварноста, требало да се заменат тие потреби со други, ним противположни; а тоа, се разбира, никогаш не би биле во состојба да направат никакви комбинации од ситни причини.

Причините на Француската револуција се во својствата на општествените односи, а претположените од Сент-Бев ситни причини можеле да имаат корен само во индивидуалните особености на одделни лица. Последната причина на општествените односи се состои во состојбата на производните сили. Таа состојба зависи од индивидуалните особености на одделни лица само во смисла на поголема или помала способност на такви лица кон технички усовршувања, откривања и пронајдоци. Сент-Бев ги немал предвид тие особености. А севозможните други особености не им осигуруваат на одделните лица непосредно влијание врз состојбата на производните сили, а, следствено, и на оние општествени односи што се од нив обусловени, т.е. на економските односи. Какви и да биле особеностите на дадена личност, таа не може да ги отстрани дадените економски односи, штом тие одговараат на дадената состојба на производните сили. Но индивидуалните особености ја прават личноста повеќе или помалку способна за задоволување на оние општествени потреби што израснуваат врз основа на дадени економски односи, или за попречување на тоа задоволување. Најнеопходна општествена потреба на Франција од крајот на XVIII век била замената на застарените политички установи со други, коишто повеќе одговараат на нејзиниот нов економски систем. Најистакнати и најполезни општествени работници од тоа време биле имено оние коишто повеќе од сите други биле способни да придонесат на задоволувањето на таа најнеопходна потреба. Да претпоставиме дека такви луѓе биле Мирабо, Робеспиер и Бонапарт. Што би било ако предвремената смрт не го отстрани Мирабо од политичката сцена? Партијата на уставната монархија подолго би ја зачувала големата сила; затоа нејзиниот отпор спрема републиканците би бил поенергичен. И тоа е сѐ. Никаков Мирабо не би можел тогаш да го спречи триумфот на републиканците. Силата на Мирабо исцело се опираше на сочувството и на довербата на народот кон него, а народот се стремеше кон република, бидејќи дворот го дразнеше со својата тврдоглава заштита на стариот поредок. Штом народот се убедеше дека Мирабо не сочувствува на неговите републикански стремежи, тој самиот ќе престанеше да го симпатизира Мирабо, и тогаш големиот говорник би изгубил скоро секакво влијание, а потоа, веројатно, би паднал како жртва на она исто движење кое тој напразно би се старал да го задржи. Приближно истото може да се каже и за Робеспиера. Да допуштиме дека тој во својата партија претставуваше наполно незаменлива сила. Но тој, во секој случај, не бил единствена нејзина сила. Ако случаен удар на тула го отепаше, да кажеме, во јануари 1793 година,[21*] тогаш на неговото место, се разбира, ќе дојдеше некој друг, и макар што тој друг би стоел пониско од него во секоја смисла, настаните сепак ќе тргнеа во истиот оној правец по кој тие тргнаа при Робеспиера. Така, на пример, жирондистите сигурно и во тој случај не би го избегнале поразот: но возможно е дека партијата на Робеспиера нешто порано би ја изгубила власта, така што сега би зборувале не за термидорската,[22*] туку за флоријалската, преријалската или месидорската реакција.[23*] Некои можеби ќе речат дека Робеспиер со својот неумолив тероризам го забрзал, а не го забавил паѓањето на својата партија. Тука нема да ја разгледуваме таа претпоставка, а ќе ја примиме како да е наполно основана. Во тој случај ќе биде потребно да се претположи дека паѓањето на партијата на Робеспиера би станало, место во термидор, во текот на фруктидор или вандемјер, или бример. Накусо речено, тоа ќе станеше можеби порано, а можеби и подоцна, а сепак бездруго ќе станеше, зашто оној слој од народот на кој се опираше таа партија сосем не беше подготвен за трајно владеење. Во секој случај, за резултати „противположни“ на оние што биле при енергичната помош на Робеспиера не можело и збор да стане.

