Фридрих Енгелс
Развитокот на социјализмот од утопија до наука

Предговор кон првото издание

Оваа брошура настана од три глави на моето дело: „Пресвртот во науката што го изврши господин Е. Диринг”, Лајпциг 1878[1]. Ја составив за мојот пријател Пол Лафарг за да ја преведе на француски јазик и ја дополнив со уште неколку натамошни појаснувања. Францускиот превод, што го прегледав, излезе прво во „Revue socialiste”, а потоа како посебно дело под наслов: „Socialisme utopique et socialisme scientifique”, Париз 1880. Bo Женева токму сега се појавува едно полско издание, направено спрема францускиот превод, под наслов: „Socyjalizm utopijny a naukowy”. Печатница Аурора, Женева 1882.

Неочекуваниот успех на Лафарговиот превод во земјите во кои се говори француски, а особено во самата Франција, мораше да ми го наметне прашањето дали нема да биде корисно и едно посебно издание на овие три глави на германски јазик. Тогаш редакцијата на циришкиот „Sozialdemokrat”[2] ми соопшти дека во редовите на социјалдемократската партија од сите страни се поставува барањето за издавање нови пропагандни брошури и ме праша дали сакам оние три глави да ги определам за таа цел. Co тоа, се разбира, се согласив и го ставив моето дело на располагање. Но, делото првобитно не беше воопшто напишано за директна пропаганда во народот. Како требаше за таа цел да се приспособи еден, пред сѐ, чисто научен труд? Какви промени во формата и содржината беа потребни?

Што се однесува до формата, само многубројните странски зборови можеа да предизвикаат двоумење. Но веќе Ласал во своите говори и пропагандни брошури употребуваше многу странски зборови и, колку што ми е познато, на тоа немаше поплака. Од тоа време нашите работници ги читаа весниците многу повеќе и поредовно и со тоа, во ист степен, сѐ повеќе се запознаваа со странски зборови. Јас се ограничив на тоа да ги отстранам сите непотребни странски зборови. Кај неопходните странски зборови се откажав од додавањето на таканаречените објаснувачки преводи. Неопходните странски зборови, а тоа се во поголем дел општоусвоените научно-технички изрази, не ќе беа неопходни, ако можеа да се преведуваат. Преводот, значи, ја расипува смислата: наместо да објаснува, тој прави збрка. Усното објаснување помага тука многу повеќе.

Напротив, верувам дека можам да тврдам, оти содржината на германските работници ќе им прави малку тешкотии. Тежок е воопшто само третиот дел, но далеку помалку за работниците чии општи животни услови ги опфаќа тој, отколку за „образованите” буржуи. При многубројните објаснувања што ги правев тука всушност помалку мислев на работниците отколку на „образованите” читатели; на луѓето какви што се, на пример, господинот пратеник фон Ајнер, господинот таен советник Хајнрих фон Сибел и на другите трајчкеовци[3], овладеани од неодоливиот стремеж да ни дадат нов доказ за нивното стравотно незнаење и, поради тоа, за нивното колосално неразбирање на социјализмот. Ако Дон Кихот го насочува своето копје против ветерените мелници, тоа е во неговата надлежност и улога; но на Санчо Панса нешто такво не можеме да му дозволиме. Таквите читатели исто така ќе се счудоневидат кога во една скицирана историја на развитокот на социјализмот ќе се судрат со Кант-Лапласовата космогонија, со современата наука за природата и со Дарвина, со класичната германска филозофија и со Хегела. Но, научниот социјализам е секако вистински германски производ и можеше да се појави само во нација чијашто класична филозофија ја одржа во живот традицијата на свесната дијалектика, т. е. во Германија[*]. Материјалистичкото сфаќање на историјата и неговата специјална примена во современата класна борба меѓу пролетаријатот и буржоазијата беше можна само со помошта на дијалектиката. И, додека даскалите на германската буржоазија го закопаа споменот за големите германски филозофи и за нивната дијалектика во мочуриштето на штуриот еклектицизам и тоа толку длабоко, што сме принудени да се повикуваме на современите природни науки како на сведоци во докажувањето дека дијалектиката навистина постои, — ние, германските социјалисти, се гордееме со тоа што не потекнуваме само од Сен-Симон, Фурие и Овен, туку и од Кант, Фихте и Хегел.

Лондон, 21 септември 1882 год.

