Напишано: 1927-1935,
првпат објавено како дел од „Затворски тетратки“
Извор: „Одбрани
текстови“, „Комунист“, Скопје, 1978
Превод: Goran Maric
Техничка обработка: Goran Maric
Дали искреноста (односно спонтаноста) е секогаш една цена и една вредност? Таа е цена и вредност кога е дисциплинирана. Искреноста (и спонтаноста) значи максимум индивидуализам, па дури и во смисла на идиосинкразија (оригиналноста во случајов е рамна на идиотизам). Поединецот е историски оригинален кога максимално ја истакнува и и` дава живот на „општественоста“, без која тој би бил идиот (во етимолошка смислам, што инаку не се оддалечува во вулгарната и општа смисла). Тука се среќаваат оригиналноста, личноста, искреноста и едно романтично значење што е историски оправдано бидејќи се појавува во опозиција со еден суштествено „језуитски“ конформизам; што значи еден вештачки, нереален конформизам, површно создаден за интересите на една мала група или клика, но за една авангарда.
Постои „рационален“ конформизам, што значи и одговара на нужноста, и на најмалиот напор за добивање корисен резултат и дисциплината на таквиот конформизам треба да се пофали и охрабри, и да му се овозможи да стане „спонтаност“, односно „искреност“. Со друго зборови, конформизмот не значи ништо друго освен „општественост“, но ни се допаѓа да го употребуваме зборот „конформизам“ за раздразнување на глупаците. Ова не ја исклучува можноста за формирање на една личност и да се биде оригинален, туку постапката ја прави потешка. Многу е лесно да се стане оригинален постапувајќи на начин спротивен на сите други; тоа е нешто механичко. Многу е лесно да се зборува различно од другите, да се биде неолалист, но тешкотијата е во тоа да се разликуваме од другите без да изведуваме акробации. Токму денес се случува да се бара оригиналност и личност по евтина цена. Затворите и лудниците се преполни со оригинални луѓе со силна личност. Нагласувајќи ја дисциплината, општественоста, а и покрај тоа да се изнискува искреност, спонтаност, оригиналност и личност: токму тоа е навистина тешко и мачно. Ниту пак може да се рече дека конформизмот е многу лесен и дека светот го претвора во манастир. Како прво, кој е „вистинскиот конформизам“, односно кое „рационално“ однесување е покорисно, послободно, во смисла дека се потчинува на „нужноста“? Инаку, која е „нужноста“? Секој е склон да се претстави како архетип на „модата“, за „општественоста“, и да се постави како „пример“. Поради тоа, општественоста, конформизмот е резултат на една културна борба (и не само културна); тоа е „објективен“ односно универзален факт, онака како што не може да биде објективна и универзална „нужност“ врз која се издигнува градбата на слободата.
Во литературата (уметноста) против искреноста и спонтаноста се наоѓа механизмот, односно личната сметка, што може да биде лажен конформизам, лажна општественост, т.е. раскомотување кон веќе постојните идеи. Да се потсетиме за класичниот пример на Нино Бернини, кој го „класифицира“ минатото, а оригиналноста ја бара во она што не се наоѓа забележано во картончињата. Принципите на Бернини се: 1. траењето на дејствието: да се определи просечното траење врз основа на претставите што доживеале успех; 2. проучување на завршните сцени: кои завршни сцени доживеале успех и привлекле аплауз?; 3. проучување на комбинациите: на пример, во буржоаска сексуална драма, маж, жена, љубовник, да се види кои комбинации се најчесто употребувани и, преку отфрлање, да се „измислат“ нови комбинации, механички пронајдени. На тој начин Бернини дошол до заклучок дека една драма не треба да има повеќе од 50.000 зборови, т.е. не треба да трае подолго од едно определено време. Секој чин и секоја главна сцена треба да кулминираат на определен начин, а тој начин е експериментално испитан, според средното појавување на оние чувства и стимули што традиционално успех, итн. Сигурно е дека со овие критериуми не може да дојде до трговски катастрофи. Но, дали е тоа „конформизам“ или „општественост“ во споменатава смисла? Секако дека не. Тоа е раскомотување на она што веќе постои.
Дисциплината претставува испитување на минатото, бидејќи минатото е елемент на сегашноста и иднината, но не „мрзлив“ елемент, туку нужен, штом е јазик, т.е. елемент на нужната „едноличност“, а не на „мрзливата“, веќе неделотворна едноличност.