Ерих Фром

Вовед кон „Социјалистички хуманизам: меѓународен симпозиум“


Напишано: 1965
Извор: The Autodidact Project
Првпат објавено: Erich Fromm (ed.), Socialist Humanism: An International Symposium, Garden City, NY: Doubleday, 1965, pp. vii-xiii.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2010


Една од најзабележителните појави на претходната декада е ренесансата на хуманизмот кај различни идеолошки системи. Хуманизмот - наједноставно кажано, вербата во единството на човечката раса и човековиот потенцијал да се усовршува себеси преку своето сопствено напрегање - има долга и разнообразна историја што се протега до еврејските пророци и грчките филозофи. Изјавата на Теренциј, „верувам дека ништо човечко не ми е туѓо“, беше израз на хуманистичкиот дух, кој векови подоцна најде одек во Гетеовото: „Човекот во себе не ја носи само својата посебност, туку целото човештво, со сите негови потенцијали, иако тоа може да ги оствари овиепотенцијали само на ограничен начин, поради надворешните ограничувања на неговото поединечно постоење.“

Низ вековите, некои хуманисти веруваа во вродената добрина на човекот или во постоењето на Бог, додека други не веруваа. Некои хуманистички мислители - помеѓу нив Лајбниц, Гете, Кјеркегор и Маркс - посебно ја нагласуваа потребата од развивање на индивидуалноста во најголема можна мера со цел да се постигне највисоката хармоничност и универзалност. Но, сите хуманисти споделуваат верба во можноста за човеково усовршување, кое, без разлика дали веруваат во потребата од божја милост или не, сметаат дека зависи од сопствените напори на човекот (поради ова Лутер не беше хуманист). Нерелигиозните хуманисти како Џанбатиста Вико и Карл Маркс ова го доведоа понатаму кажувајќи дека човекот ја прави својата историја и е свој сопствен творец.

Поради тоа што хуманистите веруваат во единството на човештвото и имаат верба во иднината на човекот, тие никогаш не биле фанатици. По реформацијата тие ги увидоа ограничувањата и на католичката и на протестантската позиција, зашто не судеа од тесниот агол на една посебна организација или група на моќ, туку од аспект на човештвото. Хуманизмот секогаш се појавувал како реакција на некоја закана за човештвото: во ренесансата, на заканата од верскиот фанатизам; во просветителството, на екстремниот национализам и на заробувањето на човекот од машината и економските интереси. Обновата на хуманизмот денес е нова реакција на оваа последнава закана во интензивиран облик - на стравот дека човекот ќе стане роб на стварите, затвореник на околностите што самиот тој ги создал - и на целосно новата закана по физичкото постоење на човештвото олицетворено во нуклеарното оружје.

Оваа реакција се чувствува во сите кампови - католички, протестантски, марксистички, либерални. Тоа сепак не значи дека современите хуманисти сакаат да се одречат од своите посебни филозофски или религиозни убедувања во името на „подоброто разбирање“, туку, наместо тоа, како хуманисти, тие веруваат дека можат да постигнат најголемо разбирање на различните гледишта преку најточното изразување на секое од нив, секогаш имајќи на ум дека она што е најважно е човечката реалност позади концептите.

Овој зборник е обид да се прикажат идеите на една гранка на современиот хуманизам. Социјалистичкиот хуманизам се разликува во еден важен аспект од другите гранки. Ренесансниот и просветителскиот хуманизам веруваа дека задачата на преобразување на човекот во целосно човечко битие може да се постигне исклучиво или во голема мера преку образование. Иако ренесансните утописти ја допреа потребата од општествени промени, социјалистичкиот хуманизам на Карл Маркс беше првиот кој објави дека теоријата не може да се одвои од практиката, знаењето од делувањето, духовните цели од општествениот систем. Маркс сметаше дека слободниот и независен човек единствено може да постои во општествен и економски систем кој, поради својата рационалност и изобилство, му ставил крај на ерата на „предисторијата“ и ја отворил ерата на „човечката историја“, која ќе го направи целосниот развиток на поединецот услов за целосниот развиток на човештвото и обратно. Поради тоа, тој му го посвети поголемиот дел од својот живот на проучувањето на капиталистичката економија и на организирањето на работничката класа со надеж дека ќе се воспостави социјалистичко општество кое ќе биде основата за развитокот на новиот хуманизам.

