Ерих Фром

Нека победи човекот


Првпат објавено: 1960
Извор: Ерих Фром „За непослушноста и други есеи“, „Комунист“, Скопје, 1989, 57-72 стр.
Превод: Слободанка Марковска, Анета Маркоска
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2012


Кога со средниот век дефинитивно беше раскинато, се чинеше дека западниот човек чекори кон конечното исполнување на своите најсакани соништа и визии. Тој се ослободи од авторитетот на тоталитарната црква и од бремето на традиционалната мисла, и ги пречекори границите на дотогаш познатиот свет. Тој ја откри природата и индивидуата. Тој стана свесен за сопствената сила, за способноста да стане господар на природата и традиционално дадените околности. Човекот веруваше дека ќе може да постигне синтеза помеѓу новороденото чувство на моќ и рационалност, од една и духовните вредности на неговата хуманистичко-духовна традиција, од друга страна, односно помеѓу пророчката идеја за месијанското доба на мирот и правдата што човештвото би требало да ги оствари во историскиот процес и грчката традиција на теориската мисла. Во вековите по Ренесансата и Реформацијата тој изгради нова наука којашто ослободи дотогаш невидени производни сили и целосно го трансформира материјалниот свет. Тој создаде политички системи кои се чинеше дека гарантираат слободен и продуктивен развиток на единката; тој го скуси работното време дотаму што западниот човек стана слободен со часови да ужива во слободното време за кое неговите претци можеа само да сонуваат.

Но каде сме ние денес?

Светот е поделен на два табора, капиталистички и комунистички. И двата табора веруваат дека токму тие го имаат клучот за исполнувањето на човечките надежи на сите минати генерации; и обата тврдат дека иако мора да коегзистираат, нивните системи се инкомпатибилни.

Дали се во право? Зарем и обата не конвергираат кон нов индустриски нео-феудализам, кон индустриски општества, водени и манипулирани од големи, моќни бирократии — кон општества во коишто единката станува добро-нахранет и добро-забавуван автомат кој ја губи својата индивидуалност, независност и човечност? Треба ли да се помириме со фактот дека во ситуација кога можеме да господариме со природата и постојано да го зголемуваме производството на материјални добра, ние мораме да се откажеме од надежта за еден нов свет на солидарност и правда; и дека овој идеал ќе се загуби во еден празен технолошки поим на „прогресот“?

Не постои ли друга алтернатива освен онаа помеѓу капиталистичкиот и комунистичкиот менаџерски индустријализам? Не можеме ли да изградиме едно индустриско општество во коешто единката ќе има улога на активен, одговорен член кој ќе ги владее околностите, наместо тие да го владеат него? Дали навистина економското богатство и човечката исполнетост се инкомпатибилни?

Овие два табора не само што се натпреваруваат на економски и политички план, туку и се караат меѓусебе во смртен страв од евентуален атомски напад што би ги збришал и двата, ако не и целата цивилизација. Навистина, човекот ја создаде атомската бомба; таа е резултат на едно од неговите најголеми интелектуални достигнувања. Но тој ја загуби контролата над сопствената творба. Бомбата стана негов господар, а силите на неговото сопствено дело станаа негов најопасен непријател.

Има ли сè уште време да се промени ваквиот тек? Ќе успееме ли да го промениме и да станеме господари на околностите или ќе дозволиме околностите да нè владеат нас? Ќе можеме ли да се ослободиме од длабоко всадените корени на варваризмот кои нè тераат проблемите да ги решаваме на таков начин на кој тие никогаш не можат да бидат решени — со сила, насилство и убивање? Ќе можеме ли да го премостиме јазот помеѓу нашите големи интелектуални дострели и нашата емоционална и морална заостанатост?

За да се одговори на овие прашања, неопходно е подетално испитување на денешната положба на западниот човек. 

За повеќето Американци доказите за успехот на нашиот начин на индустриска организација се очигледни и неспорни. Новите производни сили — пареата, електричната струја, нафтата и атомската енергија — и новите форми на организацијата на работата — централистичкото планирање, бирократизацијата, зголемената поделба на трудот, автоматизацијата — во најразвиените индустриски земји создадоа материјално богатство со што беше совладана крајната сиромаштија во којашто само пред стотина години живееше поголемиот дел од нивното население.