Тие не би можеле да се јават и во тој случај, ако Бонапарта го пронижеше куршум, да кажеме, во битката при Аркола. Она што го направи тој во италијанските и другите походи, би го направиле и други генерали. Тие, веројатно, не би покажале такви таленти како тој и не би одржале такви сјајни победи. Но Француската република сепак ќе излезеше победителка од своите тогашни војни, бидејќи нејзините војници беа неспоредливо подобри од сите европски војници. Што се однесува до 18 бример[24*] и неговото влијание на внатрешниот живот на Франција, и тука општиот од и исход на настаните всушност би бил веројатно истиот како при Наполеона. Републиката, смртно ранета на 9 термидор, умираше со бавна смрт. Дирекоријата[25*] не можеше да воспостави ред којшто сега највеќе го сакаше буржоазијата, што беше се избавила од господството на високите сталежи. За воспоставување на редот била потребна „добра сабја“, како што се изразил Сијес. Отпрво се мислеше дека улогата на благотворната сабја ќе ја одигра генералот Журдан, а кога тој бил убиен при Нови, фатиле да зборуваат за Моро, за Макдоналд, за Бернадот.[20] За Бонапарта зеле да зборуваат дури подоцна; а ако беше убиен, слично на Журдана, тогаш за него и сосем не ќе се сетеа, и ќе беше истакната некоја друга „сабја“. Само по себе се разбира дека човек кого настаните го издигнале до звањето диктатор, морал самиот, од своја страна, неуморно да се пробива кон власта, енергично растуркувајќи и безмилосно гмечејќи ги сите оние што му го препречуваат патот. Бонапарт имаше железна енергија и тој ништо не штедеше за да ги постигне своите цели. Но, и покрај него, тогаш имало не малку енергични, талентирани и честољубиви егоисти. Местото што успеа да го зафати сигурно не би останало празно. Да претпоставиме дека некој друг генерал, штом би дошол до тоа место би бил помирољубив од Наполеона, дека не би ја кренал против себе цела Европа и дека затоа би умрел во Тилери,[26*] а не на островот Св. Елена. Тогаш Бурбоните сосема не би се вратиле во Франција; таков резултат за нив, се разбира, ќе беше „противположен“ на оној до кој се дојде всушност. Но по својот однос кон целиот внатрешен живот на Франција тој во малу што би се разликувал од вистинскиот резултат. „Добрата сабја“, штом воспостави ред и штом го осигури господството на буржоазијата, скоро би додеала со своите касарнски навики и со својот деспотизам. Би се јавило некое либерално движење, слично на она што се јавило во времето на реставрацијата, борбата би фатила постепено да се распламтува, а бидејќи „добрите сабји“ не се одликуваат со попустливост, можеби добродетелниот Луј Филип ќе седнеше на престолот од своите нежно сакани роднини не во 1830, а во 1820 или 1825 година. Сите тие промени во текот на настаните би можеле делум да повлијаат на понатамошниот политички живот, а преку него и на економскиот живот на Европа. Но крајниот исход на револуционерното движење, сепак, во никој случај не би бил „противположен“ на вистинскиот исход. Влијателните личности, благодарејќи на особеностите на својот ум и карактер, можат да ја изменат индивидуалната физиономија на настаните и некои нивни одделни последици, но тие не можат да го изменат нивниот општ правец којшто е обусловен од други сили.

VII

Освен тоа, еве што треба уште да се забележи. Размислувајќи за улогата на големите личности во историјата, ние скоро секогаш стануваме жртва на некоја оптичка измама, на која ќе биде полезно да им се обрне внимание на читателите.

Штом истапи во улогата на „добра сабја“ којашто го спасува општествениот поредок, со самото тоа Наполеон ги отстрани од таа улога сите други генерали, од кои некои можеби ќе ја одиграа таа улога исто така или скоро исто така како тој самиот. Штом општествената потребност од еден енергичен воен управник била задоволена, општествената организација им го заградила патот кон местото на воен управник на сите други воени таленти. Нејзината сила станала сила неблагопријатна за пројавување на други таленти од тој вид. Благодарејќи на тоа и произлегува онаа оптичка измама за која зборуваме. Личната сила на Наполеона ни се јавува во крајно преувеличен вид, бидејќи ѝ ја припишуваме сета онаа општествена сила којашто ја истакнала и ѝ давала подршка. Таа ни изгледа како нешто наполно исклучително, бидејќи другите сили, слични на неа, не минале од возможност во реалност. И кога ни велат: што би било кога би го немало Наполеона, тогаш нашата вообразба се збркува, и ни се чини дека без него сосем не би можело да се изврши сето она општествено движење на кое се засновуваше неговата сила и влијание.

Во историјата на умствениот развиток на човештвото, успехот на една личност неспоредливо поретко го попречува успехот на друга личност. Но и таму ние не сме слободни од покажаната оптичка измама. Кога дадена положба на општеството поставува пред неговите духовни претставници извесни задачи, тие задачи го привлекуваат вниманието на истакнати умови се дотогаш додека не успеат да ги решат. А штом ќе им појде тоа на рака, нивното внимание минува на друг предмет. Штом ќе ја реши задачата X, даден талент А со самото тоа го насочува вниманието на талентот В од таа веќе решена задача кон друга задача. И кога вас ве прашуваат што би било ако умреше А, којшто не успеал да ја реши задачата X, ние си вообразуваме дека би се прекинала нишката на умствениот развиток на општеството. Ние забораваме дека во случај на смртта на А за решување на задачата би можел да се зафати В, или С, или D, и дека по тој начин нишката на умствениот развиток би останала цела и покрај предвремената смрт на А.

За да може некој човек со извесен талент да придобие, благодарејќи на тој талент, големо влијание врз текот на настаните, потребно е да постојат два услова. Прво, неговиот талент треба да го направи попригоден од другите за општествените потреби на дадената епоха: ако Наполеон место својот воен гениј, ја имаше музикалната дарба на Бетовена, тогаш тој, се разбира, не ќе станеше император. Второ, општествениот поредок што постои не треба да ѝ го препречува патот на личноста што го има даденото својство, потребно и полезно токму во тоа време. Истиот Наполеон ќе умреше како малку познат генерал или полковник Бонапарта, ако стариот режим потраеше во Франција уште некои седумдесет и пет години.[21] Во 1789 година, Даву, Дезе, Мармон и Макдоналд беа потпоручници, Бернадот — наредник; Гош, Марсо, Лефевр, Пишегри, Неј, Масена, Мира, Сулг — подофицери; Ожеро — учител по мечување; Лан — бојаџија; Гувион Сен-Сир — артист; Журдан — поштар (разносувач); Бесијер — бербер; Брин — слагач на букви; Жубер и Жино — студенти на правен факултет; Клебер — архитект; Мортие не стапувал на воена служба до самата револуција.[22]

