Ерих Фром

Бегство од слобода

(извадок)


Првпат објавено: 1941
Извор: Erich Fromm, “Escape from Freedom”, New York, 1994.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2020


Петта глава
Механизми на бегство

Ја доведовме нашата расправа до денешниот период и сега ќе продолжиме да расправаме околу психолошкото значење на фашизмот и околу значењето на слободата во авторитарните системи и во нашата сопствена демократија. Сепак, бидејќи валидноста на целиот наш аргумент зависи од валидноста на нашите психолошки претпоставки, изгледа пожелно да се прекине општиот тек на мислата и да се посвети една глава на поподробната и поконкретната расправа на оние психолошки механизми што веќе ги допревме и на оние околу кои подоцна ќе расправаме. Овие претпоставки бараат детализирана расправа, зашто се втемелени врз концепти кои се занимаваат со несвесните сили и со начините на кои тие наоѓаат свој израз во рационализациите и карактерните црти, концепти кои на многумина читатели ќе им изгледаат ако не туѓи, тогаш барем вредни за објаснување.

Во оваа глава намерно упатувам на индивидуалната психологија и на опсервациите кои се направени при минуциозните проучувања на поединците преку психоаналитичката процедура. Иако психоанализата не се држи до идеалот што долги години беше идеал на академската психологија, односно до приближувањето до експерименталните методи на природните науки, сепак е сеопфатно емпириски метод, втемелен врз макотрпно опсервирање на нецензурираните мисли, соништа и фантазии на поединците. Само психологијата што го користи концептот на несвесни сили може да продре низ конфузните рационализации со кои се соочуваме при анализирањето било на некој поединец или на некоја култура. Голем број навидум нерешливи проблеми веднаш исчезнуваат ако решиме да се откажеме од сфаќањето дека мотивите за кои луѓето веруваат дека се оние што ги мотивираат се нужно и оние мотиви кои всушност ги тераат да делуваат, да чувствуваат и да мислат онака како што тоа го прават.

Многу читатели ќе го постават прашањето дали сознанијата добиени преку опсервирање поединци можат да бидат применети врз психолошкото разбирање на групите. Нашиот одговор на ова прашање е категорично позитивен. Секоја група е составена од поединци и од ништо друго освен од поединци и психолошките механизми што ги среќаваме како делуваат во една група следствено можат да бидат само механизми што делуваат кај поединците. При проучувањето на индивидуалната психологија како основа за разбирање на социјалната психологија, ние правиме нешто што може да се спореди со проучувањето на некој објект под микроскоп. Тоа ни овозможува да ги откриеме самите детали на психолошките механизми што ги среќаваме како делуваат врз крупна основа при општествените процеси. Ако нашата анализа на социјално-психолошките појави не е втемелена врз детализирано проучување на однесувањето на поединците, нејзе ѝ недостига емпириски карактер и, поради тоа, валидност.

Но дури и ако се признае дека проучувањето на однесувањето на поединците има такво значење, некој би можел да запраша дали проучувањето на поединците што вообичаено се означуваат како невротични може да биде од каква било полза при решавањето на проблемите на социјалната психологија. Појавите кои ги опсервираме кај невротичната личност во принцип не се различни од оние што ги наоѓаме кај нормалната. Тие се само повеќе нагласени, појасни и често подостапни до свеста на невротичната личност отколку што се кај нормалната личност, која не е свесна за каков било проблем што заслужува проучување.

Со цел ова да стане појасно, корисна би била една кратка расправа за термините „невротичен” и „нормален” или „здрав”.

Терминот „нормален” или „здрав” може да се дефинира на два начини. Прво, од гледна точка на некое функционално општество, некоја личност може да ја нарече нормална или здрава ако е способна да ја исполнува општествената улога што треба да ја врши во тоа дадено општество. Поконкретно, ова значи дека таа е способна да функционира на начин кој се бара во тоа конкретно општество и, понатаму, дека е способна да учествува во репродукцијата на општеството, односно, дека може да основа семејство. Второ, од гледна точка на поединецот, врз здравоста или нормалноста гледаме како на оптимум растеж и среќа на поединецот.

