Џек Лондон
Железната петица

Глава VIII

Машинокршачите


Токму пред Ернест да се кандидира на листата на социјалистите за Конгресот, татко ми приреди вечера што меѓу нас ја нарекуваше „Печалба и губиток”. Ернест таа вечер ја нарече „Вечер на машинокршачите”. Всушност, тоа, едноставно, беше вечер на деловните луѓе, се разбира, на ситните деловни луѓе. Се сомневам дека било кој од нив учествувал во некој деловен потфат чиј вкупен капитал изнесувал над неколку илјади долари. Тие беа вистински претставници на средната класа деловни луѓе.

Тука беше Овен, од компанијата Силверберг и Овен — огромна колонијална фирма со неколку филијали. Од нив купувавме бакалска стока. Тука беа и обата партнера на големата фирма за лекови — Ковалт и Вошберн, како и господинот Есмансен, сопственик на еден огромен каменолом на гранит во покраината Контра Коста. Имаше уште многумина слични на нив, сопственици или партнери во мали фабрики, во ситни деловни потфати, во ситни индустриски гранки, ситни капиталисти — накусо речено.

Тоа беа остроумни, интересни луѓе, а зборуваа јасно и едноставно. Едногласно се поплакуваа од големите корпорации и трустови. Нивната девиза гласеше: „Уништете ги трустовите!” Сиот притисок потекнуваше од трустовите, велеа, и сите ги мачеше истата болка. Се залагаа за национализација на железничките и телеграфските трустови, за високи даноци на приходите, свирепо стекнати, за уништување на огромните натрупани богатства. Исто така, тие се залагаа за преминување на јавните потреби како водата, плинот, телефоните и трамваите во општински раце, како начин да се излечат месните болести.

Особено беше интересно раскажувањето на господинот Есмансен за неговите маки како сопственик на каменоломот. Призна дека никогаш не заработувал многу од својот каменолом, па дури ниту по големиот земјотрес во Сан Франциско кога имало огромна работа низ разурнатиот град. Обновата на Сан Франциско траела шест години, неговите работи се зголемиле дури и осумпати, но сепак од сето тоа тој не добил ништо.

„Железницата ја познава мојата работа малку повеќе одошто јас,” рече тој. Ми ги познава оперативните трошоци до цената и условите на моите договори. И самиот не сум свесен од каде ги познава сите тие работи. Мора да има вработено кај мене свои шпиони и пристап до сите странки на моите договори. Зашто, гледајте, кога ќе склучам некој голем договор, чии услови ми нудат прилично добра печалба, превозната такса од каменоломот до пазарот нагло порастува. Без никакви објаснувања. Железницата ми ја јаде печалбата. Под такви услови никогаш не сум успеал да ја натерам железницата повторно да го разгледа прашањето на наглите повишувања. Од друга страна, пак, кога доаѓало до несреќи, до зголемување на оперативните трошоци, кога сум склучувал помалку поволни договори, секогаш сум успевал железницата да ми наплаќа пониски такси. И што од сето тоа? Мала или голема, мојата печалба секогаш оди во рацете на железницата.”

„А она што и покрај сѐ вам ви останува,” го прекина Ернест за да го праша, „дали, во грубо, би било еднакво со вашата плата како работоводител ако каменоломот би бил сопственост на железницата?”

„Токму така,” му одговори господин Есмансен. „Само пред кратко време си ги прегледував книговодителските книги од последните десет години и открив дека она што сум го заработил е сосем еднакво со платата на еден работоводител. Железницата можеше исто така да го поседува мојот каменолом, а мене да ме најми да раководам со — него.”

„Но со таа разлика,” се насмеа Ернест, „што железницата ќе мора на себе да го преземе сиот ризик што вие наместо неа толку љубезно сега го преземате.”

„Навистина, така е,” одговори тажно господинот Есмансен.

Откако го пушти секој да си го каже своето, Ернест почна да поставува прашања лево и десно. Почна со господинот Овен.

„Пред половна година овде во Беркли отворивте филијала?”

„Да,” одговори господинот Овен.

„И забележав дека три мали бакалници што стоеја на аголот, престанаа да работат. Дали за тоа беше причина вашата филијала?”

Господинот Овен потврди, самозадоволно смешкајќи се. „Покрај нас немаа никакви изгледи за успех.”

„Зошто?”

„Имавме поголем капитал. Кога се има многу работа, губитокот е помал, а успехот поголем.”

„И вашата филијала ги презеде сите печалби од трите мали бакалници. Разбирам, но кажете ми, што се случи со газдите на тие три продавници?”

„Еден од нив работи за нас, како шофер на камионот за превоз на стоката, а со другите двајца не знам што се случи.”

Ернест нагло се сврте накај г. Ковалт.

„Вие многу продавате и со снижени цени.[51] Што стана со сопствениците на малите дрогерии што ги притиснавте в ќош?”

„Еден од нив, господин Хасфадер, сега го води одделението за рецепти,” беше одговорот.

„А вие им ја цицавте печалбата што тие ја остваруваа.”

„Да, да. Затоа сме трговци.”

„А вие?” му се обрати Ернест ненадејно и на господинот Есмансен. „Вие се згрозувате зашто вам, пак, железницата ви ја цица печалбата?”

Господинот Есмансен кимна со главата.

„А вие би сакале сами да заработувате?” Господинот Есмансен повторно кимна.

„На сметка на другите?”

Немаше одговор.

„На сметка на другите?” настојуваше Ернест.

„Па така се заработува,” одговори господинот Есмансен кусо.

„Значи во тоа се состои трговската игра: да ви обезбедува печалба на сметка на другите, а на другите да не им дозволува да заработуваат на ваша сметка? Така, нели?”

Ернест мораше да го повтори прашањето пред господинот Есмансен да одговори, а потоа рече:

„Да, така е, само што ние немаме ништо против другите да заработуваат сѐ додека печалбите не ги минат границите.”

„Да не ги минат границите, мислите... да не се преголеми; а сепак немате ништо против вашите печалби да се големи?... Сигурно не?”

Есмансен добродушно ја призна оваа слабост. Имаше уште еден човек со кого Ернест си поигра на оваа тема, некојси господин Калвин, некогаш млекарски сопственик.

„Пред некое време се боревте против млекарскиот труст,” му рече Ернест, „а сега водите земјоделска политика.[52] Како тоа?”

„Не сум ја напуштил борбата,” одговори господинот Калвин, а на лицето му се читаше воинственост. „Против трустовите се борам само на она поле на кое е возможно таква борба — политичкото. Да ви објаснам. Пред неколку години беше така како што ние млекарите сакавме.”

„Но вие се натпреварувавте меѓусебе” го прекина Ернест.

„Да, и затоа печалбата ни се смалуваше. Се обидовме да се организираме, но независните млекари секогаш нѐ победуваа. Тогаш дојде млекарскиот труст.”

„Финансиран од преостанатиот капитал на Стандард Оил,”[53] рече Ернест.

„Да,” потврди господинот Калвин. „Но тогаш ние не знаевме за тоа. Неговите застапници едноставно нѐ присилија на тоа. „Дојдете, па ќе дембелувате,” беше нивниот предлог, „или останете надвор од нас, па гладувајте.” Повеќето од нас влегоа во трустот. Оние кои не влегоа, гладуваа. Ох, трустот нѐ плаќаше... во почетокот. Млекото поскапе за цент. Една четвртина од овој цент ние го добивавме. Три четвртини — трустот. Потоа млекото поскапе за уште еден цент, но од него не добивме ништо. Нашите поплаки беа бесполезни. Трустот ја презеде сета контрола. Сфативме дека сме биле само пиони. На крај ни беше одземена дури и онаа четвртина цент. Потоа трустот почна да нѐ истиснува. Што можевме да сториме? Бевме истиснати, млекарите веќе не постоеја — само млекарскиот труст.”

„Но мислам дека вие сѐ уште сте можеле да му конкурирате на трустот што цената на млекото ја покачил за два цента,” забележа Ернест лукаво.