Во последните сто години работното време е намалено од седумдесет на четириесет часови неделно, а со натамошната автоматизација, скратувањето на работниот ден ќе му пружи на човекот слободно време за какво што не можел да сонува. Секое дете е опфатено со основно образование; а со повисоко образование — значителен процент од вкупното население. Филмот, радиото, телевизијата, спортот и хобито ги исполнуваат многуте часови на слободно време што сега ги има човекот.

Навистина, се чини дека првпат во историјата огромното мнозинство во Западниот свет — а наскоро и сите луѓе — првенствено ќе бидат преокупирани со живеењето, а не со борбата за обезбедување материјални услови за живот. Се чини дека се ближи остварувањето на најсаканите желби на нашите претци и дека Западниот свет го пронашол одговорот на прашањето што е „добар живот“.

Додека повеќето луѓе во Северна Америка и Западна Европа сè уште мислат така, расте бројот на една група разумни и чувствителни личности кои ги согледуваат недостатоците на оваа лажна слика. Пред сè тие забележуваат дека дури и во САД, најбогатата земја во светот, околу една петтина од населението не го споделува добриот живот на мнозинството, и дека значителен број од нашите сограѓани не го достигнале оној материјален животен стандард што е основа за достоинствено човечко живеење. Натаму, тие се свесни дека повеќе од две третини од човештвото, оние кои со векови беа објект на западниот колонијализам, имаат животен стандард десет до дваесет пати помал од нашиот, и дека нивниот животен век е за половина помал од оној на просечниот Американец.

Тие се погодени од ирационалните противречности со кои се соочува нашиот систем. Додека милиони во нашата сопствена средина, и стотици милиони надвор, немаат што да јадат, ние го ограничуваме земјоделското производство и, згора на тоа, секоја година трошиме стотици милиони за складирање на вишоците. Имаме изобилие, но немаме блаженство. Побогати сме, но помалку слободни. Конзумираме повеќе, но помалку сме исполнети. Имаме повеќе атомско оружје, но помалку сме заштитени. Добиваме повеќе образование, но имаме сè помалку критички судови и убедувања. Имаме повеќе религија, но стануваме поголеми материјалисти. Ние зборуваме за американска традиција која всушност е духовната традиција на радикалниот хуманизам, а ги нарекуваме „не-Американци“ оние кон сакаат да ја применат таа традиција во денешното општество.

Дури и кога за утеха, како што тоа го прават многумина, би ја прифатиле претпоставката дека само за неколку генерации Западот па и целиот свет ќе постигне економско изобилие, сепак останува прашањето: што станало со човекот и до каде тој ќе стаса ако продолжиме по патот по кој тргна нашиот индустриски систем?

За да разбереме зошто елементите со кои нашиот систем успеа да реши некои економски проблеми се немоќни да ги решат човечките проблеми, неопходно е да се истражат главните карактеристики на капитализмот од дваесеттиот век. Концентрацијата на капиталот доведе до формирање на гигантски претпријатија управувани од хиерархиски организирана бирократија. Огромна маса на работници работат заедно како дел од големата производна машина која, за воопшто да може да функционира, мора да функционира како подмачкана, без пречки и застој. Индивидуалниот работник и службеникот станаа забец на оваа машина; нивната функција и активност се одредени од целата структура на организацијата во којашто работат. Во големите претпријатија легалната сопственост на средствата за производство се одвои од управувањето и го загуби своето значење. Големите претпријатија ги води бирократска управа која иако не го поседува претпријатието легално, го поседува фактички. Овие менаџери ги немаат особините на стариот сопственик - индивидуалната иницијатива, одважноста, преземањето ризик - туку особините на бирократот - недостаток на индивидуалност, безличност, внимателност и недостаток на имагинација. Тие управуваат и со стварите и со луѓето, и со луѓето се однесуваат како со ствари. Оваа менаџерска класа, иако не го поседува претпријатието легално, фактички таа го контролира: притоа на извонреден начин успева да не биде одговорна ни пред акционерите, ни пред вработените. Макар што најважните сектори на производството се во рацете на големите корпорации, нив практично ги владеат највисоките работодавци. Гигантските корпорации што ја контролираат економската, а во голема мера и политичката судбина на земјата, се чиста спротивност на демократскиот процес: тие претставуваат моќ без контрола од страна на потчинетите.