Ако структурата на едно дадено општество е таква што им нуди оптимални можности за среќа на поединците, двете гледни точки се совпаѓаат. Сепак, ова не е случај во најголемиот број општества што ги знаеме, вклучувајќи го и нашето. Иако тие се разликуваат според степенот на промовирање на целите на индивидуалниот растеж, постои дискрепанца помеѓу целите на непреченото функционирање на општеството и целите на целосниот развиток на поединецот. Овој факт го прави императивно острото разликување помеѓу двата концепти на здравост. Едниот се води од општествената нужност, вториот од вредностите и нормите во врска со целта на индивидуалната егзистенција.

За жал, ова разликување често се запоставува. Најголемиот број психијатри до таа мера ја земаат структурата на сопственото општество како дадена што за нив личноста која не е добро прилагодена се здобива со стигмата дека е помалку вредна. Од друга страна, добро-прилагодената личност се претпоставува дека е повредна личност според скалата на човечките вредности. Ако ги разликуваме двата концепти на нормалност и невротичност, доаѓаме до следниот заклучок: личноста која е нормална мерено според тоа дека е добро прилагодена често е помалку здрава од невротичната личност мерено според човечките вредности. Често таа е добро прилагодена само по цена на откажување од своето јас со цел да стане повеќе или помалку личноста што верува дека се очекува да биде. Сета изворна индивидуалност и спонтаност може да биде изгубена. Од друга страна, невротичната личност може да се окарактеризира како некој што не беше подготвен целосно да се предаде при битката за своето јас. Се разбира, неговиот обид да го зачува своето поединечно јас не беше успешен и наместо да го изразува своето јас продуктивно, тој бараше спас преку невротичните симптоми и преку повлекување во живот со фантазии. Сепак, од гледна точка на човечките вредности, тој е помалку осакатен отколку оној вид на нормална личност што целосно ја изгубила својата индивидуалност. Не е потребно да се каже дека постојат личности што не се невротични, а сè уште не ја потопиле својата индивидуалност во процесот на прилагодување. Но стигмата што се лепи за невротичната личност ни изгледа неоснована и оправдана само ако мислиме на невротичноста преку категориите на општествената ефикасност. Што се однесува до некое општество како целина, терминот „невротичен” не може да се примени во оваа втора смисла, зашто едно општество не може да постои ако неговите членови не функционираат општествено. Сепак, од гледна точка на човечките вредности, едно општество може да се нарече невротично во смисла дека неговите членови се осакатени при растежот на своите личности. Бидејќи терминот „невротичен” толку често се употребува за означување на недостигот на општествена функционалност, преферираме да не зборуваме за некое општество дека е невротично, туку дека е спротивно на човечката среќа и себе-остварување.

Механизмите што ќе ги разгледаме во оваа глава се механизми на бегство, кои произлегуваат од несигурноста на изолираниот поединец.

Штом примарните врски што му даваа сигурност на поединецот бидат прекинати, штом поединецот се соочи со светот надвор од себе како целосно одвоен ентитет, два патишта се отвораат пред него, зашто треба да ја надмине неподносливата состојба на немоќ и осаменост. Преку едниот пат тој може да напредува до „позитивна слобода”; може спонтано да се поврзи со светот преку љубов и работа, преку изворно изразување на своите емоционални, сетилни и интелектуални способности; така, тој може повторно да стане едно со луѓето, природата и со себеси без да се откаже од независноста и интегритетот на своето поединечно јас. Другиот пат што се отвора пред него е да падне, да се откаже од својата слобода и да се обиде да ја надмине својата осаменост преку отстранување на јазот што се појави помеѓу неговото поединечно јас и светот. Овој втор пат никогаш не го обединува со светот на начинот на кој беше поврзан пред да се спои со него како „поединец”, зашто фактот за неговата одвоеност не може да биде преиначен; тоа е бегство од неподносливата состојба што би го направила животот невозможен ако би се одолговлекла. Поради тоа, овој пат на бегство се карактеризира со својот принуден карактер, како и секое бегство од загрозувачка паника; исто така, се карактеризира со повеќе или помалку целосно откажување од индивидуалноста и интегритетот на своето јас. Така, тој не е решение што води кон среќа и позитивна слобода; тој, во принцип, е решение што се среќава кај сите невротични појави. Тој ја стишува неподносливата анксиозност и го прави животот можен преку избегнување на паниката; сепак, не го решава суштинскиот проблем и се плаќа преку вид живот што често се состои само од автоматски или присилни активности.