„Така и ние мислевме. Се обидовме,” господинот Калвин застана за момент. „Но тоа нѐ скрши. Трустот можеше млекото да го изнесува на пазар и за пониска цена од нашата. Дури и добиваше мала печалба тогаш кога ние практично бевме во губиток. Јас вложив педесет илјади долари во тој ризик. Повеќето од нас банкротираа.[54] Млекарите беа избришани и тие веќе не постоеја.”

„И така трустот ви ги одзеде печалбите,” рече Ернест, „и вие почнавте да се бавите со политиката со помошта на законот да го уништите трустот и печалбите да си ги добиете назад?”

Лицето на господинот Калвин светна. „Токму тоа во моите говори им го зборувам на фармерите, селаните. Накусо, во тоа е и целата наша идеја.”

„Па сепак трустот произведува поевтино млеко од независните млекари?” праша Ернест.

„А зошто и да не, кога благодарејќи на својот огромен капитал има совршена организација и нови машини.

„Нема што повеќе да се зборува,” одговори Ернест. „Му се може и тој тоа и понатаму ќе го прави.”

Тука господинот Калвин се впушти во политички говор, изнесувајќи ги своите погледи. Неколкумина гневно го поддржуваа, а сите беа за уништување на трустовите.

„Кутрите тие,” ми рече Ернест тивко. „Јасно гледаат дотаму до каде што гледаат, а гледаат само до врвот на своите носеви.”

Малку подоцна тој повторно зеде збор и на својот карактеристичен начин го задржа сѐ до крајот на вечерата.

„Ве слушав сите внимателно,” почна, „и јасно видов дека вие играте некаква трговска игра на ортодоксен начин. Сиот живот ви се сведува на тоа како да профитирате. Цврсто и трајно верувате дека сте создадени единствено за да профитирате. Среде вашето сопствено профитирање доаѓа трустот и ви ја однесува сета печалба. Ова е дилема што на некој начин ја нарушува целта за која сте создадени, и ви се чини дека единствениот излез од таа ситуација е да го уништите она што ви ја одзема печалбата.”

„Ве слушав внимателно и постои само едно име што ќе ве окарактеризира. Ќе ви го кажам. Вие сте машинокршачи. Знаете ли што е тоа машинокршач? Дозволете ми да ви кажам. Во осумнаесеттиот век, во Англија, и мажи и жени ткаеја во своите куќи на рачни разбои. Овој домашен систем на рачно производство беше бавен, невешт и скап начин на ткаење. А потоа дојде парната машина и сите оние машини со кои се заштедуваше трудот. Илјада разбои собрани во една голема фабрика, придвижувани од една централна машина ткаеја многу поевтино одошто домашните ткаачи на своите рачни разбои. Овде во фабриката постоеше обединување на работните процеси пред што слабееше секаква конкуренција. Мажите и жените кои на своите рачни разбои работеа за себе, сега заминуваа во фабриките и работеа на машински разбои, но не за себе, туку за капиталистичките сопственици. Освен тоа, и деца заминуваат да работат на машинските разбои за надници пониски од оние што им се плаќаа на возрасните, и ги потиснуваа возрасните. Настапија тешки времиња. Животниот стандард опаѓаше. Луѓето гладуваа. Велеа дека за сѐ се виновни машините. Затоа почнаа да ги кршат. Не успеаја и беа многу глупави.

„Па сепак вие не научивте ништо од нив. Еве, и по цел век и половина вие се обидувате да ги искршите машините. И самите признавте дека машините на трустовите произведуваат многу поевтино и поефикасно одошто вие можете. Затоа и не можете да им конкурирате. Но сепак вие сте готови да ги искршите тие машини. Вие сте дури и поглупави од глупавите англиски работници. И додека бладате, како да ја вратите конкуренцијата, трустовите продолжуваат да ве уништуваат.