Покрај индустриската, најголемиот дел од населението го управуваат и други бирократии. Пред сè, државната бирократија (вклучувајќи ја и воената) која на различен начин влијае и ги управува животите на милиони луѓе. Индустриските, воените и државните бирократии, не само во своите активности, туку и кадровски, сè повеќе се испреплетуваат меѓусебно. Со развитокот на големите претпријатија, синдикатите исто така се претвораат во големи бирократски машини во кои поединечниот член има малку што да каже. Многу синдикални раководители се менаџерски бирократи, исто како индустриските раководители. Овие бирократии немаат ни план ни визија; тоа се должи на самата природа на бирократската администрација. Штом човекот е претворен во предмет, тогаш и неговите менаџери стануваат предмети; а предметите немаат ни волја, ни визија ни план.

Со бирократското управување над луѓето, демократскиот процес се претвора во ритуал. Било да се работи за акционерски состанок во некое големо претпријатие, за политички избори или синдикален состанок, единката го загубила речиси целото влијание во подготвувањето на одлуките и нема активно учество во нивното донесување. Особено во политичката сфера, изборите сè повеќе се сведуваат на плебисцит во којшто единката може да му даде предност на еден од двата кандидати професионални политичари, и најблаго речено, таа е управувана со нејзина согласност. При тоа средствата со кои се постигнува оваа согласност се сугестијата и манипулацијата, додека пак одлуките од најголема важност - во надворешната политика што се однесуваат на војната и мирот - ги донесуваат мали групи луѓе за коишто просечниот граѓанин одвај и да чул.

Политичките идеи за демократијата, онака како што ги замислија основоположниците на Соединетите Држави, не беа чисто политички идеи. Тие беа вкоренети во духовната традиција наследени од пророчкото месијанство, евангелијата, хуманизмот и од филозофите на Просветителството од осумнаесеттиот век. Овие идеи и движења ги обединуваше една иста надеж; дека човекот во текот на својата историја ќе може да се ослободи од сиромаштијата, незнаењето и неправдата и дека ќе може да изгради општество на хармонија, мир и единство помеѓу човек и човек и помеѓу човекот на природата. Идејата дека историјата има цел и вербата во човечката совршеност, во текот на историскиот процес беа најкарактеристични елементи на западната мисла. Тоа е почвата во која е вкоренета американската традиција и од каде што таа ја црпи својата сила и виталност. Што се случи со идејата за совршеноста на човекот и општеството? Таа се раствори во површниот поим на „прогресот“ и во желбата за производство на повеќе и подобри предмети, наместо таа да симболизира раѓање на целосно жив и продуктивен човек. Денес, нашите политички поими ги загубиле своите духовни корени. Тие станале средства сообразени со некоја цел кои ги проценуваме според тоа дали ни овозможуваат повисок животен стандард, или поуспешен облик на политичко уредување. Искорнати од срцата и копнежите на луѓето, тие станаа празни лушпи што можат да се отфрлат доколку тоа целта го оправдува.

Со единката се управува и се манипулира не само во сферата на производството, туку исто така и во сферата на потрошувачката каде што единката божем го изразува својот слободен избор. Без оглед дали се работи за потрошувачка на храна, облека, алкохол, цигари, филмови или телевизиска програма, насекаде е впрегнат еден моќен апарат за сугестија кој има две цели: прво, постојано да го зголемува апетитот на единката за нови артикли и второ, да ги насочува овие апетити во правец кој индустријата ќе ја доведе до најголем профит. Огромниот капитал вложен во потрошувачката индустрија и конкуренцијата помеѓу малкуте гигантски претпријатија, нужно не дозволуваат потрошувачката да се препушти на случајот и да му се остави на потрошувачот слободно да избира колку ќе купува и што ќе купува. Неговите апетити треба постојано да бидат поттикнувани, а вкусовите манипулирани, управувани и предвидливи. Човекот е претворен во потрошувач, вечно цицалче, чија единствена желба е да консумира повеќе и „подобри" работи.

Додека нашиот економски систем материјално го збогати човекот, го осиромаши него на човечки план. Наспроти целата пропаганда за вербата во бога, за неговиот идеализам и за неговиот духовен интерес, нашиот систем всушност создаде материјалистичка култура и материјалистички човек. Во текот на работното време, единката е третирана како дел од производствениот тим. Во текот на нејзиното слободно време со неа се управува и се манипулира со цел да се создаде совршен потрошувач кој ќе го сака она што му е речено да го сака, а сè уште ќе живее во илузија дека го следи својот сопствен вкус. Цело време тој е бомбардиран со слогани и совети, со гласови од нестварноста кои му го одземаат и последното зрнце реализам што му останало. Уште од најраното детство вистинските убедувања се обесхрабруваат. Има малку критичка мисла и малку вистински чувства, па затоа единствениот начин на кој единката може да се спаси од неподносливото чувство на осаменост и загубеност е да го прифати конформизмот. Единката не се доживува себеси како активен носител на своите сопствени сили и внатрешно богатство, туку како осиромашен „предмет" што е зависен од сили кои се надвор од него и во коишто таа ја проектирала својата животна супстанција. Човекот е отуѓен од самиот себе и им се поклонува на делата на своите сопствени раце. Тој им се поклонува на предметите што ги произведува, а и на државата и на водачите што самиот ги создаде. Неговото сопствено дело станува за него отуѓена моќ која стои над него и наспроти него, наместо да биде управувана од него. Претворањето на нашиот сопствен производ во објективна сила која стои над нас и која се измолкнува од нашата контрола поразувајќи ги нашите очекувања и замрсувајќи ги нашите сметки, повеќе од кога и да е го определува нашиот развиток. Човековите производи, машините и државата станаа идоли на модерниот човек, а тие идоли се неговите сопствени сили во отуѓен облик.

Навистина, Маркс беше во право тврдејќи дека „на местото на сите физички и духовни сетила дојде самоотуѓувањего на сите тие сетила, сетилото за имање. Приватната сопственост нè направи толку глупи и немоќни што предметите стануваат наши само ако ги имаме, т.е. ако тие за нас постојат како капитал и ако ги поседуваме, јадеме, пиеме; т.е. ако ги употребуваме. Наспроти сето наше богатство ние сме сиромашни по дух, зашто имаме многу, но сме малку.“[1]

Како последица на тоа, просечниот човек чувствува несигурност и осаменост, потиштен е и страда од недостаток на радост среде изобилие. Животот за него нема смисла; тој не е свесен дека смислата на животот не може да лежи само во тоа да се биде „потрошувач". Тој не би можел да ги поднесе отсуството на радост и бесмисленоста на животот доколку нашиот систем не би му нудел безбројни патишта на бегство, почнувајќи од телевизијата па сè до средствата за смирување, кои му овозможуваат да заборави дека сè повеќе го губи она што е вредно во животот. Наспроти сите хуманистички слогани, ние брзо се приближуваме кон едно општество кое го владеат бирократи кои го управуваат масовниот човек кој е добро нахранет, згрижен, дехуманизиран и депримиран. Ние произведуваме машини што се како луѓе, и луѓе што се како машини. Она за што пред педесет години најмногу го критикувавме социјализмот - дека тој ќе доведе до униформност, бирократизација, централизација и бездушен материјализам - стана реалност на денешниот капитализам. Ние зборуваме за слобода и демократија, а голем број од луѓето сè уште се плашат од одговорноста што ја носи слободата и го претпочитаат ропството на добро-нахранетиот робот; тие не веруваат во демократијата и среќни се што донесувањето на одлуки им го препуштаат на политичките експерти.

Со телевизијата и весниците создадовме широко распространет систем на комуникации. Па сепак, наместо да бидат информирани за политичката и општествената стварност, луѓето се дезинформирани и индоктринирани. Степенот на униформност што постои во нашите мислења и идеи лесно би можел да се објасни доколку би бил резултат на политички притисок или пак би бил предизвикан од страв. Но, факт е дека сите се согласуваат „доброволно“, и покрај тоа што во основата на нашиот систем лежи токму идејата за правото на несогласување и наклонетоста кон разновидност на идеи.