Некои од овие механизми на бегство имаат мало општествено значење; тие во одредена забележителна мера можат да се сретнат само кај поединци со сериозни ментални и емоционални нарушувања. Во оваа глава ќе ги разгледам само оние механизми што се културно значајни и чие разбирање е нужна претпоставка за психолошката анализа на општествените појави со кои ќе се занимаваме во следните глави: фашизмот, од една страна, модерната демократија, од друга страна.[1]

1. Авторитарност

Првиот механизам на бегство од слобода што ќе го разгледам е тенденцијата на откажување од независноста на нечие поединечно јас и на фузионирање на нечието јас со некого или нешто надвор од него со цел стекнување на сила која му недостига на поединечното јас. Или, поинаку кажано, барањето на нови, „секундарни врски” како замена за примарните врски што се загубени.

Подистинктивни облици на овој механизам се среќаваат кај стремежот за потчинување и доминирање, или како што поинаку ќе ги изразиме, кај мазохистичките и садистичките стремежи кои постојат во различна мера кај нормалните и невротичните лица соодветно. Прво ќе ги опишеме овие тенденции, а потоа ќе се обидеме да покажеме дека и двете се бегство од неподносливата осаменост.

Најчестите облици во кои се појавуваат мазохистичките стремежи се чувствата на инфериорност, немоќ, поединечна безначајност. Анализата на личностите што се опседнати од овие чувства покажува дека додека тие свесно се жалат во врска со овие чувства и сакаат да се ослободат од нив, несвесно некоја сила внатре во нив самите ги тера да се чувствуваат инфериорно или безначајно. Овие чувства се повеќе отколку остварување на вистинските неуспеси и слабости (иако тие обично се рационализираат како тие тоа и да се); овие личности покажуваат тенденција да се омаловажуваат себеси, да се прават слаби и да не господарат со работите. Доста често овие луѓе покажуваат забележителна зависност од силите надвор од нив, од другите луѓе, или од институциите, или од природата. Се стремат да не се ценат себеси, да не го прават она што го сакаат, туку да им се потчинуваат на вистинските или наводни наредби на овие надворешни сили. Често тие се доста неспособни да го доживеат чувството „јас сакам” или „јас сум”. Животот, како целина, го чувствуваат како нешто неизмерно моќно, со што тие не можат да господарат или да го контролираат.

Во поекстремните случаи – а такви постојат многу – покрај овие тенденции на себе-омаловажување и потчинување на надворешните сили се среќава и тенденција себеси да се повредуваат и да прават самите да страдаат.

Оваа тенденција може да добие различни облици. Среќаваме луѓе кои се впуштаат во себе-обвинување и самокритика кои дури и нивните најлоши непријатели ретко би ги истакнале против нив. Има и други, како одредени компулзивни невротичари, кои се стремат да се измачуваат себеси со присилни обреди и мисли. Кај одреден тип невротична личност среќаваме тенденција да стане физички болна и да чека, свесно или несвесно, болест како тоа да е дар од боговите. Често им се случуваат несреќи што не би им се случиле ако не делуваше несвесната тенденција тие да бидат предизвикани. Овие тенденции насочени против самите нив често се откриваат во сè уште помалку отворени или драматични облици. На пример, постојат личности што се неспособни да одговараат на прашања при испитување кога прашањата многу добро ги знаат за време на испитувањето или дури и подоцна. Има други кои кажуваат работи кои ги провоцираат оние што ги сакаат или од кои зависат, иако всушност се чувствуваат пријателски кон нив и не намераваат да ги кажат тие работи. Кај таквите луѓе речиси изгледа како да се водат од совет што им го дал некој непријател за да се однесуваат на начин кој би бил најштетен за нив.