„Сите вие раскажувате една иста приказна — како конкуренцијата минала, а дошло до обединување во трустови. Вие, господине Овен, ја уништивте, овде во Беркли, конкуренцијата кога вашата филијала ги истисна трите мали бакалници. Вашето здружение беше поделотворно. Од друга страна, го чувствувате притисокот на другите здруженија над вас, на трустовите, и почнувате да викате. Тоа е зашто вие не сте труст. Ако бевте бакалски труст за сите Соединети Држави, друга песна ќе пеевте. А песната би одела: „Господ да ги благослови трустовите.” Понатаму, не само што вашето мало здружение не е труст, туку и самите сте свесни дека му недостасува сила. Почнувате да си го прорекувате крајот. Чувствувате дека и вие и вашите филијали во сета таа игра сте само пиони. Гледате како од ден на ден моќните интереси се зголемуваат и стануваат уште помоќни; чувствувате како нивните железни раце се спуштаат на вашите печалби и како ви поткинуваат малку тука, малку таму — железните раце на железничкиот труст, петролејскиот труст, челичниот труст, јагленовиот труст; и знаете дека на крајот тие вас ќе ве уништат и ќе ви го одземат и последниот процент од вашата мала печалба.

„Слаб коцкар сте, господине. Кога ги цедевте оние три мали бакалници, овде во Беркли, благодарејќи на тоа што сте посилно претпријатие, се дуевте и зборувавте за делотворност и претприемливост, жена ви ја пративте на одмор во Европа од онаа печалба што ја стекнавте од трите мали бакалници. Така е тоа: кучето јаде куче, а вие ги јадевте нив. Од друга страна, пак, вас сега ве јаде поголемо куче и вие сега цимолите. Ова што ви го велам, е вистина и таа се однесува на сите вас што сте тука присутни. Вие сите цимолите. Вие сите играте игра што е веќе изгубена и затоа и цимолите.

„Но кога цимолите, вие не ја изложувате ситуацијата јасно како што го сторив тоа јас. Вие не велите дека сакате од другите да ја исцедувате печалбата и дека кревате врева зашто други вам ви ја исцедуваат печалбата. Не, премногу сте лукави за да сторите такво нешто. Вие нешто друго велите. Држите ситнокапиталистички говори како господинот Калвин. И што вели тој? Еве неколку реченици што ги запомнив: ‘Нашите првобитни принципи сѐ в ред’, ‘она што на оваа земја ѝ треба е таа да се врати на првобитните американски методи — слободна акција за сите’, ‘Духот на слободата во кој овој народ се родил, ‘Да се вратиме на принципите на нашите предци’.

„Кога тој вели: ‘слободна акција за сите’, мисли слобода при исцедувањето на печалбата од другите, слобода од која сега го лишуваат големите трустови. Бесмисленоста во сето тоа е што вие толку често ги повторувате овие реченици што дури почнувате и да верувате во нив. Барате можност да ги пљачкате своите ортаци на овој свој беден начин, а се занесувате со мислата дека барате слобода. Погани сте и грабливи, но волшебната моќ на вашите фрази ве тера да мислите дека сте патриоти. Својата желба за печалба, која е само себичност и ништо друго, ја претворате во несебична грижа за напатеното човештво. Ајде, еве сега, овде меѓу нас, бидете еднаш чесни. Погледајте им на работите в очи и изнесете ги онакви какви што се”.

Лицата на присутните пламнаа, лица на кои се читаше лутина и извесен страв. Беа се подисплашиле од ова голобрадо момче, од замавот и тресокот на неговите зборови и од неговата страшна особина секого да го нарекува со неговото вистинско име. Господинот Калвин брзо одговори:

„А зошто не? праша. „Зошто не може да се вратиме на принципите на нашите татковци кога била основана оваа република? Многу вистина имаше во вашите зборови, господине Еверхард, вистина, иако блуткава. Но тука, меѓу нас, ајде да кажеме сѐ отворено, да ја отфрлиме маската и да ја прифатиме вистината што господинот Еверхард така отворено и јасно ни ја изнесе. Вистина е дека ние, ситните капиталисти, трчаме по печалба, а дека трустовите ни го одземаат. Вистина е дека ние сакаме да ги уништиме трустовите за нашата печалба нам да ни остане. А зошто да не може да го сториме тоа? Зошто не? Прашувам, зошто не?

„Е, сега дојдовме до суштината на работите, рече Ернест задоволно. „Ќе се обидам да ви кажам, зошто не можете, иако не ќе биде тоа лесно. Гледате, вие сите сте проучувале трговијата, малку од малку, но општествениот развиток — воопшто не. Вие сте сега среде една преодна фаза во економската еволуција; но вие тоа не го разбирате и тоа е она што ве збунува. Зошто не може да се вратите на она што било? Затоа што не можете. Како што не можете да ја потерате водата угоре брдото, така не можете ни струјата на економската еволуција да ја свртите назад низ каналот вдолж кој дотекла. Јошуа го запре сонцето над Гибеон, а вие би сакале да го надминете Јошуа. Вие би сакале сонцето да го вратите назад на небото. Вие би сакале да го натерате времето да тече од пладне кон утро.

„Во ерата на машините што го заштедуваат трудот, на организираното производство, на зголемената претприемливост што се постигнува со здружувањето, вие би сакале да го вратите економското сонце назад за цела една генерација или така некако, во времето кога немало ниту крупни капиталисти, ниту големи машини, ниту железници — време кога една цела војска ситни капиталисти војувале еден со друг во економска анархија и кога производството било примитивно, неекономично, неорганизирано и скапо. Задачата на Јошуа верувајте ми, била полесна, а и Јехова му помагал. Но бог ве напушти вас, ситните капиталисти. Сонцето на ситните капиталисти заоѓа. Тоа нема никогаш повеќе да изгрее. Ниту пак имате сила да го запрете. Вие исчезнувате, вам ви е судено потполно да исчезнете од површината на општеството.

„Тоа е заповедта на еволуцијата. Тоа е божјиот збор. Здружувањето е посилно од конкуренцијата. Првобитниот човек бил ситно суштество што се криело по пукнатинпте на карпите. Тој се здружувал и војувал против своите непријатели-месојадци. Тоа биле ѕверови што меѓу себе се натпреварувале. Првобитниот човек бил ѕвер способен да се здружува, и затоа прв се издигнал над сите други животни. И оттогаш човекот создавал сѐ поголеми и поголеми здруженија. Тоа е онаа борба на здружувањето против конкуренцијата, борба долга илјада столетија, во која конкуренцијата секогаш губела. Секој што ќе застане на страната на конкуренцијата — пропаѓа.

„Но и самите трустови произлегле од конкуренцијата“, го прекина господинот Калвин.

„Сосем точно“, му одговори Ернест. “Но трустовите и ја уништија конкуренцијата. Затоа, како што и самиот велите, вие не се бавите повеќе со трговијата на млеко.“

Првпат таа вечер се чу смеа крај масата, па дури и господинот Калвин си се насмеа на себе.

„И сега, додека зборуваме за трустовите“, продолжи Ернест, „да разјасниме неколку работи. Ќе изнесам извесни свои размислувања и ако не се сложувате, кажете. Молчењето ќе значи дека се сложувате. Не е ли точно дека машинскиот разбој ќе исткае повеќе и поевтино одошто рачниот?“ Застана, но никој не проговори. „Не е ли крајно неразумно да се крши машинскиот разбој и да се бара враќање кон невештиот и многу поскапиот начин на рачно ткаење?“ Главите кимаа во знак на согласност. „Не е ли вистина дека здруженијата, познати како трустови, произведуваат поуспешно и поевтино отколку илјада ситни фирми што едни на други си конкурираат?“ И понатаму никој ништо не приговори. „Па тогаш, разумно ли е да се уништуваат тие евтини и делотворни здруженија?“

Долго време никој не одговори. Потоа одговори господинот Ковалт.

„Па што да правиме тогаш?” праша. „Во нивното уништување ние го гледаме единствениот начин да се спасиме од нивната превласт.”

Во тој момент Ернест сиот гореше и вриеше.

„Ќе ви покажам друг начин!” викна. „Да не ги уништуваме тие прекрасни машини што произведуваат успешно и евтино! Да ги земеме под своја контрола! Да профитираме со помошта на нивната делотворност и евтинија! Да ги искористиме за себе! Да ги истераме сегашните сопственици на тие прекрасни машини и ние да станеме нивни сопственици! Тоа е, господа, социјализам, здружение поголемо од трустовите, економски и општествено здружение поголемо од секое друго што се појавило на планетава. Тоа е во чекор со еволуцијата. На едно здружение му се спротивставуваме со друго. Тоа е победничката страна. Дојдете, придружете ни се нам, социјалистите и играјте на победничката страна.”

Тука дојде до несогласување. Присутните вртеа со главите во знак на неодобрување и се слушаше мрморење.

„В ред, значи претпочитате да сте анархисти”, се насмеа Ернест. „Претпочитате да играте атавистичка улога. Судено ви е да пропаднете како што пропаднале и сите атависти. Сте се прашале ли воопшто што ќе се случи кога ќе се појават здруженија поголеми и од сегашните трустови? Сте размислувале ли воопшто каде ќе ви е местото кога самите трустови ќе се здружат во здружението на здруженијата — во социјалниот, економскиот и политичкиот труст?”

Нагло и безначајно се сврте накај господинот Калвин.

„Кажете ми,” рече Ернест, „ако сето ова не е вистина. Вие сте принудени да формирате нова политичка партија бидејќи старите партии се во рацете на трустовите. Главната пречка на вашата земјоделска пропаганда се трустовите. Зад секоја пречка на која наидувате, зад секој удар што ве зашеметува, зад секој пораз што го претрпувате, стои раката на трустовите. Не е ли така? Кажете ми.”

Господинот Калвин седеше и непријатно молчеше. „Ајде, да чујам,” го храбреше Ернест.

„Вистина е,” призна господинот Калвин. „Го презедовме државното законодавство на Ореган и протуривме величествен заштитен закон, но вето му стави гувернерот — човек на трустовите. Избравме гувернер на Колорадо, но законодавните тела му забранија да ја преземе таа должност. Двапати донесовме закон за државен данок на приходите и секогаш врховниот суд ни го поништуваше како противуставен. Судовите се во рацете на трустовите. Ние, народот, од друга страна, пак, не ги плаќаме доволно нашите судии. Но ќе дојде време....”

„Кога здружението на трустовите ќе го контролира сето законодавство, кога здружението на трустовите ќе стане, самото, влада,” го прекина Ернест.

„Никогаш! Никогаш!” се слушнаа извици. Сите беа возбудени и воинствено настроени.

„Кажете ми,” праша Ернест, „што ќе правите кога ќе дојде такво време?”

„Ќе се кренеме со сите свои сили,” извика господинот Есмансен и уште многу гласови ја поддржаа неговата решителност.

„Но, тоа ќе значи граѓанска војна,” ги предупреди Ернест.

„Па нека биде,” одговори господинот Есмансен, и повторно сите крај масата го поддржаа. „Ние не сме ги заборавиле делата на нашите предци. За своите слободи, ние сме спремни да се бориме и загинеме.”

Ернест се насмеа.

„Не заборавајте,” им рече, „дека молчешкум се согласивме дека слободата, господа, во вашиот случај значи, слобода да се исцедува печалбата од другите.”

Седнатите крај масата се разлутија, овојпат, спремни за битка; но Ернест ја стиши вревата, и така повторно сите го слушаа.

„Уште едно прашање. Кога ќе се кренете со сите свои сили, запомнете, причината за вашиот бунт ќе биде таа што владата е во раце на трустовите. Затоа, против вашите сили владата ќе ја сврти и регуларната војска, и морнарицата, и резервната војска, полицијата — накусо речено, сета организирана воена машинерија на Соединетите Држави. Каде тогаш ќе се вашите сили?”

На лицата на присутните се појави вџашеност и пред да си дојдат на себеси, Ернест повторно се распали.

„Се сеќавате ли, а тоа беше не така одамна, кога нашата регуларна војска броеше само педесет илјади војници? Од година на година тој број се зголемуваше сѐ до денеска кога тој изнесува триста илјади?

„Но, тоа не е сѐ. Додека вие ревносно го баравте тоа ваше сакано привидение, наречено печалба и морализиравте околу вашиот сакан идол, наречен конкуренција, по пат на здружување се создаваа поголеми и пострашни институции. Резервната војска, на пример.“

„Таа е наша сила!“ викна господинот Ковалт. „Со неа ќе го одбиеме нападот на регуларната војска!“

„И вас самите ќе ве регрутираат во резервната војска“, му одговори Ернест, „и ќе ве испратат во Мејн или Флорида, или на Филипините, или на некое друго место за в крв да ги удавите вашите лични другари што за своите слободи повеле граѓанска војна. Додека пак од Канзас, или Висконсин, или од некоја друга држава, вашите лични другари ќе влезат во резервната војска и ќе дојдат овде во Калифорнија, за да ја удават в крв вашата граѓанска војна.“

Сега присутните беа вистински потресени, и седеа неми додека господинот Овен не промрморе:

„Ние нема да одиме во резервната војска. Со тоа би се решил проблемот. Не сме толку глупави.“

Ернест отворено му се насмеа.

„Вие не сфаќате што ујдурма ви спремиле. Тука не можете ништо да сторите. Вас со сила ќе ве регрутираат во резервната војска.“

„Но постои граѓанско право,“ остануваше на своето господинот Овен.

„Но, не и кога владата ќе го укине. Во денот кога зборувате дека ќе се кренете со сите свои сили, вашите сили ќе се свртат против вас самите. Во резервната војска ќе ве регрутираат, сакале или не. Чув токму сега дека некој промрморе Habeas corpus.[*] Наместо Habeas corpus, ќе добиете посмртници. Ако одбиете да ве регрутираат во резервната војска, или ако одбиете да се потчинувате додека таму служите, ќе ви суди прекиот суд и ќе ве испотепаат како пци. Тоа е законот!

„Тоа не е закон,“ тврдеше господинот Калвин. „Не постои таков закон. Момче, вие сте го сонувале сето ова. Па, зборувавте да се праќа резервната војска на Филипините. Тоа е противуставно. Во уставот е особено нагласено дека резервната војска не смее да се праќа надвор од земјата.“

„Каква врска има уставот со тоа?“ праша Ернест. „Уставот го толкуваат судовите, а судовите, како што господинот Есмансен призна, се творби на трустовите. Освен тоа, како што веќе реков, тоа е законот. Закон што важи со години, девет години, господа.“

„Тоа што тие можат со сила да нѐ регрутираат во резервната војска?“ праша господинот Калвин недоверливо. “Тоа што прекиот суд може да нѐ осуди на смрт со стрелање ако одбиеме?“

„Да,“ одговори Ернест „токму тоа.“

„Па како тоа никогаш да не сме чуле за таков закон?“ праша татко ми, и видов дека тоа и за него беше нешто ново.

„Од две причини,“ рече Ернест. „Прво, немаше потреба да се примени. Да имаше, брзо ќе чуевте за него. И второ, законот беше тајно протурен во Конгресот и Сенатот, практично без никаква дискусија. Се разбира, весниците не го ни спомнаа. Но, ние социјалистите знаевме за него. Го објавивме во нашите весници. Но вие никогаш не ги читате нашите весници.“

„Стојам сѐ уште на своето дека вие сонувате,“ рече господинот Калвин тврдоглаво. „Државата тоа не би го дозволила.”

„Но таа тоа го дозволи,“ му одговори Ернест. „А што се однесува до тоа дека сонувам...,“ бркна во џебот и извади едно брошурче, „кажете ми дали ова ви личи на сон.“

Го отвори и почна да чита:

„Член прв. Се озаконува и така натаму и така натаму, дека резервната војска ја сочинуваат сите телесно способни машки граѓани на соодветната држава, територија и Област Колумбија, кои се постари од осумнаесет, а помлади од четириесет и пет години.

