Гајо Петровиќ (12 март 1927 - 13 јуни 1993) е марксистички хуманист,
еден од главните теоретичари на Праксис школата во бивша Југославија и
единствен уредник на списанието „Праксис“ што беше
на таа функција од основањето до замирањето на списанието.
Своите филозофски студии ги започнува на Универзитетот во Загреб. Во учебната 1947-1948 оди како студент на размена во СССР и се запознава со репресијата на филозофската мисла што ја воведе Сталин. По враќањето во Југославија ги завршува своите студии и од 1950 почнува да предава на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што останува се до своето пензионирање. Докторира со дисертација во врска со филозофските погледи на Георги Плеханов. Одреден период е претседател на Хрватското филозофско друштво.
Во 1986 година се објавени неговите „Избрани трудови“, а во 2001 година, постхумно, во Загреб е објавен зборник на трудови насловен „Реалноста и критиката“.
Уште во 1950-тите Петровиќ се профилира како еден од водечките југословенски критичари на сталинистичките филозофски тези. Во раните 1960-ти неговите филозофски сфаќања еволуираат кон толкување на марксизмот втемелено врз филозофските дела на младиот Маркс. Ослободувањето од сталинистичките догми беше на иста линија со самоуправната ориентација на титоистичкиот режим, но постојаните критички забелешки на Петровиќ и на останатите припадници на Праксис школата кон системот го доведуваат до судир со власта. Во 1968 година Петровиќ им дава поддршка на студентските протести. Поради тоа на состанокот на Партискиот комитет на Универзитетот во Загреб одржан на 9 јуни тој е исклучен од Сојузот на комунистите на Југославија.
Карактеристично за филозофијата на Петровиќ е противењето на
вообичаеното толкување на филозофските погледи на Маркс како
дијалектички материјализам и неговото инсистирање дека Марксовата
филозофија беше мислење на револуцијата, кое контемплира околу
можностите за револуционерна промена на постојниот нехуман свет.
Петровиќ е автор на 14 книги и повеќе статии и есеи. Помеѓу позначајните негови дела се: „Англиската емпиристичка филозофија (1955), „Филозофските погледи на Г. В. Плеханов“ (1957), „Логика“ (1964), „Од Лок до Ајер“ (1964), „Филозофијата и марксизмот“ (1965), „Можноста на човекот“ (1969), „Филозофијата и револуцијата“ (1971), „Зошто праксис“ (1972), „Мислење на револуцијата“ (1978), „Маркс и марксистите“ (1986) и „Во потрага по слободата“ (1990).
Гајо Петровиќ интернет архива | марксистичка интернет архива