Мазохистичките стремежи често се чувствуваат како јасно патолошки или ирационални. Почесто тие се рационализираат. Мазохистичката зависност се сфаќа како љубов или како верност, чувствата на инфериорност како соодветен израз на вистинските потфрлувања, а нечие страдање како целосно да се должи на неменливите околности.

Покрај овие мазохистички стремежи, директно спротивното на нив, имено, садистичките стремежи, редовно се среќаваат кај истиот вид карактери. Тие варираат според силата, повеќе или помалку се свесни, но сепак никогаш не недостигаат. Среќаваме три вида садистички тенденции, повеќе или помалку испреплетени помеѓу себе. Еден од нив е да се направат другите зависни од себе и да се има апсолутна и неограничена власт над нив, за од нив да не се направи ништо друго освен средства, „глина во грнчаревите раце”. Другиот се состои од импулсот не само да се владее врз другите на овој апсолутен начин, туку и да се искористуваат, да се употребуваат, да се краде од нив, да им се извади душата и, така да се каже, да се инкорпорира сето она што може да се јаде кај нив. Оваа желба може да се однесува на материјални работи како и на нематеријални, како што се емоционалните или интелектуалните квалитети кои може да ги понуди една личност. Третиот вид садистичка тенденција е желбата да се направи другите да страдаат или да се гледаат како страдаат. Ова страдање може да биде физичко, но многу почесто тоа е ментално страдање. Неговата цел е активно да се повредат, да се понижат, да се засрамат другите, или да се гледаат во засрамувачки или понижувачки ситуации.

Садистичките тенденции поради очигледни причини обично се помалку свесни и повеќе рационализирани отколку општествено помалку загрозувачките мазохистички стремежи. Често тие се целосно покриени од реакционите формации на преголема добрина или преголема загриженост за другите. Некои од најчестите рационализации се следниве: „Владеам над тебе, зашто знам што е најдобро за тебе и во твој интерес е да ме следиш без да се спротивставуваш.” Или: „Јас сум толку прекрасен и единствен што имам право да очекувам другите луѓе да станат зависни од мене.” Друга рационализација што често ги затскрива искористувачките тенденции е: „Имам направено толку многу за тебе и сега имам право да земам од тебе сè што сакам.” Поагресивниот вид садистички импулс ги наоѓа своите најчести рационализации во два облици: „Другите ме повредувале мене и мојата желба да ги повредувам не е ништо друго освен возвраќање”, или: „Преку удирањето прв, јас се бранам себеси или моите пријатели против опасноста да бидам повреден.”

Има еден фактор во односот на садистичката личност кон објектот на својот садизам, кој често се занемарува и поради тоа овде заслужува посебен нагласок: нејзината зависност од објектот на својот садизам.

Додека зависноста на мазохистичката личност е очигледна, нашето очекување со однос на садистичката личност е токму обратно: таа изгледа толку силна и доминантна, а објектот на нејзин садизам толку слаб и субмисивен што е тешко да се помисли дека силниот е зависен од оној врз кого владее. А сепак, поблиската анализа покажува дека ова е точно. Садистот има потреба од личноста врз која владее, таа му е многу потребна, зашто нејзиното сопствено чувство на сила е втемелено врз фактот дека таа е господар врз некого. Оваа зависност може да биде целосно несвесна. Така, на пример, некој маж може да се однесува кон својата жена многу садистички и постојано да ѝ кажува дека таа може да ја напушти куќата кој било ден и дека ќе му биде премногу драго ако таа тоа и го направи. Често таа ќе биде толку скршена што нема да се обиде да се оди и поради тоа и двајцата ќе продолжат да веруваат дека она што тој го кажува е точно. Но ако таа има доволно храброст да изјави дека ќе го напушти, нешто доста неочекувано и за двајцата може да се случи: тој ќе стане очаен, ќе се скрши и ќе ја преколнува да не го напушта; тој ќе каже дека не може да живее без неа и ќе изјави колку многу ја сака итн. Обично, и така плашејќи се да се брани, таа ќе биде подготвена да му верува, ја менува својата одлука и останува. На оваа точка играта повторно почнува. Тој му се враќа на своето старо однесување, таа сè повеќе сфаќа дека е тешко да остане со него, повторно експлодира, тој повторно се скршува, таа останува и така одново и одново многупати.

Има илјадници и илјадници бракови и други лични врски кај кои овој круг се повторува одново и одново и магичниот круг некогаш не се прекинува. Дали тој лажеше кога кажа дека ја сака толку многу што не може да живее без неа? Што се однесува до љубовта, сè зависи од тоа што се подразбира под љубов. Што се однесува до неговото тврдење дека не може да живее без неа, тоа – се разбира, не сфаќајќи го тоа буквално – е совршено точно. Тој не може да живее без неа – или барем без некого друг кого ќе го смета за беспомошно средство во неговите раце. Додека во таков случај чувствата на љубов се појавуваат само кога постои опасност врската да биде прекината, во другите случаи садистичката личност доста транспарентно ги „сака” оние врз кои чувствува моќ. Без разлика дали тоа е неговата жена, неговото дете, помошникот, келнерот, или питачот на улица, постои чувство на „љубов” па дури и на благодарност кон овие објекти на неговата доминација. Тој може да си мисли дека сака да доминира со нивните животи, бидејќи ги сака толку многу. Всушност, тој ги „сака”, зашто доминира со нив. Ги поткупува со материјални работи, со пофалби, со уверувања за љубовта, преку покажување духовитост и брилијантност, или преку изразување загриженост. Тој може да им даде сè – сè освен една работа: правото да бидат слободни и независни. Оваа констелација често се среќава особено во односот на родителите и децата. Таму, ставот на доминација – и поседување – често се прикрива преку она што изгледа дека е „природна” грижа или чувство на закрила за детето. Детето се става во златен кафез, може да добие сè ако не сака да го напушти кафезот. Резултатот на ова често е темелен страв од љубовта кај детето кога ќе порасне, зашто „љубовта” за него подразбира да се биде заробен и блокиран во сопствената потрага по слободата.

За многумина набљудувачи садизмот изгледа помала загатка од мазохизмот. Тоа што некој посакува да ги повреди другите или да доминира над нив изгледа, иако нужно не „добро”, доста природно. Хобс го претпоставуваше како „општо тежнеење на цело човештво” постоењето на „вечна и неумолива желба за моќ по моќта што завршува само со смртта”.[2] За него желбата за моќ нема ѓаволски карактеристики и е совршено рационален резултат на човековото копнеење по задоволства и сигурност. Од Хобс до Хитлер, кој ја објаснува желбата за доминација како логичен резултат на биолошки условената борба за опстанок на најспособните, страста за моќ се објаснува како дел од човечката природа за кого не е потребно какво било објаснување потаму од очигледното. Од друга страна, мазохистичките стремежи, тенденциите насочени против сопственото јас, изгледаат како загатка. Како некој треба да го разбере фактот дека луѓето не само што сакаат да се омаловажуваат и да се ослабуваат и да се повредуваат себеси, туку и дека уживаат да го прават тоа? Дали феноменот на мазохизмот не ѝ противречи на целата наша слика за човечката психа како насочена кон задоволствата и себе-зачувувањето? Како може да се објасни тоа дека некои луѓе ги привлекува и се стремат да им се случи она што сите ние во толкава мера го одбегнуваме: болката и страдањето?

Сепак, постои појава која докажува дека страдањето и слабоста можат да бидат цел на човечките стремежи: мазохистичката перверзија. Тука среќаваме луѓе кои доста свесно сакаат да страдаат на еден или на друг начин и уживаат во тоа. Кај мазохистичката перверзија, одредена личност чувствува сексуална возбуда кога искусува болка што ѝ ја нанесува друга личност. Но ова не е единствениот облик на мазохистичка перверзија. Честопати не е вистинското страдање при болка она што се бара, туку возбудата и задоволството од тоа да се биде физички врзан, да се биде ставен во состојба на беспомошност и слабост. Често сè што се сака при мазохистичката перверзија е да се биде ставен во состојба на „морална” слабост, да се биде третиран или да му се обраќаат како на мало дете, или да биде укоруван или понижуван на различни начини. Кај садистичката перверзија наоѓаме задоволство предизвикано од соодветните средства, односно од физичкото повредување на другите лица, од нивното врзување со јаже или окови, или од нивното понижување преку дејствија или зборови.

Мазохистичката перверзија со своето свесно и намерно уживање во болката или понижувањето им падна во очи на психолозите и писателите порано од мазохистичкиот карактер (или моралниот мазохизам). Сепак, сè повеќе и повеќе се сфаќа колку тесно мазохистичките тенденции што најпрво ги опишавме се сродни со сексуалната перверзија и дека двата вида мазохизам во суштина се една и иста појава.

Одредени психолози претпоставуваат дека штом постојат луѓе што сакаат да се потчинуваат и да страдаат, би морало да има и „инстинкт” кој ја има токму оваа цел. Социолозите, како Виркард, дојдоа до истиот заклучок. Првиот што се обиде да изврши посеопфатно теоретско објаснение беше Фројд. На почетокот тој мислеше дека садомазохизмот е во суштина сексуална појава. Набљудувајќи ги садомазохистичките однесувања кај малите деца, тој претпостави дека садомазохизмот е „делумен двигател” што редовно се појавува во развојот на сексуалниот инстинкт. Тој веруваше дека садомазохистичките тенденции кај возрасните се должат на фиксацијата за психо-сексуалниот развиток на личноста на едно рано ниво или на подоцнежната регресија на него. Подоцна, Фројд сè повеќе стануваше свесен за важноста на оние појави што тој ги нарече морален мазохизам, тенденцијата да се страда не физички, туку ментално. Тој исто така го нагласи фактот дека мазохистичките и садистичките тенденции секогаш се среќаваат заедно и покрај нивната привидна спротивставеност. Сепак, тој го промени своето теоретско објаснување на мазохистичките појави. Претпоставувајќи дека постои биолошки дадена тенденција за уништување, која може да биде насочена или против другите или против себеси, Фројд сметаше дека мазохизмот во суштина е производ на овој таканаречен инстинкт на смртта. Понатаму, тој сметаше дека овој инстинкт на смртта, кој не можеме непосредно да го набљудуваме, се спојува со сексуалниот инстинкт и преку тој спој се појавува како мазохизам, ако е насочен против сопствената личност, или како садизам, ако е насочен против другите. Тој претпоставуваше дека токму ова мешање со сексуалниот инстинкт го штити човекот од опасниот ефект што несврзаниот инстинкт на смртта би го имал. Накратко, според Фројд човекот има само избор или да се уништи самиот себеси или да ги уништи другите, ако не успее да ја спои деструктивноста со сексот. Оваа теорија во основа е различна од Фројдовата првична претпоставка околу садомазохизмот. Таму, садомазохизмот во суштина беше сексуална појава, а во поновата теорија тој во суштина е несексуална појава, при што сексуалниот фактор кај него се должи само на спојувањето на инстинктот на смртта со сексуалниот инстинкт.

Иако Фројд многу години му посветуваше малку внимание на феноменот на несексуална агресија, Алфред Адлер ги стави тенденциите околу кои овде расправаме во центарот на својот систем. Но тој се занимава со нив не како со садомазохизам, туку како со „чувства на инфериорност” и „желба за моќ”. Адлер ја гледа само рационалната страна на овие појави. Додека ние зборуваме за ирационална тенденција некој да се омаловажува себеси и да прави да се чувствува мал, тој мисли дека чувствата на инфериорност се соодветна реакција на вистинската инфериорност, какви што се органските инфериорности или општата беспомошност на детето. И додека ние мислиме за желбата за моќ како израз на ирационалниот импулс да се владее со другите, Адлер врз неа гледа целосно од рационалната страна и зборува за желбата за моќ како за соодветна реакција што има функција да ја заштити личноста од опасностите што произлегуваат од неговата несигурност и инфериорност. Адлер тука како и секогаш не може да види од другата страна на целните и рационални детерминанти на човековото однесување; и иако тој придонесе со вредни согледувања околу заплетканоста на мотивацијата, секогаш останува на површината и никогаш не слегува во амбисот на ирационални импулси како што правеше Фројд.

Во литературата за психоанализата поглед спротивен од оној на Фројд беше претставен од Вилхелм Рајх,[3] Карен Хорнај,[4] и од мене.[5]

Иако погледите на Рајх се темелат на оригиналниот концепт на Фројдовата теорија за либидото, тој посочува дека мазохистичката личност во крајна линија бара задоволство и дека болката која си ја нанесува е спореден производ, а не цел сама за себе. Хорнај беше првата која ја препозна фундаменталната улога што ја имаат мазохистичките тежнеења кај невротичната личност, за да даде целосен и детален опис на карактерните црти и нив теоретски да ги смета за последица на целокупната карактерна структура. Во нејзините дела, како и во моите, наместо на мазохистичките карактерни црти да се гледа како да се вкоренети во сексуалната перверзија, подоцнежните сознанија се дека сексуалното изразување на психичките тенденции е фиксирано во посебниот вид на карактерната структура.

А сега доаѓам до главното прашање: Кој е коренот на мазохистичката перверзија и мазохистичките карактерни црти? Понатаму, кој е заедничкиот корен на мазохистичките и на садистичките тежнеења?

Правецот за тоа каде може да се најде одговорот веќе беше сугериран на почетокот на оваа глава. Мазохистичките и садистичките тежнеења заедно се насочени кон тоа да му помогнат на поединецот да побегне од своите неподносливи чувства на осаменост и немоќност. Психоаналитичките и останатите емпириски опсервации на мазохистичките личности даваат обемни докази (кои јас овде не можам да ги наведам без да го надминам опсегот на оваа книга) дека тие се исполнети со ужасот на осаменоста и незначајноста. Многу често ова чувство не е свесно; многупати истото е покриено со надоместувачките чувства на возвишеност и совршеност. Како и да е, ако само некој продре доволно длабоко во динамиката на несвесното на ваквата личност, нив сигурно ќе ги пронајде. Поединецот се доживува себе си како „слободен” во негативна смисла, односно, сам со себе конфронтирајќи се со отуѓениот, непријателски свет. Во оваа ситуација, да го цитирам впечатливиот опис на Достоевски во „Браќата Карамазови“, тој „нема толку неодложна потреба како онаа да најде некој на кој може да му ја предаде, колку што е можно побрзо, слободата дадена на подарок со која тој, несреќното суштество, беше роден.” Исплашениот поединец бара некој или нешто за кое би се врзал себеси; тој не може повеќе да поднесе да биде свој човек и избезумено се обидува да се ослободи од тоа и повторно да ја почувствува сигурноста со елиминирање на оваа пречка: себеси.

Мазохизмот е еден од начините кон постигнување на оваа цел. Различните форми кои ги претпоставуваат мазохистичките тежнеења имаат една тенденција: поединецот да се ослободи од своето јас, да се изгуби себеси; со други зборови, да се ослободи од товарот на слободата. Оваа тенденција е очигледна во оние мазохистички тежнеења во кои поединецот бара да му се потчини на некоја личност или моќ за која тој чувствува дека е извонредно многу силна (Патем, убеденоста во супериорната сила на некоја друга личност секогаш треба да се сфаќа во сообразност со условите. Таа може да биде втемелена било врз вистинската сила на другата личност или врз убеденоста за сопствената целосна безначајност и немоќ. Во вториот случај, еден глушец или еден лист може да се здобие со загрозувачки карактеристики). Кај останатите форми на мазохистичките тежнеења суштинската цел е иста. Во мазохистичкото чувство на ништожност ние ја наоѓаме тенденцијата која служи за да го зголеми изворното чувство на незначајност. Како ова треба да се разбере? Дали можеме да претпоставиме дека по пат на зголемување на стравот поединецот сака истиот да го излекува? Всушност, мазохистичката личност токму тоа го прави. Сè додека јас сум растргнат помеѓу мојата желба за независност и цврстина, од една страна, и моето чувство на безначајност или немоќ од друга, јас сум заробен во еден измачувачки конфликт. Ако успеам да го сведам моето јас на нула, ако можам да ја надминам свесноста за мојата посебност како индивидуа, јас можеби ќе се поштедам себеси од овој конфликт. Да се чувствуваш целосно малечок и неважен претставува еден од начините кон остварувањето на оваа цел; да бидеш скршен од болка и страдање претставува друг начин; да бидеш совладан од ефектите на пијанството е уште еден од начините. Фантазијата за самоубиство е последната надеж под претпоставка сите други средства да не успеат да донесат олеснување од товарот на осаменоста.

Под одредени околности овие мазохистички тежнеења се донекаде успешни. Ако поединецот пронајде културни модели кои ги задоволуваат овие мазохистички тежнеења (како што е потчинувањето на „лидерот” кај фашистичката идеологија) тој добива одредена сигурност наоѓајќи се себеси обединет со милионите други кои ги споделуваат истите чувства. Сепак дури и во овие случаи, мазохистичкото „решение” не е подобро решение отколку што се самите невротични манифестации: поединецот успева во отстранувањето на забележливото страдање, но не и во ослободувањето од скриениот конфликт и од тивкото чувство на несреќност. Кога мазохистичкото страдање не наоѓа културен модел или кога тоа квантитативно го надминува просечниот збир на мазохизам во социјалната група на поединецот, мазохистичкото решение не решава ништо дури ни во релативни услови. Тоа се појавува од една неподнослива ситуација, се стреми истата да ја надмине и потоа ја остава индивидуата заробена во ново страдање. Ако човечкото однесување секогаш беше разумно и со предумисла, мазохизмот би бил исто толку необјаснив колку што се и, гледано воопштено, самите невротични манифестации. Како и да е, токму на ова нè научи студијата за емоционалните и менталните нарушувања: дека човечкото однесување може да биде мотивирано од тежнеења кои се предизвикани од чувството на вознемиреност или некоја друга состојба на умот, дека овие тежнеења се стремат да ја надминат оваа емоционална состојба, а сепак тие едвај ги прикриваат нејзините највидливи манифестации, па дури не успеваат ниту во тоа. Невротичните манифестации наликуваат на ирационално однесување во ситуација на паника. Така, човек заглавен во оган стои на прозорецот од својата соба и гласно вика за помош, притоа целосно заборавајќи дека никој не може да го слушне и дека сè уште би можел да избега по скалите кои исто така ќе бидат во оган за неколку минути. Тој вика бидејќи сака да биде спасен и во еден момент ваквото однесување се чини дека е еден чекор поблиску кон спасението – а сепак истото ќе заврши со целосна катастрофа. На истиот начин мазохистичките тежнеења се предизвикани од желбата за ослободување од самиот себеси заедно со сите свои слабости, конфликти, ризици, сомнежи и неподносливата осаменост, но тие успеваат само во отстранувањето на најзабележливата болка или водат дури и до поголемо страдање. Ирационалноста на мазохизмот, како и на сите останати невротични манифестации, се состои во крајната јаловост на средствата кои се прифаќаат со цел да се реши оваа неодржлива емоционална ситуација.


Фусноти

[1] Од различна гледна точка К. Хорнај со своите „невротични правци” (“New Ways in Psychoanalysis”) дојде до концепт што има одредени сличности со мојот концепт на „механизми на бегство”. Главните разлики помеѓу двата концепти се овие: невротичните правци се движечки сили кај поодделните невротичари, додека механизмите на бегство се движечки сили кај нормалните луѓе. Понатаму, главниот нагласок кај Хорнај е врз анксиозноста, додека кај мене е врз изолираноста на поединецот.

[2] Hobbes “Leviathan”, London, 1951, p. 47.

[3] Charakteranalyse, Wien, 1993.

[4] The Neurotic Personality of Our Time, W.W. Norton & Company, New York, 1936.

[5] Psychologie der Autoritat in Autoritat und Familie, ed. Max Horkheimer, Alcan, Paris, 1936.


Архива на Ерих Фром

марксистичка интернет архива