Ако стариот режим продолжеше да постои сѐ до денеска, тогаш на никого од нас не ќе му дојдеше на ум дека кон крајот на минатиот век некои артисти, типографи, бербери, бојаџии, јуристи, поштари и учители по мечување биле воени таленти во возможност.[23]

Стендал забележува дека човек што би се родил едновремено со Тицијана, т.е. во 1477 година, би можел да проживее 40 години со Рафаела и Леонардо-да-Винчи, од кои првиот умрел во 1520, а другиот во 1519 година, дека би можел да помине долги години со Кореѓо, којшто умрел во 1534 година, и со Микел-анѓело, кој живеел до 1563 година, дека не би имал повеќе од триесет и четири години кога умрел Горѓони, дека би можел да се познава со Тинторето, Басано, Веронезе, Јулиј Романо и Андре дел-Сарто; дека, со еден збор, би бил современик на сите големи сликари, со исклучок на оние што ѝ припаѓаат на Болоњската школа, којашто се јавила цел век подоцна.[24] Исто така може да се каже дека човек, што се родил во истата година во Воуермана, би можел лично да ги знае скоро сите големи сликари на Холандија,[25] а врсникот на Шекспира живеел едновремено со цел ред извонредни драматурзи.[26]

Уште одамна е забележено дека талентите се јавуваат секаде и секогаш, каде и кога постојат општествени услови коишто се благопријатни за нивниот развиток. Тоа значи дека секој талент што се пројавил во реалноста, т.е. секој талент, којшто станал општествена сила — е плод на општествените односи. Но ако тоа е така, тогаш е разбирливо зошто талентираните луѓе можат, како што рековме, да ја изменат само индивидуалната физиономија, а не општиот правец на настаните; тие самите постојат само благодарение на тој правец; ако не беше тој, тие никогаш не би го пречекориле прагот што ја одделува возможноста од стварноста.

Само по себе се разбира дека од талент до талент има разлика. „Кога новиот чекор во развитокот на цивилизацијата доведува до нов вид уметност), — со право вели Тен, — се јавуваат десетици таленти коишто општествената мисла ја изразуваат само на половина, околу еден или двајца гении, што ја изразуваат совршено“.[27] Ако било какви механички или физиолошки причини, коишто не се сврзани со општиот тек на социјално-политичкиот и духовниот развиток на Италија, ги убиеја уште во детство Рафаела, Микеланѓело и Леонардо-да-Винчи, тогаш италијанската уметност ќе беше помалку совршена, но општиот правец на нејзиниот развиток во епохата на Ренесансот ќе останеше ист. Рафаел, Леонардо-да-Винчи и Микеланѓело не го создале тој правец: тие биле само негови најдобри изразители. Навистина, околу генијалниот човек обично никнува, цела школа, притоа неговите ученици се стараат да ги усвојат дури и неговите најситни потфати: затоа празнината што би останала во италијанската уметност од епохата на Ренесансот поради раната смрт на Рафаела, Микелангела и Леонардо да-Винчи, ќе извршеше силно влијание на многу второстепени особености во нејзината понатамошна историја. Но и таа историја во суштина не би се изменила, ако само поради некои општи причини не би дошло до некоја суштествена промена во општиот тек на духовниот развиток на Италија.

Познато е, меѓутоа, дека квантитативните разлики најпосле минуваат во квалитативни. Тоа е точно насекаде; следствено, точно и во историјата. Извесна струја во уметноста може сосем да остане без каков и да е значаен израз, ако неблагопријатниот стек на околностите однесе, еден по друг, неколку талентирани луѓе коишто би можеле да станат нејзини изразители. Но предвремената смрт на тие луѓе ќе му попречи на уметничкиот израз на таа струја само во тој случај, ако таа не е доста длабока, за да истакне нови таленти. А бидејќи длабочината на секој даден правец во литературата и во уметноста е обусловена од неговото значење за онаа класа или слој чиишто вкусови ги изразува, како и од општествената улога на таа класа или слој, затоа и тука сѐ зависи во крајна линија од текот на општествениот развиток и од соодносот на општествените сили.

VIII

И така, личните својства на раководните луѓе се обусловени од индивидуалната физиономија на историските настани, и елементот на случајноста, во укажаната од нас смисла, секогаш игра извесна улога во текот на тие настани, правецот на кои, во крајна линија, се определува од така наречените општи, т.е. во сушност од развитокот на производните сили и меѓусобните односи на луѓето во општествено-економскиот процес на производството. Случајните појави и личните својства на бележитите луѓе се неспоредливо позабележливи отколку длабоко скриените општи причини. Осумнаесеттиот век малку се замислувал над тие општи причини, објаснувајќи ја историјата со свесните постапки и со „страстите“ на историските дејци. Филозофите од тој век тврдеа дека историјата би можела да тргне сосема по други патишта под влијанието на најништожните причини, на пример, поради тоа што во главата на некој владар би почнал да лудува некој „атом“ (мисла што не еднаш е искажана во “Système de la Nature“).[27*]

Заштитниците на новиот правец во историската наука зедоа да докажуваат дека историјата не би можела да тргне по подруг пат од оној по кој таа всушност се движела, не гледајќи на било какви „атоми“. Стремејќи се што се може подобро да го потцртаат дејството на општите причини, тие го оставаа без внимание значењето на личните својства на историските личности. Кај нив излегува дека историските настани не би се измениле ни за влакно од замената на едни лица со други, повеќе или помалку способни.[28] Но штом ја допуштаме таа претпоставка, ние неопходно треба да признаеме дека личниот елемент нема во историјата сосем никакво значење и дека во неа сѐ се сведува на дејството на општите причини и општите закони на историското движење. Тоа беше една крајност којашто сосем не оставаше место за оној дел вистина што се содржеше во противположниот поглед. Но имено затоа противположниот поглед продолжуваше да има и понатаму извесно право на постоење. Судрувањето на тие два погледа доби форма на антиномија, првиот член на која беа општите закони, а вториот — дејноста на личностите. Од гледиштето на вториот член на антиномијата историјата се преставуваше како проста низа од случајности; од гледиштето на првиот член изгледаше дека од дејството на општите причини биле обусловени дури и индивидуалните црти на историските настани. Но ако индивидуалните црти на настаните се обусловени од влијанието на општите причини и ако не зависат од личните својства на историските личности, тогаш излегува дека тие црти се обусловени од општите причини и дека не можат да се изменат, колку и да се измениле тие личности. Така, теоријата добива фаталистички карактер.

Тоа не избегна од вниманието на нејзините противници. Сент-Бев ги споредуваше историските погледи на Миње со историските погледи на Босие.[28*] Босие мислел дека силата, од дејството на која стануваат историските настани, доаѓа одозгора, дека настаните служат како израз на божјата волја. Миње таа сила ја бараше во човечките страсти, што се пројавуваат во историските настани со неумоливоста и неотклонивоста на природните сили. Но тие и двајцата гледаат на историјата како на верига од такви појави коишто во никој случај не би можеле да бидат подруги; и двајцата се фаталисти; во тој поглед филозофот бил близок на свештеникот (le philosophe se rapproche du prêtre).

Тој укор имаше основа сѐ додека учењето за законитоста на општествените појави го сведуваше на нула влијанието на личните особености на истакнатите историски личности врз настаните. И тој укор морал да направи толку посилен впечаток, што историчарите на новата школа, слично на историчарите и филозофите од осумнаесеттиот век ја сметаа човечката природа за виша инстанција, од која произлегувале и на која ѝ се потчинувале сите општи причини на историското движење. Бидејќи Француската револуција покажа дека историските настани не се обусловени само од свесните постапки на луѓето, Миње, Гизо и други научници од истиот правец, го истакнуваа на прво место дејството на страстите, коишто често отфрлаат од себе секаква контрола на свеста. Но ако страстите се јавуваат како последна и најопшта причина за историските настани, тогаш зошто нема право Сент-Бев, којшто тврди дека Француската револуција би можела да има исход противположен на оној што го знаеме, кога би се нашле личностите што се способни да му внушат на францускиот народ страсти противположни на оние што го возбудувале? Миње би рекол: бидејќи другите страсти не би можеле да ги возбудат Французите, поради самите својства на човечката природа. Во извесна смисла тоа би било вистина. Но таа вистина би имала силна фаталистичка нијанса, бидејќи би била рамносилна на онаа поставка дека историјата на човештвото во сите свои подробности е предопределена од општите својства на човечката природа. Фатализмот би се јавил тука како резултат на губењето на индивидуалното во општото. Впрочем, тој и секогаш е резулатот на таквото губење. Велат: „ако сите општествени појави се нужни, тогаш нашата дејност не може да има никакво значење“. Тоа е неправилна формулација на правилна мисла. Треба да се каже: ако сѐ станува преку општото, тогаш поединечното, сметајќи ги тука и моите усилби, нема никакво значење. Таков заклучок е правилен, само што со него луѓето неправилно се ползуваат. Тој нема никаква смисла во примената на современиот материјалистички поглед на историјата, во која има место и за поединечното. Но тој беше основателен во примената кон погледите на Француските историчари од времето на реставрацијата.

Во денешно време не е можно веќе човечката природа да се смета последна и најопшта причина на историското движење: ако таа е постојана, тогаш таа не може да го објасни крајно променливиот тек на историјата, а ако се изменува, тогаш е очигледно дека нејзините промени и самите се обусловени од историското движење. Во денешно време за последна и најопшта причина на историското движење на човештвото треба да се признае развитокот на производните сили од кои се обусловени постапните промени во општествените односи на луѓето. На ред со таа општа причина дејствуваат посебни причини, т.е. онаа историска ситуација при која станува развитокот на производните сили кај даден народ и којашто самата, во крајна истанција, е создадена од развитокот на истите тие сили кај другите народи, т.е. од истата таа општа причина.

Најпосле, влијанието на особените причини се дополнува од дејството на поединечните причини, т.е. од личните особености на општествените работници и други „случајности“, поради кои настаните добиваат, своја индивидуална физиономија. Поединечните причини не можат да направат коренити промени во дејството на општите и особени причини, од кои се, покрај тоа, обусловени правецот и границите на влијанието на поединечните причини. Но сепак несомнено е дека историјата ќе имаше друга физиономија, ако поединечните причини што повлијале на неа, беа заменети од други причини од истиот ред.

Моно и Лампрехт до ден-денеска стојат на гледиштето на човечката природа. Лампрехт категорички и не еднаш изјавувал дека, според него, социјалната психика составува коренита причина на историските појави. Тоа е голема грешка, и поради таа грешка сама по себе многу пофалната желба да се земе предвид сета целокупност на општествениот живот може само да доведе до бесодржајниот, макар што и надувен еклектизам, или — кај најдоследните — до расудувањата на Каблица за релативното значење на умот и чувството.

Но да се вратиме на нашиот предмет. Великиот човек е велик не со тоа што неговите лични својства им придаваат индивидуална физиономија на големите историски настани, туку со тоа што има својства што го прават најспособен за служење на големите општествени потреби на своето време, коишто настанале под влијание на општите и особените причини. Во своето познато дело за хероите Карлајл[29*] ги наречува луѓе почетници (beginners). Тоа е многу успешен назив. Великиот човек се јавува имено почетник, бидејќи гледа подалеку од другите и сака посилно од другите. Тој решува научни задачи што се ставени на дневен ред од претходниот тек на умствениот развиток на општеството; тој укажува на новите општествени потреби, создадени од претходниот развиток на општествените односи. Тој ја зема на себе иницијативата за задоволување на тие потреби. Тој е херој. Херој не во таа смисла како божем да може да го запре или да го измени природниот тек на работите, а во тоа што неговата дејност се јавува како свесен и слободен израз на тој нужен и несвесен тек. Во тоа е сето негово значење, во тоа е сета негова сила. Но тоа е колосално значење и страшна сила.

Бизмарк велеше дека ние не можеме да ја правиме историјата, туку сме должни да чекаме дури самата се направи. Но кој ја прави историјата? Неа ја прави општествениот човек, којшто е нејзиниот единствен „фактор“. Општествениот човек сам ги создава своите, т.е. општествените, односи. Но ако тој во дадено време создава имено такви, а не други односи, тогаш тоа, се разбира, произлегува не без причина; тоа е обусловено од состојбата на неговите производни сили. Никаков велик човек не може да му натрапи на општеството такви односи што веќе не одговараат на состојбата на тие сили, или коишто уште не одговараат на таа состојба. Во таа смисла тој навистина не може да ја прави историјата, и во тој случај напразно би го померувале својот часовник: тој не би го забрзал текот на времето и не би го вратил назад. Тука Лампрехт е наполно прав: наоѓајќи се дури на врвот на својата сила, Бизмарк не би можел да ја врати Германија кон натуралното стопанство.

Општествените односи си имаат своја логика: додека луѓето се наоѓаат во дадени меѓусебни односи, тие непремено ќе чувствуваат, ќе мислат, и ќе постапуваат имено така, а не инаку. Против таа логика исто така напразно би се борел општествениот работник: природниот тек на работите (т.е. истата таа логика на општествените односи) би ги претворила во ништо сите негови усилби. Но ако јас знам во каков правец се изменуваат општествените односи поради дадените промени во општествено-економскиот процес на производството, тогаш исто така знам во каков правец ќе се измени и социјалната психика; следствено, јас имам возможност да повлијам на неа. Да се влијае на социјалната психика значи да се влијае на историските настани. Во извесна смисла, значи, јас сепак можам да ја правам историјата и немам потреба да чекам додека таа се „направи“.

Моно претполага дека навистина важните настани и личности во историјата се важни само како знаци и симболи на развитокот на установите и економските услови. Тоа е вистинита, макар и мошне неточно изразена мисла; но токму поради тоа што оваа мисла е вистинита, неосновно е да се противставува дејноста на великите луѓе на „бавното движење“ на споменатите услови и установи. Повеќе или помалку бавното менување на „економските услови“ периодично го доведува општеството до неопходноста побргу или побавно да ги преправи своите установи. Таквото преправање никогаш не произлегува од „само себеси“; тоа секогаш бара интервенција од луѓето, пред кои, по таков начин, се појавуваат големи општествени задачи. Велики личности се наречуваат токму оние коишто повеќе од другите придонесуваат за нивното решение. А да се реши задачата не значи да се биде само „симбол“ и „знак“ на тоа дека таа е решена.

Нам ни изгледа дека Моно го направил своето противставување главно поради тоа што се занесол од пријатното зборче „бавни“. Тоа зборче го сакаат мнозина современи еволуционисти. Психолошки таа наклоност е разбирлива: таа нужно се раѓа во добронамерната средина на умереноста и точноста... Но логички таа не издржува критика, како што тоа го покажа Хегел.

Не само за „почетниците“, нити само за „великите“ луѓе е отворено широко поле за дејствување. Тоа е отворено за сиге оние што имаат очи, за да гледаат, уши, за да чујат, и срце, за да ги сакаат своите блиски. Поимот велик е релативен поим. Во морална смисла велик е секој којшто по евангелските зборови, „ја дава душата своја за своите блиски“.

 


Фусноти на авторот

[1] Некој Француз од XVIII век многу би го зачудило тоа поврзување на материјализмот со религиозната догматика. Во Англија тоа никому не му изгледа чудно. Самиот Пристли бил многу религиозен човек: колку земји, толку обичаи.

[2] В. руски превод на неговата „Историја на Француската револуција“, т. I, стр. 511.

[3] Познато е дека, според Калвиновото учење, сите постапки на луѓето се предопределени од бога. Praedestinationem vocamus aeternum Dei decretum, quo apud se conatitutum habuit, fluod1 de uno quoque homine fieri valet (Institutio, lib. III, cap. 5). (Предопределување го наречуваме вечното божје решение со кое кај него утврдил што мора да стане со секој човек). По истото учење, бог избира некои од своите служители за ослободување на неправедно угнетените народи. Таков бил Мојсија, ослободителот на израелскиот народ. По се изгледа дека за такво орудие на бога се сметал сам себеси и Кромвел, тој секогаш и, веројатно, поради сосем искреното убедување, своите постапки ги наречувал плод на волјата божја. Сите тие постапки за него биле однапред обоени со бојата на нужноста. Тоа не само не му пречело да се стреми од победа кон победа, туку на тој негов стремеж му придавало неукротлива сила.

[4] “C'est comme si l'aiguille aimantee prenait plaisir de se tourner vers le nord car elle croirait tourner independamment de quelque autre cause, ne s'apercevant pas des mouvements insensibles de la matiere magnetique". Leibnitz, Theodicee, Lausanne, MDCCLX, p. 598. („Тоа е исто како магнетската игла да ужива во тоа да се врти спрема север, бидејќи верува дека се врти независно од некоја друга причина, не забележувајќи ги неосетните движења на магнетската материја.“

[5] Ќе приведеме уште еден пример којшто нагледно покажува колку силно чувствуваат луѓето од таа категорија. Ферарската херцогиња, Рене (од куќата на Луј XII) вели во писмото до својот учител Калвин: „Не, јас не сум го заборавила она што ми пишавте: дека Давид чувствувал смртна омраза кон непријателите божји; и јас самата никогаш нема да постапувам поинаку, зашто ако би знаела дека кралот, татко ми, и кралицата, мајка ми, и покојниот господин мој маж (feu monsieur mon mari) и сите мои деца — се проколнати од бога, јас би ги намразил со смртна омраза и би сакала да одат во пеколот“, итн. Каква страшна сесовладлива енергија биле способни да покажат луѓето што имале такви: чувства! Меѓутоа, тие луѓе ја негираа слободата на волјата.

[6] “Die Notwendigkeit wird nicht dadurch zur Freiheit, dass sie verschwindet, sondern dass nur ihre noch innere Identitat manifestiert wird". Hegel, Wissenschaft der Logik. Nurnberg. 1916, Zweites Buch, 5. 281. („Нужноста не станува слобода со тоа што исчезнува, туку што само се манифестира нејзиниот внатрешен идентитет“. Хегел, Наука за логиката, Нирнберг, 1816, кн. II, стр. 281).

[7] Тој истиот стар Хегел сјајно кажува на друго место: “Die Freiheit ist dies, Nichts zu wollen als sich“. Werke, B. 12. S. 98. (Philosophie der Religion). („Слобода е ова: ништо друго да не сакаш освен себеси“. Дела, т. 12).

[8] Во стремежот за синтеза нѐ надмина истиот г. Кареев. Но, за жалост, тој не отиде подалеку од сознавањето на таа вистина дека човекот се состои од душа и тело.

[9] Оставајќи ги настрана другите филозофско-историски статии на Лампрехта тука ја имаме и ќе ја имаме предвид неговата статија “Der Ausgang des geschichtswissenschaflichen Kampfes", Die Zukunft, 1897, № 41.

[10] В. Œuvres Complètes de l’abbé de Mably, London 1783 (Vol.IV), 3, 14-22, 24 et 192.

[11] Исто, стр. 10.

[12] Спореди го првото од писмата за „Историјата на Франција“ со „l’Essai sur le genre dramatique sérieux“ во првиот том на Œuvres complètes од Бомарше.

[13] Œuvres complètes de Chateaubriand, Paris 1804, VII, p.58. Му ја препорачуваме на вниманието на читателот и следната страница; човек може да помисли дека ја напишал г. Ник. Михајловски.

[14] В. Considérations sur l’histoire de France, приложен кон „Récits des temps Mérévingiens, Paris 1840, p.72.

[15] Во статијата посветена на третото издание на „Историја на Француската револуција“ од Миње, Сент-Бев вака го окарактеризирал односот на тој историчар кон личноста: “A la vue des vastes et profondes emotions populaires qu'il avail a decrire, au spectacle de l'impuissance et du neant ou tombent les plus sublimes genies, les vertus les plus saintes alors que les masses se soulevent, il s'est pris de pitie pour les individus, n'a vu en eux pris isolement que faiblesse et ne leur a reconnu d'action efficace, que dans leur union avec la multitude“. (Пред широките и длабоките народни движења што требало да ги опише, гледајќи ја немоќта и ништожноста во кои паѓаат највозвишените духови, најсветлите добродетели, тогаш кога масите се подигаат, тој беше обземен од жалост спрема личностите, гледаше во нив, земени одделно, само слабости и им признаваше способност за ефикасни акции само во нивното соединување со масите“).

[16] Впрочем, други велат дека не бил виновен Субиз, туку Броли, којшто не го причекал својот другар, не сакајќи да ја дели со него славата од победата. За нас тоа нема никакво значење, бидејќи нималку не ја изменува работата.

[17] „Histoire de France“, 4-eme edition, t. XV, p. 520-521.

