Владимир Илич Ленин

Државата и револуцијата


ГЛАВА I

КЛАСНОТО ОПШТЕСТВО И ДРЖАВАТА


 

1. ДРЖАВАТА — ПРОИЗВОД НА НЕПОМИРЛИВОСТА НА КЛАСНИТЕ ПРОТИВРЕЧНОСТИ

Со учењето на Маркс сега се случува тоа што често се случувало во историјата со учењата на револуционерните мислители и водачи на угнетените класи во нивната борба за ослободување. Угнетувачките класи постојано ги гонеле големите револуционери во текот на нивниот живот, ги дочекувале нивните учења со најдива злоба, со најбесна омраза, со најнескрупулозна кампања од лаги и клевети. По нивната смрт се прават обиди нив да ги претворат во нештетни икони, така да се каже, да ги канонизираат, да му дадат на нивното име извесна слава, за „утеха" и измама на угнетените класи, кастрирајќи ја содржината на револуционерното учење, затапувајќи ја неговата револуционерна острица, вулгаризирајќи го него. Во таквата „обработка" на марксизмот сега се поклопуваат буржоазијата и опортунистите во работничкото движење. Ја забораваат, ја бришат, ја искористуваат револуционерната страна на учењето, неговата револуционерна душа. Го издигаат на прв план, го возвишуваат она што е приемливо или што изгледа приемливо за буржоазијата. Сите социјал-шовинисти сега се „марксисти" - не смејте се! И се почесто германските буржоаски научници, вчерашните специјалисти за истребување на марксизмот, говорат за „национално-германскиот" Маркс, кој божем, ги воспитал работничките сојузи, така великолепно организирани за водење на ограбувачка војна!

При таква ситуација, кога е неверојатно распространето искривувањето на марксизмот, нашата задача се состои пред сѐ во тоа да го воспоставиме вистинското учење на Маркс за државата. За тоа нешто е потребно да се приведат цел ред долги цитати од сопствените дела на Маркс и Енгелс. Се разбира, долгите цитати, ќе го направат излагањето тешко и воопшто нема да помогнат за неговата популарност. Но да не се наведат е сосем невозможно. Сите, или барем сите решавачки места од делата на Маркс и Енгелс по прашањето за државата треба да бидат наведени колку што може пополно, за да може читателот да си состави самостојна претстава за целокупноста на погледите на основачите на научниот социјализам како и за развитокот на нивните погледи, а исто така за да може нивното искривување од страна на сега владејачкото „кауцкијанство" да биде документарно докажано и јасно покажано.

Ќе започнеме со најраспространетото дело на Ф. Енгелс: „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата" [2] , кое во 1894 г. излезе во Штутгарт веќе како шесто издание. Ние ќе мораме да ги преведуваме цитатите од германските оригинали, зашто руските преводи, при сета нивна многубројност, во поголемиот свој дел се неполни, или се работени крајно незадоволително.

„Државата, — вели Енгелс, резимирајќи ја својата историска анализа — во никој случај не претставува сила што му е наметната на општеството однадвор. Исто така, државата не е „стварност на моралната идеја", „слика и стварност на разумот", како што тврди Хегел. [3] Напротив, државата е производ на општеството на определен степен од развитокот; државата е признание дека тоа општество се заплеткало во неразрешлива противречност со самото себеси, дека се расцепило на непомирливи спротивности од кои е бессилно да се ослободи. А тие спротивности, тие класи со противречни економски интереси, за да не би се изеле една со друга и општеството во бесплодна борба, беше потребна сила што привидно ќе стои над општеството, сила што ќе го ублажува конфликтот, што ќе го држи него во границите на „поредокот". И таа сила, произлезена од општеството, но која се поставува над него, која се повеќе и повеќе се отуѓува од него, е државата" (стр. 177—178 на шестото германско издание). [4]

Тука е сосем јасно изразена основната идеја на марксизмот по прашањето за историската улога и за значењето на државата. Државата е производ и израз на непомирливоста на класните противречности. Државата изникнува таму, тогаш и до толку, каде, кога и до колку класните противречности објективно не можат да бидат помирени. И обратно: суштествувањето на државата докажува дека класните противречности се непомирливи.

Токму од оваа најважна и основна точка започнува искривувањето на марксизмот, кое се врши по две главни линии.

Од една страна, буржоаските и особено ситнобуржоаските идеолози, принудени под притисокот на неоспорните историски факти да признаат дека држава има само таму каде што има класни противречности и класна борба, го „дотеруваат" Маркс на таков начин што државата излегува како да е орган за помирување на класите. Според Маркс, државата не би можела; ниту да изникне, ниту да се држи, ако би било можно помирувањето на класите. Кај малограѓанските и филистерските професори и публицисти излегува — најчесто при благонаклоно повикување на Маркс — дека државата токму ги помирува класите! Според Маркс, државата е орган на класното владеење, орган за угнетување на една класа од друга; таа е создавање на „поредок" кој го озаконува и го зацврстува тоа угнетување, ублажувајќи го конфликтот на класите. Според мислењето на ситнобуржоаските политичари, поредокот е токму помирување на класите, а не угнетување на една класа од друга; да се ублажува конфликтот значело да се помирува, а не да им се земаат на угнетените класи определените средства и методи на борба за соборување на угнетувачите.

На пример, сите есери (социјалисти-револуционери) и меншевици во револуцијата од 1917 година, кога прашањето за значењето и улогата на државата заправо се постави во целата своја големина, се постави практички, како прашање на неодложна акција и тоа акција од масовни размери, — сите тие наеднаш и наполно пропаднаа во ситнобуржоаската теорија за „помирувањето" на класите од страна на „државата". Безбројните резолуции и статии на политичарите од тие две партии се целите проникнати со таа малограѓанска и филистерска теорија за „помирувањето". Дека е државата орган на владеењето на определена класа што не може да биде помирена со својот антипод (со класата што и е спротивна), тоа ситнобуржоаската демократија никогаш не е во состојба да го разбере. По односот кон државата најочигледно се покажува дека нашите есери и меншевици не се воопшто социјалисти (што ние, болшевиците, секогаш сме го докажувале), туку ситнобуржоаски демократи со скоро социјалистичка фразеологија.

Од друга страна, „кауцкијанското" изопачување на марксизмот е многу посуптилно. „Теоретски" не се одрекува ни тоа дека државата е орган на класното владеење, ни тоа дека класните противречности се непомирливи. Но се испушта од предвид или се забошотува следново: ако е државата производ на непомирливоста на класните противречности, ако е таа сила што стои над општеството и „што се повеќе се отуѓува од општеството", тогаш е јасно дека ослободувањето на угнетената класа е невозможно не само без насилна револуција, туку и без уништување на оној апарат на државната власт што го создава владејачката класа и во кој е отелотворено тоа „отуѓување". Овој заклучок, теоретски јасен само по себе, Маркс го има извлечено, како што ќе видиме подолу, со најполна определеност врз основа на конкретно-историската анализа на задачите на револуцијата. И токму тој заклучок Кауцки — ние ќе го покажеме тоа подробно во понатамошното излагање — го „заборавил" и го изопачил.

2. ПОСЕБНИ ОДРЕДИ ОД ОРУЖЕНИ ЛУЃЕ, ЗАТВОРИ ИТН.

... „Во споредба со старата гентилна [родовска или клановска]* организација [5] — продолжува Енгелс — државата се одликува, прво, со поделба на поданиците по територија" ...

Оваа поделба ни изгледа „природна", но била потребна долготрајна борба со старата организација по родови и племиња.

...„Втората карактеристична црта е воспоставувањето на јавна власт, која веќе не се поклопува непосредно со населението што само се организира како оружена сила. Таа посебна јавна власт е нужна затоа што спонтаната вооружена организација на населението стана невозможна откако општеството се расцепи на класи... Таа јавна власт суштествува во секоја држава. Таа се состои не само од оружени луѓе, туку и од материјални додатоци: затвори и принудни установи од секаков вид, што му беа непознати на гентилното [клановско] општествено устројство“... [6]

Енгелс го развива поимот за онаа „сила" што се вика држава, сила што е произлезена од општеството, но што се поставува над него и се` повеќе и повеќе се отуѓува од него. Од што се состои, првенствено, таа сила? Од посебни одреди на оружени луѓе, што имаат на свое располагање затвори и друго.

Ние имаме право да говориме за посебни одреди од оружени луѓе затоа што јавната власт, својствена на секоја држава, „не се поклопува непосредно" со вооруженото население, со неговата „спонтана оружена организација".

Како и сите големи револуционерни мислители, Енгелс настојува да им го сврти вниманието на свесните работници токму врз она што на владејачкото филистерство му изгледа како да не заслужува ни најмалку внимание, како најобично, осветено не само од трајни, туку, може да се каже, од скаменети предрасуди. Постојаната војска и полиција се главните орудија на државната власт, но — зар тоа може да биде поинаку?

Од гледната точка на огромното мнозинство Европејци од крајот на XIX век, на кои им се обраќаше Енгелс и кои не преживеале или не набљудувале одблизу ни една голема револуција, тоа не може да биде поинаку. Сосем неразбирливо им е тоа „спонтана оружена организација на населението"? На прашањето: зошто се појавила потребата од посебни, поставени над општеството, што се отуѓуваат од општеството, одреди од оружени луѓе (полиција, постојана војска), западноевропскиот и рускиот филистер е склон да одговори со две-три, фрази, позајмени откај Спенсер или откај Михајловски, повикувајќи се на компликувањето на општествениот живот, на диференцијата на функциите и сл.

Такво повикување изгледа „научно" и прекрасно го приспива обичниот граѓанин, забошотувајќи го главното и основното: расцепот на општеството на непомирливо непријателски класи.

Ако не беше тој расцеп, „спонтаната оружена организација на населението" би се одликувала со својата сложеност, со висината на својата техника и др. од примитивната организација на стадото мајмуни што се служат со стапови, или од првобитните луѓе или од луѓето на родовското општество, но таква организација би била можна.

Таа е невозможна затоа што цивилизираното општество е расцепено на непријателски и тоа непомирливо непријателски класи, чие „спонтано" вооружување би довело до оружена борба меѓу нив. Се образува држава, се создава посебна сила, посебни одреди од оружени луѓе, и секоја револуција, рушејќи го државниот апарат, ни покажува очигледно како владејачката класа се стреми да ги обнови посебните одреди од оружени луѓе што и служат нејзе и како што угнетената класа се стреми да создаде нова организација од тој вид, способна да им служи на експлоатираните, а не на експлоататорите.

Во горе наведеното расудување Енгелс теоретски го поставува истото прашање што практички, очигледно и при тоа во размерите на масовна акција, го поставува пред нас секоја голема револуција, а тоа е прашањето за односот меѓу „посебните" одреди од оружени луѓе и „спонтаната оружена организација на населението". Ќе видиме како тоа прашање конкретно се илустрира од обидот на европските и руските револуции.

Но да се вратиме кон Енгелсовото излагање. Тој укажува дека понекогаш, на пример, понекаде во Северна Америка, таа јавна власт е слаба (станува збор за редок исклучок во капиталистичкото општество и за оние делови на Северна Америка во нејзиниот предимперијалистички период каде што преовладуваше слободниот колонист), но, општо земено, таа се засилува:

... „Јавната власт се засилува во истата онаа мера во која се заоструваат класните противречности внатре во државата и во која државите што граничат една со друга стануваат се поголеми и понаселени. Погледнете само на сегашна Европа, во која класната борба и конкуренцијата за освојувања ја издигнаа јавната власт до таква височина што таа застрашува да го проголта сето општество па и самата држава" .. . [7]

Тоа е пишано не подоцна од почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Последниот предговор на Енгелс е од 16 јуни 1891 година. [8] Тогаш завојот кон империјализмот — и во смисла на полното господство на трустовите, и во смисла на семоќта на најкрупните банки, и во смисла на грандиозната колонијална политика итн. — тукушто започнуваше во Франција, уште послаб беше во Северна Америка и во Германија. Оттогаш „конкуренцијата за освојување" направи гигантски чекор напред, толку повеќе што Земјината топка во почетокот на втората деценија на XX век беше веќе конечно поделена меѓу тие „законкурирани завојувачи", т.е. грабачките велесили. Копненото и морското вооружување порасна оттогаш неверојатно многу и ограбувачката војна од 1914—1917 година за господство на Англија или Германија над светот, за поделба на пленот, го приближи „голтањето" на сите општествени сили од страна на грабливата државна власт до полна катастрофа.

Енгелс умееше уште во 1891 год. да укажува на „конкуренцијата за освојувања", како на една од најважните карактеристични црти на надворешната политика на велесилите, а социјал-шовинистичките ништожници во 1914—1917 година, кога токму таа конкуренција, изострена многукратно, доведе до империјалистичката војна, ја прикриваат заштитата на грабачките интереси на „својата" буржоазија со фразите за „заштита на татковината", за „одбрана на републиката и револуцијата" и слично!

3. ДРЖАВАТА — ОРУДИЕ ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА УГНЕТЕНАТА КЛАСА

За издржувањето на посебната јавна власт што стои над општеството се потребни даноци и државни долгови.

„Имајќи јавна власт и право за собирање даноци, чиновниците, — пишува Енгелс — како органи на општеството, стојат сега над самото општество. Слободното, доброволно почитување што се покажуваше спрема органите на родовското општество, ним им е веќе недоволно, дури и кога би можеле да го придобијат"... Се создаваат посебни закони за светоста и неприкосновеноста на чиновниците. „Последниот полициски служител" има повеќе „авторитет" отколку претставниците на родот, но дури и главата на воената власт на цивилизираната држава би можела да му завидува на родовскиот старешина за „непринуденото и неоспорно почитување што тој го ужива од страна на општеството". [9]

Овде е поставено прашањето за привилегираната положба на чиновниците како органи на државната власт. Истакнато е како основно: што е тоа што нив ги поставува над општеството? Ние ќе видиме како ова теоретско прашање практички го решаваше Париската комуна во 1871 година и како Кауцки реакционерно го забошотуваше во 1912 година.

„Бидејќи државата изникна од потребата да се држат на узда класните спротивности; бидејќи таа истовремено изникна во самите конфликти на тие класи, таа по правило е држава на најсилната, економски владејачката класа, која со помошта на државата станува исто така и политички владејачка класа и добива на таков начин нови средства за угнетување и експлоатација на угнетената класа" ... Не беа само античката и феудалната држава органи за експлоатација на робовите и крепосните селани, туку и „современата претставничка држава е орудие за експлоатација на наемниот труд од страна на капиталот. Но како исклучок настапуваат периоди кога класите што се борат меѓусебно достигаат таква рамнотежа на силите што државната власт времено добива извесна самостојност во однос на обете класи, како привидна посредница меѓу нив" ... [10] Таква е апсолутната монархија во XVII и XVIII век, бонапартизмот на Првата и Втората империја во Франција, Бизмарк во Германија.

Таква е — ќе додадеме ние — владата на Керенски во републиканска Русија по преминот кон прогонување на револуционерниот пролетаријат, во таков момент кога советите, поради раководството на ситнобуржоаските демократи, се веќе немоќни, а буржоазијата е уште недоволно силна за да може просто да ги растера.

Во демократската република — продолжува Енгелс — „богатството ја врши својата власт посредно, но затоа пак толку посигурно", и тоа, прво, со „непосреден поткуп на чиновниците" (Америка), второ, со помошта на „сојузот помеѓу владата и берзата" (Франција и Америка). [11]

Во денешново време империјализмот и господството на банките „ги развија" тие два начина на одбрана и остварување на семоќта на богатството во која сакате демократска република до совршенство. Ако, на пример, уште во првите месеци на демократската република во Русија, може да се каже, во медениот месец на венчаните „социјалисти" есери и меншевици со буржоазијата, г. Палчински во коалиционата влада ги саботираше сите мерки за зауздување на капиталистите и на нивното мародерство**, на нивниот грабеж на државната благајна со помошта, на воените лиферации, и ако потоа г. Палчински, откако излезе од владата (заменет, се разбира, со друг исто таков Палчински), беше „награден" од капиталистите со местенце со плата од 120.000 рубли годишно — што е тогаш тоа? Непосреден или посреден поткуп? Сојуз на владата со трустовите или „само" пријателски односи?, Каква улога играат тука Черновци и Церетелиевци, Авксентиевци и Скобеловци? — дали се тие „непосредни" или само посредни сојузници на милионерите што ја крадат државната благајна?

Уште една причина зошто семоќта на „богатството" е посигурна кај демократската република е затоа што таа не зависи од дефектите на политичката машинерија или лошата политичка обвивка на капитализмот. Демократската република е најдобрата можна политичка обвивка на капитализмот, и затоа капиталот, завладувајќи ја (преку Палчинскиевци, Черновци, Церетелиевци и Комп.) таа најдобра обвивка, ја засновува својата власт така солидно, така сигурно, што никаква смена ниту на личностите, ни на установите, ни на партиите на буржоаскодемократска република не ја разнишува таа власт.

Треба да се одбележи уште дека Енгелс со најполна определеност го нарекува општото избирачко право орудие на владеењето на буржоазијата. Општото избирачко право, вели тој, очигледно земајќи го предвид долгиот опит на германската социјалдемократија, е: ,,мера на зрелост на работничката класа. Повеќе да даде тоа не може и никогаш нема да даде во сегашнава држава". [12]

Ситнобуржоаските демократи, како што се нашите есери и меншевици, а исто така и нивните родни браќа, сите социјал-шовинисти од Западна Европа, чекаат токму „повеќе" од општото избирачко право. Тие сами веруваат и му ја сугерираат на народот лажната мисла дека општото избирачко право „во сегашната држава" можело навистина да ја изрази волјата на мнозинството од трудбениците и да го осигури нејзиното спроведување.

Ние овде можеме само да ја одбележиме таа лажна мисла, само да укажеме на тоа дека совршено јасната, точната, конкретна изјава на Енгелс се искривува на секој чекор во пропагандата и. агитација на „официјалните" (т.е. опортунистичките) социјалистички партии. Подробна анализа на сета лажност на таа мисла, која, овде Енгелс ја отфрла, ќе биде дадена во нашето понатамошно излагање на Марксовите и Енгелсовите погледи за „сегашната" држава.

Општо резиме на своите погледи Енгелс дава во своето најпопуларно дело со следниве зборови:

„Државата, значи, не е од памтивек. Имало општества што убаво си поминувале и без неа, што немале ниту поим за држава и државна власт. На определен степен од економскиот развиток, кој нужно бил сврзан со расцепот на општеството на класи, државата поради тој расцеп стана нужност. Сега се приближуваме со брзи чекори кон таков степен од развитокот на производството, на кој суштествувањето на тие класи не само што престанало да биде нужност, туку станува директна пречка за развитокот на производството. Класите ќе исчезнат исто така неизбежно, како што неизбежно и изникнаа во минатото. Со исчезнувањето на класите ќе исчезне неизбежно и државата. Општеството ќе го организира производството на нов начин, врз основа на слободна и рамноправна асоцијација на производителите, ќе ја испрати целата државна машина таму каде што ќе и биде тогаш вистинското место: во музејот на старините, покрај урката и бронзената секира". [13]

Ретко се случува да се сретне овој цитат во пропагандистичката и агитациона литература на современата социјалдемократија. Но дури и тогаш кога тој цитат ќе се сретне, него го приведуваат во повеќето случаи како божем да прават поклон пред икона, т.е. за официјален израз на почит спрема Енгелс, но без никаков обид да се замислат над тоа колку широк и длабок размав на револуцијата се претпоставува со тоа „испраќање на сета државна машина во музејот на старините". Во повеќето случаи не се гледа дури ни разбирањето на она што Енгелс го вика државна машина.

4. „ОДУМИРАЊЕТО" НА ДРЖАВАТА И НАСИЛНАТА РЕВОЛУЦИЈА

Зборовите на Енгелс за „одумирањето" на државата се толку општо познати, тие се така често цитирани, така релјефно покажуваат во што е смислата на обичното фалсификување на марксизмот во опортунизам, што на нив треба да се задржиме подробно. Ќе го приведеме целото излагање од кое се тие земени:

„Пролетаријатот ја зема државната власт и ги претворува средствата за производство пред се во државна сопственост. Но со самото тоа тој се укинува себеси како пролетаријат, со самото тоа тој ги укинува сите класни разлики и класни спротивности, а заедно со тоа и државата како држава. На досегашното општество, кое се движи во класни спротивности, му беше потребна држава, т.е. организација на експлоататорската класа за одржување на нејзините надворешни услови за производство, значи во прв ред за насилно држење на експлоатираната класа во условите на потисништво (ропство, крепосништво, наемен труд) што го определува дадениот начин на производството. Државата беше официјален претставник на целото општество, негово концентрирање во видлива корпорација, но таа беше таква само до толку до колку беше држава на онаа класа што за својата епоха сама го претставуваше целото општество: во античкото време таа беше држава на граѓаните робовладетели, во средниот век — на феудалното дворјанство, во наше време — на буржоазијата. Кога државата најпосле ќе стане навистина претставник на целото општество, тогаш таа самата се прави излишна. Штом веќе не ќе има ни една општествена класа што би требало да биде држена во потисништво, штом ќе исчезнат заедно со класното владеење, заедно со борбата за одделен опстанок, обусловена од сегашната анархија во производството, конфликтите и ексцесите (крајностите) што произлегуваат од таа борба — тогаш не ќе има кој да биде угнетуван, не ќе има потреба и од особена сила за угнетување, од држава. Првиот акт во кој државата истапува навистина како претставник на целото општество — земањето на средствата за производство од името на општеството во свои раце — е истовремено и нејзиниот последен самостоен акт како држава. Мешањето на државната власт во општествените односи станува тогаш, во една област па во друга, излишно и престанува само по себе. Владата над лицата се заменува со управување на стварите и со раководење на производствените процеси. Државата „не се укинува" таа „одумира". Врз основа на тоа треба да се преценува фразата за „слободна народна држава", фраза што имаше за извесно време агитаторско право на живот, но која во крајна линија е научно неодржлива. Врз основа на тоа треба да се преценува и барањето на таканаречените анархисти да се укине државата од денеска до утре". („Анти-Диринг", „Превратот во науката што го направи господин Еуген Диринг", стр. 302—303 по третото германско издание). [14]

Без страв да не згрешиме, можеме да кажеме дека од ова расудување на Енгелс, извонредно богато со мисли, вистинска придобивка на социјалистичката мисла, во денешните социјалистички партии остана само тоа дека државата, според Маркс, „одумира", за разлика од анархистичкото учење за „укинување" на државата. Да се поткастри марксизмот така, значи да се сведе тој на опортунизам, зашто при такво „толкување" останува само нејасната претстава за бавното рамномерно, постепено изменување, за отсуството на скокови и бури, за отсуството на револуција. „Одумирањето" на државата во обичното, општораспространето, масовно, ако можеме така да се изразиме, разбирање значи, несомнено, забошотување, ако не и одрекување на револуцијата.

Меѓутоа, такво „толкување" е најгрубо, само за буржоазијата полезно искривување на марксизмот, теоретски засновано врз заборавањето на најважните околности и мисли изложени, на пример, во „обопштувачкото" расудување на Енгелс, што го приведовме во целина.

Прво. Во самиот почеток на тоа расудување Енгелс вели дека пролетаријатот, земајќи ја државната власт, „со самото тоа ја уништува државата како држава". Што значи тоа, „не е вообичаено" да се мисли за таа работа. Обично тоа или наполно се игнорира, или се смета за нешто како „хегелијанска слабост" на Енгелса. Навистински пак, во тие зборови е изразен накратко опитот на една од најголемите пролетерски револуции, опитот на Париската комуна од 1871 год., за што подробно ќе говориме кога ќе му дојде местото. Всушност, Енгелс тука говори за „уништување" на буржоаската држава од страна на пролетерската револуција, додека пак зборовите за одумирањето се однесуваат на остатоците од пролетерската државност по социјалистичката револуција. Според Енгелс, буржоаската држава не „одумира", но ја „уништува" пролетаријатот во текот на револуцијата. Одумира, по таа револуција, пролетерската држава или полудржава.

Второ. Државата е „посебна сила за присила" [„посебна сила за угнетување“]. Таа сјајна и вонредно длабока Енгелсова дефиниција е дадена овде наполно јасно. А од тоа произлегува дека „посебната сила за присила" на пролетаријатот од страна на буржоазијата, на милионите трудбеници од страна на една рака богаташи, мора да биде заменета „со посебна сила за присила" на буржоазијата од страна на пролетаријатот (диктатурата на пролетаријатот). Во тоа и се состои „укинувањето на државата како држава". Во тоа и се состои „актот" на земањето во свои раце на средствата за производство од името на општеството. И очигледно е само по себе дека таква смена на една (буржоаска) „посебна сила" со друга (пролетерска) „посебна сила" никако не може да стане во вид на „одумирање".

Трето. За „одумирањето" и — дури уште порелјефно и посликовито — за „успивањето" Енгелс зборува наполно јасно и определено во однос на епохата по „земањето на средствата за производство во рацете на државата во името на целото општество", т.е. по социјалистичката револуција. Сите ние знаеме дека како политичка форма на „државата" во тоа време се јавува најполната демократија. Но на никого од опортунистите, кои бесрамно го искривуваат марксизмот, не му паѓа на памет дека според тоа овде, кај Енгелс, станува збор за „успивање" и „одумирање" на демократијата. Тоа може на прв поглед да ни се види многу чудно. Но „неразбирливо" е само за оној што не се поразмислил за тоа дека демократијата е исто така држава, и дека, според тоа, демократијата исто така ќе исчезне штом ќе исчезне државата. Само револуцијата може да ја „укине“ буржоаската држава. Државата воопшто, т.е. најполната демократија, може само да „одумре".

Четврто. Изнесувајќи ја својата прочуена поставка: „државата одумира", Енгелс веднаш објаснува конкретно дека таа поставка е управена и против опортунистите и против анархистите. При тоа, на прво место е поставен кај Енгелс оној заклучок од поставката за „одумирањето на државата" што е управен против опортунистите.

Можеме да се обложиме дека од 10 000 души што читале или слушале за „одумирањето" на државата, 9 990 воопшто не знаат или не се сеќаваат дека Енгелс своите заклучоци од таа поставка не ги управуваше само против анархистите. А од останатите десетмина, сигурно деветмина не знаат што е тоа „слободна народна држава" и зошто нападите против таа парола се напади против опортунистите. Така се пишува историја! Така се врши незабележливо фалсификување на великото револуционерно учење во владејачко филистерство. Заклучокот против анархистите се повторуваше илјада пати, се банализираше, се набиваше во главите во најупростена форма, ја доби цврстината на предрасуда. А заклучокот против опортунистите го забошотија и го „заборавија"!

„Слободната народна држава" беше програмско барање и општораспространета парола на германските социјалдемократи во седумдесеттите години. Во таа парола нема никаква политичка содржина, освен малограѓански китлив опис на поимот демократија. До колку во неа легално се алудираше на демократска република, до толку Енгелс беше готов „времено" да ја „оправда" таа парола од агитаторска гледна точка. Но таа парола беше опортунистичка, зашто изразуваше не само украсување на буржоаската демократија, туку и неразбирање на социјалистичката критика на секоја држава воопшто. Ние сме за демократска република како најдобра за пролетаријатот државна форма под капитализмот, но ние не смееме да заборавиме дека наемното ропство е судбината на народот и во најдемократската буржоаска република. Понатаму. Секоја држава е „посебна сила за присила“ на угнетената класа. Затоа секоја држава е неслободна и ненародна. Маркс и Енгелс честопати им го објаснуваа тоа на своите партиски другари во седумдесеттите години на минатиот век. [15]

Петто. Во истото дело на Енгелс, од кое сите го паметуваат расудувањето за одумирањето на државата, има расудување за значењето на насилната револуција. Историската оценка на нејзината улога се претворува кај Енгелс во вистински панегирик на насилната револуција. Ова „никој не го памти", за значењето на тие мисли — во денешните социјалистички партии вообичаено не се говори, па дури ни се мисли, а во секојдневната пропаганда и агитација меѓу масите тие мисли не играат никаква улога. Меѓутоа, со „одумирањето" на државата тие се неразделно сврзани во една складна целина.

Еве го тоа расудување на Енгелс:

„Дека силата има во историјата и друга улога" (освен како ѓаволска сила), „и тоа револуционерна улога, дека таа, според зборовите на Маркс, е бабица на секое старо општество кога е тоа трудно со ново, [16] дека таа е она орудие со кое општественото движење си го пробива патот и ги крши скаменетите, мртви политички форми — за сето тоа нему ниту збор кај господин Диринг. Само со издишки и офкање тој ја допушта можноста дека за уривањето на експлоататорското стопанство ќе биде потребна, можеби, и сила — за жал — зашто секоја примена на сила, божем, го деморализирала оној што ја применува неа. И тоа се говори без оглед на оној висок морален и идеен полет што се јавувал како последица на секоја победоносна револуција! И тоа се говори во Германија, каде што насилното судирање, кое може да му биде наметнато на народот, би ја имало барем таа предност што би го истерало од националната свест оној ропски дух што проникна во неа од понижувањето на Триесетгодишната војна. [17] И тој млитав, здодевен, немоќен попски начин на мислење смее некој да и го предлага на најреволуционерната партија за која знае историјата?" (стр. 193, по третото германско издание, крајот на 4 глава од II оддел). [18]

Како може да се соедини во едно учење тој панегирик на насилната револуција, кој Енгелс упорно и постојано го изнесуваше пред германските социјалдемократи од 1878 до 1894 година, т.е. се до својата смрт, со теоријата за „одумирањето" на државата?

Обично ги соединуваат едното и другото со помошта на еклектицизмот, на безидејното или софистичкото откинување, произволно (или за да им се угоди на оние што ја имаат власта), де на едното, де на другото расудување, при што во деведесет и девет случаи од сто, ако не и почесто, на прв план се истакнува токму „одумирањето". Дијалектиката се заменува со еклектицизам: тоа е најобичната, најраспространета појава во официјалната социјалдемократска литература од нашиве денови во однос на марксизмот. Таква замена, навистина, не е новост: таа може да се види и во историјата на класичната грчка филозофија. При фалсификување на марксизмот во опортунизам фалсификувањето на дијалектиката во еклектицизам најлесно ги залажува масите, дава привидно задоволување, божем ги зема предвид сите страни на процесот, сите тенденции на развитокот, сите противречни влијанија итн., а вистински не дава никакво целосно и револуционерно сфаќање за процесот на општествениот развиток.

Ние веќе зборувавме погоре, а во понатамошното излагање ќе покажеме подробно, дека учењето на Маркс и Енгелс за неизбежноста на насилната револуција се однесува на буржоаската држава. Таа не може да биде сменета со пролетерска држава (со диктатура на пролетаријатот) по пат на „одумирање", ами само, по правило, со насилна револуција. Панегирикот што нејзе ѝ го испеа Енгелс и што наполно одговара на многуте изјави на Маркс — (да се сетиме за крајот на „Бедата на филозофијата" [19] и на „Комунистичкиот манифест" [20], со гордата, отворена изјава за неизбежноста на насилната револуција; да се сетиме за „Критиката на Готската програма“ од 1875 година, речиси 30 години подоцна, каде што Маркс беспоштедно го шиба опортунизмот на таа програма) [21] — тој панегирик никако не е некој „занес", никако не е декламација или полемички испад. Потребата систематски да се воспитуваат масите во такво и токму во такво гледање на насилната револуција лежи во основата на целото учење на Маркс и Енгелс. Предавството на нивното учење од страна на сега владејачките социјал-шовинистички и кауцкијански струи се изразува особено релјефно во тоа што и едните и другите ја забораваат таквата пропаганда и таквата агитација.

Смената на буржоаската држава со пролетерска е невозможна без насилна револуција. Невозможно е укинувањето на пролетерската држава т.е. укинувањето на секоја држава, освен по пат на „одумирање".

Маркс и Енгелс го даваа деталниот и конкретниот развиток на тие погледи, изучувајќи ја секоја одделна револуционерна ситуација, анализирајќи ги поуките од искуството на секоја одделна револуција. Ние сега преминуваме кон тој безусловно најважен дел од нивното учење.


* Зборовите во аглести загради ги додал В. И. Ленин.

** Мародерство (maraudage) пљачкање на работите на ранетите и умрените војници.


Следно

Содржина

Ленинова архива