Фридрих Енгелс

Писмо до Август Бебел

Во Берлин[1]


Првпат објавено: Маркс-Енгелс, Дела, том 43, „Просвета“, Београд, 1978.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: април 2022


Лондон, 17 ноември 1885

Драг Бебел,

Уште неколку зборови пред да одиш во Рајхстагот.[1]

На Шумахер на неговото долго писмо во одбрана на неговиот став околу субвенциите[2] за парабродите му одговорив исто така опширно[3] и за него го задржав својот стар став: да не се гласа безусловно против државната помош за капиталистите од џебовите на работниците и селаните, за да би се поштедиле наводните предрасуди на одредени гласачи, по мое мислење, единствено ако еднаков износ на државна помош се одобри директно за работниците како во градот така и на село – првенствено за земјоделски задруги на државни имоти.

За да се избегнат недоразбирања, го замолив, ако тоа писмо биде употребувано пред другите другари, секогаш да го соопштува целото писмо.

Либкнехт, ете, одеднаш целосно храбро доаѓа до израз. „Збирка“ од затворот[4], читање половина од заборавениот Капитал и се` појасните изгледи на десно дека ќе се најде помеѓу два стола, се чини дека делувале крајно корисно. Мене тоа многу ме радува, само кога би траело. Тој во одлучувачки момент сигурно ќе биде на вистинско место, но дотогаш ќе ни нанесува страшни маки со своето прикривање, кое тој го смета за дипломатија и во што ние, во секој случај, не сме му дораснати.

Европска војна почнува сериозно да ни се заканува. Тие бедни урнатини од поранешни нации, Срби, Бугари, Грци и преостанати разбојнички ѓубриња на кои либералниот филистар е наклонет во интерес на Русите, не би еден на друг го допуштиле воздухот што го дишат, и поради тоа тие мора да се заколат меѓусебно во алчните грла. Тоа би било прекрасно и би било многу потребно за филистрите кои се за националности, кога секое од овие џуџести племиња не би одлучувало за европска војна или мир. Првиот испукан куршум е кај Драгоманите[5], но никој не може да каже каде и кога ќе биде испукан последниот.

Нашето движење напредува толку убаво, приликите целосно му одат така од рака што конечно и нас ни е потребно уште неколку години на мирен развој и јакнење, што во никој случај не можеме да посакуваме некој голем политички слом. Тој би за многу години го потиснал нашето движење во позадина и после тоа би морале веројатно, како и по 1850, со задоцнување да започнеме одново.

Војната, од друга страна, би можела да предизвика револуција во Париз, а таа повторно подоцна индиректно би поттикнала движење во преостанатиот дел од Европа – тогаш водачите – во тие околности секако силно шовинистични – би биле Французите, кои според својот теоретски степен за тоа се најмалку оспособени. Само за Французите, кои, со нивната вродена несвесна логичка конзистентност од 1871 година, се развиваат многу добро политички, би било неисплатливо за радикалите да владеат неколку години. Бидејќи сите тие радикали го усвоија вообичаено просечниот социјализам закрпен од Луј Блан, Прудон итн., и за нас би било од голема вредност да им се пружи прилика тие фрази да ги усмртат во пракса.

Напротив, кога би избувнала, големата војна би извадила на бојно поле шест милиони војници и таа би чинела невидена сума пари. Таа би довела до такво крвопролевање и пустошење и, најпосле, до слабост, какви што уште не се случиле. Затоа сите господа толку се плашат од неа. И, едно нешто може да се пророкува: ако дојде до војна, тоа ќе биде последната; тоа ќе биде целосен слом на класната држава, политички, воен, економски (исто така финансиски) и морален. Тaa може да доведе до бунт на воената машина и одбивање да продолжи да се колат меѓу себе заради одвратните балкански народи. Повикот на класната држава е: après nous le déluge; но после потопот доаѓаме ние и само ние.

Останува, значи, исто: што и да се случи, најпосле тоа ќе се претвори во средство за доведување на нашата Партија на власт и ќе стави крај на сета стара измама. Но, признавам, јас би сакал до тоа да дојде и без такво убивање; тоа не е нужно. Но, ако мора да биде, тогаш единствено што се надевам дека мојата стара телесна маана нема во вистинскиот момент да ме спречи одново да јавам коњ.

Твојот стар

Ф.Е.


Фусноти

[1] Седницата на собранието започнала на 19 ноември 1885 година.

[2] После изборите во октомври 1884 година одново опортунистите, кои повремено имале мнозинство во социјалдемократската собраниска фракција, се обиделе да ја заменат револуционерната политика на партијата со ситнобуржоаска политика на реформи. Кон опортунистичкото мнозинство припаѓале Вилхелм Блос, Карл Фром, Бруно Гајзер, Вилхелм Хасенклевер и други. Револуционерното малцинство било предводено од Август Бебел и Вилхелм Либкнехт. Кон крајот на 1884 година започнала во социјалдемократската собраниска фракција дебата во врска со предлогот за субвенционирање на парабродовите. Опортунистичкото мнозинство јавно се изјаснило дека е спремно во собранието да ја поддржи владината намера да се воспостават неколку редовни прекуморски парабродски врски и нивно финансирање. Но, да се одобрат субвенции за парабродови не значело ништо друго туку да се поддржи колонијалистичката експанзија на германската крупна буржоазија. Политиката на опортунистите наишла на одлучен отпор од страна на револуционерните сили околу Август Бебел. Организираниот отпор против опортунистите, ставот на весникот „Der Sozialdemokrat“, кој со недели објавувал дописи и резолуции од редовите на партиските членови против ставот на десните и против нивните објавени изјави, ги присили опортунистите да се повлечат и доведе конечно до тоа да социјалдемократите во собранието во целост гласаат против сите субвенции за парабродовите. Во своето писмо до Енгелс од 14 август 1885 година социјалдемократскиот народен пратеник Георг Шумахер се обидел да го оправда опортунистичкиот став на фракциското мнозинство во врска со субвенциите за парабродовите. Пишувал меѓу другото: „Затоа што нашата партија отсекогаш гласала за сето она што придонесува за приближување на народите и отстранување на расната омраза, понатаму, затоа што тргнавме од максимата дека никакво друго место не треба да плати за германската буржоазија субвенции за парабродовите и дека 10.000 луѓе, кои се вработени на германските бродоградилишта, немаат работа, бевме волни под одредени гаранции да поддржиме субвенции за парабродовите.“ Енгелсовиот став за тоа прашање се наоѓа во писмото до Бебел од 30 декември 1884 година.

[3] Не ни е познато дали тоа писмо е сочувано.

[4] Вилхелм Либкнехт од 29 септември 1885 година се наоѓал во лајпцишкиот затвор; за време на четиринеделното издржување на затворската казна се појавила во весникот „Der Sozialdemokrat“ од 22 и 29 октомври и подоцна од 5 и 12 ноември серија на Либкнехтови статии Über den Normalarbeitstag.

[5] Во Српско-бугарската војна дојде на 16 ноември до првата голема битка кај Драгоманите. Причините и текот на војната ги анализирал Енгелс во својата статија Политичката ситуација во Европа.


 

Фридрих Енгелс со друштво
Екскурзија како дел од Меѓународниот социјалистички работнички конгрес, 1893 година.
Симон Фердинанд (зет на Август Бебел), Фрида Симон, Клара Цеткин, Фридрих Енгелс, Џули Бебел, Август Бебел, Ернст Шафер, Регине Бернштајн (од лево). (Фото: Swiss Social Archives)

 


Маркс-Енгелсова интернет архива | марксистичка интернет архива