Напишано: 3 јануари [16 јануари, нов стил] 1918
Првпат објавено: 4 јануари 1929 година во „Правда“ бр. 2 и „Известии“ бр. 2
Извор: „Револуција: македонско списание за историја, теорија и пракса на марксизмот“, Скопје, ноември 2017, бр. 1, 27-29 стр.
Превод: Лазар Фотев
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018
Уставотворното собрание одлучува:
1. Русија се прогласува за република на Советите на работничките, војничките и селанските депутати. Целокупната власт, централна и локална, припаѓа на тие Совети.
2. Советска република Русија се конституира врз основа на слободниот сојуз на слободните нации како федерација на советските национални републики.
Поставувајќи ја како основна задача укинувањето на експлоатацијата на човекот од страна на човек, отстранувањето на поделбата на општеството на класи, немилосрдното кршење на отпорот на експлоататорите, воспоставувањето социјалистичка организација на општеството и победа на социјализмот во сите земји, Уставотворното собрание понатаму одлучува:
1. Со ова се укинува приватната сопственост врз земјата. Сета земја, со сите згради, инвентар и друга опрема за земјоделско производство се прогласува за имот на целиот руски народ.
2. Советските закони за работничка контрола и за Врховниот совет на народното стопанство се потврдуваат со цел да се обезбеди власта на работниот народ над експлоататорите и како прв чекор кон целосен премин на фабриките, заводите, рудниците, железниците и останатите средства за производство и сообраќај во сопственост на работничко-селанската држава.
3. Се потврдува преминот на сите банки во сопственост на работничко-селанската држава како еден условите за ослободување на работните маси од јаремот на капиталот.
4. Со цел да се уништат паразитските слоеви на општеството се воведува општа работна обврска.
5. Во интерес на осигурување на сета власт на работните маси и отстранување на секоја можност на повторно воспоставување власт на експлоататорите, се донесува одлука за наоружување на трудбениците, формирање на социјалистичка Црвена армија на работниците и селаните, и целосно разоружување на богатата класа.
1. Изразувајќи непоколеблива решеност да го оттргне човештвото од канџите на финансискиот капитал и империјализмот кои во оваа најзлочинеста од сите досегашни војни со крв ја залија земјата, Уставотворното собрание целосно ја одобрува на политиката за најшироко збратимување со работниците и селаните во завојуваните армии и за постигнување по секоја цена, со револуционерни мерки, демократски мир меѓу народите, без анексии и без контрибуции, а врз основа на слободно самоопределување на нациите.
2. За истата цел Уставотворното собрание инсистира на целосен прекин со варварската политика на буржоаската цивилизација, која гредеше благосостојба на експлоататорите и за мал број избрани нации врз поробувањето стотини милиони работно население во Азија, во колониите и воопшто во малите земји.
Уставотворното собрание ја поздравува политиката на Советот на народните комесари со која прогласи целосна независност на Финска, почна да ги евакуира трупите од Персија, и објави слобода за самоопределување на Ерменија.
3. Уставотворното собрание смета дека советскиот закон за поништување на заемите кои ги заклучија владите на царот, спахиите и буржоазијата, е првиот удар врз меѓународниот банковен, финансиски капитал, изразувајќи увереност дека советската власт решително ќе оди по тој пат сè до целосна победа на меѓународното работничко востание против јаремот на капиталот.
Бидејќи е избрано врз основа на партиски листи составени пред Октомвриската револуција, кога народот сè уште не беше во можност масовно да се спротивстави на експлоататорите, кога не ја искуси сета сила на нивниот отпор во одбрана на нивните класни привилегии, кога сè уште не презема практични чекори за создавање социјалистичко општество, Уставотворното собрание смета дека во основа е неисправно, дури и од формална гледна точка, да се спротивставува на советската власт.
Всушност, Уставотворното собрание смета дека сега, во моментот на последната борба на народот против неговите експлоататори, за експлоататорите нема место во ниту еден орган на власта. Власта мора целосно и исклучиво да припадне на работните маси и нивните овластени претставници – на Советите на работничките, војничките и селанските депутати.
Подржувајќи ја советската власт и декретите на Советот на народните комесари, Уставотворното собрание смета дека неговите задачи се исцрпуваат со утврдувањето на основните принципи на социјалистичкото преуредување на општеството.
Истовремено, тежнеејќи да создаде вистински слободен и доброволен, а според тоа и поцврст сојуз на работничките класи на сите нации на Русија, Уставотворното собрание ја ограничува својата задача на утврдување на основните начела на федерацијата на советските републики на Русија, препуштајќи на работниците и селаните на секоја нација на својот сопствен и овластен Конгрес на советите да донесат самостојна одлука дали и врз кои принципи сакаат да учествуваат во федеративната влада и во останатите федеративни советски органи.