„Член седми, дека секој офицер или запишан обичен војник — сетете се на првиот член, господа, вие сте сите запишани обични војници — дека секој запишан обичен војник во резервната војска кој по повикот ќе одбие или ќе пропушти да се пријави, како што тоа законов го пропишува, на регрутската комисија, ќе биде изведен пред воен суд, и ќе биде казнет според пресудата на воениот суд.

„Член осми, дека воениот суд, за судењето на офицери и обични војници на резервната војска ќе го сочинуваат само офицери на резервната војска.

„Член деветти, дека резервната војска, кога ќе биде повикана на дадена служба на Соединетите Држави, за неа ќе важат истите правила и воени прописи како и за редовните трупи на Соединетите Држави.

„Ете, господа, американски граѓани и резервисти. Пред девет години ние социјалистите мислевме дека тој закон е вперен само против работниците. Но се чини дека тој е вперен и против вас. Вили, член на Конгресот, во кусата дискусија што му беше дозволена, рече дека предлог-законот обезбедува резервна сила што ќе ја зграпчи толпата за гуша — вие сте, господа, таа толпа — и го заштитува во сите случаи животот, слободата и сопственоста. Па ако дојде до тоа, кога ќе се кренете со сите свои сили, запомнете дека се кревате против сопственоста на трустовите, и слободата на трустовите да ве исцедуваат според законот. Забите, господа, ви се извадени. Канџите — потсечени. Во денот кога ќе се кренете со сите свои сили, штрбави и без канџи, ќе бидете безопасни како војска школки.”

„Не верувам во тоа,” викна Ковалт. „Таков закон не постои. Тоа е ваша социјалистичка измислица.”

„Овој предлог-закон е изнесен пред Конгресот на 30 јули 1902 година,” беше одговорот. „Него го изнесе пратеникот Дик од Охајо. Беше набрзина претресен. Сенатот едногласно го прифати на 14 јануари 1903 година. А само по седум дена беше потврден од страна на претседателот на Соединетите Држави.“[55]


Забелешки

[51] Спуштање на продажната цена до, па дури и под, цената на чинење. Така големите компании можеле да продаваат подолго одошто мaлите и на тој начин да ги истиснуваат од деловниот колосек. Вообичаено одбранбено средство при конкуренција.

[52] Во тоа време, правени се многу напори класата на фармери што постепено исчезнуваше, да се организира во политичка партија чија цел би била разурнување на трустовите и на корпорациите со помош на драстични законски мерки. Сите такви напори пропаднаа.

[53] Првиот успешен голем труст — од останатите постар речиси за една генерација.

[54] Банкротирање — посебна институција што му овозможуваше на секој поединец да го избегне исплатувањето на своите долгови, откако не ќе успее да се одржи среде конкурентската индустрија. Резултат на тоа беше ублажување на премногу дивите услови на крвавата општествена борба.

[*] Англиски закон од 1679 според кој ниту еден британски државјанин не може да биде уапсен и задржан в затвор без судско решение. (заб. прев.)

[55] Еверхард има право во поглед на битните поединости, но греши во поглед на датата кога е донесен овој закон. Законот е донесен на 30 јуни, а не на 30 јули. Собранискиот записник е тука во Ардис, и кога ќе се погледне во него, може да се види дека законот се споменува на следниве дати 30 јуни, 9, 15, 16 и 17 декември 1902 година и 7 и 14 јануари 1903 година. Тоа што деловните луѓе на вечерата не знаеја за тој закон не беше ништо необично. Малкумина знаеја дека тој постои. Е. Антермен, револуционер, ја објави во 1903 година во Џирард, Канзас, брошурата „Закон за резервната војска”. Оваа брошура малку кружеше меѓу работниците, но разделеноста меѓу класите беше толку голема, што припадниците на средната класа никогаш воопшто не слушнаа за оваа брошура, и така не знаеја и за законот.