Фридрих ЕНГЕЛС

Предговор кон четвртото издание

Мојата претпоставка дека содржината на оваа брошура на нашите германски работници ќе им направи малку тешкотии се оствари. Од месец март 1883 година, кога излезе првото издание, беа распродадени најмалку три изданија, со вкупно 10.000 примероци и тоа под власта на покојниот закон против социјалистите — што е едновремено нов пример за тоа колку се бессилни полициските забрани наспроти едно такво движење какво што е тоа на современиот пролетаријат.

Од првото издание се појавија уште неколку различни преводи на странски јазици: еден италијански од Пасквале Мартињети: „Il Socialismo Utopico e il Socialismo scientifico”, Benevento 1883; еден руски: „Развитие научного социализма”, Женева 1884; еден дански: „Socialismens Udvikling fra Utopi til Videnskab”, во „Socialisk Bibliotek”, I Bind, Kopenhagen 1885; еден шпански: „Socialismo utopico y socialismo científico”, Madrid 1886; и еден холандски: „De Ontwikkeling van het Socialisme van Utopie tot Wetenschap”, Hag 1886.

Сегашново издание претрпе различни мали измени; поважни дополнувања се извршени само на две места: во првата глава за Сен-Симона, на кој во однос на Фурие и Овен, му беше посветено мошне малку место, и, кон крајот на третата глава, за новата производна форма — „трустовите”, што во меѓувреме стана важна.

Лондон, 12 мај 1891 год.

Фридрих ЕНГЕЛС

Од „Уводот кон англиското издание”[**]

Оваа мала брошура по своето потекло е дел од една поголема целина. Околу 1875 година д-р Е. Диринг, приватен доцент на Берлинскиот универзитет, одненадеш и прилично шумно го најави своето преопределување за социјализмот и на германската јавност ѝ подари не само една опширна социјалистичка теорија, туку и еден целосен практичен план за реорганизација на општеството. Само по себе се разбира дека тој ги нападна своите претходници; пред сѐ, тој го почести Маркса со тоа што ја истури на него полната чаша на својот бес.

Тоа се случи во времето кога двете секции на социјалистичката партија во Германија — ајзенаховците и ласаловците — тукушто се обединија и со тоа не само што неизмерно зајакнаа, туку, уште повеќе, се оспособија и за вложување на сета своја сила против заедничкиот непријател. Социјалистичката партија во Германија беше на пат бргу да стане сила. Но, за да се направи од неа сила, првиот услов беше да не се загрози новоздобиеното единство. Д-р Диринг се готвеше сега отворено да основа околу својата личност една секта, јатка на една идна засебна партија. Така стана потребно да ја прифатиме предизвикувачката ракавица што ни беше фрлена и, сакаме-нејќеме, да војуваме за победа во лутата борба.

Тоа беше сега, ако не премногу тешка, а тоа барем очигледно една долготрајна работа. Како што е добро познато, ние Германците имаме една страшно важна темелност, една темелна длабокомисленост или длабокомислена темелност, како сакате наречете ја. Секогаш кога некој од нас изнесува нешто што го смета за нова доктрина, тој треба пред сѐ тоа да го разработи во еден сеопфатен систем. Toј треба да докаже дека како првите принципи на логиката, така и основните закони на вселената, отсекогаш постоеле само со таа цел да доведат, на крајот на краиштата, токму до таа новооткриена теорија што претставува круна на сѐ. A д-р Диринг во тој поглед беше наполно национално стандарден. He помалку, ами целосен „Систем на филозофијата”, на филозофијата на духот, на моралот, на природата и на историјата; целосен „систем на политичката економија и на социјализмот” и, конечно, „Критичка историја на политичката економија” — три дебели тома во осмина преобемни и по форма и по содржина, три армиски корпуси од аргументи поведени во борба против сите претходни филозофи и економисти воопшто, а против Маркса посебно — навистина обид за целосен „пресврт во науката” — тоа беше она со кое требаше да се пресметам. Мораше да обработувам севозможни предмети; од сфаќањата за времето и просторот до биметализмот; од вечноста на материјата и на движењето до преодната природа на моралните идеи, од Дарвиновата природна селекција до воспитанието на младината во идното општество. Во секој случај, систематската опширност на мојот противник ми даде можност, побивајќи го него, Марксовите и моите погледи за овие многу различни предмети да ги развијам во поповрзана форма отколку што го правевме тоа порано. А тоа и беше главната причина што ме тераше да се зафатам со една инаку толку неблагодарна задача.

Мојот одговор беше објавен прво во низа статии во лајпцишкиот „Vorwärts”, централен орган на социјалистичката партија, а подоцна како книга: „Пресвртот во науката што го изврши господин Е. Диринг”, од која во 1886 година во Цирих се појави второ издание.

На барањето на мојот пријател Пол Лафарг, сегашен претставник на градот Лил во францускиот парламент, приготвив три глави од оваа книга како брошура, што тој ја преведе и ја објави во 1880 година под насловот: „Socialisme utopique et socialisme scientifique”. Спрема тој француски текст беа приготвени и по едно полско и шпанско издание. Во 1883 година нашите германски пријатели ја издадоа оваа полемичка брошура на јазикот на оригиналот. Оттогаш, врз основа на германскиот текст беа објавени: италијански, руски, дански, холандски и романски превод. Заедно со ова англиско издание оваа мала брошура е раширена, значи, на десет јазици. He знам дали макар кое и да е друго социјалистичко дело е толку често преведувано, па дури и нашиот „Комунистички манифест” од 1848 година, или Марксовиот „Капитал”. Во Германија оваа брошура доживеа четири изданија, со вкупно околу 20.000 примероци.

Економските термини што се употребени во оваа книга, доколку се нови, се еднакви со оние што се употребени во англиското издание на Марксовиот „Капитал”. Како „стоковно производство” ние ја означуваме онаа економска фаза во која предметите не се произведуваат само за употреба од производителите, туку и за размена, т. е. како стока, а не како употребна вредност. Оваа фаза се протега од првите почетоци на производството за размена па сѐ до денеска; таа го достигнува својот полн развиток дури во капиталистичкото производство, т. е. во условите кога капиталистот, сопственик на средствата за производство, зема под наем работници — луѓе што се лишени од сите средства за производство освен од нивната сопствена работна сила — и кога вишокот меѓу продајната цена на производите и своите издатоци го става во својот џеб. Историјата на индустриското производство од средниот век до денеска ја делиме во три периоди: 1. занаетчиство — ситни занаетчиски мајстори со мал број калфи и чираци, при кое секој работник произведува цел предмет; 2. мануфактура — во која поголем број работници, групирани во една голема работилница, го изработуваат целиот предмет по принципот на поделбата на работата, при кое секој работник врши само делумна работа, така што производот е готов дури откако минал редум низ рацете на сите; 3. современа индустрија — во која производот се изработува со машина што се движи со помошта на некоја сила, а функцијата на работникот се ограничува на тоа да ја надгледува и да ја коригира работата на механизмот.

20 април 1892 година

Фридрих ЕНГЕЛС


Забелешки на Енгелс

[*] „во Германија” е грешка во пишувањето. Треба да се каже: „кај Германците”. Зашто, колку што беше неопходна, од една страна, германската дијалектика при создавањето на научниот социјализам, исто толку беа при тоа неопходни развиените економски и политички прилики на Англија и Франција. Економскиот и политичкиот степен на развитокот на Германија, кој во почетокот на четириесетите години [1840-тите] беше далеку позаостанат отколку денеска, можеше да создаде најмногу социјалистички карикатури. Откако создадените економски и политички прилики во Англија и Франција беа подложени на германската дијалектичка критика, дури тогаш можеше да се постигне вистински резултат. Тргнувајќи оттука, научниот социјализам, значи, не е никако исклучиво германски, туку исто толку и интернационален производ.


Забелешки на уредникот

[**] Тука печатиме само извадок, првите три страници од „Уводот кон англиското издание” на брошурата „Развитокот на социјализмот”. Целиот увод, само без овие три страници, самиот Енгелс го напечатил на германски јазик во списанието „Neue Zeit” како посебна статија под наслов „За историскиот материјализам”.

[1] Тој труд на Енгелс, познат под насловот „Анти-Диринг”, заедно со „Капиталот” од Маркс и со другите најважни трудови на Маркса и Енгелса е еден од основните извори за изучувањето на марксистичката теорија. За брошурата „Развитокот на социјализмот од утопија до наука” Енгелс зел од „Анти-Диринг” една глава од „Уводот” (првата) и две глави (првата и третата) од третиот дел „Социјализмот”.

[2] „Социјалдемократ” — централен орган на германската социјалдемократска партија што излегувал во Швајцарија, во Цирих, од 1879 до 1888 година, бидејќи во времето кога бил законот против социјалистите во Германија биле забранети социјалдемократските изданија (1878—1890).

[3] Имињата Зибел и Трајчке, приведени тука од Енгелс, им припаѓаат на двајца германски буржоаски историчари кои живееле и биле познати во времето кога Енгелс го пишувал предговорот.