Двосмислениот говор стана правило како во земјите на слободната иницијатива, така и кај нивните противници. Овие вториве, диктатурата ја нарекуваат „народна демократија“, а првите, доколку се политички сојузници, диктатурите ги нарекуваат „слободољубиви народи“. При можноста педесет милиони Американци да загинат во евентуален атомски напад, едни зборуваат за „ризиците на војната“, а други за победа во „решавачката битка“, иако за здравиот разум е јасно дека во еден атомски холокауст нема да има победа за никого.

Образованието, од основното до највисокото, го постигна својот врв. Па сепак, макар што луѓето добиваат повеќе образование, тие имаат сè помалку разум, судови и убедувања. Во најдобар случај се подобрува нивната интелигенција, но нивниот разум - т.е. нивната моќ да продрат низ површината и да ги сфатат силите што лежат во основата на индивидуалниот и општествениот живот - сè повеќе осиромашува. Мислата во голема мера е одвоена од чувствата, а фактот што луѓето ја толерираат заканата од војни што се надвиснала над целото човештво покажува дека модерниот човек стаса до онаа точка кога тој мора да се запраша за сопственото ментално здравје.

Човекот им стана слуга на машините што ги создаде, наместо да биде нивен господар. Но човекот не е создаден за да биде предмет, па и покрај сите задоволства од потрошувачката, неговите животни сили не можат постојано да се држат запретани. Имаме само една можност, а тоа е повторно да ги загосподариме машините, претворајќи го производството во средство наместо во цел и користејќи го за развивање на човекот - во спротивно, потиснатата животна енергија ќе се пројави во хаотични и деструктивни облици. Човекот поскоро би го уништил животот, отколку да умре од здодевност.

Ќе го обвиниме ли нашиот начин на општествена и економска организација за ваквата положба на човекот? Како што покажавме погоре, нашиот индустриски систем, неговиот начин на производство и потрошувачка, како и односите помеѓу луѓето што тој ги негува, создаваат токму таква човечка ситуација каква што опишавме. Не затоа што општеството сака да создаде таква ситуација, или затоа што луѓето се злонамерни, туку затоа што карактерот на просечниот човек се формира во животното искуство кое е определено од структурата на општеството.

Нема сомнение дека обликот што го има капитализмот во дваесеттиот век е многу поразличен од оној во деветнаесеттиот - толку различен што под знак на прашање е дали за двата система треба да се употребува еден ист термин. Огромната концентрација на капитал во гигантските претпријатија, се поголемото одвојување на управувањето од сопственоста, државните субвенции во земјоделството и во некои гранки од индустријата, елементите на контрола на цените и на контролиран пазар, како и многу други карактеристики, од корен го разликуваат капитализмот од дваесеттиот век од оној во минатото. Сепак, без оглед каква терминологија сме избрале, извесни основни елементи остануваат заеднички и за стариот и за новиот капитализам: принципот дека, не солидарноста и љубовта, туку индивидуалистичката, еготистичка акција дава најдобри резултати за секого; и вербата дека општествениот живот треба да го регулира еден безличен механизам, пазарот, а не волјата, визијата и плановите на луѓето. Капитализмот ги става стварите (капиталот) повисоко од животот (трудот). Моќта произлегува од сопственоста, а не од дејствувањето. Современиот капитализам создава дополнителни пречки за развивањето на човекот. Нему му требаат хармонични работни тимови на работници, службеници, инженери, потрошувачи; тие му требаат, бидејќи големите претпријатија, раководени од бирократијата, инсистираат на овој вид организација и на „човекот на организацијата“ кој се вклопува во неа. Нашиот систем мора да создава луѓе кои ќе одговараат на неговите потреби; мора да создаде луѓе кои ќе соработуваат лесно и во голем број; луѓе кои ќе сакаат да трошат сè повеќе; луѓе чии вкусови се стандардизирани, лесно предвидливи и врз кои може да се влијае. Нему му требаат луѓе кои се чувствуваат слободни и независни и кои не се потчинети на некој авторитет или принцип на совеста, а сепак се спремни да ја извршат наредбата и да го сторат она што се очекува од нив, и лесно да се вклопат во општествената машина; нему му требаат луѓе кои можат да бидат водени без сила, водени без водачи, поттикнувани без цел - со исклучок на целта да успеат, да бидат во движење и постојано да одат напред. Производството е раководено од принципот дека инвестираниот капигал мора да донесе профит, а не од принципот според кој вистинските потреби определуваат што треба да се произведува. Бидејќи сè, вклучувајќи го радиото, телевизијата, книгите и лековите е подредено на принципот на профитот, луѓето се изманипулирани за таков вид потрошувачка којашто често е отровна за духот, а понекогаш и за телото.

