Напишано: 1928
Извор: „Револуција: македонско е-списание за историјата, теоријата и праксата на марксизмот“, Антифа-Битола, 2019, бр. 2.
Превод: Евгениј Литовски
Онлајн верзија: декември 2019
Епохата на империјализмот е епоха на капитализмот на умирање. Кризата на капитализмот која настанала на основа на империјализмот ја означува веќе созреаната материјална претпоставка за социјализам.
Но, развојот на империјализмот создава не само материјална претпоставка за социјализам. Тој заедно со тоа создава услови за пораз на капитализмот.
Империјализмот ги потчинува огромните маси пролетери во сите земји, почнувајќи од центарот на капиталистичката моќ до најоддалечените краеви на колонијалниот свет, на диктатурите на финансиско-капиталистичките плутократии. Империјализмот со својата стихијна сила ги обелоденува и ги продлабочува сите спротивности на капиталистичкото општество, ги носи до крајните граници на класното угнетување, до прекумерна напнатост ја заострува борбата помеѓу капиталистичките држави, провоцира неминовност во империјалистичките војни во светски размери кои пак го потресуваат целокупниот систем на владејачки односи и нужно води до светска револуција на пролетаријатот.
Поврзувајќи го целиот свет во оковите на финансискиот капитал, обединувајќи ја крвта и железото на пролетерите од сите земји, народи и раси под јаремот на финансиската капиталистичка плутократија, џиновски заострувајќи ја експлоатацијата, угнетувањето и поробувањето на пролетаријатот и ставајќи го непосредно пред задачата за освојување на власта, империјализмот создава нужност на најцврсто обединување на работниците во единствена интернационална армија на пролетери од сите држави, независно од државните граници, националните или расните разлики, полови или интереси.
На тој начин, империјализмот создава материјални услови за социјализам и заедно со тоа го поставува пролетаријатот пред неопходноста да се организира во борбена меѓународна заедница која е потребна за пораз на империјализмот.
Од друга страна, империјализмот го одделува најдобро платениот дел на работничката класа од нејзините основни и најугнетени маси. Поткупен и расипан од страна на империјализмот, овој највисок слој на работничката класа го сочинува раководниот кадар на социјалдемократските партии; тој е заинтересиран за империјалистичката кражба на колониите и е верен на својата буржоазија и на својата империјалистичка држава, а во одлучните класни битки се најде на страната на класниот непријател на пролетаријатот. Расцепот во социјалистичкото движење во 1914 година и подоцнежните предавства на социјалдемократските партии (кои во стварноста се претворија во буржоаски работнички партии), покажаа дека меѓународниот пролетаријат може да ја изврши својата историска мисија – отфрлање на јаремот на империјализмот и извојување на пролетерска диктатура – единствено со беспоштедна борба против социјалдемократијата. Затоа организирањето на силите за меѓународна револуција станува возможно единствено на платформата на комунизмот. Опортунистичката Втора интернационала на социјалдемократијата, која прерасна во империјалистичка агентура во редовите на работничката класа, неизбежно се спротивставува со Третата комунистичка интернационала – меѓународната организација на работничката класа која го претставува вистинското единство на револуционерните работници од целиот свет.
Војната од 1914-1918 година ги предизвика првите обиди за создавање на нова, револуционерна интернационала како противтежа на Втората, социјал-шовинистичката интернационала и како орудие за отпор против воинствениот империјализам (Цимервалд, Кинтал). Победоносната револуција на пролетаријатот во Русија даде поттик за формирање на комунистички партии во центрите на капитализмот и во колониите. Во 1919 година, основана е Комунистичката интернационала која за прв пат во историјата ги обедини револуционерната борба, авангангардните слоеви на европскиот и американскиот пролетаријат со пролетерите од Кина и Индија, како и со црните работници во Африка и Америка.
Единствената и централизирана меѓународна партија на пролетаријатот, Комунистичката интернационала е единствениот продолжувач на принципите на Првата интернационала, кои се остваруваат на нова, масовна основа на револуционерното пролетерско движење. Искуството од првата империјалистичка војна, од подоцнежниот период на револуционерна криза на капитализмот и низата револуции во Европа и во колонијалните земји; искуството на диктатурата на пролетаријатот и изградбата на социјализмот во СССР; искуството од работењето на сите секции на Комунистичката интернационала, забележано во одлуките на нејзините конгреси; и конечно, сѐ посилната интернационализација на борбата помеѓу империјалистичките буржоазии и пролетаријатот – сето тоа ја прави возможна, неопходна и благовремена изработката на единствена заедничка програма за сите секции на Комунистичката интернационала. На тој начин програмата на Комунистичката интернационала, како висок облик на соопштувања на искуствата од меѓународното револуционерно движење на пролетаријатот претставува програма за борба за светска пролетерска диктатура, односно програма за борба за светски комунизам.
Обединувањето на револуционерните работници, кои со себе водат милионски маси на угнетени и експлоатирани против буржоазијата и нејзините „социјалистички“ агенти, Комунистичката интернационала се смета за историски наследник на Сојузот на комунисти и на Првата интернационала, кои ги основал Маркс и наследник на најдобрите предвоени традиции на Втората интернационала. Првата интернационала ги удри темелите на меѓународната пролетерска борба за социјализам. Втората интернационала во својот најдобар период припремала терен за најголемото и масовно ширење на работничкото движење. Третата, комунистичка интернационала го продолжува делото на Првата интернационала и ги презема плодовите од работата на Втората интернацинала, но одлучно го отфрла опортунизмот и нејзиниот социјал-шовинизам, нејзиното буржоаско изопачување на социјализмот и започнува остварување на диктатурата на пролетаријатот. Со тоа Комунистичката интернационала ги продолжува сите славни херојски традиции на меѓународното работничко движење: англиските чартиски и француските востаници од 1831 година; француските и германските работници – револуционери од 1848 година; бесмртните борци и маченици на Париската комуна; храбрите војници на германската, унгарската и финската револуција; работниците во поранешната царска Русија, односно победоносците на пролетерската диктатура; кинеските пролетери – јунаците од Кантон и Шангај.
Ослонувајќи се на историското искуство на револуционерното работничко движење од сите континенти и сите народи, во својата теоретска и практична работа Комунистичката интернационала во целост и безусловно го застапува гледиштето на револуционерниот марксизам, кој ленинизмот понатаму го развил и кој всушност не е ништо друго, освен марксизам во епохата на империјализам и пролетерска револуција.
Со одбрана и пропагирање на дијалектичкиот материјализам на Маркс и Енгелс, неговата примена како револуционерна метода ја спознава стварноста со целта на револуционерното преобразување на таа стварност. Комунистичката интернационала активно се бори против сите видови на буржоаското гледиште на светот и против сите видови на теоретскиот и практичниот опортунизам. Стоејќи на тлото на доследната класна борба на пролетаријатот, подредувајќи ги кракотрајните, парцијални, национални интереси на пролетаријатот во однос на долготрајните, заеднички, интернационални интереси, Комунистичката интернационала беспоштедно го разоткрива учењето за класниот мир, кое реформистите во сите негови видови го презедоа од буржоазијата (граѓански мир, одбрана на империјалистичката татковина за време на војната, пропагирањето на буржоаскиот пацифизам, индустрискиот мир итн.). Изразувајќи ги историски потреби на револуционерните пролетери, гробарите на капиталистичкиот систем, за меѓународната организација, Комунистичката интернационала е единствената меѓународна сила чија програма е заснована на диктатурата на пролетаријатот и комунизмот и која јавно настапува како организација на меѓународната револуција на пролетаријатот.
Тематска архива на Коминтерната