Маркс веруваше дека работничката класа ќе ја предводи преобразбата на општеството, зашто истовремено беше најдехуманизираната и најотуѓената класа и потенцијално најсилната, бидејќи функционирањето на општеството зависеше од неа. Тој не го предвиде развојот на капитализмот до точката каде работничката класа ќе просперира материјално и ќе го споделува капиталистичкиот дух, додека целото општество ќе стане отуѓено во екстремен степен. Тој никогаш не стана свесен за ова изобилствено отуѓување кое може да биде исто онолку дехуманизирачко колку и сиромашкото отуѓување.

Нагласувајќи ја потребата од промена на економската организација и за пренесување на контролата над средствата за производство од приватни (или корпоративни) раце во рацете на организираните производители, Маркс беше погрешно протолкуван и од оние што се чувствуваа загрозени од неговата програма и од многу социјалисти. Првите го обвинуваа дека се грижи само за физичките, а не за духовните потреби на човекот. Вторите веруваа дека неговата цел беше исклучиво материјалното изобилство за сите и дека марксизмот се разликува од капитализмот само според своите методи, кои се економски поефикасни и кои можат да бидат воведени од работничката класа. Всушност, Марксовиот идеал беше човек продуктивно поврзан со другите луѓе и со природата, кој ќе реагира на светот на жив начин и кој ќе биде богат не поради тоа што има многу, туку поради тоа што ќе биде многу.

Маркс бараше одговор на значењето на животот, но не можеше да го прифати традиционалниот религиозен одговор дека тој може да се најде само преку вербата во постоењето на Бог. Според ова тој припаѓа на истата традиција како просветителските мислители, од Спиноза до Гете, кои ги отфрлија старите теолошки концепти и беа во потрага по нова духовна ориентациска рамка. Но, за разлика од оние социјалисти како Жан Жорес, Луначарски, Горки и Роза Луксембург, кои си дозволија да се занимаваат поексплицитно со прашањето на духовното, Маркс ја избегнуваше директната дискусија за проблемот, зашто сакаше да избегне каков било компромис со религиозните или идеалистичките идеологии, кои ги сметаше за штетни.

Автентичниот марксизам можеби беше најсилното духовно движење од широка, нетеистичка природа во 19-вековна Европа. Но, по 1914 година - или дури и порано - исчезна најголемиот дел од овој дух. Многу различни фактори влијаеја, но најважниот беше новото изобилство и етиката на потрошувачка што почна да доминира со капиталистичките општества во периодот помеѓу војните и веднаш по Втората светска војна и наизменичната шема на деструктивност и страдање предизвикана од двете светски војни. Денес, прашањата за значењето на животот и човековата цел во животот повторно испливаа како прашања од примарно значење.

Мора да се сфати дека, нужно, духовниот проблем во голема мера беше камуфлиран до нашиот сегашен момент во историјата. Сѐ додека производните сили не беа високо развиени, нужноста да се работи и да се одржува животот му даваше доволно значење на животот. Ова сѐ уште е точно за големо мнозинство од човечката раса, дури и за оние што живеат во индустриски развиените земји каде мешавината од работа и слободно време и сонот за сѐ поголема потрошувачка го спречува човекот да ги оствари своите вистински човечки потенцијали, да биде она што може да биде. Но, ние брзо се движиме кон целосно индустријализиран, автоматизиран свет во кој десет- или дваесет-часовната работна недела ќе биде вообичаена и каде многуте материјални задоволства обезбедени за секого ќе се сметаат за дадени. Во ова целосно изобилно општество (кое ќе биде планирано, ако не и социјалистичко), духовниот проблем на човекот ќе стане многу поакутен и поитен од кога и да е во минатото.

Овој зборник има двојна цел. Тој се стреми да ги разјасни проблемите на хуманистичкиот социјализам во неговите различни теоретски аспекти и да покаже дека социјалистичкиот хуманизам повеќе не е грижа на неколкумина распрснати интелектуалци, туку движење кое се наоѓа во целиот свет, развивајќи се независно во различни земји. Во овој зборник, многу хуманистички социјалисти од Истокот и Западот се среќаваат за прв пат. Читајќи го овој зборник, соработниците исто како и читателите можат да станат целосно свесни за заедничкиот одговор на многумина социјалисти на она што ги научи историјата на последните децении и сегашната закана по физичкиот и духовниот опстанок на човештвото.