Неуспехот на нашето општество за да ги исполни човечките аспирации вкоренети во нашата духовна традиција непосредно се одрази врз двата најгорливи практични проблеми на нашето време: прашањето за мирот и смалувањето на разликите помеѓу богатството на Запад и сиромаштијата на две третини од човештвото.

Отуѓувањето и последиците што тоа ги носи му го отежнува на модерниот човек решавањето на овие проблеми. Фактот што тој обожува предмети и нема почит кон животот, ниту кон својот ниту кон животот на своите блиски, го прави него слеп не само за моралните принципи, туку и за рационалната мисла која е од интерес за неговиот опстанок. Очигледно е дека атомското вооружување веројатно ќе доведе до сеопшто уништување, а дури и кога атомската војна би се одбегнала, тоа ќе доведе до клима на страв, сомневање и строга дисциплина, а во таква клима слободата и демократијата не можат да опстанат. Јасно е дека економскиот јаз помеѓу богатите и сиромашните народи ќе доведе до експлозии на насилства и диктатури - па сепак, освен некои нерешителни а со тоа и јалови обиди, не е сторено ништо за да се решат овие проблеми. Изгледа дека ние ќе го докажеме тврдењето дека боговите ги заслепуваат оние што сакаат да ги уништат.

Тоа е дострелот на капитализмот. А кој е дострелот на социјализмот? Кон што се стремеше и што постигна социјализмот во оние земји каде што имаше шанса да се оствари?

Социјализмот во деветнаесеттиот век, во Марксовата и во сите други варијанти, сакаше да создаде материјална основа за достоинствен човечки живот за секого. Тој сакаше трудот да го управува капиталот, а не капиталот да го управува трудот. За социјализмот, трудот и капиталот не беа само две економски категории, туку тие претставуваа два принципа: капиталот, принцип на натрупување на ствари, принцип на имање; и трудот, принцип на животот и на човечките моќи, принцип на бидување и создавање. Социјалистите сметаа дека во капитализмот животот го управуваат предметите: дека имањето му е претпоставено на бидувањето; дека минатото ја управува сегашноста - и сакаа да го свртат овој однос. Целта на социјализмот беше еманципацијата на човекот и неговото повторно воспоставување како неотуѓена, неосакатена единка која стапува во еден нов, богат и спонтан однос со ближниот и со природата. Целта на социјализмот беше човекот да ги отфрли синџирите со кои е окован, фикците и нереалностите, и да се претвори во суштество кое ќе може креативно да ги употребува своите емоционални и мисловни сили. Социјализмот сакаше човекот да стане независен, т.е. да застане на своите сопствени нозе; а веруваше дека човекот може да стои на своите сопствени нозе, само ако, како што велеше Маркс „тој го должи своето постоење на самиот себеси, ако тој ја потврдува својата индивидуалност како целосен човек во секој од неговите односи кон светот, гледањето, слушањето, мирисањето, вкусот, чувствата, мислењето, волјата, љубовта - накусо, ако ги потврдува и изразува сите органи на својата индивидуалност.“[2] Целта на социјализмот беше единството помеѓу човек и човек, и помеѓу човекот и природата.

Сосема спротивно од често споменуваното дека Маркс и останатите социјалисти мислеле дека желбата за максимална материјална добивка е основниот човечки нагон, тие всушност веруваа дека самата структура на капиталистичкото општество од материјалниот интерес прави најдлабок мотив, а дека социјализмот ќе овозможи да се афирмираат нематеријалните мотиви, и дека ќе го ослободи човекот од неговото служење на материјалните интереси. (Тажен пример на човечката недоследност е кога луѓето, кои го клеветат социјализмот за неговиот божемен „материјализам“ истовремено тврдат дека само „мотивот за профит“ може да го мотивира човекот да даде максимум од себе.)

Целта на социјализмот беше индивидуалноста, а не униформноста; ослободување од економските окови, а не, главна содржина на животот да бидат материјалните интереси; остварување на целосна солидарност на сите луѓе, а не манипулација и доминација на еден човек врз друг. Принципот на социјализмот беше дека секој човек е цел за себе, и дека никогаш не смее да стане средство на некој друг човек. Социјалистите сакаа да создадат општество во коешто секој граѓанин активно и одговорно ќе учествува во сите одлуки, општество во кое граѓанинот би учествувал затоа што е личност а не предмет, затоа што има свои убедувања, а не наметнати ставови.

За социјализмот не е зло само сиромаштијата, туку и богатството. Материјалната сиромаштија му ја одзема на човекот основата за човечки богат живот. Материјалното богатство, слично како и моќта го расипува човекот. Тоа ја уништува смислата за мерка и за инхерентните граници на човечката егзистенција; тоа раѓа едно нереално и речиси безумно чувство за „единственоста" на единката, наметнувајќи му го чувството дека за него не важат истите основни животни услови што важат за другите. Социјализмот сака материјалната благосостојба да се користи за вистинските цели на живеењето; тој го отфрла индивидуалното богатство не само како опасност за општеството, туку исто така и за единката. Всушност, неговата спротивставеност на капитализмот е заснована токму врз овој принцип. Според својата логика капитализмот се стреми кон постојано зголемување на материјалното богатство, а социјализмот кон постојано зголемување на човековата продуктивност, животност и среќа, и кон материјална благосостојба само до оној степен кој овозможува реализирање на неговите човечки цели.

Социјализмот копнееше за конечно укинување на државата, при што ќе бидат управувани само предметите, а не и луѓето. Тој се стремеше кон бескласно општество во кое слободата и иницијативата ќе и бидат повторно вратени на единката. Социјализмот од деветнаесеттиот век па се до почетокот на Првата светска војна, беше најзначајното хуманистичко и духовно движење во Европа и Америка.

Што се случи со социјализмот?

Тој му подлегна на духот на капитализмот што сакаше да го замени. Наместо да го разберат како движење за ослободување на човекот, многумина од неговите приврзаници слично како и неговите непријатели, социјализмот го разбраа единствено како економско подобрување на работничката класа. Хуманистичките цели на социјализмот беа заборавени или претворени во празни фрази, а главннот акцент исто како и во капитализмот беше ставен врз целите за економска добивка. Како што идеалите на демократијата ги загубија своите духовни корени, така и идејата на социјализмот го загуби својот најдлабок корен - пророчко месијанската верба во мирот, правдата и братството меѓу луѓето.

Така, социјализмот стана средство со кое работниците ја зацврстуваа својата положба во рамките на капиталистичката структура, наместо да биде средство за нејзино надминување; наместо да го промени капитализмот, социјализмот беше апсорбиран од неговиот дух.

Социјалистичкото движење доживеа целосен пораз кога во 1914 неговите водачи се откажаа од интернационалната солидарност, одлучувајќи се за економските и воените интереси на сопствените земји, а против идеите на интернационализмот и мирот што беа во нивната програма.

Погрешната интерпретација на социјализмот според која тој е чисто економско движење, а национализацијата на средствата за производство негова главна цел, беше присутна како во десното, така и во левото крило на социјалистичкото движење. Водачите на реформизмот во социјалистичкото движење во Европа за своја примарна цел го поставија подигнувањето на економската положба на работниците во рамките на капиталистичкиот систем, а за најрадикална мерка ја сметаа национализацијата на некои гранки од крупната индустрија. Дури во последното време многумина сфатија дека национализацијата на едно претпријатие само по себе не значи остварување на социјализмот, и дека за работникот главно нема разлика дали ќе биде управуван од општествено или од приватно именувана бирократија.

