Салвадор Аљенде

Последни зборови

(11 септември 1973)


Извор: Salvador Allende, Last Words.
Превод: Здравко Савески, од англиски и шпански јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2023


Пријатели мои,

Сигурно ова ќе биде последната прилика за мене да ви се обратам. Воздухопловните сили ги бомбардираа кулите на Радио Порталес и Радио Корпорасион.

Моите зборови немаат горчина туку разочарување. Нека тие бидат морална казна за оние што ја предадоа својата заклетва: војниците на Чиле, титуларните врховни команданти, адмирал Мерино, кој се самоназначи за командант на морнарицата и г-дин Мендоза, подлиот генерал кој само ден претходно се заложи за верност и лојалност кон Владата, и кој исто така се самоназначи за началник на карабинеросите [националната полиција].

Со оглед на овие акти, единствено што ми преостанува е да им кажам на работниците: Нема да дадам оставка!

Соочен со историска транзиција, ќе ја платам со мојот живот лојалноста кон народот. И им кажувам дека сигурен сум дека семето што го засадивме во чистата совест на илјадници и илјадници Чилеанци нема да може да се искорени засекогаш.

Тие имаат сила, ќе можат да нѐ доминираат, но не можат да се запрат општествените процеси ниту со криминал ниту со сила. Историјата е наша и луѓето ја создаваат историјата.

Работници на мојата земја: Сакам да ви се заблагодарам за лојалноста што секогаш ја имавте, довербата што ја вложивте во човек кој беше само толкувач на големите копнежи за правда, кој го даде својот збор дека ќе ги почитува Уставот и законот и кој токму тоа го направи. Во овој одлучувачки момент, во последниот кога можам да ви се обратам, ви посакувам да ја искористите лекцијата: странскиот капитал, империјализмот, заедно со реакцијата, ја создадоа климата во која вооружените сили раскинаа со својата традиција, традицијата што ја подучуваше генералот Шнајдер и беше потврдена од командантот Араја, жртви на истиот општествен сектор што ќе бидат денес во своите домови, надевајќи се, со странска помош, да ја повратат власта за да продолжат да ги бранат своите профити и своите привилегии.

Ѝ се обраќам пред сè на скромната жена на нашата земја, на селската жена што веруваше во нас, на работничката што работеше повеќе, на мајката која ја знаеше нашата грижа за децата. Им се обраќам на професионалците на Чиле, на професионалците патриоти, на оние што пред неколку дена продолжија да работат против бунтот спонзориран од професионалните здруженија, класни здруженија што исто така ги бранеа предностите што капиталистичкото општество им ги дава на малцинството.

Ѝ се обраќам на младината, на оние што пееја и што ни ја дадоа својата радост и својот борбен дух. Им се обраќам на луѓето на Чиле, на работникот, на земјоделецот, на интелектуалецот, на оние кои ќе бидат прогонувани, затоа што во нашата земја фашизмот е веќе повеќе часови присутен – во терористичките напади, минирајќи мостови, пресекувајќи железнички линии, уништувајќи ги нафтоводите и гасоводите, пред молкот на оние што имаа обврска да ги заштитат. Тие беа извршени. Историјата ќе им суди.

Сигурно Радио Магаљанес ќе биде замолчено, а металната смиреност на мојот глас повеќе нема да допира до вас. Не е важно. Ќе продолжат да го слушаат. Секогаш ќе бидам до вас. Барем сеќавањето на мене ќе биде како на човек со достоинство кој им беше лојален на [неразбирливо] работниците.

Народот треба да се брани, но не смее да се жртвува. Народот не смее да дозволи да биде уништен или изрешетан од куршуми, но не смее ниту да биде понижен.

Работници на мојата земја, верувам во Чиле и неговата судбина. Други луѓе ќе го надминат овој мрачен и горчлив момент кога предавството се стреми да се наметне. Продолжете напред знаејќи дека, наскоро, одново ќе се отворат широките патишта по кои слободните луѓе ќе чекорат за да изградат подобро општество.

Да живее Чиле! Да живее народот! Да живеат работниците!

Ова се моите последни зборови и сигурен сум дека мојата жртва нема да биде залудна, сигурен сум дека, во најмала рака, ќе биде морална лекција што ќе ги казни злосторот, кукавичлукот и предавството.

Сантијаго де Чиле, 11 септември 1973 година