[18] В. „Memoires de madame du Hausset,“ Paris 1824, p. 181.

[19] В. "Lettres de la marguise de Pompadour", Londres 1772.

[20] “La vie en France sous le premier Empire” by de Broc, Paris 1895, pp.35-6 et seq.

[21] Возможно е дека Наполеон тогаш би отпатувал во Русија, каде што се готвел да отпатува неколку години пред револуцијата. Тука тој, веројатно, би се одликувал во борбите со Турците или со кавкаските планинци, но никој не би помислил дека тој сиромашен, но способен офицер, при благопријатни околности би можел да стане господар на светот.

[22] В. Histoire de France, V. Duruy, Paris 1893, t.II, pp.524-5.

[23] Во времето на Луј XV само еден претставник на третиот сталеж, Шевер, можел да дослужи до чинот генерал-лејтенант. При Луј XVI воената кариера на луѓето од тој сталеж била уште повеќе отежната. В. Rambeaud, Histoire de la civilisation française, 6 издание, t.II, p.226.

[24] Histoire de la Peinture en Italie, Paris 1889, pp.23-5.

[25] Во 1608 година се родени: Терборх, Броувер и Рембрант, во 1610 — Адриен ван-Остаде и Фердинанд Бол; 1615 — Ван-дер-Хелст и Жерар Доу; 1620 — Воуврман; 1621 — Верникс, Евердинген и Пајнакер; 1624 — Бергем; 1625 — Паул Потер; 1626 — Јан Стен; 1630 — Рисдел; 1637 — Ван-дер-Хајден; 1638 — Хобема; 1639 — Адриен вандер-Велде.

[26] Шекспир, Бјумонт, Флечер, Џонсон, Вебстер, Месинџер, Форд, Мидлтон и Хејвуд, коишто се јавиле во едно исто време или еден по друг, претставуваат ново поколение кое, благодарејќи на својата благопријатна положба, раскошно расцутило на почвата што беше подготвена од усилбите на претходното поколение. Taine, Histoire de la littérature anglaise, Paris 1863, t.I, p.468.

[27] Taine, Histoire de la littérature anglaise, Paris 1863, t.II, p.5.

[28] Т.е. така излегувало кога тие почнале да расудуваат за закономерноста на историските настани. А кога некои од нив просто ги опишувале тие појави, тие понекогаш на личниот елемент му придавале дури преувеличено значење. Но нас сега не нѐ интересираат нивните опишувања, туку расудувањата.

 


Забелешки на издавачот

[*] Плехановото дело „Кон прашањето за улогата на личноста во историјата“ првпат е објавено 1898 година во списанието „Научное обозрение“ („Научен преглед“) бр. 3 и 4, под псевдоним А. Кирсанов. Подоцна Плеханов го вклучил во зборникот „За 20 години“, којшто излегол во 1905 година. Овој превод е направен од посебното издание на Институтот на К. Маркс и Ф. Енгелс, „Г. В. Плеханов, Сочинения, т. VIII, 1925 година“.

[1*] Каблиц Ј. Ј. (1848-1893) — прозен писател-народник — еден од претставниците на реакционерното народништво. Каблицовата статија „Умот и чувството како фактори на прогресот“ најнапред е објавен во 6 и 7 бр. на книжевно-политичкиот лист „Недела“ за 1878 година. Токму во тој орган Каблиц ги изложувал кон крајот на седумдесетте години своите народнички погледи.

[2*] Станува збор за Н. К. Михајловски — идеолог на руското либерално народништво, којшто веднаш по објавувањето на Каблицовата статија „Умот и чувството како фактори на прогресот“ одговорил на таа статија во своите „Книжевни белешки од 1878 година“.

[3*] Нецесеријанците се англиска верска секта којашто ја негирала слободата на волјата и којашто сметала дека човек не дејствува слободно, туку по предестинација.

[4*] Лансон Густав (1857—1934) — француски историчар по книжевност од културно-историската школа, претставник на емпиризмот.

[5*] Штамлер Рудолф (1856) — германски филозоф, правник, неокантијанец, ја негирал законитоста во историскиот процес, бил огорчен непријател на марксизмот.

[6*] Цимел Георг (1858—1918) — германски филозоф и социолог од идеалистички правец, следбеник на Канта.

[7*] Руски субјективисти-народници — П. Лавров, Н. К. Михајловски, Н. Карејев и др.

[8*] „Руски ученици“ — условен назив во легалниот печат за руските следбеници на Маркса, социјал-демократ, којшто имал за цел да внесе заблуда и да ја избегне цензурата.

[9*] Карејев Николај Иванович (1850—1931) — руски публицист, историчар-идеалист, приврзаник на „субјективната школа“ во социологијата. Во деведесеттите години водел борба против марксистите. Подоцна станал член на ЦК на Кадетската партија.

[10*] Лампрехт Карл (1856—1915) — германски буржоаски историчар, автор на историјата на Германија во повеќе томови. Лампрехтовите погледи не се одликуваат со доследност, покрај материјалистичките моменти, неговите дела се проникнати и со субјективизам.