И водачите на Комунистичката партија во Советскиот Сојуз го интерпретираа социјализмот на чисто економски начин. Но, живеејќи во земја која е многу понеразвиена од Западна Европа и без демократска традиција, тие применија терор и диктатура за да ја забрзаат акумулацијата на капиталот, што во Западна Европа се случи во деветнаесеттиот век. Тие создадоа еден нов облик на државен социјализам кој се покажа успешен на економски, но погубен на човечки план. Тие изградија бирократски управувано општество во коешто класните разлики - како во економска смисла, така и во однос на моќта да се командува со другите, се подлабоки отколку во кое и да е денешно капиталистичко општество. Тие го нарекуваат својот систем социјалистички затоа што ја национализирале целата економија, всушност нивниот систем е целосна негација на сè она за што се залага социјализмот - афирмацијата на индивидуалноста и целосен развиток на човекот. За да се добијат поддршка од масите кои мораа натчовечки да се жртвуваат за брзата акумулација на капиталот, тие се служеа со спој на социјалистичка и националистичка идеологија, а тоа им донесе неволна соработка со потчинетите.

Во онаа смисла системот на слободната иницијатива е понапреден од комунистичкиот систем затоа што успеа да сочува една од најголемите придобивки на модерниот човек - политичката слобода, а со тоа и почитта кон достоинството и индивидуалноста на човекот, што нè поврзува со основите на духовната традиција на хуманизмот. Тој допушта критика и овозможува давање предлози за конструктивна општествена промена, што практично е невозможно во советската полициска држава. Како и да е, треба да се очекува дека штом советските земји ќе го постигнат она ниво на економски развиток што Западна Европа и Соединетите Држави веќе го постигнале - т.е., штом тие ќе можат да ја задоволат потребата за удобен живот - нив не ќе им треба терор, и ќе почнат да ги користат истите средства за манипулација кои се користат на Запад: сугестијата и наговорањето. Овој развиток ќе доведе до конвергенција на капитализмот од дваесеттиот век и комунизмот од дваесеттиот век. И двата системи се засноваат врз индустријализацијата; нивна цел е постојаното зголемување на економската ефикасност и богатство. Тие се општества управувани од менаџерска класа, односно од професионални политичари. И двата система имаат закоравен материјалистички поглед на свет, без оглед што на Запад формално се прифаќа христијанската идеологија, а на Исток световното месијанство. Тие ги организираат масите во централизиран систем, во големи фабрики, во масовни политички партии. Во двата системи, доколку тие продолжат по овој пат - човекот, отуѓениот човек - кој е добро-нахранет, добро-облечен, и добро-забавуван автомат-човек управуван од бирократи кои се ограничени во своите цели исто како и човекот целосно ќе го замени разумниот и чувствителниот човек. Предметите ќе бидат на прво место, а човекот ќе биде мртов; тој ќе зборува за слобода и индивидуалност, а ќе биде ништо.

Каде сме ние денес?

Капитализмот и вулгарниот, деформиран социјализам го доведоа човекот до онаа точка каде што тој е во опасност да стане дехуманизиран автомат; тој го губи своето ментално здравје и се наоѓа пред целосно самоуништување. Само со целосна свест за сопствената ситуација и за нејзините опасности, и со една нова визија за животот во којшто можат да се остварат човечката слобода, достоинството, креативноста, разумот, правдата и солидарноста, можеме да се спасиме од сигурното распаѓање, од губењето на слободата или од уништувањето. Ние не сме принудени да бираме помеѓу менаџерскиот систем на слободна иницијатива и менаџерскиот комунистички систем. Постои трета солуција, онаа на демократскиот, хуманистички социјализам којшто, заснован врз изворните принципи на социјализмот, ни нуди визија на едно ново, вистински хумано општество.


Забелешки на преведувачот

[1] Karl Marx, "Economic and Philosophic Manuscripts of 1844", Private Property and Communism.

[2] Исто.


Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива