Ернст Блох

Субјект – Објект

извадоци


Напишано: 1949
Извор: Календар
Техничка обработка: Календар
Онлајн верзија: февруари 2020


Филозофија

X

Наука за логиката

6.

Почетокот на логиката Хегел природно го изразува со онаа реченица која изгледа сосема диво: „Битието и ништото се едно те исто“. Но, тоа воопшто не е диво, туку напротив е желба да се започне што е можно потивко, со опоро пицикато. Хегел мисли дека битието – кое што на тој прв степен е едно наполно празно Е – од содржински аспект, поради својата празнина, не е ништо друго ами Ништо. Обете се исто, но сепак, како што покажува внимателноста на мислењето на тој свој прв апстрактен облик, и не се баш исто. Празното битие и празното Ништо се нераздвојни и неделиви, ама се така составени, што „секој исчезнува во своето спротивно дело“. Тоа исчезнување на едното во другото им дава на битието и Ништото кај Хегел нешто трето, момент кој што дијалектички ги поврзува: настанувањето. Настанувањето е единство на чистото битие и чистото Ништо, но бидејќи единството не останува, најмалку во оваа пра-клетка на дијалектиката, така и релативното единство на постанувањето бидува поделено. Како премин од битието кон Ништото постанувањето е нестанување, а како премин од Ништото кон битието тоа е настанување (Entstehen); новото единство на обете претставува опстанок, она третото од нестанувањето и настанувањето. Хегел во така развиениот почеток сепак се обидел да го мисли Ништото, таа потполна празнина, тој прастар крст на мислењето, на тој начин што го осветлил со исто така празното чисто битие. Демек, со битието кое продира во Ништото со малку светлина (...) и изобилие, па ја прави ноќта невидлива. Токму овде она „Нека биде светлост“ е еден тивок повик, неговиот planissimo е соединет со нечујноста, со невидливоста на Ништото во стартот на почетокот: „Чистата светлина и чистата темнина се две празнини, кои всушност се исто“. Од друга страна, Ништото како втор член на тријадата, останало зачувано во целата Хегелова дијалектика: „Мора да се каже дека нигде на небото и земјата нема било што кое во себе не би ги содржело обете – и битието и Ништото (III, стр. 81). Дијалектички, како што е забележано, Ништото е вклопено како она негативното или противречното, како она што подражава, како субверзивно, понекогаш и мефистофеловско, што треба да го замени динамичкиот „жалац“ кој што недостасува на чистиот дух, на чистата логика.

Второто одредување на Хегеловата „Логика“ е помалку упадливо од одредувањето на битието и Ништото, ама попознато. Тоа се однесува на претворањето на квантитетот во квалитет и исто така се наоѓа во книгата за битието, кај категоријата Мерка. Водата не останува вода при пораст на ладењето или загревањето, туку со еден скок станува лед или пареа. Друг пример што го набљудувал Наполеон (...): „Двајца Мамелуци беа понадмоќни од тројца Французи; сто Мамелуци беа еднакви на сто Французи; триста Французи вообичаено беа понадмоќни од триста Мамелуци; илјада Французи секој пат победуваа илјада и петстотини Мамелуци.“ Зашто зголемениот квантитет одеднаш ја претвора толпата француски јавачи во нов квалитет: француска коњаница.

Местото на пресвртот Хегел го нарекува јазолна точка: „на тој начин, јазолната точка е мерка на скалата на поголемото или помалото“. Тоа учење за претворањето во подоцнежната теорија – во праксата на научниот социјализам – постигна класично значење, па во „алгебрата на револуцијата“ тоа е едно од најважните фактори. Законот за квантитативното трансформирање го одредува претворањето на една занаетчиска работилница во фабрика, одредена сума пари во капитал, а средниот бизнисмен во монополистички капиталист. Неговиот квантитет (концерн, труст) не остава ништо од претходните квалитети: пр. слободна конкуренција, јавен промет на пазарот, простор за индивидуален живот и останатите „неограничени можности“; започнува нов квалитет: монополистички капитализам. Законот за трансформација исто така ветува крај на целокупниот квалитет на една епоха воопшто; не само затоа што од повеќе остро повредува, или затоа што охолоста му претходи на падот, а фашизмот на горкиот крај, ами затоа што во преживеаниот квантитет расте противречноста спрема него. Оти воедно расте и негативноста, која Хегел ја нарекува „точка на пресврт во движењето на поимот“. Еве, така поучно води Хегеловата „Логика“ од апстрактното во живата мисла, од предсветското ... во она што го менува светот, при што „јазолната линија на мерните односи“ ги прикажува само најпознатите, а воедно и најјасните нешта, но не и најважните во таа книга за поимот. Најважните се наоѓаат во книгата за битта, како дел кој што е секогаш наново употреблив; оти тој поучува да се продре од површината на појавите во дијалектичкиот развој, кој се рефлектира на површината. Истовремено, тој ја проучува историската хемија или метеорологијата на настанувањето, „издигнувањето на стварите во егзистенција“. Логосот на таквите посредувања на егзистенцијата и реалноста ќе остане важен и тогаш, кога Логиката ќе биде само методички дијаграм на материјалните облици на опстанокот кои се менуваат, демек кога предметот на логиката повеќе нема да се вика – Логос.

...

XI

Премин кон Реалното: Енциклопедија

Сѐ што сум уште способен да го сторам, нека се надоврзува на она што Вие го засновавте и што го изградувате
(Гете до Хегел, мај 1824)

1.

Толку за таканареченото чисто мислење по себе. Често погрешно го ограничувале Хегел на тоа дека тој се движел само во рамките на поимот. Како да не знаел со испреплетената мрежа нешто да улови и да заработи. Хегел секогаш го критикувал мислењето кое што се случува само заради себе. Неговиот поим има очи, тој уште од почетокот е енциклопедиски насочен, не само со широкиот поглед, туку и непрекинатиот третман на овоземската материја. Наместо наводната нејаснотија од неодреден, атмосферски, неочигледен вид, во Хегеловата опширна наука постои исклучително одредена, темелно обликувана фреска на реално замислен ѕид. Патникот во Хегеловиот систем секогаш мора да биде на qui vive што надворешната творба го изискува и што нејзе исто така ѝ припаѓа. Поимот е нишка-водилка и повеќе од тоа, но доживеаното и искусеното изобилие лежи наоколу.

2.

Тешката алтитуда со Логиката е достигната. Одовде почнува заземање став кон распространетиот свет и видик. Тој досегнува од камењата, билките и мајмуните, до полицијата, од шкрилците до Партенон. Тој се издигнува од Кеплеровите закони до критиката на англискиот закон за реформа, како и до редот на столбовите на Витрувиј. Тој ги опфаќа температурата на билките и Багавад-Гита, магнетизмот и Сократовата смрт, кинескиот царски адресар и храмот во Делфи, Пунските војни и Фихтеовото учење за науката, сѐ е на свое место. Меѓу филозофите Хегел, покрај Аристотел и Лајбниц, е најтемелниот полихистор, а неговото знаење било up to date. Тој бил филозофирачки полихистор, што ќе рече – неговото знаење не било отуѓено вон него, не било запакувано во складишта на пензионираното сеќавање. Додуша, тоа се наоѓа во складишни простории, а Хегел не бил пријател и мислител на случувања кои сѐ уште не станале историја... Арно ама, Хегеловото големо знаење било современо, стоело на огинот на постојаната продуктивност, перманетното дијалектичко проникнување. Една потенција, која е речиси еднакво блиску до Ахил и Фидиј, до Зороастер и „Божествената комедија“, до Беме и Аристотел, повторно ги изразува нивните дела, ги средува историските лица во една насока, го концентрира светогледот до најситен детаљ. Антиподот Шопенхауер еднаш забележал дека многу знаење на слабакот му се товар кој го стиска кон земјата, додека на јакиот му е оклоп, кој што го чини несовладлив: Хегел во тој оклоп станал она универзалното, ултимативното досега појавено. Тоа мноштво знаење поседувало запрепастувачка очигледност. Апстрактниот мислител на „Логиката“ покажува во додатоците на својата „Енциклопедија“, а пред сѐ во печатените предавања, таква конкретност на која би му завиделе илјада помалку логични реалисти. Особено предавањата по естетика потполно се заситени со колорит. Би требало да се оди кај Готфрид Келер да би се нашло нешто слично – копирање на зборови од старите Холанѓани – и кај Шопенхауер да би се видел така пластично сфатен романтизам. Тука секако делува зор, а не бришење на очилата. Она што „Феноменологијата“ така збиено го почнала, тоа сега цвета – после благотворниот премин низ „Логиката“ – во систем кој е така широко разложен и поучно развиен; во мајсторскиот плод на она што хегеловците го фалеле како „аристотеловско блаженство во работењето“. Толку опширен, а воедно толку затворен стои овде тој систем, така што оној кој се наоѓа на истото тло воопшто и не знае што уште треба да се направи. Поинаку отколку на Аладиновиот чаробен дворец, не недостасува ниеден прозор, барем од аспект на логиката на планот на градење.


марксистичка интернет архива