Самир Амин

(1931 – 2018)

Лажните аргументи на Виетнам против Кампучија


Првпат објавено: Samir Amin, The Struggle for National Independence and Socialism in Kampuchea., IKWEZI, number 18, October 1981;
Превод: Томислав Захов (од англиски)
Онлајн верзија: септември 2024


Селанските екцеси и оркестрираната кампања против Кампучија

Кога Народноослободителната армија и Комунистичката партија извоија победа во 1975 година, тие веднаш беа соочени со очигледна и директна опасност, која може да се опише на следниот начин: или да го задржат Пном Пен со неговото население и да прифатат директна и општа глад во овој вештачки зголемен град; или, за да избегнат глад во Пном Пен, тие ќе треба да ги eксплоатираат селаните на авторитарен начин, правејќи од Пном Пен алчен, вештачки град кој живее од експлоатација на целото селанство. Очигледно второто решение беше невозможно, бидејќи револуцијата беше спроведена од самите селани. Под овие околности режимот на Демократска Кампучија немаше друга алтернатива освен што побрзо да го евакуира Пном Пен за да избегне глад и да спречи експлоатација на селанството од овој вештачки град.

Операцијата не можеше да се спроведе на разумно нормален начин, бидејќи владата на Демократска Кампучија не можеше да смета на никаква краткорочна надворешна помош во времето на ослободувањето на земјата. Единствената земја што можеше да даде таква помош, соседната земја Виетнам, самата беше соочена со огромни тешкотии и веројатно не сакаше да му помогне на народот од Кампучија. Токму под такви услови селската и антиимперијалистичка револуција во Кампучија прогресивно се вовлече во борба на селото против градот. Ексцесите, кои не можат да се негираат, ни се познати од долгата историја на селските бунтови. Тие се од иста природа и имаат ист карактер. Јас нема да навлегувам во детали. Едноставно, дозволете ми да истакнам дека преку исклучително добро оркестрирана пропаганда, виетнамската влада успеа, во сојуз со реакционери од целиот свет, да го искористи ова отстапување како аргумент за да ја осуди селанската револуција. Сите реакционери во сите земји и во секое време секогаш ги користеле ексцесите на селанската револуција. Ова се околностите што `и претходеа на виетнамската инвазија на Кампучија.

Лажни аргументи против Кампучија

Да ги испитаме аргументите што генерално ги нудат самите Виетнамци или нивните приврзаници за да ја оправдаат инвазијата на Кампучија. Постојат три главни аргументи: хуманитарниот аргумент, аргументот за извоз на социјалистичката револуција и аргументот за националната безбедност.

Хуманитарниот аргумент е во основа аргументот што го нудат сите колонијалисти на сите времиња. Варварството и заостанатоста на земјата што ја колонизираат секогаш биле наведувани како причини за нивните интервенции. Но, треба да се запрашаме: која е причината за најголемото зло за народот од Кампучија во нејзината современа историја? Да не се пред се` американските империјалисти и Лон Нол? Зарем денес не е виетнамската армија и нивниот проект за колонизација на Кампучија?

Вториот аргумент се однесува на прашањето за извоз на социјалистичката револуција. Овој аргумент е туѓ за марксизмот, но за жал не е туѓ за реалноста на современите случувања. Секоја автентична револуција заснована на национална народна поддршка беше принудена порано или подоцна да се оддалечи од Големиот брат. Доволно е да се потсетиме на случаите на Југославија во 1948 година, на Албанија или Кина, земјите кои направија сопствени револуции, оддалечувајќи се од советскиот модел. Во други случаи, каде што беше извезена револуција, луѓето мораат да ја отфрлат советската доминација или да се соочат со драматичните последици на колонијализмот. Првиот и најстар случај е оној на Монголија, земја во која големото советско воено присуство открива потчинување на советските интереси. Во сите земји од Источна Европа (Полска, Чехословачка, Унгарија, Источна Германија, Романија), трендот е отпор кон советската доминација. Ослободувањето е предуслов за понатамошен развој на социјализмот. Романија веќе се оддалечи од СССР, Источна Германија во 1953 година, Унгарија во 1956 година, Чехословачка во 1968 година и во моментов Полска, се или биле во состојба на револт против советската доминација. Последниот пример до денес е Авганистан, каде што Русите тврдат дека извезуваат револуција и каде авганистанскиот народ е принуден да води војна на национален отпор. Сталин, кој во свое време беше подобар марксист од неговите наследници, еднаш рече дека кога авганистанскиот емир водел борба за независност на својата земја против британската влада предводена од Лабуристичката партија, тогаш прогресивните сили биле на страната на феудалниот авганистански емир, а не на страната на англиските „социјалисти“. Оваа анализа може да се примени на сегашната ситуација и да се каже дека во борбата меѓу советската армија, таканаречениот извозник на социјализaм во Авганистан, и авганистанските борци на отпорот, без разлика дали се муслимани или таканаречени заостанати, прогресивните и ослободителните сили се на страната на авганистанскиот народ, а не на страната на советската армија.

Конечно, третиот аргумент се однесува на безбедноста. Се вели дека Кампучија му се „заканувала“ на Виетнам. Меѓутоа, може да имаме одредено сомневање во врска со ова тврдење. Како Кампучија, која виетнамската армија докажа дека е способна да ја победи и окупира во рок од неколку дена, навистина е закана за Виетнам? Истото важи и за Советскиот Сојуз во Авганистан: дека Авганистан им се заканувал на СССР! Ако некој го прифати овој аргумент, дека одредени земји имаат право да ги нападнат другите за да ја осигураат сопствената безбедност, тогаш ние го прифаќаме законот на џунглата како меѓународно правило или прифаќаме дека „реал-политиката а ла Бизмарк“ го зема местото на пролетерскиот интернационализам. Напротив, треба да се инсистира на неопходноста од апсолутно почитување на автономијата на народите. И, се разбира, не само правото на нациите на самоопределување, туку и правата на нациите и само на нив да ги извршуваат своите општествени револуции предизвикани од созревањето на внатрешните класни борби, бидејќи нацијата е општествена реалност и ќе остане историска општествена реалност за многу долго време.