[11*] Вико — италијански филозоф и историчар од првата половина на XVIII век; Монтеские — француски социолог од истиот период; Хердер — германски филозоф и историчар од другата половина на XVIII век. Во своите дела тие се обидувале текот на историските настани да го претстават како независен од волјата и намерата на кралевите, државниците и управителите. Вико таа законитост ја гледал во сменувањето на подигнувањето и опаѓањето на државите во вечниот кружен тек на историјата, којшто е божем обусловен од божествената предестинација. Монтеские и Хердер се обидувале законитоста на историјата да ја образложат со влијанието што го вршат на општеството природните услови, главно климата и географската средина.

[12*] Мабли Габриел Боно (1709—1785) — француски утопист-комунист. Главната причина на историските промени ја гледал во дејноста на владарите и истакнатите луѓе.

[13*] Гизо, Миње, Тиери — француски буржоаски историчари од епохата на реставрацијата (1814—1830). Бранејќи го буржоаскиот поредок од феудалната реакција, а исто така и од револуционерното движење на пролетеријатот, тие развивале погледи за непоколебливоста на буржоаските имовински односи, а класната борба на буржоазијата ја сметале за најважен прогресивен фактор на друштвениот развиток на новиот век. По нивните разбирања, текот на историските настани е неизбежен, независен од намерите и волјата на управителите, и затоа улогата на личноста во историјата не може да има никакво посуштествено значење. Тјер — реакционерен француски државник, публицист и историчар, организатор на немилосрдното угушување на Париската комуна.

[14*] Бомарше, како идеолог на третиот сталеж, којшто се зародил и засилил во епохата што ѝ претходеше на Француската буржоаска револуција, истапил како огорчен противник на прикажувањето на кралевите и дворското племство во форма на херој. Тој барал реалистичка книжевност што ги прикажува обичните, неизмислените луѓе и којашто одговара на вкусот на буржоазијата.

[15*] Сент-Бев, Огистен (1804—1869) — француски поет и книжевен критичар, во историјата на книжевноста вовел историско-биографски метод на испитување. На дејноста на личностите гледал идеалистички, без врска со општествените услови. Изгледајќи ги погледите на Сент-Бев, Плеханов ги има предвид двете негови статии, објавени во списанието „Глобе“. Едната од нив е посветена на 5 и 6 том на „Историјата на Француската револуција“ од Тјера и објавена е на 19 јануари 1826 година. Другата — на третото издание на „Историјата на Француската револуција“ од Миње и објавена е на 28 март 1826 година.

[16*] Војната за австриското наследство е водена од 1740 до 1748 година меѓу Австрија, што ја потпомагале Англија и Холандија, а кон крајот на војната и Русија, од една страна, и сојузниците — Прусија, Шпанија, Франција и неколку германски и италијански држави — од друга страна. Противниците на Австрија ѝ оспорувале еден дел од земјите по смртта на царот Карло VI, кого го наследила неговата ќерка Марија Терезија, бидејќи немал машки деца. Со таа војна Австрија го изгубила поголемиот дел од индустриската Шлезија, којашто ѝ припаднала на Прусија, и некои земји во Италија.

[17*] Војната на Луј XV за австриското наследство, којашто е започната под поволни услови, била водена со променлив успех. Според Ахенскиот мир, со кој таа војна била свршена (1748), Франција била принудена да му ги отстапи на непријателот сите земји што ги освоила во Холандија (територија што сега ја заземаат главно Белгија и Холандија).

[18*] Седумгодишната војна (1756—1763) — војна меѓу Прусија и Англија, од една страна, и Франција, Австрија, Русија, Саксонија и Шведска, од друга.

[19*] Помпадур Жана-Антоанета (1721—1764) — фаворитка на францускиот крал Луј XV којашто играла значајна улога во внатрешната и надворешната политика на Франција.

[20*] Францускиот маршал Тирен и шведскиот крал Густав II Адолф — херои на Триесеттодишната војна (1618—1648).

[21*] На 21 јануари 1793 е погубен францускиот крал Луј XVI.

[22*] Термидорската реакција — политичка и социјална реакција којашто дошла по контрареволуционерниот преврат во Франција, 9 термидор (27 јули 1794), којшто направил крај на диктатурата на ситната буржоазија и го пратил на губилиште нејзиниот водач Робеспиер.

[23*] Термидор, флоријал, преријал, месидор, бример итн. — се имиња на месеците на револуционерниот календар којшто го вовел Конвентот во есента 1793, за да го подвлече решителното раскинување на револуцијата со контрареволуционерната католичка црква.

[24*] 18 бример од VIII година на републиката (9 ноември 1799) — ден кога генералот Наполеон Бонапарта извршил државен удар којшто довел до уништувањето на режимот на Директоријата и до создавање на Конзулството, а потоа и на Царството.

[25*] Директорија — влада којашто е образувана во Франција по термидор и којашто трајала од октомври 1795 до ноември 1799.

[26*] Тиљери е дворец во Париз којшто до Буржоаската револуција од 1789 служел понекогаш како резиденција на кралевската куќа. Во времето на Наполеон I бил царска резиденција.

[27*] „Систем на природата“ е главно дело на Холбаха.

[28*] Босије Жан Бенин (1627—1704) француски филозоф и прозен писател, епископ и проповедник; историјата на општеството ја разгледувал од гледиштето на Библијата.

[29*] Карлајл Томас (1795—1881) — англиски буржоаски историчар и прозен писател, се наоѓал под силно влијание на германската идеалистичка филозофија. Во хероите гледал главни творци на историјата.