Со пет исклучоци, сите соработници пишуваа специјално за овој зборник, но во никој случај јас не им ја сугерирав темата на одреден есеј на авторите. Преферирав да го замолам секого од нив да пишува на која било тема што нему му се чини најважна, во општата референтна рамка на социјалистичкиот хуманизам. Се надевав дека на таков начин зборникот ќе ги претстави главните интереси на хуманистичките социјалисти. Не ми изгледаше дека е недостаток ако некои теми се разработувани повеќепати од различни автори. Напротив, мислев дека ќе биде интересна, па дури и импресивна појава тоа да се види темелната согласност помеѓу главнината од авторите претставени во овој зборник и опсегот до кој новата школа на мислење се појави во различни делови од светот, особено помеѓу научниците во Југославија и Чехословачка, чии трудови досега беа малку познати во англофонскиот свет.

И покрај заедничките врски помеѓу авторите, постојат важни несогласувања помеѓу нив и со уредникот. Авторите припаѓаат на различни политички партии. Најголем дел од нив се социјалисти, но некои не се. Најголемиот дел од нив се марксисти, но некои не се, вклучувајќи католици, независни либерали и не-марксистички членови на работнички партии. Никој чиј труд е објавен тука не може да се смета одговорен за погледите искажани од кој било друг автор или од страна на уредникот.

Како хуманисти, сите соработници имаат заедничка грижа за човекот и целосното развивање на неговите потенцијали и критички став кон политичката стварност, особено кон идеологиите. Ова последното е од најголем интерес. Денес, повеќе од кога и да било, наоѓаме дека концептите како слободата, социјализмот, хуманизмот и Бог се употребуваат на отуѓен, чисто идеолошки начин, без разлика кој ги употребува. Она што е реално кај нив е зборот, звукот, а не изворното искуство на она што зборот би требало да го посочува. Соработниците се занимаваат со реалноста на човечкото опстојување и поради тоа се критични кон идеологијата; тие постојано прашуваат дали една идеја ја изразува реалноста или ја затскрива.

Постои уште еден фактор кој е заеднички за сите соработници: нивната убеденост дека најважната задача за човештвото денес е воспоставувањето на мир. Никој претставен во овој зборник на никој начин не ја поддржува Студената војна.

Неизбежно постојат пропусти, за кои уредникот жали. Најголемиот дел од авторите се или Европјани или Северно-американци, иако Азија, Африка и Австралија се претставени. Исто така, постои одреден едностран нагласок на филозофските аспекти на социјалистичкиот хуманизам, споредено со практичните и искуствените проблеми на хуманистичкото социјалистичко организирање, со кое се занимава само последното поглавје, „За практиката на социјалистичкиот хуманизам“. Навистина, голем број на важни проблеми на социјалистичкото организирање не само што не се претставени овде, туку малку се дискутирани во социјалистичката литература воопшто (такви проблеми, на пример, се дистинкцијата помеѓу вистинските човечки потреби и вештачки произведените потреби, можноста од оживување на занаетите како луксузна индустрија, новите облици на демократско учество втемелени врз мали групи лице во лице итн.).

Да сумираме: можеби не е претерување да се каже дека никогаш во минатите сто години немало така раширени и интензивни проучувања на проблемот на хуманистичкиот социјализам како денес. Да се прикаже оваа појава и да се покажат некои од резултатите од овие проучувања е цел на овој зборник. Во оваа грижа за човекот и во противењето на дехуманизацијата ние чувствуваме длабока смисла за солидарност со сите хуманисти, од кои многумина не ги споделуваат сите наши погледи, но кои сите ја споделуваат нажата грижа за целосното развивање на човекот.

Сакам да им се заблагодарам на сите оние што ми помогнаа во мојата уредничка задача. Често се обраќав за совет до Томас Б. Ботомор од Лондонската школа за економија и до Гајо Петровиќ од Универзитетот во Загреб и тие секогаш беа великодушни во нивните одговори. Благодарен им сум на соработниците што одговараа така кооперативно на моите предлози во врска со просторот и организацијата и на преведувачите поради преземањето на тешката работа на преведување на комплицираните ракописи од француски, германски, италијански, полски и српскохрватски на англиски. На крајот, мојата искрена благодарност до Ен Фридгуд од Даблдеј поради нејзиниот постојан интерес за оваа книга и за нејзиниот исклучителен напор при подготвувањето на ракописот.

Ерих Фром



Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива