Напишано: ноември 1877.
Извор: В.И. Ленин, „Дела“, Скопје, 1980, Том 1, стр. 551-554.
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: мај 2021
Господине уредниче,
Авторот на статијата „Карл Маркс пред судот на г. Жуковски“ очевидно е човек со дух и ако во моето излагање за првобитната акумулација најдеше едно единствено место во потврда на своите заклучоци, тој него ќе го приведеше. Во недостиг на такво место тој бил принуден да се фати за една второстепена забелешка, еден вид полемика против еден руски „белетрист“, којашто е отпечатена во додатокот кон првото германско издание на „Капиталот“. Што му префрлам јас тука на тој пишувач? Дека „рускиот комунизам“ тој не го открил во Русија, туку во книгата на Хакстхаузен, советник на пруската влада, и дека во неговите раце руската обшчина служи само како аргумент за да се докаже дека старата гнила Европа мора да биде преродена со победата на панславизмот. Мојата оцена на тој пишувач може да биде точна, таа може да биде погрешна, но во никој случај таа не би можела да ја даде суштината на моите погледи за напорите „на Русите да најдат за својата татковина пат на развитокот различен од оној по кој врвеше и врви Западна Европа“ итн.
Во поговорот кон второто германско издание на „Капиталот“, којшто авторот на статијата за г. Жуковски го познава зашто го приведува, јас зборувам за еден „голем руски научник и критичар“ со длабока почит што тој ја заслужува. Тој во извонредни статии има расправано за прашањето дали Русија, за да премине кон капиталистички поредок, треба најпрвин да ја разори селската обшчина, како што го сакаат тоа либералните економисти, или, напротив, таа може, без да ги искуси маките на тој поредок, да си ги присвои сите негови плодови развивајќи ги своите сопствени историски претпоставки. Тој се изјаснува во смисла на последното решение. И мојот уважен критичар би имал барем толку причини – од мојата почит кон тој „голем руски научник и критичар“ да заклучи дека јас не ги споделувам неговите погледи на тоа прашање, колку што од мојата полемика против „белетристот“ и панславистот да заклучи дека јас нив ги отфрлам.
Најпосле, бидејќи не сакам да оставам „нешто да се домислува“, ќе зборувам без заобиколувања. За да можам со познавање на работите да судам за економскиот развој на современа Русија, сум научил руски, и потоа ги проучував, долги години, службените и други публикации што се однесуваат на овој предмет. Дојдов до ваков резултат: ако продолжи да чекори по врвицата по која врви од 1861 година, Русија ќе ја загуби најубавата можност што историјата кога и да било му ја има понудено на еден народ и место тоа ќе мине низ сите фатални перипетии на капиталистичкиот поредок.
Главата за првобитната акумулација сакаше само да го набележи патот по кој, во Западна Европа, капиталистичкиот економски поредок излезе од крилото на феудалниот економски поредок. Таа, значи, го излага, историското движење, коешто, откако ги оддели производителите од нивните средства за производство, ги претвори нив во наемни работници (пролетери, во сегашната смисла на зборов), а поседниците на тие средства во капиталисти. Во таа историја „епоха претставуваат сите оние преврати што служат како лост за напредување на капиталистичката класа што се создава, но особено оние што големи маси луѓе ги лишуваат од нивните традиционални средства за производство и издржување и ненадејно ги фрлаат на пазарот на трудот. Но, основата на целата таа еволуција е експропријацијата на селаните земјоделци. Таа е досега радикално спроведена спроведена во Англија ... Но, сите земји на Западна Европа врват по истиот пат итн.“ (Француското издание на „Капиталот“, стр. 315). На крајот од главата историската тенденција на капиталистичкото производство е сведена кон ова: дека таа „самата ја раѓа својата сопствена негација со неминовноста што ги управува преобразувањата на природата“, дека таа самата ги создала елементите на еден нов економски поредок давајќи им во истото време најголем размав на продуктивните сили на општествениот труд и на интегралниот развој на секој индивидуален производител; дека капиталистичката сопственост, почивајќи всушност врз еден начин на колективно производство, мора да се претвори во општествена сопственост. На тоа место јас не давам за ова никаков доказ од простата причина што ова тврдење не е ништо друго освен кратка содржина на другите излагања дадени порано во главите за капиталистичкото производство.
Сега, како би можел мојов критичар да ја примени таа историска скица врз Русија? Само вака: ако Русија се стреми да стане капиталистичка нација, по образец на народите од Западна Европа – а во последниве години таа многу се трудеше во таа смисла – таа нема да успее во тоа ако претходно не претвори добар дел од своите селани во пролетери; и потоа, еднаш доведена во крилото на капиталистичкиот поредок, таа ќе ги поднесува сите негови безмилосни закони, како другите народи во светот. Ете, тоа е сè. Но, тоа е премногу малку за мојов критичар. Тој по секоја цена настојува мојата историска скица на генезата на капитализмот во Западна Европа да ја претвори во историско-филозофска теорија на општото движење, судбински наметната на сите народи, па макар какви и да се историските околности во кои се тие сместени, за најпосле да стигне до оваа економска формација којашто го осигурува, со најголемиот размав на продуктивните сили на општествениот труд, најполниот развиток на човекот. Но, го молам да ми прости. (Тоа значи дека во исто време премногу ме почитува и премногу ме понижува.) Да земеме еден пример.
На разни места во „Капиталот“ јас сум алудирал на судбината што ги има погодено плебејците на древниот Рим. Тоа првобитно биле слободни селани што ги обработувале, секој за своја сметка, своите сопствени парцели. Во текот на римската историја тие биле експроприрани. Истото движење што нив ги има одделено од нивните средства за производство и издржување го опфатило не само создавањето на големата земјишна сопственост туку и создавањето на големи парични капитали. Така, еден убав ден, од една страна имало слободни луѓе лишени од сешто освен од својата работна сила, а од друга страна, заради искористувањето на тој труд, поседници на стекнатите богатства. Што се случило? Римските пролетери станале не наемни работници, туку мрзлива толпа, подостојна за презир одошто некогашните сиромашни белци на јужните покраини од Соединетите Држави, а покрај нив се развил еден не капиталистички, туку робовски начин на производство. Според тоа, настани со очевидна сличност, но што се случувале во историски различни средини, довеле до сосем различни резултати. Откако ќе се проучи посебно секоја од тие еволуции, и потоа тие ќе се споредат една со друга, лесно ќе се најде суштината на таа појава, но никогаш до неа нема да се дојде со помошта на една општа историско-филозофска теорија, чијашто врховна добродетел се состои во тоа дека е надисториска.